Големиот Кањон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Оваа статија е за кањонот во југозападот на САД.За други Големи кањони погледнете Голем кањон (појаснување)

Поглед на Големиот Кањон и реката Колорадо

Големиот Кањон е стрмен кањон издлабен од реката Колорадо во САД во државата Аризона. Најголемиот дел од него спаѓа во националниот парк Големиот Кањон, еден од првите национални паркови во САД. Претседателот Теодор Рузвелт бил голем поборник на заштитата на областа Голем Кањон и многу пати ја посетил за да лови и ужива во глетката.

Големиот Кањон е долг 277 милји (446 километри), широк е и до 18 милији (29 километри) и достига длабочина од повеќе од една милја (1,83 килоетри) (6000 стапки). Изложени се речиси две милијарди години од геолошката историја на Земјата како што реката Колорадо и нејзините притоки ги отварале своите канали низ многубројните слоеви на карпи а висорамнината Колорадо се издигала. Иако геолозите полемизираат за специфичните геолошки процеси и времето во кое е формиран Големиот Кањон, неодамнешните докази укажуваат на тоа дека реката Колорадо го поставила својот курс низ кањонот пред најмалку 17 милиони години. Оттогаш наваму, реката Колорадо продолжила да врши ерозија и да го формира кањонот во состојбата во која го гледаме денес.

Пред европската имиграција, областа била населена од домородни американци кои граделе населби во кањонот и во многуте негови пештери. Народот Пуебло го сметал Големиот Кањон (“Онгтупка”на јазикот Хопи) за свето место и изведувал аџилак до него. Првиот европеец за кого е познато дека го видел Големиот Кањон бил Гарсија Лопез де Карденаз од Шпанија кој пристигнал во 1540 година.

Географија[уреди]

Сателитска снимка на подрачјето околу Големиот Кањон

Големиот Кањон е еден огромен процеп во висорамнината Колорадо кој ги прикажува издигнатите слоеви на карпи од ерата на протерозоикот и палеозоикот, и е исто така еден од шесте одделни физиографски делови на провинцијата Висорамнина Колорадо. Ова не е најдлабокиот Кањон на светот (Кали Гандаки Горге во Непал е далеку подлабок) ниту пак најширок (долината Каперти во Австралија е околу 0,6 милји/1 километар поширок и подолг од Големиот Кањон) сепак, Големиот Кањон е познат по својата огромна големина и својот колоритен и интересен пејсаж. Геолошки е значаен поради густата секвенца на стари карпи кои се добро зачувани и изложени на ѕидовите на кањонот. Овие слоеви на карпи сведочат многу за раната геолошка историја на северноамериканскиот континент.

Мапа на Големиот Кањон и неговата околина (1908)

Издигањето, кое е поврзано со формирањето на планините, подоцна ги поместило овие наслаги илјадници стапки нагоре и ја создало висорамнината Колорадо. Со зголемувањето на надморската висина се зголемиле и врнежите во областа на реката Колорадо, но не доволно за да го смени факот дека ова е полусушно место. Издигнувањето на висорамнината Колорадо е нееднакво, и висорамнината Каибаб која е поделена на две половини од Големиот Кањон е за над илјада стапки повисока кај Северниот Гребен (околу 100 стапки/300метри) отколку кај Јужниот Гребен.

Температурите на Северниот Гребен се пониски од оние на Јужниот поради поголемата надморска височина (во просек 8000 стапки/2 438 метри над морското ниво).Големи дождови се вообичаени и на двата гребена за време на летните месеци.Пристапот до Северниот Гребен преку главниот пат кој води до кањонот (државен автопат 67) е ограничен во зима поради затворање на патиштата. Погледот од Северниот Гребен дава подобра претстава за површината на кањонот за разлика од Јужниот Гребен.

Геологија[уреди]

Дијаграм на кој се прикажани поместувањето, староста и видот на карпите пронајдени крај Големиот Кањон
Одронувањето на карпите, како и другите релјефни поместувања значително го прошириле кањонот.

Базенот на реката Колорадо (чиј дел е и Големиот Кањон) се развил во последните 40 милиони години.Според неодамнешна студија почетоците на создавањето на кањонот биле пред 17 милиони години.

Претходните проценки староста на кањонот ја поставиле помеѓу 5 и 6 милиони години.Во оваа студија, која е објавена во списанието „Наука“ во 2008, се користи шема за датирање со ураниум-олово за да се анализираат залихите на калцит пронајдени на ѕидовите на девет пештери во кањонот. Постои полемика во врска со ова бидејќи резултатите од ова истражување се многу поразлични од досега прифатениот научен консензус.

Резултатот на сета оваа ерозија е едно од најкомплетните геолошки зданија на планетата.

Најголемите геолошки примери во Големиот Кањон се со старост од 2 милијарди до 230 милиони години. Постои разлика од една милијарда години меѓу слојот кој е стар 500 милиони години и пониското ниво кое е старо околу 1,5 милијарди години. Оваа непостојаност укажува на период на ерозија кој постоел помеѓу два периоди на наталожување.

Големата длабочина на Големиот Кањон и особено висината на неговите слоеви (повеќето од кои се формирани под нивото на морето) може да се препише на издигањето од 5 до 10 илјади стапки (од 1500 до 3000 метри) на висорамнината Колорадо кое започнало пред 65 милиони години. Со ова издигање текот на реката Колорадо и нејзините притоки станал пострмен, со што се зголемила брзината и нивната способност да ги сечат карпите.

Климатските услови за време на леденото доба ја зголемиле и количината на водата во хидрографскиот систем на реката Колорадо. Како резултат на ова реката ги сечела своите канали побрзо и подлабоко.

Сливот и текот на реката Колорадо (или нејзиниот антички еквивалент) се сменил пред 5,3 милиони години кога Калифирнискиот Залив се отворил и ја намалил надморската височина на сливот на реката (нејзината најниска точка).

Ова ја зголемило стапката на ерозија и го издлабило Големиот Кањон речиси до сегашната длабочина пред 1,2 милиони години. Ѕидовите на кањонот во форма на тераси биле создадени од диференцијалната ерозија. Пред три милиони години започнала вулканска активност која траела до пред 100.000 години и таложела пепел и лава во областа кои понекогаш целосно ја попречувале реката. Овие вулкански карпи се најмладите во кањонот.

Човечка историја[уреди]

Големиот Кањон погледнат од реката Јужен Рим
Ancestral Puebloean granaries at Nankoweap Creek.
Eagle Rock (located at Eagle Point) on the west rim, aptly named for its shape, is considered sacred by the Hualapai Indians.

Домородни Американци[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Пуебло.

Античкиот народ Пуебло се домородни американци кои биле сместени во областа денес наречена Четири агли на САД. Тие се првите луѓе кои живееле во областа Голем Кањон. Оваа културна група во археологијата често пати се нарекувала Анасази иако терминот не е прифатен од денешните припадници на Пуебло. Зборот „Анасази“ на јазикот Навахо значи „Старите“ или „Стар непријател“.

Археолозите се уште дебатираат за тоа кога се појавила оваа карактеристична култура. Во моментов општо е прифатено мислењето, кое се заснова на терминологија дефинирана од класификацијата Пекос, дека тие се појавиле околу 1200г. пред Христос. Тргнувајќи од најраните истражувања и ископувања, научниците верувале дека античките Пуебло се предци на денешните Пуебло припадници.

Освен античките Пуебло, голем број различни култури ја населувале областа на Големиот Кањон. Народот Кохоњина живеел западно од Големиот Кањон, помеѓу 500 и 1200 година од новата ера. Тие се предци на народите Јуман, Хавасупаи и Валапаи кои денес ја населуваат таа област.

Народот Синагва биле културна група која ја зафаќала областа југо-источно од Големиот Кањон помеѓу 500 и 1425 година од новата ера. Синагва можеби се предци на неколку Хопи кланови.

До доаѓањето на европејците во 16 век, се развиле понови култури. Народот Хуалапаи ја населил областа јужно од Големиот Кањон, простор кој се протега на 100 милји (160 километри). Народот Хавасупаи живеел во областа близу до кањонот Катаракт уште од 1200 г. од нашата ера и зафаќале простор со големина на Делавер. Јужните Пајути живееле во она што е денес јужна Јута и северна Аризона. Народот Навахо или Динé живееле на широко пространство кое се протега од врвовите на Сан Франциско па на исток кон Четирите Агли. Археолошките и лингвистичките докази покажуваат дека Навахо потекнуваат од народот Атабаскан кои живееле близу Големото Ропско Езеро во Канада и кои мигрирале околу илјадитата година од нашата ера.

Пристигнување на Европејците и колонизација[уреди]

Шпански истражувачи[уреди]

Во септември 1540 година по наредба на конквистадорот Франциско Васкез де Коронадо да се пронајдат фамозните Седум градови на Цибола, капетанот Гарсија Лопез де Карденаз заедно со водачи од народот Хопи и мала група шпански војници отпатувал до Јужниот Гребен на Големиот Кањон. Пабло де Мелгроса, Хуан Галерас и трет војник поминале една третина од кањонот но морале да се вратат поради недостиг од вода. Во нивните извештаи тие запишале дека некои од карпите во кањонот се „поголеми од големата кула во Севилја“. Се мисли дека нивните Хопи водачи не сакале да ги однесат до реката иако најверојатно ги знаеле патиштата низ кањонот. После ова ниеден европеец не го посетил кањонот во период од 200 години.

Отците Франциско Атанасио Домингез и Силвестре Велез де Ескаланте биле двајца шпански свештеници, кои со група шпански војници ја истражувале јужна Јута и патувале по Северниот Гребен на кањонот барајќи пат од Санта Фе до Калифорнија во 1776г.На крајот нашле патека која денес минува под езерото Пауел.

Американско истражување[уреди]

Џејмс Охајо Пети со група американски ловци и планинари можеби се следните европејци кои стигнале до големиот Кањон во 1826 г.

Во 1857 Едвард Фицџералд Бил, надзорник на една експедиција која имала за задача да пронајде пат по 35 паралела од Форт Дефајанс до реката Колорадо, предводел група луѓе кои барале вода на висорамнината Коконино на јужниот гребен на кањонот. На 19 септември близу сегашниот Национален Кањон стигнале до место кое Меј Хамфрис Стејси во својот весник го опишал како „... прекрасен кањон длабок четири илјади стапки. Сите во групата признале дека никогаш порано не виделе ваква зачудувачка природна реткост.“

Во 1857 военото одделение на САД побарало од поручникот Џозеф Ив да ја предводи експедицијата која ќе ја испита можноста за пловидба по реката почнувајќи од Заливот Калифорнија па нагоре. Тој и неговиот екипаж со бродот „Експлорер“ стигнале до местото Црн Кањон после два месеца и 350 милји (560 километри) тешка пловидба. Бродот „Експлорер“ удрил во карпа и бил напуштен. Ив ја водел групата кон исток во кањонот. Тие можеби биле првите европејци кои стигнале до Дајмонд Крик и продолжиле источно по Јужниот Гребен.

[[Подстотека:'Noon Day Rest in Marble Canyon' from the second Powell Expedition 1872.jpg|thumb|upright|Noon rest in Marble Canyon, second Powell Expedition, 1872]] Според серија статии во 1853 во весникот Сан Франциско Хералд, честа му била доделена на капетан Џозеф Р. Вокер кој со внукот Џејмс Т. Вокер и уште шест луѓе во јануари 1851 година патувале по реката Колорадо до местото кај што се спојува со реката Вирџин и продолжиле кон исток во Аризона, патувајќи по Големиот Кањон и правејќи куси истражувачки екскурзии по патот.

Во 1858, Џон Стронг Њубери најверојатно станал првиот геолог кој го посетил Големиот Кањон.

Во 1869 година, мајорот Џон Весли Пауел ја предводел првата експедиција низ Големиот Кањон. Тој тргнал да ја истражи реката Колорадо и Големиот Кањон. Со девет луѓе, четири чамци и храна за 10 месеци тој тргнал од Грин Ривер, Вајоминг на 24 мај. Поминувајќи низ опасни брзаци, групата ја поминала реката Грин стигнувајќи до местото кај што таа се составува со реката Колорадо, близу денешен Моаб, Јута и со големи маки го завршила патувањето низ Големиот Кањон на 13 август 1869 година.

Во 1889, Френк М. Браун сакал да изгради железничка пруга по течението на реката Колорадо за да пренесува јаглен. Тој, неговиот главен инженер Роберт Брустер Стентон и уште 14 луѓе започнале да го истражуваат Големиот Кањон со лошо изработени чамци од кедар и без заштита. Браун се удавил при еден несреќен случај близу кањонот Марбел. Стентон направил нови чамци и продолжил да ја истражува реката Колорадо се до Заливот Калифорнија.

Во 1908 Големиот Кањон станал официјален државен споменик а во 1919 станал национален парк.

Федерална заштита[уреди]

Американскиот претседател Теодор Рузвелт го посетил Големиот Кањон во 1903 година. Тој го воспоставил резерватот Голем Кањон на 28 ноември 1906 година. Пасењето на добитокот било намалено но предаторите како пумата, орелот и волкот биле истребени. Рузвелт додал и околни државни шуми и го именувал резерватот како државен споменик на САД на 11 јануари 1908 година. Класификувањето на споменикот како национален парк на САД имало свои противници цели 11 години а тоа главно биле земјопоседници и луѓе кои имале дозвола да ископуваат руда. Со акт на Конгресот кој станал закон со потписот на претседателот Вудро Вилсон, на 26 февруари 1919 година Големиот Кањон бил прогласен за седумнаесетти национален парк во САД.

Администраторите кои управуваат со паркот се соочени со многу предизвици. Тука спаѓаат прашања поврзани со повторното пуштање во дивината на високо загрозениот калифорниски кондор, нивото на буката од авионите кои прелетуваат, спорови за водата со околните племенски резервати, справување со шумски пожари. Управник на националниот парк Голем Кањон е Стив Мартин. Тој е назначен за управник на 5 февруари 2007 заменувајќи го дотогашниот Џои Алстон кој се пензионирал. Федералните службеници започнале поплава во Големиот Кањон на 5 март 2008 со надеж да го обноват тамошниот екосистем. Екосистемот на кањонот бил засекогаш променет со изградбата на браната Глен Кањон во 1963 година.

Градби на Јужниот Гребен[уреди]

Постојат неколку историски градби лоцирани на Јужниот Гребен а најголем дел од нив во близина на селото Голем Кањон.

Кабината Баки О'Нил е изградена во текот на 1890 години од страна на Вилијам Овен „Баки“ О'Нил. Тој ја изградил кабината поради залихите на бакар кои се во близина. Тој се занимавал со многу работи како рудар, судија, политичар, автор и туристички водич. Оваа кабина е најдолготрајната градба на Јужниот Гребен. Во моментов се користи како гостинска куќа; потребно е да се резервира однапред.

Студиото Колб е изградено во 1904 година од браќата Елсворт и Емери Колб. Тие биле фотографи кои заработувале за живот со фотографирање на гостите кои минувале по патеката Светол Ангел. Во 1911 браќата Колб го снимиле нивното патување по реките Грин и Колорадо. Емери Колб редовно го прикажувал овој филм во студиото се до 1976 година кога починал на 95 години.Денес зградата се користи како уметничка галерија и простор за изложба.

Хотелот Ел Товар е изграден во 1905 година и е најлуксузното сместување на Јужниот Гребен. Хотелот има 4 ката со рустичен изглед. Дизајниран е од Чарлс Витлесли. Во хотелот има продавница за сувенири и ресторан.

Куќата Хопи е изградена од Мери Џејн Колтер во 1905 година. Изградена е врз градби на стара Хопи населба лоцирана во источна Аризона. Се користела како живеалиште на Хопи индијанците кои им продавале уметнички дела и творби на посетителите.

Стражарското студио е изградено во 1914 година и е уште една градба дизајнирана од Мери Колтер. Тука се продаваат фотографии, книги, сувенири и примери од карпи и фосили. Одовде има прекрасен поглед кон патеката Светол Ангел.

Пустинската стражарница е изградена во 1932 година и е едно од најпознатите дела на Мери Колтер. Сместена е на источниот крај на Јужниот Гребен, 27 милји (43 километри) од селото Голем Кањон, и лежи на 'рт висок 7.400 стапки (2.256 метри). Дизајнирана е за да имитира стражарница на Анасази иако е поголема од оние кои уште постојат.

Клима[уреди]

Климата во Големиот Кањон варира во зависност од височината.

Бура над Големиот Кањон

Пошумените гребени се доволно високо за да заврне и снег на нив, но по течението на реката Колорадо температурите се слични на оние во Тусон и други ниски пустински места во Аризона. Условите во Големиот Кањон се главно суви, но значителни врнежи се случуваат два пати годишно, за време на сезонски промени во зима и крајот на летото. Просечните годишни врнежи на Јужниот Гребен се помалку од 16 инчи (35 сантиметри) со 60 инчи (132 сантиметри) снег, а на повисокиот Северен Гребен 27 инчи (59 сантиметри) дожд и карактеристични 144 инчи (317 сантиметри) снег, и ранчот Фантом кој е многу пониско од гребените на само 2.500 стапки (762 метри) со само 8 инчи (17,6 сантиметри) дожд а снегот е реткост.Климата е различна на јужниот и на северниот гребен.

Снежна покривка врз Големиот Кањон

Температурите варираат низ целата година, на лето достигнуваат до 37 степени Целзиусови а на зима паѓаат и до -17,8 степени Целзиусови. Посетителите се изненадени од ваквите потенцијално екстремни услови кои можат да доведат до несакани појави како дехидрација, изгореници од Сонцето и хипотермија.

Националната временска управа има станица на Јужниот Гребен уште од 1903 година. Највисоката температура на Јужниот Гребен од 105 Фаренхајти е измерена на 26 јуни 1974, а најниската од -20 Фаренхајти на први јануари 1919, први февруари 1985 и на 23 декември 1990 година.

Загадување на воздухот[уреди]

Brown cloud of air pollution visible from Yavapai Point, April 2007

Големиот Кањон има проблеми со загадување на воздухот поради термоцентралата Навахо.Во 1991 направен е договор со термоцентралата да се постават направи за контрола на загадувањето на воздухот на нивните фабрички оџаци.

Туризмот на Големиот Кањон[уреди]

Националниот парк Голем Кањон е едно од светските водечки природни атракции, привлекувајќи околу пет милиони посетители секоја година.Севкупно, 83% се од САД: Калифорнија(12,2%), Аризона(8,9%), Тексас(4,8%), Флорида (3,4%) и Њујорк (3,2%) се најголемите домашни посетители. Седумнаесет проценти од посетителите доаѓаат надвор од САД : Обединето Кралство(3,8%), Канада (3,5%), Јапонија (2,1%), Германија (1,9%) и Холандија (1,2%)