Отоманското Царство во Првата светска војна

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Отоманското Царство учествувало во Првата светска војна на страната на Централните сили. Младотурската влада потпишала таен договор за создавање на сојуз помеѓу империјата и Германија во август 1914 година. Отоманската империја официјално во војната влегла по Гебенскиот и Бреславскиот инцидент. Војната за Османлиите завршила катастрофално во 1918 година кога бил потпишан Севренскиот договор. Според договорот, Месопотамија (Ирак), Палестина и Трансјорданија биле дадени на Велика Британија под протекторат на Лигата на народите; Сирија и Либан на Франција. Освен тоа, според договорот, североисточните региони од Анадолија биле дадени на Ерменија, северен Епир бил даден на новосоздадената држава Албанија, источна Тракија со исклучок на Константинопол, Босфорот и Дарданелите на Грција.

Позадина[уреди | уреди извор]

Отоманската империја во 1914 година

На почетокот на 20 век Османлиската Империја се сметала за болното дете на Европа бидејќи земјата била опфатена со голема политичка нестабилност. По 1908 година и Младотурската револуција, Германија обезбедила значајни инвестиции во империјата и било зголемено нејзиното влијание покрај британското. По крајот на Балканските војни биле исцрпени последните ресурси па Французите, Британците и Германците понудиле финансиска помош. Прогерманската фракција на чело со Енвер Паша се спротиставила на пробританското мнозинство сакајќи да обезбеди германска поткрепа.

Првата светска војна е еден од феномените на современата цивилизација. Од едната страна во Европа застанала Германија. Англија започанала да се плаши од изолација поради големите германски позиции, па поради тоа заедно со Франција а потоа и со Русија ја формирале Антантата. Германија од своја страна ги обновила врските со Австро-Унгарија. Балканот во периодот пред војната бил опфатен од зголемување на национализмот. Како формален настан за започнување на Првата светска војна било убиството на наследникот на австрискиот трон Франц Фердинанд и неговата сопруга од српскиот националист Гаврило Принцип во Сараево на 28 јуни 1914 година.

Пред започнувањето на војната, во Османлиската империја била потврдена власта на Младотурците. Во јануари 1913 година управувањето со земјата поминало во рацете на триумвиратот: Енвер Паша, Талат Паша и Џемал Паша. Првите двајца цврсто се придржувале кон идејата за цврста унија на Турција со Германија. Џемал паша пак имал проантантски погледи.

Земјите од Антантата како Англија и Франција, во претходните години вложиле огромен капитал во империјата и се стремиле да го продолжат своето влијание во регионот. Во англиските планови за создавање и зајакнување на светска колонијална империја важна цел била освојувањето на Месопотамија, Палестина и земјите од Арапскиот полуостров кои влегувале во владенијата на султанот. Франција одамна го насочила вниманието кон освојување на Сирија, Киликија и јужниот дел на Западна Ерменија. Познати се и вековните стремежи на Русија да го воспостави своето владеење врз Црно Море заедно со Истанбул и Западна Ерменија. Аспирациите на земјите од Антантата го направиле невозможно и бесмислено учеството на Високата порта во војната на нивна страна. Не помалку опасно било нејзиното присоединување кон Централните сили. Нивниот евентуален пораз во војната би значело пропаст за Турција.

Изгледите за победа на тројниот сојуз исто не навестувало ништо добро за империјата на султанот бидејќи таа ќе се претворила како додаток на империјалистичка Германија. Затоа најдобро решение останала неутралноста. Но примарна улога за прогерманската ориентација на Отоманската империја одиграле и внатрешните остри конфликти - подемот на националноослободителните движења на поробените народи. Раководителите на младотурците се надевале дека преку една завојувачка војна во сојуз со Германија ќе ја зацврстат својата внатрешна позција во империјата. И покрај жестокото убедување и одлука за пристапување кон сојуз со Германија, младотурската влада не брзала да го стори тоа отворено главно поради својата економска заостанатост и слабост, време за зајакнување на армијата и прилагодување на стопанството кон потребите на военото време. Владејачките кругови во империјата го забавиле решението за вклучување во војната бидејќи сакале да го видат исходот од првите воени дејства на германско-рускиот фронт.

На 14 декември 1913 година во Истанбул пристигнала воена мисија со германскиот генерал Ото фон Лиман Сандерс. Генералот бил назначен за член на воениот совет, за инспектор на сите воени училишта, командант на Првиот истанбулски корпус и личен претставник на Кајзерот во Отоманската Империја. Благодарение на овие права германските воени советници го зголемиле своето влијание толку силно што германско-турскиот воен сојуз бил неизбежен.

Вклучување во војната[уреди | уреди извор]

Тројцата паши

Уште на 28 јули 1914 година откако Австро-Унгарија објавила војна на Србија, младотурската влада понудила на Германија таен договор наменет главно против Русија и територијални продобивки во Кавказ, северозападен Иран и територии околу Касписко езеро. По започнувањето на преговорите Османлиите ги поставиле и следните барања: Западна Тракија која била дел од Бугарија, островите кои Грција ги зазела по крајот на Балканските војни заедно со островот Родос и Додеканезите кои биле окупирани од Италија од 1912 година по меѓусебната војна за Либија.

Но Германија не можела да се согласи со турските територијални претензии. Прифаќањето би значело конечно да се лиши од можноста да ја привлече на своја страна Бугарија, Грција и Италија. За воите цели Германија ја искористила многувековната руска закана против Турција. Меѓународната средина се менувала со таква брзина што Германија не можела да ги одолговлекува преговорите со Турците. На 1 август 1914 година таа објавила војна на Русија. Германско-турскиот сојуз станал неизбежен. На 2 август 1914 година во Истанбул тој станал факт.

Според договорот потпишан од двете страни, тие се обврзиле да бидат неутрални во однос на започнатата војна меѓу Србија и Австро-Унгарија. Договорот сепак предвидувал германско мешање во војната доколку Русија се приклучи на страната на Србија. Тогаш и Османлиската империја требало да започне војна со Русија. Од своја страна Германија не се обврзила со ништо доколку неколку балкански земји или сојузнци на Русија од Антантата како Англија на пример, ја нападне Турција. Независно од овој договор турската влада се воздржала од вклучување во војната. За да го заблуди јавното мислење и да ја прикрие напорната воена подготовка на 2 август 1914 година најавила неутралност во војната.

По иницијатива на Енвер Паша на 5 август 1914 година, тој се сретнал со руското воено аташе во Истанбул, генерал М.Леонтиев. Турција предложила Русија да ја користи турската армија против армиите на една или друга земја на Балканот. Во замена Енвер Паша ја посакал Западна Тракија и егејските острови. Рускиот министер за надворешни работи не брзал да се согласи. Овие преговори сепак го поставиле прашањето за можноста за реална унија меѓу Русија и Турција. Сепак и двете страни знаеле дека мирот меѓу двете земји бил незбежен главно поради вековните војни, па сакале преку преговори единствено да се одложат воените дејствија.

На 6 август германските воени бродови Гобен и Бреслау се наоѓале во Средоземно Море и многу лесно ги обиколиле англиските флоти и се насочиле кон Дарданелите. На 8 август турската влада официјално изјавила дека Дарданелите се затворени за германски воени бродови, но на 10 август Гобен и Бреслау влегле во Дарданелите без отпор од турска страна. Антантата остро го критикувала ова прекршување на статусот на Дарданелите. На 11 август турската влада објавила дека ги купила овие два брода. Двата воени бродови претрпиле мали измени за да се создаде претстава дека се во османлиска сопственост и над нив било издигнато турското знаме, а на главите на германските војници се појавиле фесови. Исто така бродовите биле преименувани во Јавуз Султан Селим и Мидили. Германскиот адмирал Сушон, командант на двата брода, бил назначен за началник на целата турски морнарица. Во империјата пристигнал и адмирал Узедом кој ја презел командата на крајбрежната артилерија.

Конфликти[уреди | уреди извор]

Османлиски војници

Во средината на септември Германија претрпела пораз кај реката Марн и се соочила со слабост да води војна на два фронта. Германската влада инсистирала од Високата порта да се вклучи во војната. Турската влада најавила дека не се вклучува бидејќи нема доволно финансиски средства. Во одговор на тоа, Германците доделиле заем од 100.000 000 франци.

Кога на 26 октомври во Истанбул бил добиен првиот аванс од новиот заем Енвер Паша како командант на турската армија дал согласност на адмирал Сушон да ја пренесе од Босфорот во Црно Море турската флота. Следниот ден двата воени бродови отвориле оган против руските воени бродови. Турската флота ги нападнала руските пристаништа во Одеса, Севастопол, Новоросијск. На 2 ноември 1914 година Санкт Петербург објавил војна на Османлиската империја, а на 5 ноември истото го сториле Англија и Франција. Официјално на 11 ноември преку султански ферман империјата се вклучила во војната.

Османлиите прогласиле џихад (света војна) по кое започнала Кавкаската кампања. Во истиот период започнала и војна во Месопотамија и Персија главно поради окупирање на големите нафтени деривати со кои располагал реонот. Османлиите започнале подготовка за окупација на Суецкиот канал во почетокот на 1915 година за да го пресечат патот меѓу Медитеранот и Индија.

На почетокот на војната вооружените сили на Османлиската империја броеле околу 500.000 луѓе, поделени во шест армии. Од нив Првата, Втората и Петтата се наоѓале во реонот на Истанбул, Третата во Ерменија, Четвртата во Сирија и Палестина а Шестата во Иран. Мали сили биле распоредени на брегот на Црвеното Море. Во принцип врховен командант бил султан Мехмед V, но во реалноста командант бил воениот министер Енвер Паша.

1914-1916[уреди | уреди извор]

На 10 ноември 1914 година започнале борбите на Кавкаскиот фронт. Првично Османлиите ги одбиле руските сили кон Карс и навлегле во Батумската област. По катастрофалниот пораз кај Сарикамиш во крајот на декемрви Османлиите изгубиле 70.000 војници, а руските војници охрабрени од успехот преминале во офанзива. Во 1915 година, по победата на Русите во Кавказ, тие продолжиле со својот напредок кон Источна Анадолија со помош на ерменските волонтерски единици од регионот на Кавказ, како и со помош на Османлиските Ерменци. Во крајна сметка, ова завршило со масовна евакуација и убиството на неколку стотици илјади или преку милион Ерменци од страна на младотурскиот режим. Овој настан во историјата е познат како Ерменски геноцид. Денеска, овој настан претставува тема на дискусија на голем број историчари. Проценките се различни околу тоа колку Ерменци загинале. Според едни, оваа бројка се движи околу 600.000, а според други, оваа бројка достигнува околу 1.500.000 Ерменци.

1916-1918[уреди | уреди извор]

Успешен фронт за Турците станала Галиполската операција. Во есента на 1917 година речиси цела Месопотамија била во рацете на Британците. Во текот на истиот период, во Русија се случила Октомвриската револуција и Руската граѓанска војна по кое Турците уапеале да си ги вратат изгубените територии. По излегувањето на Русија од војната бил ликвидиран Кавкаскиот фронт. Младотурците наместо своето внимание да го насочат кон борбите со Британија и Франција, тие продолжиле кон Кавказ. На тој начин војските на Антантата во текот на ноември-декември 1917 година ги зазеле големите градови Газа, Јафа и Ерусалим. Турција ги загубила Хиџас, Јужна Палестина и поголемиот дел од Ирак. Младотурската влада направила очајнички обиди да ги надомести загубите на територии во Месопотамија, Палестина и Ирак преку офанзива на кавкаскиот фронт.

Во април и мај 1918 биле заземани градовите Карс, Батум и Александропол. Максимална точка во турската офанзива било заземањето на Баку во септемви истата година. Германија била незадоволна од таа офанзива и поради оваа причина нејзините односи со Турција станале исклучително напнати. Изострени биле и односите со Бугарија бидејќи Турција инсистирала на територијални компензации во Западна Тракија а Бугарија не била подготвена да попушти. Во овој одлучувачки момент од Првата светска војна на Османлиската империја веќе не можела да смета на воената поддршка на своите сојузници. Внатре во земјата постоеле уште подлабока финансиска и економска криза. Во 1918 година кога било очигледно дека Централните сили ја губат војната Англичаните ги уништиле Четвртата, Седмата и Осмата турска армија. На крајот на октомври тие целосно ја окупирале Палестина, Јордан, Сирија и Ирак со исклучок на Мосул.

Капитулација[уреди | уреди извор]

На 21 септември 1918 пред состанокот на Советот на министрите Енвер Паша дискутирал заедно со големиот везир Талат Паша за ситуацијата во империја. Едногласно било констатирано дека ситуацијата во која се наоѓа земјата барала што поскоро да се најде начини за склучување на мир. Така било одлучено Владата на Талат Паша да поднесе оставка на 8 октомври.

Новата влада морала да биде во можност да склучи релативно поволно примирје со земјите од Антантата и да ја задржи сувереноста на турската држава и да ги утврди нејзините територијални граници во најголем можен износ. Првично новата турска влада се обидела да се поврзе со Французите но двата обиди за врска биленарушени од Англичаните. На 11 октомври 1918 година во Мудрос пристигнал вице-адмиралот Артур Калторп и помеѓу него и претставници на турската влада биле основани редовни врски. Турските претставници пристигнале во Мудрос на 26 октомври, а следниот ден на започнале преговори за примирје. Започнатите преговори се воделе само меѓу турската делегација и вицеадмиралот Калторп. Сите обиди на францускиот вицеадмиралот да учествува биле одбиени. Францускиот министер за надворешни работи Жорж Клемансо бурно протестирал во Версај, но Англичаните останале непопустливи. Примирјето било потпишано на 30 октомври 1918 година.

Последователните текстови на примирјето се искористиле за составување на Севрскиот договор кој ја одредил конечната судбина на Османлиската империја. Победниците одзеле три четвртини од територијата на Отоманската империја и ги ставиле под контрола на Велика Британија и Франција. Големите земји презеле целосна контрола врз теснецот, врз економијата, финансиите и вооружените сили на земјата. Контролата кои земјите победнички ја воспоставиле врз поразената Турција го нарушиле правото на самоопределување на турската нација. Затоа по крајот на војната започнала Турската војна за независност.