Рајнер Марија Рилке

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Рајнер Марија Рилке (германски: Rainer Maria Rilke) (Прага, 4 декември 1875 - 29 декември 1926), германски писател, еден од најголемите германски лиричари.

Биографија[уреди | уреди извор]

За време на детството, Рилке бил растргнат помеѓу дистанцираниот, студен татко и нематливата, амбициозна и опсесивна мајка со благородничко потекло. Исто така, времето поминато во воената школа претставувало оставило силен печат врз Рилке.[1] Во периодот 1905-1907 година се случиле три важни настани во неговиот живот: женидбата со вајарката Клара Вестхоф, патувањето во Русија и престојот во Париз, каде што определено време му бил секретар на Огист Роден. По враќањето од Русија, Рилке запишал дека патувањето му ги дало имињата за „плашливата побожност“ на сопствената егзистенција по кои трагал уште за време на детството. Таму, Рилке го проучувал фрескосликарството, а во монашката повлеченост го барал патот до Бога. Во Париз, Рилке бил воодушевен од ателјето на Роден во коешто, споре днеговите зборови, стотина животи ги сочинуваат еден живот и силата на една волја. Во монографијата посветена на Роден, тој напишал дека вајарот се изолирал од надворешниот свет, што е суштинска одлика на поетиката на „Jugendstil“-от и на неговите уметнички цели. Исто така, една вечер, во градината на Роден, Рилке ја открил статуата на Буда и тоа претставувало еден од најсилните настани во неговиот живот којшто го поттикнал да напише три песни. Еден месец по враќањето од Париз, тој напишал: „Секоја уметност е плод на некој што бил загрозен, во опасност или со искуството поминал до самиот крај на патот од каде никој не може да замине подалеку.“[2]

Воден од желбата за усовршување на своето образование и запознавање со светското културно и историско наследство, Рилке патувал низ Германија, Русија, Шпанија, Шведска, Египет, Швајцарија и Италија.[3] Во средината на јануари 1911 година, Рилке патувал низ Египет, каде го посетил и Карнак; на почетокот на 1912 година го посетил местото Девин (Дуино), во близината на Трст; од декември 1912 до февруари 1913 година бил во Ронда, Шпанија; доцната есен 1913 година ја поминал во Париз; во ноември 1915 година престојувал во Минхен; а последните години од животот ги поминал во швајцарскиот замок, Мизо.[4]

Творештво[уреди | уреди извор]

Најпознати дела на Рилке се: „Нови песни“, „Песна за љубовта и за смртта на корнетот Кристофер Рилке“, „Девински елегии“ и „Сонети за Орфеј“.

Девински елегии[уреди | уреди извор]

„Девинските елегии“ ги сочинуваат десет елегии, наречени според местото Девино (Дуино), крај Трст во кое Рилке престојувал во 1912 година. Првите две елегии Рилке ги напишал во Девино, и тоа: првата елегија (Die erste Elegie) ја напишал на 21 јануари 1912 година, а втората елегија (Die zweite Elegie) е напишана кон крајот на јануари и почетокот на февруари 1912 година. Третата елегија (Die dritte Elegie) е започната во Девино, а била завршена во доцна есен, 1913 година, во Париз. Четвртата елегија (Die vierte Elegie) е напишана на 22 и 23 ноември 1915 година, во Минхен. Петтата елегија (Die fünfte Elegie) била создадена на 14 февруари 1922 година, во швајцарскиот замок Мизо, а таа била дополнително внесена во циклусот, наместо против-строфата која требало да биде петта елегија. Шестата елегија (Die sechste Elegie) била почната кон крајот на февруари или почетокот на март 1912 година во Девино, потоа била продолжена во јануари и февруари 1913 година, во Ронда, Шпанија и во доцна есен истата година во Париз, а била завршена во Мизо, на 9 февруари 1922 година. Седмата елегија (Die achte Elegie) била напишана на 7 и 26 февруари, а осмата на 7 и 8 февруари 1922 година, во Мизо. Деветтата елегија (Die neunte Elegie) била започната во март 1912 година во Девино, а најголемиот дел бил напишан на 9 февруари 1922 година, во Мизо. Најпосле, првите дванаесет стиха од десеттата елегија (Die zehnte Elegie) биле напишани во почетокот на 1912 година во Девино, продолжена е во доцна есен, 1913 година, во Париз, а била завршена на 11 февруари 1922 година, во Мизо.[5]
Во „Девинските елегии“ се присутни бројни настани и ликови кои оставиле силен впечаток во животот на Рилке, На пример, во нив се споменуваат италијанската поетеса Гаспара Стампа, црквата Санта Марија Формоза во Венеција, ликот од „Записите на Малте Лауридс Бриге“, Ерик Брахе (создаден според братучедот Егон фон Рилке), храмот на Амон Ра во Карнак (Рилке го посетил Карнак во средината на јануари 1911 година), сцени од Библијата итн. Уште повеќе, петтата елегија е посветена на германската поетеса Херта Кениг (во чиј стан, во јануари 1915 година, Рилке ја видел сликата на Пикасо „La famille des saltimbanques“, која била повод за оваа елегија), а осмата на австрискиот философ Рудолф Каснер.

Сонети посветени на Орфеј[уреди | уреди извор]

Рилке напишал два циклуса сонети посветени на митолошкиот пејач Орфеј: едниот циклус се состои од 26 сонети, додека вториот дел го сочинуваат 29 сонети. Сонетите биле напишани помеѓу 2. и 23. февруари 1922 година, во швајцарскиот замок Мизо. Главни мотиви и теми на сонетите се: идеалниот лик на „внатрешна девојка“, односот меѓу уметноста и животот, воспевање на земскиот живот, единството на светот, единството на смртта и животот, бунтот кон современата индустриска цивилизација итн. Некои од сонетите се инспирирани или посветени на неговиот прерано починат братучед Егон фон Рилке, на Вера Оукама Кноп, на нејзината мајка Гертруда, како и на „еден Верин пријател“, а според зборовите на самиот Рилке, 16. сонет од првиот дел е посветен на едно куче.[6]

Критички осврт врз поезијата на Рилке[уреди | уреди извор]

Рилке ја сметал уметноста како единствениот можен начин на човековото постоење. Според Ненси Вилард, својот живот Рилке го преобразил во уметност.[7] Битието на поезијата, Рилке го поистоветувал со битието на човекот, изјавувајќи: „Песната е постоење“. Заеднички елемент на сите фази од творештвото на Рилке е стремежот за поистоветување со светот, тоа е неговиот основен мотив и единствената тема во сите негови песни. Тој поетот го сфаќа како суштество чија задача е да ја надмине човековата индивидуалност и да се стопи со целокупноста на постоењето.[8]
Раната фаза на Рилке, отсликана во неговите почетни седум поетски збирки, претставувала потрага по потеклото на сопствениот глас и обид за помирување на спротивностите. Почетните поетски обиди на Рилке добронамерно ги критикувал Штефан Георге, со зборовите: „Рано сте започнале да објавувате!“. Овие дела биле напишани под влијание на средината во која живеел Рилке во Прага како и под директно влијание на франускиот симболизам и постромантичарската експресија. На пример, во песната „Das war im Mai“ се чувствува ехото на Гетеовата „Mailied“, „Der Alte Invalid“ е напишана под влијание на Хајнеовата „Die Grenadiere“, песната „Kannst du Mirsagen“ е одраз на Гетеовата „Kennst du das Land“, а во голем број песни се чувствува влијанието на Јозеф фон Ајхендорф.[9]
Збирката „Larenopfer“ од 1895 година е преполна со историјата на Прага, со топографски мотиви и дескриптива поетика, но во неа веќе се гледа зародишот на постојаната одлика на идните дела на Рилке - потрагата по конечната цел и несогласувањето со надворешниот свет. Подоцна, во збирката „Advent“, Рилке сè повеќе се бави со внатрешните предели и во нив јасно се развива свеста за напуштањето на надворешниот простор. Сепак, интонацијата и атмосферата на песните се движат во границите на францускиот симболизам и романтичарскиот „Stimmung“, а јасно се забележуваат и влијанијата на Штефан Георге и т.н. „Jugendstil“ којшто бил типичен за Минхен (каде во тоа време живеел Рилке).[10]
Во раните поетски збирки на Рилке веднаш паѓа в очи мајсторството на формата и леснотијата со која тој владее со строгите версификаторски канони при што во неговите песни доминира врзаниот силабичко-тонски стих.[11] Сепак, првата значајна и вистински довршена поетска збирка на Рилке е „Часловец“ во која се застапени неколку антологиски песни. Тоа е книга на метафизичката осаменост во која умира надворешната бучава и во која не допира човечките глас. Почнувајќи од оваа збирка и продолжувајќи во збирките „Книга на сликите“ и „Нови песни“, Рилке се стекнал со конкретен, полн јазик и прецизна, ритмички богата синтакса. Тој нов облик на интелектуална рефлексија во која внатрешната сопственост заронува во објектите и уметнички го одредува животното искуство Рилке го нарекол „ Предмет-песна“ (Dinggedicht).[12] Многу важен настан во градењето на специфичната Рилкеова поезија на отуѓеноста (Fremdheit) била средбата на Рилке со сликите на Сезан, кои тој ги нарекол „пресвртна точка“. Од тој миг, во зрелата поезија на Рилке доминира антиномијата на субјективното и објективното, внатрешното и надворешното и тој настојува да ги помири не само времето и просторот, туку и минатото и иднината. Така, Рилке напишал дека човекот мора „да се бори со сеќавањето“, а во едно писмо му напишал на Сезан дека минатото е „палата богата со сеќавање“ кон која треба да се приоѓа „невино и во сиромаштија“.[13]
Надврзувајќи се на Маларме, кој го прочистил талогот на ефемерното и колоквијалното во јазикот, Рилке ги отфрлил предметите и објектите, барајќи го внатрешното во формата. Во таа смисла, тој разликувал „das Ding“ (предмет) и „das Kunst-Ding“ (уметнички предмет), сакајќи да ги направи предметите уште постварни, да ги направи предмети што чувствуваат преку транспозиција на субјективното „јас“ во надворешните предмети. Музил напишал за Рилкеовата поезија дека претставува чувство на тоталитетот и севкупноста врз која почива светот.[14]
Исто така, во своите песни Рилке бил во потрага по Бога, но тоа не е оној персонализиран христијански бог, туку општото деистичко начело, симбол на животната сила и природата, т.е. праизворот на сето постоечко. Во согласност со тоа, кога лежел на смртната постела, Рилке ги одбил исповедувањето и причесната, т.е. неговата религиозност била уметнички чин. Притоа, во развојот на неговата поезија, најпрвин се појавува антропоморфното божество, потоа настапува сеопштиот космички принцип на креацијата, а на крајот доаѓаат ангелите од неговите елегии.[15]
Потрагата по обликот и формата претставува уште една важна одлика на поезијата на Рилке. Притоа, кај него, поетската форма воопшто не е во контекст на самата версификација. Мелодијата на неговите песни, ритамот и синтаксата биле ускладени во мост што ги поврзувал психичкото и емоционалното доживување со битието на предметите. Алитерациите, асонанците, консонантите и внатрешните рими на Рилке претставуваат едне од најсветлите примери на убавината на германскиот јазик. Рилке одлично владеел со различни метрики и подеднакво бил убедлив во силабичко-тонскиот, слободно римуваниот и слободниот стих. Во неговите песни најзастапени се јамбот и анапестот, а поретко трохејот, а тој често користи и алитерации и ономатопејски зборови.[16]
Поезијата на Рилке одговара на философските прашања, но сепак, не е философска поезија или поезија на идеите, во стилот на Шилер или Гете. Пол де Ман ја толкува постапката на Рилке како давање духовно својство на објектите, т.е. тој ја проектира чувственоста на субјектот во објективниот свет. Рилке е згуснат и напрегант, но помалку „сув“ поет, со дистанцирана, речиси класицистичка меланхолија.[17]
Поетската постапка на Рилке била критикувана од Хајдегер, кој им давал предност на Хелдерлин и Тракл. Според Хајдегер, давањето логика на објектите (која, кај Рилке е рефлексија на свеста) не е исправна постапка, зашто поврзувањето со растителниот и животинскиот свет мора да произлезе од внатрешниот повик, т.е. од „логиката на срцето“. Исто така, Езра Паунд не ја сакал поезијата на Рилке, нарекувајќи ја „ужасна криза“.[18]
Сепак, останува фактот дека Рилке е најпреведуваниот герамански поет на 20. век, кој извршил големо влијание врз Сидни Киз, Спендер и Блај, а ги инспирирал Витгенштајн, Гадамер и Хесе. Валери рекол дека Рилкеовото зближување со тишината било прекумерно, а Фројд го нарекол голем поет, но беспомошен во животот. Неговата поезија Стјуарт Холројд ја оценил на следниов начин: „Рилке го проширил своето искуство со еден од најуспешните обиди за ориентирање на современиот човек во хаотичниот свет.“[19]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 11.
  2. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 8-10.
  3. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 5.
  4. Rajner Marija Rilke, Soneti i elegije. Beograd: Mali vrt, 2011, стр. 90-94.
  5. Rajner Marija Rilke, Soneti i elegije. Beograd: Mali vrt, 2011, стр. 90-92.
  6. Rajner Marija Rilke, Soneti i elegije. Beograd: Mali vrt, 2011, стр. 92-95.
  7. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 6.
  8. Rajner Marija Rilke, Soneti i elegije. Beograd: Mali vrt, 2011.
  9. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 6.
  10. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 7.
  11. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 8.
  12. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 10-11.
  13. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 12-14.
  14. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 14.
  15. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 15-17.
  16. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 17-19.
  17. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 20-22.
  18. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 18-22.
  19. Бојан Белић, „Рилкеово искуство тишине“, во: Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 23.