Султан Ахмедова џамија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Султан Ахмедова џамија
Sultanahmet Camii
Sultan Ahmed Mosque Istanbul Turkey.jpg
Султан Ахмедова џамија
Основни податоци
Место Истанбул, Турција
Координати 41°00′19″ СГШ 28°58′36″ ИГД / 
Припадност Ислам
Округ Еминон
Осветен 1609
Опис на градбата
Архитект(и) Седефкар Мехмед Ага
Тип џамија
Завршен 1616
Поединости
Приемност 10.000[
Должина 72 м
Ширина 64 м
Висина на куполата (надв.) 43 м
Минариња 6
Материјали гранит, порцелан, плочки

Џамијата „Султан Ахмед“ (турски: Sultanahmet Camii) — муслимански храм во Истанбул, Турција. Изградена од истакнатиот архитект Седефкар Мехмед-ага по наредба на султанот Ахмед I во периодот од 1609 до 1616 г. Поради своите бои — сина, зелена и бела, од плочка од порцелан, во Европа исто така е позната и како „Сина џамија“ (Mavi Camii).

Џамијата Султан Ахмед е првата џамија во Османлиската Империја, која има 6 минариња. Големината на молитвениот простор е 64 x 72 метри.

Историја[уреди | уреди извор]

По склучувањето на мирот во Житваторок и неповолните воени резултати со Персија, султанот Ахмед I решил да изгради голема џамија во Цариград сè со цел да може подобро да ги слуша заповедите на Алах. Оваа џамија била првата т.н. царска џамија која била изградена во Османлиската Империја. Со оглед на тоа што неговите претходници џамиите ги граделе со помош на воениот плен, султанот Ахмед морал да ги повлече средствата од државната каса, затоа што тој не победил во многу значајни војни и битки.

Џамијата била изградена на местото на царскиот дворец во Константинопол, во близина на Света Софија (во тоа време главна џамија во Цариград). Големи делови од јужната страна од џамијата се темелат врз основите и сводовите на царскиот дворец во Константинопол. Голем дел од сфендата (трибина распоредена како полукружен амфитеатар) на хиподромот биле отстранети за да се направи простор за новата џамија.

Изградбата на џамијата започнала во август 1609 година. Како главен архитект бил назначан Седефкар Мехмед-ага, ученик и асистент на познатиот архитект Мимар Синан. Организацијата на работата била опишана во детали во осум тома, кои денеска се наоѓаат во библиотеката на Топкапи Сарај. Објектот е официјално отворен во 1617 година (иако натписот на портата на џамијата вели дека е во 1616). Позната како Сината џамија, Султан Ахмедовата џамија е една од најимпресивните споменици во светот.

Џамијата била прикажана на банкнотите од 500 турски лири, кои биле во оптек од 1953 до 1976 година.[1]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Дизајнот на Султан Ахмедовата џамија претставува кулминација на двата века постоење на Османлиската Империја. Таа вклучува некои византиски елементи од соседните Света Софија со традиционална исламска архитектура и се смета дека е последната голема џамија од класичниот период. Архитектот повеќе ги имал спроведено идеите на Мимар Синан, но сепак освен големината на џамијата, величественост и раскош, во внатрешноста на објектот недостасува креативна мисла.

Надворешност[уреди | уреди извор]

Фасадата на пространството пред дворот била изградена на ист начин и стил како и фасада на Сулејмановата џамија, освен додадените минариња и куполи. Дворот се наоѓа околу самата џамија, и е окружен со аркада (ревак). Во центарот на дворот се наоѓа шестстрана фонтана, која изгледа мала во однос на димензиите на дворот. Нејзината полукупола има сталактитска структура.

На западниот влез во горниот дел на портата се наоѓа тежок метален синџир, и преку овој влез можел да минува само султанот на коњ. Ланецот бил ставен на таа позиција при што морало султанот да ја наведне главата пред да влезе во џамијата. Целта на овој ланец била симболична односно преку неа се обезбедувала божјата близина на султанот.

Внатрешност[уреди | уреди извор]

Внатрешност на џамијата

Долните делови на внатрешните ѕидини и столбови во џамијата, се украсени со повеќе од 20.000 рачно изработени керамички плочки направени во Изник (древна Никеја). Додека пониските нивоа на плочки се во традиционален дизајн, во една од горните галерии се претставени различни видови на цвеќе, овошје и чемпрес. Повеќе од 20.000 плочки биле направени под надзор на грнчарот Касика Хасан, Мустафа и Мерсин Ефенди од Аванос (Кападокија).

Горните нивоа во внатрешноста се со доминантна плава боја, но со слаб квалитет. Најважниот елемент во внатрешноста на џамијата е михработ кој е направен од резбан мермер и сталактит. Соседните ѕидови се обложени во керамички плочки. Веднаш до него се наоѓа минберот, односно местото во џамијата од каде имамот проповеда молитва. Внатрешноста на џамијата е направена на начин којшто дозволува сите верници да го гледаат имамот при проповедањето.

Кралски киоск се наоѓа во југоисточниот агол. Тој се состои од една платформа, ложа и две мали соби за одмор кои се поврзани со царската ложа. Многуте светилки во внатрешноста на џамијата некогаш биле покриени со злато и скапоцени камења [2]. Некогаш овде имало голем број на стаклени кристални чаши, а некои од нив денеска се наоѓаат низ музеите во Истанбул[3].

Минариња[уреди | уреди извор]

Султан Ахмедовата џамија е една од двете џамии во Турција која има шест минариња. Другата е џамијата Шабанџи Меркез во Адана. Кога бројот на минариња бил обелоденет, султанот бил критикуван дека е многу самоуверен и дрзок, бидејќи во тоа време, ист број на минариња во тоа време имала само џамијата Масџид ал-Харам во Мека. Овој проблем бил надминат кога во џамијата во Мека било изградено уште едно, седмо минаре. Четири минариња се наоѓаат во аглите на џамија. Секое минаре има шерефе.

Посетата на папата[уреди | уреди извор]

Папата Бенедикт XVI при својата посета на Турција, на 30 ноември 2006 година ја посетил Султан Ахмедовата џамија. Тоа означува само втора посета на еден папа во муслиманско светилиште. Тој со затворени очи, заедно со Мустафа Кагричи и Емрулах Хатипоглу се свртиле кон Мека искажувајќи молитва[4].

Видете исто[уреди | уреди извор]

Медиуми[уреди | уреди извор]

Краток филм кој покажува детали од внатрешноста на џамијата

Галерија[уреди | уреди извор]

Забелешки[уреди | уреди извор]

  1. Central Bank of the Republic of Turkey. Banknote Museum: 5. Emission Group - Five Hundred Turkish Lira - I. Series, II. Series, III. Series & IV. Series. – Retrieved on 20 април 2009.
  2. Naima M., Annals of the Turkish Empire from 1591 to 1659 of the Christian Era; Frazer, London, 1832
  3. Tournefort, J.P., Marquis de, Relation d'un voyage du Levant, Amsterdam, 1718
  4. Pope makes Turkish mosque visit

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]