Подбреге

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Подбреѓе)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Подбреге
Подбреѓе
Сретсело на Подбреѓе 2.jpg

Средишниот дел на Подбреге

Подбреге is located in Македонија
Подбреге
Местоположба на Подбреге во Македонија
Подбреге на интерактивна карта

Координати 42°3′46″N 21°7′18″E / 42.06278° СГШ; 21.12167° ИГД / 42.06278; 21.12167Координати: 42°3′46″N 21°7′18″E / 42.06278° СГШ; 21.12167° ИГД / 42.06278; 21.12167
Регион Logo of Polog Region.svg Полошки
Општина Coat of arms of Jegunovce Municipality.svg Јегуновце
Област Долен Полог
Население 179[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1215
Повик. бр. 044
Шифра на КО 28058
Надм. вис. 395 м
Подбреге на општинската карта
Подбреге во Општина Јегуновце.svg

Атарот на Подбреге во рамките на општината
Commons-logo.svg Подбреге на Ризницата


Подбреге (познато и како Подбреѓе) — село во Општина Јегуновце, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Улица во Подбреге

Селото се наоѓа во североисточниот дел на областа Долен Полог, сместено на територија на Општина Јегуновце, од левата страна на реката Вардар.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 395 метри. Од градот Тетово е оддалечено 18 километри.[2]

Низ селото поминува регионалниот пат 2242, кој ги поврзува селата Желино и Јегуновце.

Селото е во рамница, лево од реката Вардар. Околни села се Јегуновце на север, Јанчиште на југозапад и Раотинце на исток. Водата за пиење мештаните ја обезбедувале од бунари во дворовите на своите куќи, а околу селото се изворите Рупе и Забел.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Ќерамидница, Зука, Макарија, Бистрица, Црквиште, Тумба, Глувчејца, Глибаќ, Водена Ливада, Забел и Арбина.[3]

Селото има збиен тип, а бидејќи е мало, не се дели на маала.[3]

Историја[уреди | уреди извор]

Подбреге е старо село и во пишаните извори се споменува во 1321 година. Тогаш, српскиот крал Милутин во повелба за манастирот Грачаница од Косово ги дал селото Одри и сите имоти на земјопоседникот Борка во селата Подбрези и Лахце.[3]

Друг пишан документ за селото е од турско време (1461/1462 г.). Тогаш, Мехмед-бег од Тетово наведува ливади, кои се наоѓале во Раотинце и се граничеле од една страна со Вардар и патот кој одел од Раотинце за Подбрег. Друг посед кој го споменал Мехмед-бег на една страна се граничел со патот од Подбрег до Нераште. Во документот како сведок од Побреге се споменува Турчинот Исмаил бин-Ибрахим.[3]

Ова село во турскиот период било градска населба во Долни Полог и било место каде што имало касарна, касапница, бањи, џамија, ќерамидница и црква. Секоја недела во Подбреге имало пазарен ден. Подоцна, селото било целосно разорено, за подоцна да биде обновено како мало село од доселеници.[3]

На местото каде се наоѓа денешното село Подбреге, како и околу него, има остатоци на темели од градби. Исто така, се познаваат рушевини на една воденица и на стар храм. Храмот се наоѓал во месноста Црквиште, западно пред денешното село. На Црквиште, мештаните во 1947 година, изорале пари, крст, темели, еден мермерен столб и черепи. Порано, Црквиште било зашумено и тука се познавале поголеми остатоци на ѕидини, но денес таму има ниви. Ќерамидница се наоѓа на истоимената денешна месност, каде се наоѓаат темели од некогашни градби.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Фабриката „Југохром“ погледната од Подбреге

Атарот на селото е мошне мал и зафаќа простор од само 2,2 км2, при што преовладува обработливото земјиште со површина од 195 хектари.[2]

Во основа, селото има полјоделска функција.[2] Делови од комбинатот „Југохром“ се наоѓаат во атарот на селото Подбреге.

Подбреге станало чифчиско село во последниот период од турското владеење. Некои од последните сопственици на имотите биле Мемет-паша, Рушид-паша, Руфат-ага и Шемши-бег, сите од Тетово. Поседот на Мемет-паша припаднал подоцна на Иљаз-ага. До 1947 година, во селото биле зачувани кули-конаци на Шемши-бег и Иљаз-ага. Од чифчиство селото се ослободило во 1912 година, освен имотот на Иљаз-ага кој зафаќал околу 60 хектари. Земјата била обработувани од Роми, кои живееле во пет едноделни градби, кои до 1947 година биле зачувани.[3]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948198—    
1953213+7.6%
1961222+4.2%
1971206−7.2%
ГодинаНас.±%
1981236+14.6%
1991232−1.7%
1994176−24.1%
2002179+1.7%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Подбреге живееле 140 жители, сите Македонци.[4] Според статистиката на егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Подбреге имало 64 жители, Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

Според Афанасиј Селишчев во 1929 година, Подбреге е село во Шемшевска општина и има 13 куќи со 139 жители.[6]

Селото е мало, коешто во 1961 година имало 222 жители, а во 1994 година 176 жители, од кои 164 биле Македонци, 7 Роми и 2 Срби.[2]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Подбреге живееле 179 жители, од кои 161 Македонец, 16 Роми, 1 Србин и 1 останат.[1]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Подбреге:

Години Македонци Албанци Турци Роми Срби Ост. Вкупно
1948 198
1953 174 26 8 3 2 0 213
1961 214 0 0 3 5 222
1971 185 1 0 16 4 0 206
1981 207 0 0 17 4 8 236
1991 217 0 0 9 2 4 232
1994 164 0 0 7 2 3 176
2002 161 0 0 16 1 1 179

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2002), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови[уреди | уреди извор]

Подбреге во најголем дел е населено со православно македонско население, но има и ромски семејства. Во минатото имало и муслиманско турско население.[3]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:

  • Македонски родови:
    • Доселеници: Грашаровци (2 к.), стари доселеници, не знаат точно од каде се доселени. Имаат роднини во селото Јегуновце; Кромидаровци (7 к.), доселени се од соседното сега раселено село Пештер на планината Жеден. Имале иселеници во Тетово, каде изумреле; Рикаловци (2 к.), доселени се од селото Кучково во Скопско, го знаат следното родословие: Стојан (жив на 70 г. во 1947 година) Анто-Столе-Ристо, кој се доселил во селото. Имаат иселеници во Јегуновце и во Прељубиште; Митревци (3 к.), доселени се во 1916 година од селото Врбештица кај Сириниќ; Синиковци (2 к.), доселени се од селото Севце кај Сириниќ; Орќевци или Вељовци (2 к.), не знаат од каде се доселени; Сане (1 к.), доселени се во 1916 година од селото Раотинце, таму припаѓале на родот Младеновци; Јовчевци (2 к.), доселени се во 1919 година од селото Вратница, во Вратница им се род Василевци; Богдановци (1 к.), доселени се исто така од селото Вратница, подалечно потекло имаат од Старо Село; Савевци (2 к.), доселени се во 1920 година од селото Беловиште, таму припаѓале на родот Марковци; Јанковци (1 к.), доселени се од селото Одри, таму имаат роднини; Перовци (1 к.), по потекло се од Горна Морава, од каде прво се населиле во Тетово, па од таму во Подбреге; Богојевци (1 к.), доселени се од селото Одри во 1942 година, во Одри имаат роднини.
  • Ромски родови:
    • Доселеници: Таировци (3 к.), доселени се од Стар Качаник на почетокот на XX век, по дома зборуваат албански; Садрија (1 к.), доселени се кога и Таировци, само не знаат од каде, зборуваат албански; Синановци (1 к.), доселени се од некое село во Дреница, зборуваат албански.
  • Турски родови: Абазовци (1 к.), доселени се од Тетово, кои до 1946 година имал свој чифлиг во селото.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од селото се знае за следниве иселеници: македонскиот род Пашини (4 к.) живеат во Лешок, потекнуваат од предок кој се доселил како домазет од Подбреге и турскиот род Стрег (1 к.), живеат во Нераште, каде дошле од Подбреге.[3]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Сретселото каде се наоѓа и ветеринарната станица
  • Месна заедница
  • Ветеринарна станица

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Подбреге било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото претставува дел од Општина Јегуновце, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година со додавање на поранешната Општина Вратница. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така дел од Општина Јегуновце.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Теарце во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Шемшево, во која покрај селото Подбреѓе, се наоѓале и селата Жилче, Јанчиште, Јегуновце, Копанце, Озормиште, Прељубиште, Раотинце, Сиричино, Туденце и Шемшево. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната Општина Јанчиште, во која влегувале селата Јанчиште, Јегуновце, Копанце, Подбреѓе и Раотинце.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 2119 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месна заедница.[7]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 143 гласачи.[8] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 145 гласачи.[9]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Архангел Михаил“
Археолошки наоѓалишта[10]
  • Манастириште — старохристијанска базилика и средновековна црква, се наоѓа на околу 2 км западно од селото, во близина на железничката пруга.[11]
Цркви[12]
Реки[14]
  • Бистрица — извира на Шар Планина, десна притока на Вардар

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 10 февруари 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 237. Посетено на 10 февруари 2022.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 3,9 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 460–462.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 211.
  5. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 122-123.
  6. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. – София, 1929, стр. 24.
  7. „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
  8. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  9. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Посетено на 12 февруари 2022.
  10. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 422. ISBN 9989-649-28-6.
  11. „Студија за оценка на влијанието на реконструкцијата и и зградбата на 110 KV ДВ „ТС Скопје 1 - ТС Југохром - ТС Тетово 1" врз животната средина“. ЕСМ. Посетено на 2010-04-28.
  12. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  13. „Осветување на новоизградената црква на свети Архангел Михаил во село Подбреѓе“. МПЦ - ОА. 9 октомври 2007. Посетено на 2010-04-28.
  14. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 13. ISBN 978-9989-2117-6-8.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]