Зилт

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Зилт
Söl, Sild
13-09-29-nordfriesisches-wattenmeer-RalfR-05.jpg
Поглед на островот
Географија
МестоВаденско Море
Координати54°54′N 8°20′E / 54.900° СГШ; 8.333° ИГД / 54.900; 8.333
АрипелагСевернофризиски Острови
Поголеми островиЗилт, Фер, Амрум
Површина99 км2
Должина38 км
Ширина13 км
Највисоко издигнување52 м
Највисока котаУве-Дине
Управување
Покраина Шлезвиг-Холштајн
ОкругСеверна Фризија
Демографија
ДемонимSylters
Население21.000
Густина на население212 /km2 (549 /sq mi)
Етнички групиГерманци, Фризи, Данци
Дополнителни податоци
Официјална мрежна странаwww.sylt.de


Зилт (германски: Sylt; дански: Sild; зелриншки: Söl) — остров во северна Германија, дел од округот Северна Фризија, во сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн. Островот е препознатлив по својот облик. Припаѓа на Севернофризиските Острови и е најголем остров во Северна Фризија.

Најсеверниот остров на Германија е познат по своите приморски одморалишта, особено Вестерланд, Кампен и Венингштет-Брадеруп, како и по неговата 40-километарска песочна плажа. Често е застапен во медиумите поради неговата изложеност во однос на Северното Море и постојната загуба на земја при плимните бури. Од 1927 година, Зилт е поврзан со морето преку Хинденбурговиот насип. Во поново време претставува одморалиште за германската естрада и високата класа и туристи во потрага по славни лица.

Географија[уреди | уреди извор]

Сателитска снимка на Зилт
Карта на Зилт (имињата на местата се дадени на севернофризиски, германски и дански јазик)

Со 99,14 км², Зилт е четвртиот најголем германски остров и најголем германски остров во Северното Море. Се наоѓа од 9 до 16 километри оддалеченост од копното, со кое е поврзан преку Хинденбурговиот насип. Југоисточно од Зилт се островите Фер и Амрум, на север се наоѓа данскиот остров Реме. Островот Зилт се протега 38 километри во насока север-југ. На неговиот северен крај „Кенигсхафен“ (Königshafen) е широк само 320 метри. Негова најголема ширина, од градот Вестерланд на западот до источниот „Несешпице“ (Nössespitze) близу Морзум, изнесува 12,6 километри. На западниот и северозападниот брег, постојат 40 километри песочни плажи. На исток од Зилт е Ваденското Море, кое припаѓа на Националниот парк Ваденско Море и главно се исушува при ниските плими.

Обликот на островот постојано се менувал низ времето, процес кој сè уште трае. Северниот и јужниот крај на Зилт се целосно направени од песочни седименти, додека средишниот дел на општините Вестерланд, Венингштет-Брадеруп и Зилт-Ост се состои од низинска кора, која се појавува и во облик на црвениот гребен кај Венингштет. Низинската кора кон Ваденското Море постепено ги претворило мочуриштата во плодна почва околу Зилт-Ост. Денес, изворите покажуваат дека Зилт станал остров по Големата поплава во 1362 година.[1] Таканаречаната дина Уве (Uwe-Düne) е највисоката точка на островот со 52,5 метри.

На Зилт главно дејствува морската клима под влијание на Голфската струја. Со просечна температура од 2°C, зимните месеци се малку поладни отколку на копното, додека летните месеци со медијана од 17°C, се понекогаш поладни, и покрај подолгите сончеви часови. Просечно во денот на Зилт сонцето грее по 4,4 часа. Поради нискиот релјеф на брегот, Зилт имал вкупно 1899 сончеви часови во 2005 година, 180 часа над германскиот просек.[2] Облаците не можат да се соберат доволно брзо и главно се разнесувани од постојаните ветришта.

Просечната годишна температура е 8,5°C. Просечната брзина на ветерот изнесува 6,7 м/с, главно од западна насока. Годишните врнежи изнесуваат околу 650 мм.[3] Од 1937 година се мери температура од страна на најсеверната станица на Германската временска служба на дината близу Лист, која во меѓувреме станала автоматска.

Островот во својот денешен облик постои само околу 400 години. Како и низините на копното, бил создаден од морени од постарото ледено доба, правејќи го јадрото на островот. Оваа песочна кора започнала да еродила откога била изложена на силните струи долж стрмниот дел на островот, кога започнало да се подигнува нивото на морето пред 8000 години. При процесот, седиментите биле насобрани на северот и југот од островот. Западниот брег, кој бил првично сместен на 10 километри од денешниот брег, бил постепено преместуван кон исток, додека во исто време, островот започнал да се шири на север и југ. По леденото доба започнале да се создаваат мочуришта.

Во 1141 година, Зилт е забележан како остров, иако пред Големата поплава (Grote Mandrenke) бил одвоен од копното само со плимен поток и во текот на ниска плима, до него можело да се стигне пешки.[1] Од оваа поплава, создавањето на теснецот од седименти започнало да се создава моменталниот карактеристичен облик на Зилт. Северните и јужните рабови на Зилт биле и сè уште се под најголеми промени. На пример, Листланд бил одвоен од остатокот на островот во текот на XIV век, а од крајот на XVII век натаму, Кенигсхафен (Königshafen) започнал да се создава.[4]

Како дополнение на постојаната загуба на земја, жителите во текот на Малото ледено доба биле засегнати од песочни наноси. Дините се ширеле кон исток заканувајќи им се на населбите и обработливата земја и морале да бидат запрени со засадување на морска трева во XVIII век. Подоцна, сепак, материјалот на островот бил однесен и ширењето на островот започнало да опаѓа.

Рекордите за годишна загуба на земја постојат од 1870 година. Според нив, Зилт годишно губел 0,4 метри земја на северот и 0,7 метри земја на југот од 1870 до 1951 година. Од 1951 до 1984 година, стапката се зголемила на 0,9 метри и 1,4 метри, соодветно, додека крајбрежната линија на крајните ’ртови на островот кај Хернум и Лист се уште повеќе погодени.[5]

Страшните бури во последните декади постојано му се закануваат на Зилт да го прекршат на два, на пример Хернум бил привремено отсечен од островот во 1962 година. Дел од островот близу Рантум, каде е само 500 метри широк се наоѓа особено под закана.

Бетонска преграда кај Вестерланд
Бетонски тетраподи во Вестерланд
Геотекстил песочни перници успешно ја заштитуваат историската куќа Клифенде на Зилт од бурите, која силно е еродирана на карпите на северните и јужните страни на песочната преграда (1999).[6]

Мерките за заштита против постојаната ерозија потекнуваат од ран XIX век, кога биле изградени дрвени прегради на плажите. Овие биел изградени на прави агли во морето од брегот. Подоцна биле заменети од метал и на крајот од бетон. Изградбата не го имала посакуваниот ефект за запирање на ерозијата предизвикана од страничните струи.

Во 1960-тите години, моќта на морето се обидела да се скрши со тетраподи долж основите на преградите или со ставање во морето да служат како прегради. Бетонските тетраподи, направени во Франција и многуте тони тежина биле претешки за плажите на Зилт и биле подеднакво неспособни за спречување на ерозијата. Така, биле остранети од западната плажа на Хернум во 2005 година.[7]

Од почетокот на 1970-тите години, единствена ефективна мерка било фрлањето песок на брегот. Пловилата за копање биле користени за испумпување на мешавина на песок и вода на плажата каде биле израмнувани со булдожери. Така, олујните поплави можеле само да го отстранат вештачкиот песок, додека крајбрежната линија останувала недопрена и ерозоијата била намалена.[8] Оваа постапка повлекува значајни трошоци. Моменталниот буџет од 10 милиони евра годишно се обезбедува од сојузната влада на Германија, покраинската влада на Шлезвиг-Холштајн и фондовите на Европската Унија. Од 1972 година се проценува дека се ставени 35,5 милиони кубни метри песок. Мерките досега чинеле повеќе од 134 милиони, но според научните пресметки тие се доволни за спречување на понатамошна загуба на земја најмалку следните три декади, па така користите за економската моќ на островот и за економски неразвиената област може да ги надминат трошоците.[9] Во студијата „Климатско влијание за луѓето и брегот на пример на островот Зилт во Северното Море“ (Klimafolgen für Mensch und Küste am Beispiel der Nordseeinsel Sylt) од 1995 година се вели: „Ако Зилт не ја имаше сликата на еден привлечен остров за одмор, не би ја имал заштита на брегот во денешниот облик“ (Hätte Sylt nicht das Image einer attraktiven Ferieninsel, gäbe es den Küstenschutz in der bestehenden Form gewiss nicht).[10]

Наметнувањето на природен гребен близу Зилт се расправа како алтернативно решение. Прв ваков обид бил спроведен од 1996 до 2003 година.[11] Песочното исушување успешно користено на данските острови нема да биде возможно на Зилт, поради подводниот нагиб.[12]

Паралелно на претстојното песочно фрлање започнало промислено отстранување на преградите особено на одредени плажи каде се покажале главно без никаков ефект. Оваа мерка ја запрела и веројатно најпознатата преграда на Зилт, „Бине 16“ (Buhne 16) — имењак на локална нудистичка плажа.

Меѓутоа, голем број на експерти, стравуваат дека Зилт сè уште ќе се соочува со значителни загуби на земја до средината на XXI век. Постојаното глобално затоплување се верува дека ќе предизвика зголемена олујна активност, која може да предизвика загуба на земја и на прв удар, може да се најде укинувањето на осигурувањето на имот. Мерките покажале дека, за разлика од порано, енергијата на брановите на морето не е само во морето, туку носи уништувачки ефекти на плажите. Ова може да предизвика годишни загуби на песок од 1,1 милион м³.[4] Дините на островот претставуваат природен резерват и може да бидат поминати на обележани патеки. Таканаречените „диви патеки“ поттикнуваат ерозија и не треба да бидат следени. Таму каде што вегетацијата е откорната, не се останати корења во песокот и ќе бидат отстранети од ветерот и водата.

Ваденското Море на источната страна помеѓу Зилт и копното е природен резерват и птичји резерват од 1935 година и е дел од Националниот парк Шлезвиг-Холштајн. Изградбата на насипи во областа ќе ја намалат седиментацијата и се користат за поврат на земја.

Исто така пасењето на овците во на морските брани и голети на Зилт служи како крајбрежна мерка, бидејќи животните ја чуваат вегетацијата кратка и ја нахрануваат почвата со нивниот измет. Така тие помагаат да се создаде погуста површина на браната, која во случај на бура обезбедува помала област за дејствување на брановите.

Флора и фауна[уреди | уреди извор]

Роза ругоза, позната како „Зилтска роза“ на островот

Флората на Зилт е обликувана од првобитната состојба на островот. До средината на XIX век, Зилт бил остров на кој немало дрвја, туку само мали вештачки шуми и грмушки. И денес може да се познаат создадените шуми од луѓето „Фридрихсхајн“ и „Зидвелдхен“ во Вестерланд, дрвјата главно се во низа и во строј. Исто така, денешната раширена роза „Роза ругоза“, позната како „Зилтска роза“ на островот била увезена на Зилт. Потекнува од полуостровот Камчатка во Сибир. Оваа роза сретнала идеални услови на Зилт и се раширила толку брзо што сега е вообичаена глетка на островот. Нејзиното размножување е гледано критички од биолошка гледна точка, бидејќи се заканува да ги истреби локалните видови, особено на голетите.[13]

Празните голети на источната страна на островот обезбедуваат станиште за многу ретки видови на растенија и животни кои се приспособиле на екстремните услови како суша, топлина и ветер. Досега се забележани околу 2.500 животински и 150 видови на растенија. 45% од овие растенија се на Црвениот список на МСЗП.[13] Особено познати се 600 видови на пеперуги кои живеат во голетите, меѓу кои е и коприварка.[14]

Со неколку илјади единки во динскиот појас на Зилт, ситната евроазиска жаба, загрозена во Германија, ја има една од најголемите колонии во Германија. Нивните места за мрестење се влажните дини и плитките базени. За живеалишта ги претпочитаат песочните области со вегетација. Главната закана за овие видови на Зилт е патниот сообраќај.[15]

Многуте водени птици, кои ги имаат своите гнезда на Зилт или го користат островот за одмор при нивните преселби сочинуваат орнитолошка особеност. Постојат две познати места за гнездење на Зилт, заливот „Кенигсхафен“ со малиот остров Утхерн во северниот дел и Рантум во југоисточниот дел. Птици кои се гнездат на Зилт се езерски галеб, сабјарка, црвенонога тринга, обичен галеб, калуѓерка, гусковидна патка и цуцулеста патка. Во текот на преселбата, Зилт е место за одмор на илјадници птици, меѓу кои се патка свиркач, обичен свиркач и златно блатарче. Среден пескар, шлука бекасина, бојник и други видови се помалку познати посетители на островот.[16]

Што се однесува до копнените цицачи, нема значајна разлика од соседните области на копното во Северна Фризија. Главно се сретнуваат европски зајак, зајак дупкар и срна, кои се ловат за игра на островот. Кога островот бил поврзан со копното со насип, исто така се доселиле лисици јазовци.

Западно од Зилт е област за размножување на делфини. Дополнително, голем број на фоки може да се сретнат на песочните брегови близу Зилт.

Бројни здруженија и сојузи кои се грижат за откривањето и заштитата на загрозените животни и растенија имаат свои канцеларии на Зилт. Помеѓу нив се Институтот за поларно и морско истражување „Алфред Вегенер“, здружението „Јордзанд“ и заштитната станица „Ваденско Море“. Исто така, и Сојузната служба за животна средина поседува истражувачка станица на дините во Вестерланд.

Клима[уреди | уреди извор]

Зилт е под влијание на океанска клима, односно под удар на Голфската струја. Во просек, зимото е малку потопло отколку на копното во Северна Фризија. Меѓутоа, летото е поладно и покрај поголемиот број на сончеви периоди. Просечно годишно има 4,4 часа на ден повеќе сонце отколку во цела Германија. Исто така, врнежите се помали на копното. Ова е поради нискиот релјеф на крајбрежјето на Зилт, каде облаците не можат да се соберат и да заврне.[17]

Клима на Лист (просеци 1961–1990)
Показател Јан Фев Мар Апр Мај Јун Јул Авг Сеп Окт Ное Дек Годишно
Просечна температура (°C) 1,0 0,9 2,7 6,0 10,8 14,2 15,7 16,2 13,9 10,4 6,1 2,8 8,39
Просечно кол. врнежи (мм) 57,3 35,1 44,9 39,5 41,5 55,9 62,1 72,1 82,5 88,5 94,3 71,6 745,3
Сончеви часови (месечно) 46,7 75,3 120,1 179,3 243 246,5 230,7 228,1 147,8 98,3 55,6 42,6 1.714
Извор: Германска временска служба[18]
Клима на Лист (просеци 1990-2014)
Показател Јан Фев Мар Апр Мај Јун Јул Авг Сеп Окт Ное Дек Годишно
Просечна температура (°C) 2,3 2,2 4,3 8,2 12,1 14,8 17,7 18,0 15,0 10,8 6,5 3,3 9,6
Просечно кол. врнежи (мм) 49,9 38,4 33,5 31,1 37,8 47,6 54,3 84,8 77,6 85,1 69,3 61,8 670,8
Сончеви часови (месечно) 46,74 67,1 129,2 179,5 221,1 209,8 215,3 189,8 137,9 97,2 51,1 42,6 1.587,2
Извор: WeatherOnline.co.uk[19]

Населби[уреди | уреди извор]

Куќи со сламени покриви во Кампен
Поглед од хотелска соба во Вестерланд
Плажа во Кампен

Зилт е поделен на две административни единици: Општинската заедница Крај Зилт со седиште во Кајтум, во која се сите општини на островот, освен општината Зилт. До декември 2007 година, Зилт имал 21.190 жители, од кои 9.072 живееле во градот Вестерланд.[20] Во овие бројки не се влезени сопствениците на летните вили.

Референдум одржан во мај 2008 година предизвикал спојување на општината Зилт-Ост со градот Вестерланд на 1 јануари 2009 година.[21] Други групи се залагале за спојување на целиот остров во една општина.[22]

Населби долж западниот брег[уреди | уреди извор]

Шест општини се наоѓаат долж западниот брег на Зилт. Лист на крајниот север на островот претставува најсеверна општина во Германија, задржувајќи ја својата самостојаност поради оддалечената местоположба и долгогодишниот посед во рамките на Кралството Данска. На источниот брег, каде што се наоѓа пристаништетото, покрај туристичките бродови, испловува и ферибот кон Хавнеби до данскиот остров Реме. Венингштет-Брадеруп и Кампен влегувале во сојузот Северни села, кој денес постои само како училиштен сојуз. Додека Кампен, главно во 1950-тите и 1960-тите години бил познат за славните во Германија, Венингштет е познат како „семејно одморалиште“ повеќе од 100 години. Од 1855 година постои познатиот светилник во Кампен, кој е најстар на островот. Источно од него се наоѓа Брадерупскиот голет. Јужнот од Венингштет е градот Вестерланд.

По целосното уништување на селото Ајдум од бура на 1 ноември 1436 година, преживеаните основале ново село североисточно од нивниот стар дом: Вестерланд. Името било прв пат забележано во 1462 година. Во 1865 година била изградена приморска бања, а 50 години подоцна добил градски права. Во 1949 година бил признаен како здравствен центар. Во 2007 година имал над 9.000 жители.

Јужно од Вестерланд, островот продолжува во облик на теснец долг 15 километри. Тука се наоѓа Рантум. Ова село, како ниедно на островот, мора да се бори со отсипувањето на песокот во текот на минатите векови. Многу фарми и црква морале да бидат напуштени поради преместувањето на дините кон исток. Само засадувањето на трева ги запрело дините ставило крај на оваа закана. На исток постојат мали мочуришта, додека областа е главно со дини.

Хернум на крајниот југ на островот е најмладото село, основано по 1900 година. Но, и порано на ненаселениот крај на Зилт имало засолништа на пирати и рибари.

Зилт-Ост[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Зилт-Ост.

Зилт-Ост е поранешна општина која била создадена во 1970 година од неколку мали села на полуостровот Несе на Зилт. Населението било околу 5.500 жители. Селата во општината биле Тинум, Мункмарш, Морзум и Кајтум. Во 2009 година, Зилт-Ост се споила со Вестерланд и Рантум во општината Зилт.

Сообраќај[уреди | уреди извор]

Зилт е поврзан со германското копно преку Хинденбурговиот насип, насип со железничка пруга на него. Патничките возови го поврзуваат Вестерланд со Нибил или Кланксбил, а Зилтшатл на Германските железници овозможуваат прекачување на автомобили и камиони помеѓу Вестерланд и Нибил. Понатаму постојат и фериботи до соседниот дански остров Реме. Зилтскиот аеродром во Вестерланд го опслужува целиот остров и пошироката област.

Култура[уреди | уреди извор]

Зилт е дел од Фризиските Острови. Има свој локален дијалект, зелриншки, кој се говори на островот Зилт. Зелриншки е дијалект на островските наречја на севернофризискиот јазик, со елементи на данскиот, холандскиот и англискиот јазик. Денес, само мала група на населението сè уште говори зелриншки. Закон за промоција на јазикот (Friesisch-Gesetz) бил донесен во 2004 година. Најсеверниот дел на островот, Листланд, е традиционално настроен кон данскиот јазик.

Како и во многу области во Шлезвиг-Холштајн на Нова година, групи на деца со маски одат од куќа до куќа, кажувајќи песни. Ова е позната како „Румелпотлауфен“ (Rummelpottlaufen), а како награда, децата добиваат слатки и/или пари.

Зилт поседува и многу фризиски куќи со сламени покриви.

Историја[уреди | уреди извор]

  • Првично, Зилт бил дел од Јитланд (денес Шлезвиг-Холштајн и копното на Данска)
  • Постојат докази за човечко населување до 3000 години п.н.е. кај Денгхог
  • Првите населби на Фризите се појавиле во текот на VIII и IX век
  • Зилт бил поделен помеѓу Војводството Шлезвиг и Кралството Данска во 1386 година
  • Освен градот Лист, Зилт станал дел од Војводството Шлезвиг во 1435 година
  • Во текот на XVII и XVIII век, китоловството и рибарството го зголемиле богатството на населението
  • Кајтум станал главен град на островот, каде што се населиле богатите капетани
  • Во XIX век започнал да се развива туризмот; Вестерланд го заменил Кајтум како главен град
  • Во текот на Првата светска војна, Зилт станал воено одредиште, но немал особени воени штети
  • Во 1927 година бил изграден железнички насип до копното, Хинденбурговиот насип, именуван по Пол фон Хинденбург
  • Во текот на Втората светска војна, Зилт станал тврдина, со бетонски бункери изградени под дините на брегот, некои од нив видливи и денес. Кампот Зилт, концентрациски кампо на Олдерни бил именуван по островот.
  • Кога Нацистичка Германија ја изгубила војната, Рудолф Хес се скрил на островот, но подоцна бил уапсен и предаден на судење во Полска.[23]
  • Денес, Зилт е главно туристичко одредиште, познат по својата клима и многу германски славни личности поседуваат куќи на островот

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Kehl, H. „Entstehung der Insel Sylt im Laufe von 700 Jahren“ (германски). Institute of Ecology, Technical University Berlin. 
  2. „Tourimusstatistik 2005“ (PDF) (германски). Град Вестерланд. 
  3. „Лист на Зилт (климатска табела)“. Bernhard Mühr. 1 јуни 2007. 
  4. 4,0 4,1 Thiede, J; K. Ahrendt (2000). „Klimaänderung und Küste – Fallstudie Sylt“ (PDF) (германски). GEOMAR, Килски универзитет. 
  5. Landesamt für den Nationalpark Schleswig-Holsteinisches Wattenmeer, Umweltbundesamt, уред (1998) (на германски). Umweltatlas Wattenmeer. I – Nordfriesisches und Dithmarscher Wattenmeer. Штутгарт. стр. 38. 
  6. doi:10.1088/1468-6996/16/3/034605
    Овој навод ќе се дополни автоматски во текот на следните неколку минути. Можете да го прескокнете редот или да го проширите рачно
  7. Witte, J.-O.; Kohlhase, Sören, J. Radomski, P. Fröhle. „Fallstudie Sylt“ (PDF) (германски). Росточки универзитет. 
  8. Von Liebermann, Nicole. „Küstenschutz: Bisherige und zukünftige Maßnahmen“ (PDF) (германски). Technical University of Harburg. 
  9. Daschkeit, Achim; Horst Sterr. „Küste, Ökologie und Mensch, Integriertes Küstenmanagement als Instrument nachhaltiger Entwicklung“. Bernhard Glaeser. Edition Humanökologie. 2. Deutsche Gesellschaft für Humanökologie. http://www.sterr.geographie.uni-kiel.de/Daschkeit/downloads/Daschkeit-Sterr-2005-Sylt.pdf. 
  10. Daschkeit, Achim; Peter Schottes (2002) (на германски). Klimafolgen für Mensch und Küste am Beispiel der Nordseeinsel Sylt. Springer. ISBN 978-3-540-42569-4. 
  11. Bleck, Matthias. „Funktionale Bemessung künstlicher Riffe für aktiven und sanften Küstenschutz“ (PDF). Stiftung deutscher Küstenschutz. 
  12. Newig, J. „Sand auf Sylt“ (PDF). Килски универзитет. 
  13. 13,0 13,1 „Interessantes über die Braderuper Heide“ (германски). Naturschutzgemeinschaft Sylt. 
  14. „Morsum-Kliff“ (германски). Naturschutzgemeinschaft Sylt. 
  15. Klinge, Andreas (на германски) (PDF). Die Amphibien und Reptilien Schleswig-Holsteins, Rote Liste. 3rd version. Schleswig-Holstein State Office for Nature and Environment. http://www.umweltdaten.landsh.de/nuis/upool/gesamt/amphibien/rl_amphibien.pdf. 
  16. Lohmann, M.; K. Haarmann (на германски). Vogelparadiese. 1 – Norddeutschland. Paul Parey. ISBN 3-490-16418-0. 
  17. „Das Wetter auf Sylt: viel Sonne und eine frische Brise“ [The Weather on Sylt: A lot of Sunshine and a fresh Breeze]. Die Zeit (германски). конс. 23 октомври 2012. 
  18. „Frei zugängliche Klimadaten“ (германски). Германска временска служба. 
  19. „CLimate Robot List/Sylt“. WeatherOnline.co.uk. 
  20. „Orte, Städte, Gemeinden im Landkreis Nordfriesland“ (германски). Deutschland auf einen Blick. 
  21. Вестерланд и Зилт-Ост се спојување“, „Sylter Rundschau“, Schleswig-Holsteinischer Zeitungsverlag, 26 мај 2008. (на германски)
  22. Der Fahrplan zur Teilfusion: So geht es jetzt weiter“, „Sylter Rundschau“, Schleswig-Holsteinischer Zeitungsverlag, 27 мај 2008. (на германски)
  23. „Auschwitz: Inside the Nazi State. Auschwitz 1940–1945. Liberation & Revenge“. PBS. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Координати: 54°54′N 8°20′E / 54.900° СГШ; 8.333° ИГД / 54.900; 8.333