Прејди на содржината

Правосудство на МРО

Од Википедија — слободната енциклопедија

Правосудсвото на МРО е составен дел од структурата на Македонската револуционерна организација и e паралелна судска институција преку која се остварувала организациската власт и законодавство на еден дел од територијата на Отоманското Царство.

Создавање и развиток на револуционерното правосудство

[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX и почетокот на XX век, Македонската револуционерна организација започнала со изградување на својата организациска мрежа и револуционерна власт, а паралелно започнал и процесот на создавање на револуционерното правосудство.

Во почетокот судската улога ја играле самите револуционерни комитети и војводи, а по Рилскиот конгрес биле создадени специјални правосудни институции и органи.

Со оваа паралелна судска власт се бојкотирале и избегнувале турските судови, како во областа на кривично-правните дела така и во областа на граѓанско-правните спорови [1].

За револуционерното правосудство на Организацијата имал голем број на историски извори, тука влегуваа изворната документација на самата Организацијата како и нејзините уставо-статутарни акти, а дополнително светло фрлаат и спомените на македонските револуционери.

Првите чекори

[уреди | уреди извор]
Заседание на Револуционерниот суд при востаничкиот штаб на крушевскиот револуционерен реон

Формално-правно основите на револуционерното правосудство се наоѓаат во Првиот устав и Првиот правилник на Македонската револуционерна организација од 1894 година во кој биле регулирани прават и обврските на организациските членови, како и казните и нивните извршители. Во првиот Устав меѓу другото се истакнува:

  • член 10. За следење на делата на внатрешните и надворешните непријатели и за претпазување од нив, секој комитет има своја тајна полиција
  • член 13. Накажувањето му се определува од месниот комитет и се извршува во согласност со Централниот

додека пак во првиот правилник се регулирани детално Казните, Тајна полиција и обврските на членовите:

  • Член 19. Ниеден работник не смее да се откаже од извршување на каква било задача која му е поставена од организацијата
  • Член 26. Членовите на организацијата не смееле да го напаѓаат управното тело, и воопшто делото, таквите се сметале за пакосници
  • Член 34. Тајната полиција се состои од две одделенија, истражно и казанено. На чело на двете одделенија стоеле по еден раководител кои биле поставувани од раководителот на комитетот. Раководителот на истражното одделение поставувал 3 помошници кои не се познавале меѓу себе
  • Член 35. Задача на истражната полиција е да го следи поведението на своите ечленови но и на христијанското и муслиманско население и да ја прати активноста на јавната и тајната османска полиција и да го известува својот комитет
  • Член 37. Задача на казнената полиција е да ги спроведува казните кон сите кој му наштетиле на делото
  • Член 43. Се однесува на смртните казни, За да се изврши смртна казна требало дозвла од ЦК
  • Член 44. Смртната казна можела да биде извршена и од специјално пратеништво на ЦК

Првите-уставо статутарни акти првенствено биле насочени кон реулирање на внатрешните и надворешните потреби на Организацијата но со појавата на првите чети Македонска револуционерна организација таа добила значење:

на вистинска народна власт, авторитетна, справедлива до жестокост и способна да ги налага решенијата [2]

Првите судови

[уреди | уреди извор]
Македонска револуционерна
организација (МРО)
Печат на Македонскиот комитет

Со појавата на четите Организацијата започнала вистински да ја контролира територијата и тогаш се направени првите напори за создавање на граѓанските судови кој својата конечна физијономија ќе ја добијат со Правилникот на ВМОРО. Кон крајот на 1899 година бил одржан собир на четите од Струмичкиот револуционерен округ во селото Моноспитово, Гоце Делчев во својсво на главен четнички инспектор меѓу другото од селаните побарал:

да не одат по турските судови, туку да формираат сопствени селски судови [3]

Интересно сведоштво за селските судови дава Славејко Арсов во своите спомени каде истакнува:

Во Кономалди, Костурско, Делчев беше дал слобаода на сите селани да се жалат пред него за што има за сите неволји, дури и против четата [4]. И се јавија сите селани, имеше дела за развод, за кражба, за расправии меѓу жени, бидејќи се убедија дека им се разгледуваат делата. Тоа траеше четири дена. Делчев седеше со реонските раководители како претседател. Реонските раководители распрашуваа, тој слушаше, се советеуваше со раководителите и даваша заклучоци, се соопштуваше на селаните и веднаш се извршуваа помирувања итн... По шест дена се одржа општо собрание од целото село, во црквата... им се покажа еден нов ред: им се забрануваше да се судат пред турски судови, се забрануваа кражби, блуд, пијанство, крамоли, се наложуваше послушност спрема селското управно тело... Се усно, не беше напишано во уставот. Се наредуваше да се чува во тајна, што станало во селото и да не се зборува во друго село, ниту да се распрашува. Сето тоа: чета, општо собрание, суд, за мене беше ново... Пред една година Марко ги обиколувал неколкуте села од Леринско. И во тоа време духот на населението бил ослабнат, се јавила непокорност спрема легалните раководители и злоупотреби, се јавиле и шпионите. Од Лерин ни пишаа и ни ги посочија лицата, а ние се помачивме и фативме два - тројца (од с. Борешница), меѓу кој и еден учител по име Петар... Ги одведовме на Ниџе Планина кај попадиските трла. Таму ги пресудивме и се увиде дека обвинетиот како шпион е невин, а другите се покажаа како непокорни злупотребувачи и убијци. Тие се признаа, пресудата им се прочита пред 20-тина селани од с. Попадија и беа казнети на една месност - Маркови кули... Во Ресенско обично свдадбите се правеа во есента. Често се случува свршената мома да ја остави свршеникот и таа останува до идната година немажена. Со тоа се нанасеуваше удар на момата и семејствот. Еден случај даде повод Организацијата да се вмеша и во тие работи и тоа заради онеправдената страна. Дојде една мома од Дупени, ја оставило момчето, и веднаш за друга се свршило. Момата не можеше да оди во уќуматот бидејќи немало да ја пуштат селските првенци, а да оди при архиреискиот намесник, треба да троши пари. И таа нашла за згодно да се обрне до четата: ги донесе даровите од момчето (прстен, една меџидија пари и една крпа) пред мене и рече дека таа дошла да ја бара својата чест, молејќи ја четата да се застапи за неа, бидејќи се уверила дека нашиот уќумат (четата) поарно средува. Се повика момчето и татко му, се разгледа делото во присуство на управното тело и најпосле се осуди момчето да внесе 4 турски лири на момата за нејзината чест и по половина лира во двете каси, во Дупени и во Езерани (од тоа село беше момата)... Таа вест се разнесе по целиот реон, и сите такви онеправдани се радуваа и сите се обрнаа кон четата. Имаше и накажување со тепање, ако некој не сака да го исполни решението... [5]

Дополнителна светлина врз револуционерното судство дава и организациската документација како што е пресудата на Костурскиот револуционерен комитет во која е забележано:

од 1903 година, Изведувачите на истрагата, членовите на Костурскиот револуционерен комитет - В. Чакаларов, П. Кљашев и Н.С, во присусутво на членовите на Комисијата од с. Косинец - Трајко Марковски и Поп Наум ја донеле против неколку селани кои предизвикале општа тепачка во с. Косинец, Костурско, следнава ПРЕСУДА: Според досегашната истрага, земајќи го предвид и досегашното поведение на Ламбро Минојловски, Дичо Мијаовски и Лазо Панчев како луѓе кои гледале да прават скандали и разединување во селото Косинец се осудуваат со следниве казни: Првиот се казнува со силен ќотек што потоа комисијата и по ветувење дека ќе се поправи ја заменува со една лира глоба, но под услов: и при еден најмал признак на првото поведение, да си остане првото решение на сила. Вториот се казнува со привремено одење со чета, третиот со глоба 30 (триесет) гроша. На Ване Канчето се прави приговор, само заради тоа што првиот пат погрешил и се признал за виновен. Митровица, Липовица и Василица се казнија со ќотек кој се удри по пресудата. На Трендовица и Велик се направи приговор [6]

Ваквите случувања и пресуди биле дел од секојдневниот живот во Македонија и Одринско но со текот на времето се покажало дека постојните нормативни акти не се доволно прецизни и се претесни за работата на понатамошното револуционерно судство.

Затоа правосудството на Организацијата било дополнето и својата конечна физиономија ја добива со правилникот на ВМОРО.

Правосудството според Правилникот на ВМОРО

[уреди | уреди извор]

Судскиот систем на Организацијата својата конечна физиономија ја добива со Правилникот на ВМОРО донесен на Рилскиот конгрес во 1905 година. Овој Правилник се состоел од 216 члена подделени во XVI глави, а правосудсвото било регулирано со XIV, XIV и XVI глава.

Оваа глава ги регулирала:

A) Судоустројсвото
Б) Мировно судство (судска постапка)
В) Казни
Член 189. Членовите-работници и десетниците се судат и накажуваат од месните комитети (селски, градски и реонски), должностите на последните од околиските комитети, должностите на околиските комитети-од окружните, членовите на последните од Централниот комитет.
Член 191. За дела од обикновен карактер, недоволните од решенијата на првата инстанца, можат да се жалат до наредниот повисок комитет.
Член 192. Сите членови на Внатрешната Македонско-одринска револуционерна организација, независно од нивната должност и положба се еднакви пред организациските закони.
Член 195. Казните секој пат имаат поправителна дејност (цел). Виновниците се накажуваат сообразно со карактерот и големината на вината и престапката.
Член 206. Понижувањето и унакажувањето на труповите на убиените и смислено мачење при исполнување на смртните пресуди строго се забранува. Нарушителите на тоа се судат и накажуваат.

Во оваа глава се регулирани Граѓанските судови.

Член 207. За дела од неорганизациски карактер (било да се граѓански или воени) се избираат специјално за тоа судски тела.
Член 208. Судски тела се: селски, градски и околиски. Тие се избираат по истиот начин и едновремено со соодветни комитети. Составот им е од 3-5 членови со едногодишен мандат.
Член 209. Недоволните од решенијата на првата инстанца имаат право да се жалат пред околиски суд, како втора и последана инстанца.
Член 210. Во случај на родбински врски со некој од судиите или сомнение за пристрасност, по желаба на која и да е од заинтересиранитре страни се допушта изземање на судски лица, кои се заменуваат само за тоа дело со некои други.
Член 211. Како раководни начела и суд служат: месното обичајно право, чиста совест, справедливост и спогодба.
Член 212. Судиите фатени во пристрасност и несправедливост строго се накажуваат.
Член 213. Исполнување на пресудте се дава на соодветни комитетски орган.
Член 214. Судењето е бесплатно.

Во оваа глава е Општиот одеел.

Член 216. За зачувување на единството на Организацијата, се употребува само постојниот правилник [7].

Од последните глави од правилникот на ВМОРО се гледа дека Организацијата се стремела да ги регулира, не само сопствените организациски дела, туку и граѓанско-правниоте спорови на населението со што започнала да наликува на една паралелна држава или како што ја нарекувале Подземна република со свој сопствен судски систем.

  1. д-р Владимир Картов, Практикум по историја на државите и правата на народите во Југославија, Скопје, 1894
  2. Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том I Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1933. (бугарски)
  3. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
  4. (Како во оргиналот б.н) Тоа беше во текот на летото 1902 година.
  5. Въ станичкото движение в югозападна Македония, по спомени на Славейко Арсов, София, 1925
  6. Зборник на документи за создавање на македонската државност (1893-1944), избор и редакцја проф. д-р Александар Христов, Скопје, 1970
  7. Правилник на ВМОРО

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]