Амрум

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Амрум
Oomram
Amrum.jpg
Источниот брег на Амрум со околните калливи рамнини
Географија
Место Ваденско Море
Координати 54°39′ СГШ 8°21′ ИГД / 
Архипелаг Севернофризиски Острови
Поважни острови Зилт, Фер, Амрум
Површина 20,46 км2
Најг. висина 32 м
Најв. точка Зијатлер
Управа
Покраина  Шлезвиг-Холштајн
Округ Северна Фризија
Демографија
Население 2.354 (2013[1])
Густина 111 /км2
Народности Германци, Фризи

Амрум (германски: Amrum; емраншки: Oomram) — еден од Севернофризиските Острови на германскиот брег во Северното Море, јужно од Зилт и западно од Фер. Претставува дел од округот Северна Фризија во сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн.

Островот е направен од песочно јадро и поседува широка плажа долж целиот негов западен дел, свртена кон Северното Море. Источниот брег се граничи со калливи рамнини и плимни потоци кон Ваденското Море. Песочните дини се карактеристичен дел на пејзажот на Амрум, поради што вегетацијата главно се состои од грмушки и џбунови. Единствената шума на островот била засадена во 1948 година. Амрум е станиште за многу видови на птици и голем број на морски цицачи, како сива фока или пристаништен мал делфин.

Населби на Амрум се забележани уште во неолитот, кога областа сè уште била дел од копното на полуостровот Јитланд. Во текот на средниот век, Фризите пристигнале на Амрум и започнале да произведуваат сол и да се занимаваат со поморство. Дел од денешното население сè уште говори емраншки, дијалект на севернофризискиот јазик и фризиските традиции се зачувани.

Бидејќи островот е прибежиште на многу загрозени видови растенија и животни, неговата почва е непогодна за земјоделство и како омилено приморско одморалиште, населението на Амрум главно се занимава со туризам.

Географија[уреди | уреди извор]

Карта на Амрум (имињата на местата се дадени на севернофризиски, германски и дански јазик)
Плажата Книпзанд (Kniepsand)
Светилник Амрум

Површината на Амрум изнесува 20,4 км²,[2] што го прави десетти најголем остров во Германија (исклучувајќи Узедом, кој е поделен со Полска).[3] Доколку се додаде големата плажа Книпзанд на западниот брег на површината на островот, таа ќе изнесува околу 30².[4] Меѓутоа, површината на Амрум била предмет на постојани промени поради губењето и добивањето земја од морето. Во текот на XIX век, дваесеттина од површината била загубена, но, пак, во 1913 година бил забележан прилив на Книпзанд.[5]

Амрум е еден од трите острови со песочна површина во Северна Фризија.[6] Ова песочно дно е направено од глацијални слоеви од салијанското ледено доба.[4] На исток се граничи со калливите рамнини на Ваденското Море. Исто така, на источната страна се наоѓаат старите населби на островот: Нордорф, Небел, Зидорф и Штеноде. Западниот дел е покриен со дини[1] кои поминуваат низ целиот остров во должина од 12 километри. Максималната ширина на областа е нешто повеќе од еден километар. Највисоката дина на Амрум е близу Нордорф, наречена Зијатлер (a Siatler); достигнува височина од 32 метри.[1] Северно, дините се протегаат во мал полуостров наречен „Оде“ (Odde). Во јужниот дел на Амрум се наоѓа најновата населба, Витдин. Западно од зините, целиот брег на Амрум е составен од плажата Книпзанд; се вбројува помеѓу најголемите песочни плажи во северна Европа. Северно од Нордорф се наоѓа мочуриште, а друга мочуришна област се сретнува помеѓу Зидорф и Штеноде.[4] Обете се заштитени од морето преку брани. При ниска плима можно е да се стигне до соседниот остров Фер со пешачење.

Населението на Амрум брои околу 2.300 и островот е поделен на три општини: Нордорф, Небел и Витдин. Приклучени се на општинската заедница Фер-Амрум.[1]

Села[уреди | уреди извор]

Најсеверна населба е приморското одморалиште Нордорф со мрестилиште за патки и светилник. Најголемото село на Амрум, Небел, се наоѓа близу источниот брег. Познати знаменитости се црквата Св. Климент, Амрумската куќа (Öömrang Hüs) — музеј за локалната историја — ветерницата и гробиштата на бездомните. Зидорф, денес дел од Небел, е најстарото село на островот. Светилникот Амрум се наоѓа во Зидорф. Штеноде, исто така дел од Небел, го поседувал единственото пристаниште додека не било изградено новото во Витдин во 1890 година, кое подоцна станало и главниот фериботски терминал. Од сите три општини, Витдин е најмногу насочен кон туризмот.

Историја[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1821578—    
1823575−0.5 %
1824586+1.9 %
1825589+0.5 %
1826595+1.0 %
1827593−0.3 %
1828589−0.7 %
1829592+0.5 %
1830595+0.5 %
1833580−2.5 %
1860642+10.7 %
1871572−10.9 %
1890698+22.0 %
1905990+41.8 %
20132.354+137.8 %
Извор: [1][7]

Најстарите траги од населби во областа потекнуваат од неолитот, меѓу кои и бројни долмени. Исто така зачувани се и многу гробници од бронзеното и железното време. Во дините западно од езерцето се пронајдени остатоци од железното време. Непознато е дали Амброните, кои заедно со Кимбрите и Тевтонците му се заканувале на Рим околу 100 п.н.е., се населиле на островот, кој тогаш сè уште бил поврзан со копното преку земјен мост. Во почетокот на средниот век, островот бил населен од Фризите. Најстар познат запис за островот Амрум е пронајден во данската пописна книга на кралот Валдемар II од 1231 година.[8]

Покрај соларниците, земјоделството, рибарството и китоловството, поморството бил еден од главните извори на приход долго време. Харк Олуфс, морепловец од Зидорф кој бил заробен во Алжир во 1724 година, стигнал до ранг генерал додека не му било дозволено да се врати на родниот остров во 1736 година. Во текот на крајот на XIX век, туризмот станувал растечка дејност на Амрум и целосно ја променил економската структура на островот.

Во текот на средниот век, Амрум како и сите поседи на Северна Фризија, припаѓале на т.н. Утланде, „надворешни земји“, кои едно по друго станувале делови на Кралството Данска или на Војводството Шлезвиг. По војните помеѓу данските кралеви и грофовите на Шауенбург околу владеењето на Шлезвиг, Амрум и западниот дел на Фер станале енклави на Данска и за разлика од другите делови, повеќе не биле дел од Војводството Шлезвиг. Оваа состојба траела до 1864 година, кога Данска го изгубила Шлезвиг од Прусија по Втората шлезвишка војна. Краток период подоцна, Амрум бил владеен заедно од Прусија и Австрија, но во 1867 година, островот станал само пруски и дел од покраината Шлезвиг-Холштајн. Најпрвин, Амрум бил општина во рамките на округот Тондерн. Во 1920 година, на Шлезвишкиот референдум, Амрум со јасно мнозинство гласал за останување во Германија, додека Тондерн се вратил во Данска. До 1972 година, Амрум припаѓал на округот Зидтондерн, кој подоцна бил споен со новосоздадениот округ Северна Фризија.

Во текот на XIX век, Амрум сè уште имал значајно помалку население отколку денес. Црковните записи од 1821 до 1833 година покажуваат просечно население од 587, а пописот во 1860 година забележал 642 жители, а во 1871 година населението паднало на 571.[9] Помеѓу другите фактори, падот се должел на фактот на емигрирањето на населението во САД. Денес, повеќе луѓе со потекло од Амрум живеат во САД отколку на Амрум и врските помеѓу Амрум и САД се доста силни.

На крај, туризмот започнал да преовладува на островот, особено со изградбата на приморското одморалиште Витдин во 1890 година, што довело до рапиден пораст на населението.[10]

На 29 октомври 1998 година, товарниот брод „Палас“ се насукал крај Амрум, предизвикувајќи голема нафтена дамка во областа.[11]

Јазик и култура[уреди | уреди извор]

Главен јазик на Амрум е германскиот. Севернофризискиот јазик е присутен преку емраншкиот дијалект, кој е говорен од околу една третина од населението. Овие 800 Амрумци се сите повеќејазични. Поради изолираната местоположба на островите, севернофризиските дијалекти се развиле различни, па така емраншкиот може да биде разбран од луѓето од Фер, иако е одвај разбирлив за оние од Зилт или од копното на Северна Фризија. Многу Амрумци исто така зборуваат долногермански, бидејќи бил јазик на поморците. Само неколку луѓе знаат да зборат дански.

Народната носија на Амрум за девојки и жени е црна и бела и е богато украсена со сребрени орнаменти. Најчесто е носена на црковни настани или за туристички цели.

Постојат две особени традиции на Амрум. На 21 февруари се прославува „Бијакендаи“, каде се пали голем оган за збогување на зимата. На настанот, луѓето си ги мачкаат своите лица со гар. Фестивалот потекнува од стар литургиски празник, кој се прославувал на 22 февруари. Обичајот е исто така популарен во другите севернофризиски општини. На Нова година се одржува Хулкен, каде групи на главно млади луѓе се облекуваат во носии и одат од куќа до куќа и им оставаат на другите да го погодат нивниот идентитет. Во зависност од возраста, добиваат слатки или алкохол.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Главна гранка во стопанството на Амрум е туризмот. Во 2007 година, островот можел да обезбеди 12.000 кревети. Во 2008 година го посетиле околу 135.000 туристи, кои оствариле 1,3 милион ноќевања.[12]

Земјоделството исто така е распространето на Амрум.

Медиуми[уреди | уреди извор]

Локалниот весник е наречен Der Insel-Bote („Островски курир“) и се објавува од претпријатието Schleswig-Holsteinischer Zeitungsverlag. Претставува главен весник за островите Фер и Амрум.

Воедно, Амрум бил сцена за многу германски филмови или серии, како „Смрт на Амрум“ (Tod auf Amrum, 1998)[13] или „Лето“ (Sommer, 2008).[14]

Сообраќај[уреди | уреди извор]

Фериботскиот терминал во Витдин

Островот е поврзан со Фер и со пристаништето на копното, Дагебил, од една страна и со хализите и терминалот на копното, Шлитзил на друга страна, преку две фериботски рути. Во текот на летната сезона, брз патнички брод нуди услуги помеѓу пристаништата Хернум на Зилт, хализите Хоге и Лангенес и пристаништето Штрукланунгсхерн на Нордштранд. Терминалот на Амрум се наоѓа во Витдин, фериботите се управувани од претпријатието Wyker Dampfschiffs-Reederei GmbH (W.D.R.). Повеќето туристи пристигнуваат на Амрум преку Дагебил. Оттука, на фериботот му требаат 90 минути да стигне до островот, но најчесто оди преку градот Вик на Фер, со што на островот стигнува за 120 минути.

На островот, велосипедот е главното превозно средство, заедно со автомобилите; споредено со другите области на Германија, Амрум обезбедува одлична мрежа на велосипедски патеки. Постојат бројни места за изнајмување велосипеди на туристите. Автобуска линија ги поврзува Нордорф, Небел и Витдин, која сообраќа секој час, односно на секои 30 минути лете. Како фериботите, автобуската линија е управувана од истото претпријатие. Помалку вообичаен облик на превоз е пешачењето преку калливите рамнини помеѓу Амрум и Фер.

Од 1893 до 1939 година постоела железница на Амрум. Не постои аеродром на островот, бидејќи плановите за основање на таков објект наидувале на силен отпор.

Флора и фауна[уреди | уреди извор]

Растенијата и дивите животни на Амрум се наоѓаат во близина на морето, но некои се одделуваат со својата реткост и висока еколошка вредност. Поради ова биле основани два природни резервати, а самиот остров е во близина на националниот парк Ваденско Море.

Флора[уреди | уреди извор]

Вообичаен цвет

Вегетација на Амрум е одредена од морето и од различните видови на пејзажи на островот, повеќето од нив со мала хранлива вредност. На делови од дините и на Книпзанд растат морски треви, како и бројни други песочни растенија.[15] Исто така некои борови, донесени од морскиот ветер и Salix repens, ползечка врба може да се сретне на островот. До 1970-тите години, ретката морска зеленика можеше уште да се види на дините.

Источно од тука се наоѓаат голети и борови или мешани шуми. Во некои дупки во дините може да се најдат мочуришта, каде повремено се сретнуваат цвеќиња.[15] Некогаш изобилната мочуришна генцијана исчезнала во текот на 1990-тите години.

Шумите во Амрум биле главно посадени во 1948 година на голетите. Дотогаш, неколкуте пошумени делови можеле да се сретнат околу вештачките езерца. Со 180 хектари, Амрум има најголем однос на шума од сите острови во германскиот дел на Северното Море. Главно борови, четинари и брези може да се сретнат. Во меѓувреме, шумата ја загубила својата вештачка природа. Така, може да се сретнат бројни растенија насекаде и многу видови на печурки. Низината, источно од шумата, е главно користена за земјоделство.

Во малите мочуришта може да се видат шамок и свиларка.[15] Тука е најплодната почна на островот. Дури и почната во градините на Амрум е слаба со хранлива вредност, па така само неколку видови растенија може да растат без прихранување.

На солените мочуришта долж источниот брег на Амрум растат бројни видови отпорни на сол.

Фауна[уреди | уреди извор]

Сиви фоки на песочен брег близу Амрум

Како и вегетацијата, дивите животни на Амрум се одредени од местоположбата на островот во рамките на Северното Море. Така, постојат неколку видови на диви цицачи на Амрум, како зајци, глувци, ежови и лилјаци. Во XII век, зајците биле воведени како игра. Сепак, и денес го населуваат островот. Пред неколку години, бремена лисица била пуштена на Амрум. Таа и нејзиниот подмладок предизвикале голема штета на фауната на островот, но биле уловени. Во морето и на песочните брегови близу Амрум, во рамките на националниот парк, свое живеалиште имаат фоките и малите делфини. Понекогаш во декември и јануари, младите сиви фоки се појавуваат на плажите во Амрум поради бурите и тука се хранети од возрасните. Во јануари 2010 година, засолништето за фоки во Фридрихског објавило дека сè повеќе и повеќе женски сиви фоки се „преместуваат од помалку пожелните места за раѓање близу Амрум и Зилт кон Хелголанд.“[16]

Множеството на птици е особено разновидно.[17] Амрум се вбројува помеѓу најважните места за одгледување на морските птици во Германија. Претставува единствена останата област за одгледување на малата српоклуна шлука во Ваденското Море[17] и главна област за одлгедување на морските патки, но исто така и на други морски птици. Бидејќи дините на Амрум се заштитен природен резерват, тие се единствените дини долж западниот брег на Шлезвиг-Холштајн, каде морските галеби и патки се размножуваат. Во другите области со дини на брегот на Северното Море, птиците главно се исплашени од туристите.[18] Дополнително, големите јата на птиците-преселници одмораат на Амрум во текот на сезоната, кои успеваат да најдат доволно храна долж брегот на Амрум.

Гуштерите и амфибиите, како жабите и саламандерите, се други примери на земјени ’рбетници.

Во морето околу Амрум постојат бројни риби вообичаено за Северното Море, како харинзите. Извештај од 1940 година ги споменал црвите и раковите во песокот на плажата Книпзанд.[19] Од 1980-тите години, изобилноста на пристанишните мали делфини во морето близу Амрум и Зилт, ја зголемило и заштитена морска област која била создадена во 1999 година за да обезбеди засолниште за нив.[17][20]

Бројни други поморски видови се исто така застапени на островот.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 „Zahlen, Daten, Fakten“ (на германски). Фер-Амрум. 2011. http://www.amt-foehr-amrum.de/f_portr.htm. посет. 16 јануари 2013 г. 
  2. Sendlinger, Angela, уред (2008) (на германски). Neues Universallexikon in Farbe. Compact Verlag. стр. 24. ISBN 3-8174-6638-2. http://books.google.com/books?id=o2Eu9weXR2gC&pg=PA24&dq=Amrum+Fl%C3%A4che+km2&hl=en&sa=X&ei=BTX4UJWlIYnVtAbQvIDgDw&ved=0CEkQ6AEwBTgU#v=onepage&q=Amrum%20Fl%C3%A4che%20km2&f=false. 
  3. „Geografie und Klima“ (на германски). Statistisches Jahrbuch 2012 - Gesellschaft und Staat. Сојузна статистичка служба на Германија. стр. 17. https://www.destatis.de/DE/Publikationen/StatistischesJahrbuch/GesellschaftundStaat/GeoKlima.pdf?__blob=publicationFile. 
  4. 4,0 4,1 4,2 „Entwicklung der Insel Amrum“ (на германски). Влада на Шлезвиг-Холштајн. http://www.schleswig-holstein.de/KuestenSchutz/DE/01_Amrum/00_Einleitung/02_Entwicklung/ein_node.html. посет. 17 јануари 2013 г. 
  5. Krause, August (2012) [1913] (на германски). Die Insel Amrum. Dogma. стр. 7. ISBN 3-9550-7224-X. 
  6. Schwarzer, Klaus; Sterr, Horst (2010). „Germany“. Bird, Eric C.. Encyclopedia of the World's Coastal Landforms. 1. Springer. стр. 645. ISBN 1-4020-8638-5. http://books.google.com/books?id=Mfo5TPb7SDsC&pg=PA645&dq=Amrum+Fauna&hl=en&sa=X&ei=Gcz2UIKCFMnNswa6y4HICQ&ved=0CD8Q6AEwAzge#v=onepage&q=Amrum&f=false. 
  7. Rheinheimer 2007, стр. 8, 20
  8. Пот, Рихард (1995) (на германски). Farbatlas Nordseeküste und Nordseeinseln. Штутгарт: Ulmer Verlag. стр. 259 et seq.. ISBN 3-8001-3350-4. 
  9. Rheinheimer 2007, стр. 20
  10. Rheinheimer 2007, стр. 8
  11. Рајнекинг, Бетина. The Pallas Accident. „Wadden Sea Newsletter“ (Common Wadden Sea Secretariat) (1): 22–25. http://www.waddensea-secretariat.org/news/publications/Wsnl/Wsnl99-1/articles/09-reineking.pdf. 
  12. Quedens, Georg (2009) (на германски). Amrum 2008 – Jahreschronik einer Insel. Jens Quedens. стр. 28. ISBN 978-3-924422-85-1. 
  13. Tod auf Amrum“, „Heilbronner Stimme“, 25 мај 2010 (посет. 16 или 2013 г). (на германски)
  14. 'Sommer' mit Jimi Blue Ochsenknecht ist der schönste Teenie-Film des Jahres“, „B.Z.“, 21 април 2008 (посет. 16 јули 2013 г). (на германски)
  15. 15,0 15,1 15,2 Groom, "A Checklist of the Flora of Amrum"
  16. Хан, Мелани (13 јануари 2010). „Kegelrobben-Geburtenrekord auf Helgoland“ (на германски). Nordseewolf Magazin. http://www.nordseewolf.de/magazin/13-01-2010/kegelrobben-geburtenrekord-auf-helgoland/. 
  17. 17,0 17,1 17,2 Banck, Claudia (2010) (на германски). Sylt, Föhr, Amrum. DuMont Reiseverlag. стр. 53–55. ISBN 3-7701-7312-0. http://books.google.com/books?id=QmGrCXwzfSMC&pg=PA52&lpg=PA52&dq=Amrum+Fauna&source=bl&ots=Qp9iqkwoSt&sig=qcT2aGBIvU9OlZ1PVbEh5C0ivzg&hl=en&sa=X&ei=2MT2UJraHY3ntQb2u4CoBQ&ved=0CGoQ6AEwCA#v=onepage&q=Amrum%20Fauna&f=false. 
  18. Neuhaus; Beinker; Bründel; Lange (1998). „Dünen an der Schleswig-Holsteinischen Westküste“. Umweltbundesamt und Nationalparkverwaltungen Niedersächsisches Wattenmeer/Schleswig-Holsteinisches Wattenmeer (на германски). Nordfriesisches und Dithmarscher Wattenmeer. Umweltatlas Wattenmeer. 1. Штутгарт: Eugen Ulmer. стр. 92–93. ISBN 3-8001-3491-8. 
  19. Шулц, Ерих. Über eine Mikrofauna im oberen Eulitoral auf Amrum (на германски). „Kieler Meeresforschungen“ (Институт за поморска наука на Килскиот универзитет) (55): 158–164. 
  20. Wilson, Ben; Wilson, Angus (2006). The Complete Whale-Watching Handbook: A Guide to Whales, Dolphins, and Porpoises of the World. MBI Publishing Company. стр. 226. ISBN 0-7603-2567-7. http://books.google.com/books?id=ciP9yurcbDQC&pg=RA1-PT80&dq=Amrum&hl=en&sa=X&ei=L4MOUd78K8_gtQaIqICYAg&ved=0CFsQ6AEwBjha. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]