Прејди на содржината

Цариградски хиподром

Координати: 41°00′23″N 28°58′33″E / 41.00639° СГШ; 28.97583° ИГД / 41.00639; 28.97583
Од Википедија — слободната енциклопедија

41°00′23″N 28°58′33″E / 41.00639° СГШ; 28.97583° ИГД / 41.00639; 28.97583

Цариградски хиподром
Sultanahmet Meydani
Поглед кон денешниот парк Султан Ахмед
Карта
Општи податоци
СтилСтарогрчка архитектура
ГрадИстанбул
ЗемјаТурција
Урната15 век
Местоположба на хиподромот во Цариград.
Приказ на разрушениот хиподром
Хоподромот во отоманско време
Остатоци од хиподромот
Поглед кон денешниот плоштад. Во позадина се гледаат двата обелисци

Цариградски хиподром (турски: Sultanahmet Meydani) — едно од најзначајните места во Цариград како престолнина на Византија, а денес Истанбул, Турција. Ова не бил еден од најспектакуларните објекти во градот, но претставувал центар на општествено-политичкиот живот во главниот град на империјата и централно и омилено место за собирање на населението од градот, место каде се одржувале гладијаторски борби и трки со коли.

Историја

[уреди | уреди извор]

Самиот збор хиподром доаѓа од грчките зборови хипос кое значи коњ и дромос кое значи стаза. Ова јасно кажува дека хиподромот во Цариград бил користен главно за трки на коњи, кои претставувале омилена забава во стариот век, посебно во грчкиот и римскиот и византискиот свет.

Изградбата на хиподромот започнала веднаш по зазимањето на градот од страна на Римјаните во времето на императорот Септимиј Север (193-211) во 203 или 205 година по примерот на Циркус Максимус во Рим, и бил завршен 127 години подоцна. Пред да започне со неговата изградба, постоел друг хиподром кој бил изграден од дрво и бил сосема мал.

На овој хиподром новиот император по своето крунисување се појавувал во императорската ложа и ги добивал своите први поздрави од насобраната толпа. Со текот на времето, овие циркуси игри, наречени во византиско време димами (demos) се претворале во политички игри, изразувајќи едно или друго политичко, општествено или религиозно расположение.

На хиподромот биле објавувани и царските декрети, триумфалните паради и прослави. Хиподромот бил поврзан со царскиот дворец и со храмот „Света Софија“, и тоа им овозможувало на гледачите да го видат во живо својот император (како што било и во Рим). Влезот во циркусот бил бесплатен за сиромашните.

Во текот на византискиот период, хиподромот претставувал центар на општествениот живот во градот. Честопати ова претставувало местото каде биле залагани пари за победниците во трките. Првично право на учество имале само четири екипи од четири политички партии: Сини (Venetoi), Зелени (Prasinoi), Црвени (Rousioi) и Бели (Leukoi). Во текот на натпреварувањата, финансиските можности на Белите и Црвените постепено се намалиле, па останале само останатите два табори. Соперништвото помеѓу Сините и Зелените често доведувало до политички и религиозни соперништва, а понекогаш и до избувнување на немири и граѓански војни. Еден од најпознатите такви немири е т.н. Бунтот Ника од 532 година. Се смета дека вкупно загинале 30.000 луѓе.[1] Бунтот траел една недела, и во тој период бил запален речиси половина од градот, а загинале десетици илјади луѓе. Во текот на бунтот е уништена и втората црква Света Софија.

Цариградскиот хиподром останал место за рекреација за императорите до 1204 година, кога градот бил заземан од страна на крстоносците. Крстоносците ја зеле бронзената статуа која денеска е позната како Коњ на Свети Марко и се наоѓа во Венеција. Во 1261 година, градот бил заземен од Византија, но хиподромот бил во многу лоша положба.

По 1453 година, и доаѓањето на Османлиите, хиподромот бил претворен во каменолом. Овој историски објект бил буквално избришан од лицето на земјата. Денес остатоците од хиподромот се наоѓаат на длабочина од 4 метри од нивото на земјата. Еден дел од хиподромот бил разрушен при изградба на Сината џамија, а останатиот најверојатно послужил за изградба на други џамии.

Хиподромот се наоѓал во близина на Аја Софија, на просторот на денешниот плоштад Султан Ахмед. По својот изглед, хиподромот претставувал правоаголна песочна сцена со должина од над 450 метри и ширина околу 130 метри и имал капацитет од 100.000 луѓе. Градбата од трите страни била опколена од сфенда (трибини распоредени како полукружен амфитеатар). Сфендата имала 16 редови, а според некои податоци дури 30. Врз неа биле поставени мермерни клупи, над кои се наоѓал висок подиум и чии краеви се потпирале на два реда столбови, кои биле високи 8 метри. Просторот меѓу столбовите бил украсен со скулптури, донесени од целата империја. Четвртата страна на арената се затворала од кафизма, односно голема градба со ложи за императорот, која била поврзана со покриен тунел кој водел до царскиот дворец (Катисма) [2][3]. Кафизмата била украсена со бронзена квадрига (четри коњи) која била донесена од Грција, и смета за творба на големиот вајар Лисип.

Под императорската трибина, на специјален балкон се наоѓале музичарите, а уште пониско од нив се наоѓала вратата низ која на арената излегувале учесниците. Во центарот на хиподромот се наоѓала камена подлога, која била украсена со обелисци, статуи и столбови.

Централни обележја

[уреди | уреди извор]

Кривините околу кои скршнувале кочиите биле означени со два египетски обелисци, познати како обелиск на Теодосиј и Змиски столб. Тие претставувале големи уметнички дела. На пример, според зборовите на византискиот историчар Никита Хониета, статуата на седнатиот Херкулес била со такви димензии, што само клештите на раката била колку половината човек, а скулптурата на прекрасната Елена, украсена со скапоцености, дополнително ја потикнувала публиката со својата убавина. Византиските мајстори биле неполоши од древните уметници. Издигнатиот од нив Златен обелиск, кој бил висок 25 метри, честопати бил споредуван со статуата во Родос. Денеска се зачувани само четири обелисци, и тоа: Квадригата (Венеција); Обелиск на Теодосиј, Обелиск на Константин и Змиски столб.

  • Теодосиевиот обелиск е староегипетски обелиск на фараонот Тутмос III. Првиот обелиск изграден во времето на фараонот Тутмос III (1479-1425 п.н.е.) во големиот храм на Карнак. Римскиот ипераотр Констанциј II (337-361) го донел во Александрија за да одбележи 20 години од неговиот престол во 357 година. Обелискот во Александрија останал до 390 година, кога по заповед на Теодосиј II бил пренесен во Цариград, каде бил ставен на Хиподромот, каде што се наоѓа и денес.[4] Првично, градбата била висока околу 30 метри, но долниот нејзин дел бил оштетен најверојатно при транспортот во Цариград. Денеска, споменикот е висок 18.54 метри.
  • Змијскиот столб e познат како Серпентински столб или столбот Делфи, е антички бронзен столб кој првично се наоѓал во Делфи, за да биде преместен во Цариград во времето кога Константин I Велики ја преместил престолнината на Византија од Рим во Византион во 324 година. Столбот е висок 8 метри, и како таков останал до 17 век. Денеска, главата од змијата која стоела на врвот се наоѓа во Истанбулскиот археолошки музеј.[5]
  • Плетен камен столб. Овој столб бил изграден во времето на Константин VII (911-959) во често на неговиот дедо Василиј II (866-886). Овој столб бил висок 25 метри, и поради тоа што бил обложен со лист од позлатена бронза, бил познат и како Златен столб.

Најпознат опис на хиподромот дал учесникот од Четвртата крстоносна војна, Роберт де Клара:

...А на друго место во градот се наоѓа друго чудо: во близина на дворецот „Лавска уста“ се наоѓа плоштад, кој го нарекуваат "теренот на императорот". Овој плоштад се протега на должина, колку еден и пол истрел со арбалет, а на ширина - скоро колку на еден истрел, и околу овој плоштад има околу 30 или 40 нивоа на кои Грците се искачуваат, за да ја гледаат, а над овие нивоа се наоѓа премногу пространа и убава ложа, на која за време на натпревари седеле императорот со неговата сопруга и други познати дами и господа. Кога имало натпревари, тие се одржувале по два одеднаш. Императорот и неговата сопруга се обложување кој во која од двете игри ќе победи. Сите посетители на хипопдромот исто така се обложување. Долу на плоштадот имало ѕид, на која имало фигури на мажи, жени, коњи, бикови, камили, мечки, лавови и многу други животни. Сите тие биле така добро изработени и така природно направени што ниту во паганските земји, ниту во христијанскиот свет можело да се најде таков вешт мајстор кој може така да го претстави и така добро да направи фигури како што се овие овде. Некогаш тие се одигрувале со сила, но сега тие веќе не се играат, и Французите гледале на тоа царско игралиште како на чудо...


Хиподромот денес

[уреди | уреди извор]

Денеска, местото каде некогаш се наоѓал хиподромот се нарекува Султанахмедов плоштад, и на истиот му се посветува големо влијание. Старата тркачка патека е означена, и покрај тоа што се наоѓала околу шест метри под земјата. Преживеани споменици од хиподромот се оние кои се наоѓале во неговата средина, и тоа двата обелисци и еден столб кои се заградени.

Германската фонтана, или фонтаната на кајзерот Билхем била изградена во 1900 година по повод посетата на германскиот цар Вилхем II на Истанбул во 1898 година и се наоѓа на северниот влез од некогашниот хиподром, пред Сината џамија.

Хиподромот бил испитуван во 1950 и 1951 година од страна на Истанбулскот археолошки музеј[6].

Хиподромот бил прикажан на задната страна на турската лира од 500 банкноти од 1953-1976 година[7]

.

  1. Оваа бројка ја дава Прокопиј, „Војни“ (Средновековен интернет изворник Архивирано на 12 февруари 2006 г.)
  2. „Hippodrome“. Byzantium 1200. Посетено на 2009-06-24.
  3. „Hippodrome of Constantinople, Istanbul“. Emporis. Посетено на 2009-06-24.
  4. Labib Habachi, The Obelisks of Egypt, skyscrapers of the past, American University in Cairo Press, 1985, p.145-151.
  5. Istanbul Governor's official website - The Serpent Column. web page Архивирано на 2 август 2007 г.
  6. Erdem, Yasemin Tümer. "Atatürk Dönemi Arkeoloji Çalışmalarından Biri: Sultanahmet Kazısı," ATATÜRK ARAŞTIRMA MERKEZİ DERGİSİ, Sayı 62, Cilt: XXI, July 2005. [1] Архивирано на 27 февруари 2012 г., İstanbul’da yapılan başlıca arkeolojik araştırmalar = Principal Archeological Researches... İstanbul / Rüstem Duyuran. 1957.[2] Архивирано на 22 декември 2016 г.. Посетено на 11 March 2010.
  7. Central Bank of the Republic of Turkey Архивирано на 15 јуни 2009 г.. Banknote Museum: 5. Emission Group - Five Hundred Turkish Lira - I. Series Архивирано на 4 февруари 2009 г., II. Series Архивирано на 4 февруари 2009 г., III. Series Архивирано на 4 февруари 2009 г. & IV. Series Архивирано на 4 февруари 2009 г.. – Посетено на 20 April 2009.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]