Хан Тенгри

Од Википедија — слободната енциклопедија
Хан Тенгри
Хан Тенгри од ледникот Северен Енгилчек
Највисока точка
Надм. вис.7.010 м [1]
Истакнатост1.685 м [2]
Координати42°12′39″N 80°10′30″E / 42.21083° СГШ; 80.17500° ИГД / 42.21083; 80.17500Координати: 42°12′39″N 80°10′30″E / 42.21083° СГШ; 80.17500° ИГД / 42.21083; 80.17500
Географија
Хан Тенгри на карта

Карта

МестоАксуски реон, Исикќолска област, Киргистан
округ Раимбек, Алматинска област, Казахстан
околија Венсу, Синѓанг, Кина
Матичен венецТианшан
Искачување
Прво освојување1931, Михаил Погребецки
Најлесен патискачување по ледник/смег/мраз/карпи

Хан Тенгри (киргиски: Кан-Теңири, казашки: Хан Тәңірі, ујгурски: خان تېڭرى‎, кинески: 汗腾格里峰) — планина во венецот Тианшан. Лежи на тромеѓата КинаКиргистанКазахстан, источно од езерото Исик-ќол. Геолошки се издига на висина од 6.995 м, но неговата ледничката капа достигнува 7.010 м.

Ова е втора планина по висина на Тианшан, пониска само од Џенгиш Чокусу (или Врв на Победата, 7.439 м). Хан Тенгри е највисока планина во Казахстан и трета по висина во Киргистан, по Џенгиш Чокусу (7.439 м) и Лениновиот Врв/Ибн Сина (7.134 м). Воедно претставува најсеверниот 7.000-метарски врв на светот, што го прави тежок за искачување.

Име[уреди | уреди извор]

Името Хан Тенгри буквално значи „Крал Небо“ на казашки и монголски, и се однесува богот Тенгри кој постои во многубошкиот тенгризам и средноазискиот будизам.

Одлики[уреди | уреди извор]

Хан Тенгри е масивна мермерна пирамида прекриена со снег и мраз. На зајдисонце мермерот има румена боја, поради што се нарекува „крвава планина“ (казашки: Қантау; киргиски: Кан-Тоо). Планината е сместена спроти ледникот Јужен Енгилчек, 16 км северно од Џенгиш Чокусу. Првично се сметала за највисока на Тианшан поради стрмниот изглед во споредба со масивноста на Џенгиш Чокусу, но и нејзината видливост од далечина. Во истиот подвенец спаѓаат врвовите Чапаев (6.371 м) и Горки (6.050 м). Анатолиј Букреев го сметал Хан Тенгри за најубавиот врв на светот поради неговите геометриски сртови и симетричноста.

Историја[уреди | уреди извор]

Иако е речиси 430 м понизок од соседот, Хан Тенгри се сметал за највисок врв во венецот сè до мерењето на Џенгиш Чокусу во 1943 г.

Во 1857 г. Петар Семјонов бил првиот Европеец кој ја здогледал планината.[3]

Хан Тенгри за првпат е освоен во 1931 г. од украинската екипа на Михаил Погребецки преку јужната (киргистанска) страна, а потоа од западниот срт. Првото искачување од север го извршила екипата на М. Кузмин (од казахстанска страна) во 1964 г. Ова е еден од петте врвови кои советскиот планинар морал да ги освои за да ја добие престижната награда „Снежен леопард“.

Анатолиј Букреев го извел првото самостојно брзинско искачување во 1990 г.

За првото зимско искачување е заслужна казахстанска екипа, изведено на 7 февруари 1992 г. Таа била сочинета од Валериј Хришчатиј, Виктор Деди, Јуриј Мојсеев, Владимир Сувига, Александар Савин, Игор Путинцев и Малик Исметов.[4][5]

Австрискиот планинар Тони Дирнбергер загинал при симнувањето од Хан Тенгри на 17 август 1992 г.[6]

Во 2004 г. преку дузина планинари загинале во голема лавина на правецот Погребецки, најпопуларниот на планината.

Врвот е претставен на банкнотата од 100 сомови.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Топографска карта на Хан Тенгри“. opentopomap.org. Посетено на 2023-06-30.
  2. „The Central Asian Republics: Ultra-Prominence Page“. peaklist.org. Посетено на 26 мај 2014. This prominence figure is based on the elevation of 6995m.
  3. Semenov, Petr Petrovitch. Travels in the Tian'-Shan' 1856-1857. Trans. by Liudmila Gilmour, Colin Thomas and Marcus Wheeler. Edited and annotated by Colin Thomas, pp. 180, 184-185. The Hakluyt Society, London. (1998). ISBN 0-904180-60-3.
  4. „Khan Tengri, Tien Shan, First Winter Ascent“. American Alpine Journal. 1993. Посетено на 30 јуни 2023.
  5. „Russia and Central Asia 1992-1994“ (PDF). Alpine Journal: 259. 1995. Посетено на 30 јуни 2023.
  6. Video in Gedenken an den österreichischen Bergsteiger Toni Dürnberger

Надворешни врски[уреди | уреди извор]