ФК Саутхемптон
Саутхемптон | ||||
---|---|---|---|---|
Целосно име | Фудбалски Клуб Саутхемптон | |||
Држава | Англија | |||
Прекар | Светци | |||
Основан | 21 ноември 1885 како St. Mary's YMA | |||
Локација | Саутхемптон, Англија | |||
Стадион | Сент Мерис | |||
Капацитет | 32,384[1] | |||
Сопственик | Sport Republic[2] | |||
Менаџер | Расел Мартин | |||
Лига | Чемпионшип | |||
2022–23 | Премиер лига, 20. место (испаѓање) | |||
Мреж. место | Официјално мрежно место | |||
| ||||
Тековна сезона |
ФК Саутхемптон — англиски фудбалски клуб, од градот Саутхемптон, грофовијата Хемпшир, кој моментално се натпреварува во Чемпионшип, второто ниво на англискиот фудбал.
Клубот е основан во 1885 година, како црковен фудбалски клуб под името Сент Мерис, па оттаму го добиле и прекарот "светци" по кој се познати и денес. Во 1894 година, клубот се приклучил на Јужната лига под името Саутхемптон Сент Мерис, а по освојувањето на истата три години подоцна името на клубот било скратено на само Саутхемптон.
Саутхемптон го има освоено ФА купот еднаш во сезоната 1975-1976, а нивниот највисок лигашки завршеток на една сезона било второто место во Првата дивизија во сезоната 1983–1984.[3] На 15 мај 2005 година, клубот испаднал од Премиер лигата завршувајќи ја низата од 27 сезони натпреварување во највисоката фудбалска лига во Англија.[4] Сепак, во 2012 година по седум години пауза клубот повторно се вратил и таму се натпреварувал до сезоната 2022-2023, кога повторно испаднал во Чемпионшип, каде игра и денес.
Од 2001 година, својте домашни натпревари Саутхемптон ги игра на стадионот Сент Мерис, кој има капацитет од 32.384 седечки места. Претходно, речиси од почетокот на своето постоење, клубот играл на стадионот Дел, којшто во 2001 година бил целосно срушен. Најголемо ривалство Саутхемптон има со екипата на Портсмут поради близината на градовите. Натпреварите помеѓу овие два клуба се нарекуваат Дерби на Јужниот брег. Најчесто настапуваат во пругасти црвено-бели дресови и во црни шорцеви.
Историја
[уреди | уреди извор]Основање и натпреварување во Јужната лига (1885-1920)
[уреди | уреди извор]Саутхемптон бил основан во Црквата „Сент Мерис“, на 21 ноември 1885 година, од членовите на цркавата во англиската машка младинска асицијација.
ФК Сент Мерис, како што вообичаено биле нарекувани во локалниот печат, ги играле повеќето од своите први натпревари на Саутхемптон Комон каде натпреварите честопати биле прекинувани од пешаци кои го користеле своето право на шетање. Поважните натпревари, како што биле куп натпреварите, се играле на Каунти крикет граунд во Нортлендс Роуд или на Антелоп граунд во Сент Мерис Роуд.
Првично познат како ФК Сент Мерис, клубот го променил своето име во Саутхемптон Сент Мерис кога официјално се приклучил на Јужната лига во 1894 година.
За почетокот на нивната лигашка историја, „Светците“ обезбедиле неколку нови играчи со професионални договори, меѓу кои биле Чарлс Бејкер, Алф Литлхејлс и Лачи Томсон од Стоук и Фред Холандс од Милвол.[5] По освојувањето на титулата во Јужната лига во сезоната 1896–1897, клубот станал друштво со ограничена одговорност и бил преименуван во ФК Саутхемптон.
Во следните години, Саутхемптон доминирал во Јужната лига освојувајќи ја три години по ред во период помеѓу 1897 и 1899 година и повторно во 1901, 1903 и 1904 година. Во тоа време (1898 година), тие се преселиле на новоизградениот стадион од 10.000 фунти наречен Дел, кој се наоѓал северозападно од центарот на градот. Иако тие ги минале следните 103 години таму, иднината била далеку од сигурна во тие рани денови и клубот морал прво да ги изнајми просториите пред да може да си дозволи да го купи стадионот на почетокот на 20 век. Клубот стигнал до првото од нивните четири финалиња во ФА Купот во 1900 година, каде биле поразени со 4-0 од Бери. Две години подоцна, клубот ја преживеал истата судбина откако повторно загубиле во финалето во 1902 година, овојпат од Шефилд Јунајтед со 2-1 по преигрување. Стигнувањето до тие финалиња му донеле на Саутхемптон популарност, дури и на меѓународно ниво: во 1909 година, претставник на Атлетик Билбао кој играл за придружниот тим Атлетико Мадрид купил 50 дресови на светците за време на патувањето во Англија, кои после биле поделени помеѓу двата тима. Така, токму Саутхемптон станал причината поради која боите на овие два славни шпански клуба станале црвено-бели, какви што се и денес.[6][7][8]
Приклучување во Фудбалската лига (1920-1940)
[уреди | уреди извор]По Првата светска војна, кога тимот повеќепати се распаѓал поради повиците на играчите од војската, Саутхемптон се придружил во новоформираната Трета дивизија на фудбалската лига во 1920 година, која една година подоцна пак била поделена на два дела, Јужна и Северна лига. Сезоната 1921-1922 завршила со триумф со светците во Јужната лига, кој им донел промоција и го означил почетокот на 31-годишниот престој во Втората дивизија.
Сезоната 1922-1923 била уникатна „Еднаква сезона“ - 14 победи, 14 нерешени, 14 порази за 42 бода, или по просек еден бод по натпревар. Головите за и против исто така биле изедначени, a тимот ја завршил сезоната во средината на табелата.
Во 1925 и 1927, Саутхемптон стигал до полуфиналето во ФА Купот, каде регистрирале нови два порази со 2-0 од Шефилд Јунајтед и 2-1 од Арсенал.
Накратко, за време на Втората светска војна, Саутхемптон бил принуден своите домашни натпревари да ги игра на Фратон Парк, теренот на нивниот локален ривал Портсмут, откако бомба паднала на стадионот Дел во ноември 1940 година, оставајќи 5 метарска дупка која предизвикала поплава.[9]
Поствоени години (1940-1966)
[уреди | уреди извор]Промоцијата била промашена во сезоната 1947–48 кога тимот завршил на третата позиција, истото се повторило и следната сезона (иако имале осум бода предност со уште осум неодиграни натпревари) додека во сезоната 1949–50 им била одбиена промоцијата за гол разлика од 0,06 голови, препуштајќи им го второто место на Шефилд Јунајтед. Во сезоните 1948–49 и 1949–50, Чарли Вејман постигнал вкупно 56 голови. Подоцна релегацијата во сезоната 1952-53 ги вратила Светците во третата лига (Југ).
Тимот играл во третата лига сè до 1960 година кога Дерек Ривс постигнал 39 од 106-те шампионски голови. На 27 април 1963 година пред 68 илјадна публика на стадионот Вила Парк Саутхемптон изгубил со резултат 1-0 од Манчестер Јунајтед во полуфиналето од ФА Купот.
Промоција во Првата дивизија и победата во купот (1966-1977)
[уреди | уреди извор]Фудбалскиот сон за Дивизијата 1 бил за првпат исполнет во 1966 кога на чело со Тим Бејтс тимот завршил како второпласиран. Најмногу постигнати голови во таа сезона имал Мартин Чиверс. Тој постигнал 30 од вкупно 85-те клупски лигашки голови. Оваа промоција за Саутхемптон претставува голем и важен дел од клупската историја.
Следната сезона по неговото пристигање, Рон Дејвис постигнал 43 голови во неговата прва сезона како нов играч. Клубот таа сезона постигнал 74, а примил 92 голови. Саутхемптон се натпреварувал во елитата осум години, со највисок пласман од седмо место (во сезоната 1968-69 и повторно во 1970-71).
Во декември 1973 година, по долго поминато време во клубот Тед Бејтс бил заменет со Лаури Мекменеми. Кој не успеал да го спречи Саутхемптон да биде жртва на новиот систем во кој 3 екипи отпаѓаат од лигата во 1974 (заедно со Манчестер Јунајтед и Норич Сити).
Под тренерската капа на Лаури Мекменеми, Саутхемптон се обновил во втората дивизија, потпишувајќи ги Питер Озгуд, Џим Мекелиог, Џим Стил и Питер Родригес (капитен). Според многумина најдобриот момент во историјата на клубот (се до денес) се случил во 1976 година, кога во финалето на ФА Купот одиграно на стариот стадион Вембли, Саутхемптон го победил Манчестер Јунајтед со резултат 1:0. Единствениот гол на натпреварот го постигнал Боби Стоукс. Саутхемптон со освојувањето на ФА Купот во 1976 година ја прекинале серијата од порази во финалињата на ФА Купот (1900 и 1902 година).
Следната сезона, тимот се натпреварувал повторно во Европа во Купот на Победници, каде што стигнале до третата фаза каде што изгубиле од Андерлехт со резултат 2:3.
Враќање во Првата дивизија (1977-1992)
[уреди | уреди извор]Во сезоната 1977–78, под капитенската трака на Алан Бал, Саутхемптон завршиле на второто место во Втората дивизија (зад Болтон Вондерерс) и повторно се вратиле во елитата. Следната сезона повторно играле на Вембли во Купот на Лигата каде што по иако добро одиграниот натпревар тие изгубиле од Нотингем Форест со резултат 3-2.
Во 1980, Мекменеми направил мошне добар потег, доведувајќи го „Европскиот фудбалер на годината“, Кевин Киган. Иако кариерата на Киган во Саутхемптон траела само две години, во тој период Саутхемптон имал доста силен тим сочинувајќи го Алан Бел, којшто бил добар стрелец, Тед Мекдагал, (кој сè уште го држи рекордот за најмногу постигнати голови во еден натпревар во ФА Купот, 9 за Борнмут против Маргејт, натпревар кој завршил со резултат 11-0 и победа на Борнмут). Напаѓачкиот колега на Мекдагал во Борнмут и Норвич, Фил Боер, Мик Шенон и Чарли Џорџ во сезоната 1980–81 заедно постигнале 76 голови, искачувајќи го тимот на дотогаш највисокото шесто место на табелата. Следната сезона, Кевин Киган помогнал во тоа клубот да заврши на врвот на Првата дивизија барем на некое време. Саутхемптон бил на врвот на лигата повеќе од 2 месеци, заземајќи го првото место на 30 јануари 1982 и останувајќи таму сè до 3 април 1982 година. Но на разочарувачкиот крај на сезоната, во кој Киган имал повреда на грбот, Саутхемптон победил на само 2 натпревари од последните 9, со тоа завршувајќи на седмото место. Киган постигнал 26 од вкупните 72 гола на Саутхемптон таа сезона.
Прогресот на Саутхемптон бил во нагорна линија под раководството на Мекменеми, а тимот сочинуван од Питер Шилтон, Ник Холмс, Дејвид Армстронг, најдобриот стрелец Стив Моран и Дани Валас го достигнал највисокиот пласман во историјата на клубот, второ место, во сезоната 1983–84[3] (само 3 бода зад шампионот Ливерпул), како и достигнувајќи го полуфиналето во ФА Купот каде што биле поразени од страна на Евертон со резултат 1-0 на стадионот Хајбури.
Лаури Мекменеми го напуштил клубот на крајот од сезоната 1984-85 и бил заменет од страна на Крис Никол, кој бил отпуштен по шест години неуспевајќи да го задржи клубот со елитен статус. Никол бил заменет од Ијан Бренфут, кој сè до крајот на сезоната 1990-91 бил асистент менаџер на Стив Копел во Кристал Палас. Во овој период најважен играч во почетните единаесет на Саутхемптон бил родениот во Герзни, Матју Ле Тисије, којшто играл на позицијата офанзивен играч од средниот ред/напаѓач, и бил еден од најомилените играчи во поновата историја на светците. Ле Тисије бил избран за Најдобар млад играч на годината во 1990. Настапувал и за англиската репрезентацијата во осум натпревари. Се пензионирал во 2002 на 33 годишна возраст.
Саутхемптон во Премиер лигата (1992-2005)
[уреди | уреди извор]Саутхемптон биле основачки членови на англиската Премиер лигата во сезоната 1992-93, каде што пред основањето на оваа лига се натпреварувале во елитата уште од 1978 година.
Ијан Бренфут бил отпуштен во јануари 1994 поради слабите резултати на Саутхемптон и можноста за испаѓање. Бил заменет со тренерот на Екситер Сити, Алан Бол. Бол успеал да го задржи тимот во Премиер лигата во сезоната 1994-95 завршувајќи на солидното 10-то место, каде што најдобар учинок имал Матју Ли Тисје. Но во време кога се почести биле гласините дека Бол немал доволно поддршка од одборот на директори на клубот, Манчестер Сити ја искористил ситуацијата и потпишал договор со Бол. Како нов тренер на Саутхемптон бил назначен Дејвид Мерингтон во сезоната 1995-96. Саутхемптон завршил на 17-то место со 38 освоени бодови, избегнувајќи испаѓање во втората лига поради подобрата гол-разлика. Двете издвоени победи за време на последните недели од сезоната во Премиер лигата играле голема улога во тоа што Саутхемптон, а не Манчестер Сити го зачувале премиерлигашкиот статус. Првата важна победа била издвоена со резултат 3-1 над Манчестер Јунајтед, за потоа да го победат тимот на Болтон Вондерерс со резултат 1-0 на гости. Мерингтон бил отпуштен неколку дена по завршувањето на сезоната и бил заменет со поранешниот тренер на Ливерпул и Ренџерс, Греам Сунес.
По пристигнувањето, Сунес којшто своевремено освоил три премиерлигашки титули во Шкотска и ФА Купот со Ливерпул, во Саутхемптон покажал малку подобри резултати. Сунес донел квалитетни странски играчи како Егил Есенстад и Ејал Берковиќ. Најдобриот постигнат резултат во сезоната за Саутхемптон била победата над Манчестер Јунајтед со резултат 6-3 на Дел во октомври, кога двајцата нови играчи постигнале по два гола. Сепак, потоа Сунес се нашол под голем притисок поради скандалот и критиките од јавноста поврзани со потпишувањето на играчот Али Диа. Потоа, тој ја напуштил функцијата, по само една сезона помината во клубот поради споровите со трансфер средствата, но и поради слабиот учинок завршувајќи само на 16-тото место во Премиер лигата. Тогаш, одборот на директори на клубот се осврнале кон Дејв Џонс како ново име за менаџерското место - еден од најпочитуваните тренери надвор од Премиер лигата - којшто обезбедил промоција со Стокпорт Каунти од Втората во Првата дивизија и го одвел клубот до полуфиналето на Лига купот.
По доаѓањето на Дејв Џоунс дотогаш тренер кој немал никакво искуство во Премиер лигата, многумина сметале дека Саутхемптон е еден од главните кандидати за испаѓање во сезоната 1997-1998. Сепак, благодарение на трансферот на младиот напаѓач Кевин Дејвис и добрите игри на неколку други играчи, Саутхемптон го достигнал единаесеттото место, притоа успевајќи да ја продолжи низата на победи на домашен терен против Манчестер Јунајтед (еден од најсилните клубови во лигата во тој период) трета година по ред. Формата на клубот значително опаднала во сезоната 1998-1999, кога се наоѓале на дното на табелата во поголемиот дел од првата половина од сезоната, но тие повторно успеале да избегнат испаѓање овојпат најмногу благодарение на добрата игра на новото засилување латвиецот Маријанс Пахарс и стариот херој Ле Тисје. Во 1999 година на Саутхемптон му била дадена дозвола за изградба на нов стадион во областа Сент Мерис, откако претходно тие играле на Дел уште од 1898 година. Овој чин бил примен со воодушевување како од играчите така и од навивачите. Новиот стадион требало да има 32,000 седечки места, наместо само 16,000 колку што имал Дел.
За време на сезоната 1999-2000, Дејв Џонс морал да даде отказ како тренер на Саутхемптон поради судски случај каде што бил обвинет за злоставување во домот за деца каде што тој работел за време на 1980-те. Обвиненијата се докажале како невистинити, но тогаш било доцна за да се спаси кариерата на Џонс како тренер на Саутхемптон. Подоцна за нов тренер на Саутхемптон бил назначен поранешниот англиски репрезентативец Глен Ходл.
Ходл го одржувал Саутхемптон далеку од испаѓање, но по понудата од Тотенхем Хотспар тој во сезоната 2000-2001 ја завршил својата кариера како тренер на Саутхемптон. Бил заменет од страна на вториот тренер на тимот Стјуарт Греј. На крајот на сезоната 2000-2001, во последниот натпревар одигран на стариот Дел стадион, Матју Ле Тисје го постигнал последниот гол на овој стадион доцна во натпреварот, во кој светците го победиле Арсенал со 3-2. Последната победа над Арсенал на тој стадион претставува важен дел од клупската историја. Греј бил отпуштен поради слабиот старт на следната сезона и бил заменет со поранешниот тренер на Ковентри Сити, Гордон Страхан.
Страхан направил доста за да го ревитализира Саутхемптон во сезоната 2001-2002, завршувајќи на безбедното единаесетто место на табелата. Следната сезона Саутхемптон постигнал уште поголем успех завршувајќи ја сезоната на осмото место, и достигнувајќи до финалето на ФА Купот каде што играле со Арсенал. Сепак, во финалето одиграно на стадионот Милениум во Кардиф Саутхемптон бил поразен со минимални 1-0. Одржувањето на оваа форма продолжило и во следната сезона во која што завршиле на дванаесеттото место и забележале уште една победа над Манчестер Јунајтед на свое тло, само што сега за првпат на Сент Мерис.
Страхан си поднел оставка во март 2004 година и во рок од осум месеци, двајца менаџери - Пол Старок и Стив Вигли - дошле и заминале. Претседателот на клубот Руперт Лоу уште толку ја влошил ситуацијата кога ја разбранил јавноста назначувајќи го Хари Реднап како тренер на клубот на 8 декември 2004.[10] Оваа вест ја шокирала фудбалската јавност, поради тоа што Реднап дал отказ како тренер на лутиот соперник на Саутхемптон, Портсмут неколку дена пред да потпише за Саутхемптон. Реднап донел неколку нови играчи меѓу кои и неговиот син Џејми во обид да избегне испаѓање од лигата. Сепак, обидите на Реднап биле залудни кога Вест Бромвич Албион во последното коло успеал да го претекне Саутхемптон и со тоа да избегне испаѓање, оставајќи ги светците на едно од трите места кој воделе во понизок ранг на натпреварување. По 27 години одиграни во елитата на англискиот фудбал и буџет којшто бил многу понизок во споредба со останатите клубови, Саутхемптон ја напуштил Премиер лигата и се преселил во Чемпионшип.[4]
Лоу како претседател на Саутхемптон продолжил да се појавува во јавноста со чудните одлуки откако сега го назначил англискиот рагби тренер и победник на Светскиот куп во рагби Сер Клајв Вудвард како технички директор на клубот.[11]
Надвор од елита (2005-2012)
[уреди | уреди извор]Саутхемптон имал слаб почеток на сезоната во Чемпионшип, со издигањето на талентираниот млад играч Тио Волкот како ретка причина која што давала оптимизам. Уште многу шокови и тешки моменти тек следеле за навивачите на клубот. Најпрво на 7 декември 2005, тренерот Хари Реднап го напуштил клубот и се вратил во Портсмут, најголемиот соперник на светците. После три натпревари под водство на вршителот на должноста Дејв Басет, Џорџ Барли бил претставен за нов менаџер на Саутхемптон на 22 декември 2005. Контроверзите на Саутхемптон надвор од теренот влијаеле значително врз нивните перформанси на теренот во текот на сезоната 2005-2006 и во еден момент тие биле во вистинска опасност од второ последователно испаѓање. Сепак, нивната форма се подобрила во текот на последните кола од сезоната и со силниот финиш тие завршиле на безбедната 12-та позиција.
Во јуни 2006 година, дошло до промена во управниот одбор на клубот кога Руперт Лоу поднел оставка на функцијата претседател и бил заменет од страна на стопанственикот од Џерзи, Мајкл Вајлд, кој станал најголем акционер на клубот. Веднаш потоа бил поставен клупски рекорд откако биле потрошени 6 милиони фунти за трансфери, а полските напаѓачи Гжегож Расјак и Марек Сагановски настапувале одлично, но сезоната исто така ја одбележало и вклучувањето во првиот тим на 17-годишниот лев бек Гарет Бејл (подоцнежен шампион на Европа со Реал Мадрид). Саутхемптон завршил на шестото место, но загубил во полуфиналето на плејофот за промоција во Премиер лигата од Дарби Каунти на пенали. По овој неуспех управниот одбор барал нова инвестиција во клубот, а во февруари 2007 година, Вајлд се повлекол од функцијата претседател за да биде заменет со локалниот бизнисмен Леон Крауч како „в.д. претседател“, улога што Крауч ја задржал до 21 јули 2007 година. Во сезоната 2007–2008, Џорџ Барли открил дека играчите како Бејл и Кенвајн Џонс морале да бидат продадени за да се спречи клубот да оди во администрација и дека неуспехот да се постигне промоција го ставил клубот во сериозни финансиски тешкотии. Барли го напуштил клубот во јануари 2008 година за да ја преземе функцијата селектор на Шкотска и бил заменет со Најџел Пирсон кој го спасил клубот од испаѓање во последното коло.
Во јули 2008 година, сите членови на одборот освен еден поднеле оставка, дозволувајќи им на Лоу и Вајлд да се вратат: Вајлд како претседател на ФК Саутхемптон, а Лоу како претседател на Саутхемптон Лејсур Холдингс. Иако Пирсон го спасил тимот во претходната сезона, одборот не го продолжил неговиот договор поради финансиски ограничувања, а релативно непознатиот холанѓанец Јан Портвлит бил назначен за нов менаџер. Финансиските проблеми продолжиле да се зголемуваат, што резултирало со продадени или позајмени повеќе играчи, а делови од Сент Мерис биле затворени за да се намалат трошоците. Во јануари 2009 година, Портвлит поднел оставка, кога клубот се наоѓал на претпоследното место во Чемпионшип, по што неговиот сонародник Марк Воте ги презел менаџерските должности.[12][13][14]
Во април 2009 година, матичната компанија на Саутхемптон била ставена во администрација. На клубот му била изречена казна со одземање на 10 бодови, но бидејќи тој веќе бил пред испаѓање поради завршувањето на второто место одзади на табелата во Чемпионшип ова одземање на бодови морало да се применува за сезоната 2009-2010. До крајот на мај, клубот не можел да ги подмири платите на персоналот и побарал од вработените да работат неплатено како гест на добра волја. Администраторот предупредил дека клубот се соочува со неизбежен банкрот доколку не се најде купувач[15] Во јуни, администраторот Марк Фрај ги потврдил преговорите со две групи инвеститори, проследено со потврда дека клубот бил продаден на купувач од странство „во сопственост и контролиран од Маркус Либхер“.[16] Либхер го довел италијанскиот бизнисмен Никола Кортезе за да се грижи за деловните интереси на клубот во негово име. Во јули 2009 година, кога клубот бил под контрола на новиот сопственик, менаџерот Воте бил отпуштен и бил заменет со многу попознатото тренерско име во англискиот фудбал, Алан Пардју.[17] Веднаш потоа, светците го обезбедиле и своето прво големо засилување под водство на Либхер, напаѓачот Рики Ламберт, кој на 10 август бил купен од Бристол Роверс и ќе има основна улога во ренесансата на клубот во следните години.[18]
Саутемптон ја започнал сезоната 2009–2010 во Лига Еден, третото ниво на англискиот фудбал за прв пат по 50 години, и со −10 бодови. Во март 2010 година, Саутхемптон го освоил својот прв трофеј од 1976 година, кога го победиле Карлајл Јунајтед со 4–1 на Вембли за да го освојат Трофејот на фудбалската лига на Англија.[19] Саутхемптон ја завршил сезоната на седмото место, со седум бода помалку од последната позиција која водела во плејофот. Сепак и покрај разочарувањето од неуспехот да се постигне промоција, сезоната била важна за клубот и ќе претставува темел за она што ќе се случува во индина.
На 10 јуни 2010 година, клубот го претставил новиот домашен дрес по повод прославата на 125-годишнината на клубот. Дизајнот содржел мотиви од оригиналната опрема на ФК Сен Мерис користена во 1885 година; на дресот било поставено новото лого исто така специјално дизајнирано за одбележување на јубилееот и истиот бил без името на спонзорот.[20] И додека клубот влечел битни потези на трансфер пазарот составувајќи силен тим кој требало да стигне најмалку едно ниво погоре, на 11 август, клубот го погодила веста дека Либхер починал; сепак, за среќа иднината на клубот била обезбедена и испланирана пред неговата смрт.[21][22]
Последното парче во сложувалката за успех било додадено истиот тој август, кога Пардју бил отпуштен и заменет со дотогашниот менаџер на Сканторп Јунајтед, Најџел Адкинс. Под водството на амбициозниот Адкинс, кој претходно веќе освојувал промоција од Лига Еден во Чемпионшип, Саутхемптон брзо стекнува победнички менталитет и започнува да реди победи. Сепак, тој на располагање имал многу квалитетен тим во кој играле играчи кој покасно ги прославиле своите имиња како Рики Ламберт (најдобриот стрелец на тимот за сезоната со 21 гол) и Адам Лалана, двајцата последователно англиски репрезентативци и играчи на Ливерпул, младиот Алекс Окслејд-Чемберлејн, кој подоцна играл за два гиганти како Арсенал и Ливерпул и исто така ќе биде англиски репрезентативец, подоцнежниот европски шампион со Португалија, Жозе Фонте и подоцнежниот фудбалер на Манчестер Јунајтед и француски репрезентативец, Морган Шнајдерлин. По две сезони во третото ниво, Саутхемптон изборил промоција во Чемпионшип во мај 2011, завршувајќи на второто место во Лига Еден 2010-2011 со 92 освоени бода, три бода помалку од шампионот Брајтон енд Хоув Албион.
Враќајќи се во Чемпионшип за сезоната 2011–2012, Саутхемптон го направил својот најдобар почеток на една сезона во последните 75 години со победничка серија на Сент Мерис од 13 првенствени натпревари, поставувајќи нов клупски рекорд и искачувајќи се на врвот на табелата во првенството. Во април 2012 година, светците постигнале втора промоција по ред, враќајќи се во Премиер лигата после седум години отсуство, откако завршиле како второпласирани во лигата зад Рединг. Последниот натпревар од сезоната поставил рекордна посетеност на стадионот Сент Мерис од 32.363. Напаѓачот Ламберт ја завршил сезоната како најдобар стрелец во Чемпионшип со 27 првенствени голови, негова трета „Златна копачка“ во четири сезони. Тој, исто така, ја освоил наградата за „Играч на годината во Чемпионшип“. Во рамките на оваа сезона, за одбележување е и тоа што за клубот дебитира уште едно битно име за иднината, тогаш 16-годишниот Џејмс Ворд-Проус, подоцна станува еден од најважните играчи и капитен на клубот; тој, исто така, ќе биде единствениот играч кој ќе ги одигра сите сезони на клубот во Премиер лигата (период 2012-2023) до повторно испаѓање на светците од таму.
Стадиони
[уреди | уреди извор]Стадионот Сент Мерис е дом на "светците" уште од август 2001 година. Стадионот има капацитет од 32,384 седечки места,[23] и е еден од само неколкуте стадиони во Европа што ги исполнува критериумите за четири ѕвезди на УЕФА.[24] Стадионот исто така бил домаќин на голем број репрезентативни натпревари, меѓу кои и натпреварот меѓу Англија и Македонија што завршил 2-2 во 2002. Рекордната посетеност на стадионот изнесува 32,363, и интересно е поставена во натпревар од Чемпионшип лигата (а не во Премиер лигата) помеѓу Саутхемтпон и Ковентри Сити во април 2012 година.[25]
Од 1898 до 2001 година, Саутхемптон ги играл своите домашни натпревари на стадионот Дел. Овој стадион бил реновиран во неколку наврати низ својата 103-годишна историја, при што две од трибините биле целосно обновени по пожарите, а во 1950 година станал првиот терен во Англија со инсталирано трајно осветлување. Во еден период со приближно 15,000 седечки места Дел бил најмалиот домашен терен на некоја од екипите од Премиер лигата, по што била покрената идејата за преселба на Саутхемптон во нов дом што се случило во 2001 година.
Пред Дел, клубот како домашни терени ги користел Антелоп граунд, од 1887 до 1896 година и Каунти крикет граунд, од 1896 до 1898 година.[26]
Играчи
[уреди | уреди извор]Моментален состав
[уреди | уреди извор]
|
|
Рекордери
[уреди | уреди извор]Играчи со најмногу настапи
[уреди | уреди извор]Последна промена 20 април 2024.
# | Име | Во клубот | Настапи | Позиција |
---|---|---|---|---|
1 | Тери Пејн | 1957–1974 | 816 | напаѓач |
2 | Мик Ченон | 1966–1977; 1979–1982 | 607 | среден ред |
3 | Ник Холмс | 1974–1987 | 542 | среден ред |
4 | Мат Ле Тисје | 1986–2002 | 540 | среден ред |
5 | Томи Трејнор | 1952–1965 | 487 | одбрана |
6 | Џејсон Дод | 1989–2004 | 483 | голман |
7 | Берт Шели | 1920-1932 | 465 | одбрана |
8 | Ерик Деј | 1946–1957 | 422 | напаѓач |
9 | Самуел Местон | 1895–1906 | 413 | среден ред |
Клаус Лундеквам | 1996–2007 | 413 | одбрана |
Играчи со најмногу постигнати голови
[уреди | уреди извор]Последна промена 20 април 2024.
# | Име | Во клубот | Голови | Позиција |
---|---|---|---|---|
1 | Мик Ченон | 1966–1977; 1979–1982 | 228 | напаѓач |
2 | Мат Ле Тисје | 1986–2002 | 209 | среден ред |
3 | Бил Ролингс | 1919–1931 | 198 | напаѓач |
4 | Тери Пејн | 1957–1974 | 187 | напаѓач |
5 | Џорџ О'Брајан | 1959–1965 | 180 | напаѓач |
6 | Дерек Ривс | 1955–1962 | 173 | напаѓач |
7 | Ерик Деј | 1946–1957 | 158 | напаѓач |
8 | Фред Харисон | 1901–1908 | 156 | напаѓач |
9 | Артур Домини | 1913–1926 | 155 | напаѓач |
10 | Рон Дејвис | 1966–1973 | 153 | напаѓач |
Освојувачи на титули
[уреди | уреди извор]Светски шампиони
[уреди | уреди извор]Европски шампиони
[уреди | уреди извор]Моментален тренерски штаб
[уреди | уреди извор]Име | Функција |
---|---|
Расел Мартин | Менаџер |
Карл Мартин | Помошник тренер |
Мат Џил | Помошник тренер |
Колин Калдервуд | Помошник тренер |
Дин Тортон | Тренер на голманите |
Матју Бенкс | Кондициски тренер |
Д-р Иниго Сариеги | Клупски доктор |
Стив Рајт | Физиотерапевт |
Стив Спаркс | Физиотерапевт |
Марк Форбс | Менаџер за опрема и дресови |
Менаџери
[уреди | уреди извор]
|
Титули и успеси
[уреди | уреди извор]- ФА Куп : 1
- 1975–1976
- Трета дивизија : 1
- 1959-1960
- 1921–1922
- 2009–2010
- Јужна лига : 6
- 1897, 1898, 1899, 1901, 1903, 1904
Останати успеси
- 2. место : 1983–84
- ФА Куп :
- Финалист : 1899-1900, 1901-1902, 2002-2003
- Лига куп :
- Финалист : 1978-1979, 2016-2017
- Финалист : 1976
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 2013-14.pdf „Premier League Handbook Season 2013/14“ Проверете ја вредноста
|url=
(help) (PDF). Premier League. Посетено на 17 August 2013.[мртва врска] - ↑ „Serb mogul completes Saints takeover“. BBC Sport.
- ↑ 3,0 3,1 Greg Struthers (19 February 3006). „Caught in Time: Southampton finish runners-up in the First Division, 1984“. The Times. UK. Архивирано од изворникот на 2011-08-05. Посетено на 4 January 2009. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ 4,0 4,1 „Southampton's 27-year stay in the top flight of English football ended“. Southampton 1 – 2 Man Utd. BBC Sport. 15 May 2005. Посетено на 19 August 2013.
- ↑ Chalk, Gary; Holley, Duncan (1987). Saints – A complete record. Breedon Books. стр. 16–17. ISBN 0-907969-22-4.
- ↑ „CONNECTIONS: Southampton and Athletic Club“. Southampton FC. Архивирано од изворникот на 22 October 2017. Посетено на 26 November 2019.
- ↑ „The football kit family tree: the stories behind clubs' famous colours“. These Football Times. 16 September 2019. Посетено на 26 November 2019.
- ↑ AS, Diario (9 January 2010). „El Southampton sirvió de modelo cuando se imitaba al Blackburn“. AS.com (шпански). Посетено на 26 November 2019.
- ↑ „Southampton Blitz 70th anniversary remembered“. BBC News. 30 November 2010. Посетено на 16 August 2023.
- ↑ „Saints name Redknapp as boss“. BBC Sport. BBC. 8 December 2004. Посетено на 30 October 2013.
- ↑ „Southampton confirm Woodward move“. BBC Sport. BBC. 22 June 2005. Посетено на 30 October 2013.
- ↑ „Poortvliet resigns as Saints boss“. BBC Sport. 23 January 2009. Посетено на 30 October 2013.
- ↑ „Chairman's statement“. Saintsfc.co.uk. 24 January 2009. Архивирано од изворникот на 17 February 2009. Посетено на 30 October 2013.
- ↑ „Chairman speaks about Jan's departure“. Daily Echo. 24 January 2009. Посетено на 30 October 2013.
- ↑ „Southampton fails to pay wages“. Zee News. 28 May 2009. Архивирано од изворникот на 24 July 2020. Посетено на 28 May 2009.
- ↑ „Swiss Saints deal completed“. Southern Daily Echo. 8 July 2009. Посетено на 27 February 2010.
- ↑ „Southampton appoint Alan Pardew as new manager“. The Daily Telegraph. 17 July 2009. Архивирано од изворникот 10 January 2022. Посетено на 19 August 2013.
- ↑ „Bristol Rovers striker Rickie Lambert seals £1m move to Southampton“. Bristol Post. 10 August 2009. Архивирано од изворникот на 21 October 2014. Посетено на 30 October 2013.
- ↑ Shemilt, Stephan (28 March 2010). „Carlisle 1 – 4 Southampton“. BBC Sport. Посетено на 29 March 2010.
- ↑ Dan Kerins (June 2010). „Southampton return to roots with new home kit“. Southern Daily Echo. Newsquest Media Group. Посетено на 18 June 2010.
- ↑ „Markus Liebherr of Southampton Football Club“. Southampton FC. 13 August 2010. Архивирано од изворникот на 16 June 2012. Посетено на 30 October 2013.
- ↑ „Club Statement: Club owner back's Chairman's ambitious plans“. Southampton F.C. 18 May 2013. Архивирано од изворникот на 8 June 2013. Посетено на 18 May 2013.
- ↑ „St Mary's Stadium“. Club profile: Southampton. The Premier League. Архивирано од изворникот на 2013-08-30. Посетено на 21 July 2013.
- ↑ „Around the grounds: St Mary's Stadium“. Premier League. 15 July 2013. Архивирано од изворникот на 2013-11-07. Посетено на 30 October 2013.
- ↑ „Club Records“. www.saintsfc.com. Southampton F.C. Посетено на 16 February 2016.
- ↑ Chalk, Gary; Holley, Duncan (1987). Saints – A complete record. Breedon Books. стр. 216–220. ISBN 0-907969-22-4.
- ↑ „First team“. Southampton F.C.
- ↑ „2020/21 squad numbers confirmed“. Southampton F.C. 25 August 2020. Посетено на 25 August 2020.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Официјално мрежно место Архивирано на 15 ноември 2014 г.
|