Студитски манастир

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Студиски манастир)
Студитски манастир
İmrahor Camii
Μονή Στουδίου
Основни податоци
МестоИстанбул, Турција
КоординатиКоординати: 40°59′46″N 28°55′43″E / 40.99611° СГШ; 28.92861° ИГД / 40.99611; 28.92861
Припадностислам
Осветен6 век
Архитектонски опис
Архитектонски типџамија
Завршенво изградба

Студитскиот манастир (Студион) или манастирот Свети Јован Крстител - еден од најважните манастири во Цариград, денешен Истанбул, Турција. Жителите на манастирот биле нарекувани Студити. Иако манастирот е напуштен веќе половина милениум, законите и обичаите биле земени како модели на монасите од Света Гора и на многу други манастири од православниот свет, кои имаат и влијание до денес.

Урнатините од манастирот се наоѓаат во близина на Мраморно Море, во населбата Саматија. Манастирот бил изграден на седмиот рид на Цариград, во населбата Саматија во 462 година од страна на поранешен конзул во градот, кој се населил во градот по наредба на Константин II. Главниот храм од манастирот претставува трикорабна базилика со должина од 27,32 метри и ширина 25,28 метри. Корабите се разделени со два реда по седум столбови. Вкупната плоштина на манастирот е околу 690 кв.м. Подот на храмот бил украсен со мермер и мозаици од птици и животни.

Историја[уреди | уреди извор]

Во 465 година во манастирот се населиле дел од акимитите (т.е. монаси кои не спијат) и во следниот период зеле активно учество во борбата против императорите кои биле иконоборци. Во овој манастир се замонашиле три императори: Махаил V (1041-1042), Михаил VІІ Дука (1071-1078) и Исак І Комнин (1057-1059). Се смета дека во своите најубави години, во манастирот живееле околу 700 монаси. Игумените на манастирот Антониј и Алексеј, станале патријарси.

Игуменот Сава силно ги бранел православните доктрини против иконоборците на Седмиот вселенски собор во Никеја (787). Негов наследник бил Теодор Студит, кому манастирот му должи најмногу за својата слава, време кога започнало да се негуваат академските и духовните студии. За време на администрацијата на Теодор, монасите често биле малтретирани и протерувани а некои од нив и погубувани. Игуменот Никола (848-845 и 855-858) одбил да го признае Фотиј I Цариградски и поради тоа бил затворен во манастирот. Тој бил наследен од неколку игумени, кои го признавале патријархот. Во времето на Исак I манастирот бил внатрешно украсен, а по неговата абдикција од престолот тој починал во манастирот, каде бил и погребан.

Во средината на 11 век, во времето на игуменот Симеон, биле критикувани обичаите на Латинската црква во две книги каде тој пишувал за употребата на бесквасен леб, денот сабота и бракот на свештениците.

Што се однесува до интелектуалниот живот на манастирот, посебно е славен по својата познатата школа за калиграфија, која била основана од страна на Теодор. Во 8 век и 11 век, манастирот бил центар на византиската религиозна поезија. Голем број на песни сè уште се користат во Православната црква.

Во 1204, манастирот бил уништен од крстоносците и не бил целосно обновен до 1290, од страна на Константин Палеолог, кога биле изградени ѕидините околу манастирот и нов покрив. Поголемиот дел од манастирот повторно бил уништен кога Османлиите го освоиле Цариград во 1453 година. Тој бил претворен во џамија од страна на албанецот Елјаш Бег и го добил името Имрахор џамија во времето на Бајазит II во 1486 година.

Манастирот денес[уреди | уреди извор]

Денеска постои само еден мал дел од катедралната црква, и се смета дека е најстарата во градот. За целосното рушење на објектот придонеле и пожарите од 1782 и 1920 година, како и земјотресот од 1894 година. Рушевините на манастирот биле користени за изградба на згради по земјотресот од 1920 година.

По завршувањето на реставрацијата, која треба да заврши во 2014 година, комплексот треба да биде претворен во џамија[1].

Кон почетокот на 2013 година, од страна на Владата на Турција било земено решение објектот повторно да биде изграден како џамија. Пред оваа одлука, комплексот бил под Министерството за култура и на музејот Света Софија, но по оваа решение бил ставен во надлежност на дирекцијата за управување на вакуфите (имот предаден од државата за религиозни цели).

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Istanbul monastery to become mosque“. Hurriyet. 26 November 2013. Посетено на 26 November 2013.

Извори[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]