Прејди на содржината

Свети Кристофер и Невис

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Сент Китс и Невис)
Федерација Свети Кристофер и Невис
Federation of Saint Christopher and Nevis
Знаме Грб
Гесло„Земјата над себе“
ХимнаO Land of Beauty!
Кралска химнаGod Save the Queen
Местоположба на Свети Кристофер и Невис
Главен градБастер
17°18′N 62°44′W / 17.300° СГШ; 62.733° ЗГД / 17.300; -62.733
Најголем град главниот град
Службен јазик англиски
Демоним Кристоферец, Киќанец, Невишанец
Уредување Уставна монархија
 •  Монарх Чарлс III
 •  Генерален гувернер Кутберт Себастијан
 •  Премиер Дензил Даглас
Независност
 •  од Велика Британија 19 септември 1983 
Површина
 •  Вкупна 261 км2 (207-ма)
 •  Вода (%) незначително
Население
 •  проценка за јули 2005 г. 42.696 (209-та)
 •  Густина 164 жит/км2 (64-та)
БДП (ПКМ) проценка за 2008 г.
 •  Вкупен $732 милиони[1] 
 •  По жител $13.826[1] 
БДП (номинален) проценка за 2008 г.
 •  Вкупно $546 милиони[1] 
 •  По жител $10.309[1] 
ИЧР (2013) 0.750[2]
висок · 73та
Валута Долар (XCD)
Часовен појас (UTC-4)
Се вози на лево
НДД .kn
Повик. бр. +1-869

Федерација Свети Кристофер и Невис (англиски: Federation of Saint Christopher and Nevis) или Федерација Свети Китс и Невис (Federation of Saint Kitts and Nevis)[3] — држава во Средна Америка, дел од Карипските Острови Мали Антили. Оваа е најмалата независна држава во Америка според население и според вкупна површина. Често државата се нарекува со пократките имиња Свети Китс и Невис или Свети Кристофер и Невис.

Главен град на Свети Кристофер и Невис е Бастер, кој воедно е и најголем град во државата и се наоѓа на островот Свети Кристофер. Островот Невис се наоѓа 3 километри југоисточно од Свети Китс.

Историски, за време на британската колонизација и островот Ангвила бил дел од оваа федерација која била позната како Свети Кристофер-Невис-Ангвила. Северно од земјата се наоѓаат зависните острови Свети Евстахиј, Саба, Свети Вартоломеј и Свети Мартин. Источно се наоѓа Антигва и Барбуда и јужно е зависниот остров Монтсерат. Западно од државата се наоѓа Карипското Море, додека источно е Атлантскиот Океан.

Свети Кристофер и Невис е меѓу првата држава населена од Европејци и била дел од британската и француската империја.

Потекло на поимот

[уреди | уреди извор]
Маченикот Свети Кристофер. По овој светец е именуван денешниот остров Свети Кристофер.
Приказ на чудото на Богородица во Рим или познати како „Нашата госпоѓа од снегот“.

Свети Кристофер бил именуван како Лиамуига од староседелското население Кариби. Во превод називот значи „плодна земја“ поради богатата вулканска почва на островот. Истиот назив е и за највисоката планина на островот. Името на островот Невис пред колонизацијата било „оуалие“, што во превод значи „земја на убави води“, поради големиот број извори на свежа вода.

По доаѓањето на Кристофер Колумбо на островот Невис, тој го именувал како „Сан Мартин“ или „Свети Мартин“ во 1498. Ова име ги збунило луѓето и ги помешале островите Невис и Свети Мартин, соседен остров на Невис. Така Невис после оваа забуна го добил денешниот назив.

Името Невис доаѓа од шпанскиот назив „Нашата госпоѓа од Ниевес“ или Нашата госпоѓа од снегот. Не е познато кој го избрал името, но името е поврзано со религиско чудо во Рим. Така од Ниевес, денес островот се вика Невис.

За разлика од Невис, за Свети Кристофер има мало несогласување за потеклото на името кое го дал Кристофер Колумбо. Со векови се мислело дека тој го именувал островот како Свети Кристобал, по неговиот патрон Свети Кристофер. Според скорешни истражувања се дошло до сознание дека Колумбо го именувал островот како Sant Jago (Свети Јаков). Името „Сан Кристобал“ всушност било првично име на денешниот остров Саба, но поради грешки при картите името било користени за денешен Свети Кристофер.

Историја

[уреди | уреди извор]
Графички приказ на Битката на Свети Кристофер.

Пет илјади години пред доселувањето на Европејците, островите Свети Кристофер и Невис биле населени од староседелско американско население. Последни староседелски американски доселеници биле народот Кариби, кои се доселиле на островите приближно три века пред европската колонизација. Европската јавност дознала за овие карипски острови по доаѓањето на Кристофер Колумбо во 1493 година. Во 1538 година Французите основале населба на островот Свети Кристофер, но таа била уништена од Шпанците, кои дошле на островите нешто подоцна. Во 1623 година на островот била основана и првата британска населба, а по нивен пример се доселиле повторно Французи. Така островот Свети Кристофер станал поделен на француски и британски дел. За разлика од останатите карипски острови, народот Кариби дозволил Европејците да се доселат на Свети Кристофер. Во 1626 година, Англичаните и Французите го масакрирале народот Кариби.

Островот Невис бил колонизиран во 1628 година од Англичаните кои се населиле на Свети Кристофер. Така, Свети Кристофер станал главна база за англиските и француските истражувања. Оваа ситуација довела до англиска колонизација на Ангвила и Тортола, односно до француска колонизација на Мартиник, Гваделуп и Свети Вартоломеј.

Експанзијата на Франција и Британија била мотив за враќање на Шпанците на овие простори, односно за воспоставување на шпанска контрола врз островите. Така, во 1629 година се одвила Битката на Свети Кристофер, кога од двата острова биле протерани Французите и Англичаните. Овој шпански успех бил краткотраен бидејќи набрзо повторно се воспоставила британска и француска контрола. За време на 17 и почетокот на 18 век, Шпанија и Франција воделе битки за превласт на островот, сè додека островите не потпаднале под целосна контрола на Британија во 1713 година.

Иако островите се мали и релативно блиску еден до друг, Невис и Свети Кристофер биле гледани и управувани според посебен статус сè до доцниот 19 век. Кон крајот на 19 век насилно биле обединето со Ангвила од страна на братанската администрација. Како последица на ова, и денес се чувствува слаба нетрпеливост меѓу овие острови.

Свети Кристофер, Невис и Ангвила, кои опстојувале како засебни британски колонии, биле обединето во новата колонија наречена Свети Кристофер-Невис-Ангвила. Новата колонија настанала во 1967 година и имала целосна внатрешна автономија. Сепак, овој модел не бил прифатлив за Ангвила и таа се отцепила од колонијата во 1971 година. Наскоро, поточно во 1983 година колонијата Свети Кристофер-Невис станала независна под името Федерација Свети Кристофер и Невис. Оваа федерација важи за најмлада држава во Америка. Ангвила и понатака е британска колонија. Во 1998 година на островот Невис се одржал референдум за независност, но не било обезбедено двотретинско мнозинство.[4]

Географија и клима

[уреди | уреди извор]
Карта на СКН.
Одлики

Државата е составена од два главни острови, Свети Кристофер и Невис. Највисок врв во државата е Маунт Лиамуига со 1.156 метри. Островите се со вулканско потекло и високите врвови се покриени со тропска шума, кои не се населени. Голем дел од населението живее покрај морето каде има порамни предели. На островите има поголем број на реки кои овозможуваат свежа вода за пиење. Исто така, Свети Кристофер има и мали езеро.

Северно од земјата се наоѓаат зависните острови Свети Евстахиј, Саба, Свети Вартоломеј и Свети Мартин. Источно се наоѓа Антигва и Барбуда и јужно е зависниот остров Монтсерат. Западно од државата се наоѓа Карипското Море, додека источно е Атлантскиот Океан.

Острови

Политички систем

[уреди | уреди извор]

Свети Кристофер и Невис е независна држава членка на Комонвелтот на нации и е уставна монархија. На чело на државата е кралот Чарлс III, кој во државата е претставен од генералниот гувернер. Генералниот гувернер има и советодавна функција, односно премиерот на државата со негов совет го формира кабинетот на министри. Законодавното тело на Свети Кристофер и Невис е еднодомно и е познато како Национално собрание на Свети Кристфоер и Невис. Судската власт, уставно, е независна.

Административна поделба

[уреди | уреди извор]

Свети Кристофер и Невис е поделена на 14 парохии, од кои девет се на островот Свети Кристофер, додека пет се на островот Невис. Парохиите се:

  1. Крајст Чрч Никола Таун (Свети Кристофер)
  2. Сент Ен Сенди Поинт (Свети Кристофер)
  3. Сент Џорџ Бастер (Свети Кристофер)
  4. Сент Џорџ Џинџерланд (Невис)
  5. Сент Џејмс Виндвард (Невис)
  6. Сент Џон Капистер (Свети Кристофер)
  7. Сент Џон Фигтри (Невис)
  8. Сент Мери Кајон (Свети Кристофер)
  9. Сент Пол Капистер (Свети Кристофер)
  10. Сент Пол Чарлстаун (Невис)
  11. Сент Питер Бастер (Свети Кристофер)
  12. Сент Томас Лоуленд (Невис)
  13. Сент Томас Мидл Ајланд (Свети Кристофер)
  14. Тринити Палмето Поинт (Свети Кристофер)

Демографија

[уреди | уреди извор]
Демографски приказ на населението на Свети Кристофер и Невис.

Според проценката на население од 2000 година, Свети Кристофер и Невис имала население од 42.696 жители со просечен век на живот од 72.4 години. Историски, емиграцијата на земјата била висока и поради тоа долг период економијата претрпувала падови. Така, денес државата има 25% помалку население од 1960 година кога имала најмногу жители, 51.100.

Како приказ, земена е емиграцијата во САД, каде се забележало:[5]

  • 1986–1990: 3.513
  • 1991–1995: 2.730
  • 1996–2000: 2.101
  • 2001–2005: 1.756

Етнички, населението е составено од:

  • доминантно црно население со 90.4%
  • мулати 5.0%
  • Индијци 3.0%
  • белци 1.0%
  • други 0.6%

Најголема религиска група се англиканците, потоа следат протестанти, католици и растафаријани. Службен јазик е англискиот јазик.

Стопанство

[уреди | уреди извор]

За време на колонизаторскиот период, државата била важен производител на шеќер. По осамостојувањето, владата се соочила со одредени проблеми и денес промовира и одгледување на останати култури. Туризмот е исто така важна стопанска гранка.

Културно Свети Кристофер и Невис е познат по бројните музички фестивали и карневали. Последната недела од јуни се одржува музичкиот фестивал на Свети Кристофер, додека во Невис во јули се одржува прославата Културама[6] Културата има елементи од локално, африканско и европско потекло.

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 „Saint Kitts and Nevis“. International Monetary Fund. Посетено на 2009-10-01.
  2. „2014 Human Development Report Summary“ (PDF). United Nations Development Programme. 2014. стр. 21–25. Посетено на 27 јули 2014.
  3. Двете имиња се наведени во уставот на државата.
  4. „Nevis islanders apparently vote not to break away“. Milwaukee Journal Sentinel. Associated Press. 11 August 1998. Архивирано од изворникот на 2016-05-18. Посетено на 2012-07-17.
  5. USCIS Home Page at uscis.gov
  6. Cameron, pg.502

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Управа
Општо
Карти
Туризам
Вести
  • Sknvibes.com -вести за Свети Кристофер и Невис