Дојче банк

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Лого на Дојче банк

Дојче банк (германски: Deutsche Bank) — германска универзална банкарска групација, со седиште во Франкфурт.

Профил на банката[уреди | уреди извор]

Дојче банк е основана во Берлин во 1870 година како специјална банка за надворешна трговија. Дојче банк е германска глобална банка и компанија за финансиски услуги со седиште во Франфуркт. Таа има повеќе од 100.000 вработени во повеќе од 70 земји и има големо присуство во Европа, Америка, Азија-Пацификот и на пазарите во развој. Во 2009 година, Дојче Банк била најголемиот дилер на девизи во светот, со пазарно учество од 21%. Таа е составен дел од берзанскиот индекс „Еуро Сток 50“.[1] Банката нуди финансиски производи и услуги за корпоративни и институционални клиенти, како и на приватни клиенти. Услугите вклучуваат: трговија со хартии од вредност, трговија со девизи, спојување и преземање, производи за управување со ризик (деривати), корпоративни финансии, управување со богатството, банкарството на мало, управување со фондови и банкарски трансакции.

Историја на банката[уреди | уреди извор]

1870-1918[уреди | уреди извор]

Идејата за основање на Дојче банк станала реалност во 1870 година, во екот на индустријализацијата. Аделберт Делбуркт се смета како вистински основач на Дојче банк. Статутот на банката бил усвоен на 22 јануари 1870 година и на 10 март 1870 година пруската влада ја доделила банкарската дозвола. Тоа било последната лиценца издадена на акционерска банка во Прусија, зашто истата година, потребата од лиценца како услов за основање банка било укинато. Основната цел на банката билоа да се намали хегемонијата на британските банки, кои продолжиле да доминираат во финансирањето на германската надворешна трговија. Помеѓу 1871 и 1873 година Дојче банк отворила пет подружници во Бремен, Јокохама, Шангај, Хамбург и Лондон. Во првата година од своето постоење Дојче банк почнаla да прифаќа депозити во готово. Кога Дојче банк започналa со работа на 9 aприл 1870 година, првата канцеларија се наоѓала во Берлин, на првиот кат во една зграда со обичен изглед. По една година, банката се преселила заедно со педесетина вработени во непосредна близина на Берлинската берза. Во почетните години од работата, Дојче банк учествувала во финансирањето на неколку големи проекти (железницата во САД, компанијата за челикКруп“ итн.) и ја вовела хемиската компанија „Баер“ на Берлинската берза.

Во втората половина од 1890-тите години започнал нов период на експанзија на Дојче банк, која формирала сојузи со големите регионални банки. За Дојче банк домашните филијали претставувале реткост во тоа време. Филијалата во Франкфурт датира од 1886 година, филијалата во Минхен од 1892 година, додека филијалите во Дрезден и Лајпциг биле основани дури во 1901 година. Покрај тоа, банката брзо ја согледala вредноста на специјализираните институции за промоција на странскиот бизнис. Благиот притисок од Министерството за надворешни работи имало голема улога во основањето на „Deustche Ueberseeische Bank“ во 1886 година и акциите преземени од новооснованата „Deutsche Asiatische Bank“ три години подоцна. Пролетта 1914 година, „Франкфуртер цајтунг“ напишал дека Дојче банк е најголемата банка во светот и тоа го означило врвот, но во исто време и крајот на една ера во развојот на Дојче банк.[2]

Периодот на Вајмарската република, 1919-1932[уреди | уреди извор]

По Првата светска војна, банката загубила поголем дел од своите средства, но одиграла значајна улога во основањето на филмската продуциска компанија „UFA“ и во спојувањето на „Дајмлер“ и „Бенц“. Подоцна, во 1929 година, банката се споила со неколку други локални банки формирајќи ја фримата „Дојче банк и дисконтно друштво”, најголемото спојување во дотогашната историја на германското банкарство. Сепак, во 1937 година, банката повторно го вратила старото име - „Дојче банк“. За време на Големата депресија, недостигот на ликвидност ја парализирал банката, која се соочувала со неможност за наплата на кредитите од своите должници.[3]

За време на Третиот рајх, 1933-1945[уреди | уреди извор]

По доаѓањето на нацистите на власт, во 1933 година, Дојче банк отуштила тројца еврејски членови на одборот на директори. Исто така, Дојче банк била вклучена во 363 случаи на конфискација на имотот на еврејските бизнисмени во периодот до ноември 1938 година. За време на Втората светска војна, Дојче банк ги презела банките во окупираните земји во Источна Европа и обезбедила банкарски седства за Гестапо и коишто послужиле да се изгради логорот „Аушвиц“. Во текот на Втората светска војна, Дојче банк управувала со повеќе банки, како: „Бохемска унион“ од Прага, „Банкфераин“ во Југославија (поделена на две финансиски корпорации, една во Србија и една во Хрватска), банката „Алберт де Бери“ во Амстердам, „Национална банка на Грција“ во Атина, „Кредитаншталт-Банкфераин“ во Австрија и Унгарија, „Германско-бугарска кредитбанк“ во Бугарија и „Комерцијална банка“ во Романија. Покрај тоа, Дојче банк имала филијала во Истанбул. Во 1999 година, Дојче банк потврдила дека била замешана во финансирањето на Аушвиц и во декември истата година банката, заедно со другите големи германски компании, уплатила 5,2 милијарди долари во компензацискиот фонд на САД, по тужбите поднесени од преживеаните од холокаустот. Историјата на Дојче банк за време на Втората светска војна била документирана од независни историчари овластени од страна на банката.[4]

Повоената обнова, 1946-1957[уреди | уреди извор]

Во текот на 1947-1948 година Дојче банк била распарчена на десет банки, кои работеле под имињата на банките кои исчезнале во спојувањата многу години пред тоа. Во овој период, банкарското име „Дојче банк“ било забрането. Но, со формирањето на Сојузна Република Германија банката се регрупирала во две фази, благодарение на напорите на Херман Јозеф Абс. Во 1957 година, со спојување на три банки, повторно била формирана Дојче банк.[5]

Ерата на интернационализација, 1958-1988[уреди | уреди извор]

Кон крајот на 1950-тите банката зачекорила во банкарството на мало и во рок од неколку години бројот на приватните клиенти се зголемил повеќекратно, паралелно со силниот раст на домашната мрежа на филијали. Во 1970-тите Дојче банк почнала да се оформува како глобална банкарска група, со основање нови филијали во странство.[6]

Глобална банка, 1989-[уреди | уреди извор]

Во текот на 1990-тите, Дојче банк извршила дополнителни превземања и формирање на експозитури во странство. Со преземањето на британската трговска банка „Морган Гренфел“ во 1989 година, Дојче банк навлегла на американскиот пазар. Во октомври 2001 година, Дојче банк започнала да котира на Њујоршката берза. Следната година, Дојче банк го зајакнала своето присуство во САД преку купувањето на „Скудер инвестмент“. Во меѓувреме, Дојче банк купила неколку банки во Европа, како: „Норисбанк“, „Берлинер банк“ и „Дојче Мејлер“. По тригодишни градежни зафати, во 2007 година било целосно реновирано седиштето на компанијата на Дојче банк - кулите близначки во Франкфурт. Во 2010 година, Дојче банк отворила казино кое работело со загуба до неговата продажба во мај 2014 година.[7]

Како последица на загубите предизвикани по Глобалната финансиска и економска криза, во средината на 2016 година Дојче банк престанала да биде дел од најголемите пет банки во светот, заземајќи го шестото место. Притоа, според самата банка, намалувањето на обемот на работењето било дел од нејзината стратегија. Сепак, наспроти падот, Дојче банк и понатаму била најголемата светска банка надвор од САД.[8] Исто така, како последица на скандалите во кои била вклучена банката, во текот на 2016 година, вредноста на акциите паднала за половина, а во првата половина од 2016 година нето-добивката на банката изнесувала само 14 милиони евра. Оттука, во септември 2016 година, акциите на „Дојче банк“ паднале на најниското ниво од 1992 година.[9]

Во јануари 2017 година, Дојче банк склучила вонсудска спогодба со британската регулаторна егенција Financial Services Authority и со американското регулаторно тело New York State Department of Financial Services, согласувајќи се да плати казна од 630 милиони долари, поради вмешаноста во т.е. „Руска шема на перење пари“ во која биле вмешани подружниците на банката во Москва, во Њујорк и во Лондон. Имнео, во периодот од април 2012 до октомври 2014 година, преку банката било извршено прелевање на над 10 милијарди долари од Русија на сметки во Кипар, Латвија, Естонија и Британските Девствени Острови. Тоа е највисоката казна што некоја банка ја платила поради перење пари. Претходно, во 2015 година, банката платила казна од 2,5 милијарди долари за манипулирањето со ЛИБОР, а во 2016 година платила казна од 7,2 милијарди долари за токсичните хипотекарни обврзници. На 27 декември 2016 година, „Мудис“ го потврдил рејтингот на Дојче банк на Ваа2 за обезбеден долг и А3 за депозити.[10]

Корпоративно управување и менаџмент[уреди | уреди извор]

Главните органи на управување и раководење во Дојче банк се:

  • Надзорен одбор
  • Управен одбор
  • Советодавен одбор
  • Извршен одбор

Надзорниот одбор[11] врши надзор и го советува Управниот одбор во управувањето на Дојче банк. Големите одлуки кои влијаат на банката бараат претходно одбрување од Надзорниот одбор. Исто така, Надзорниот одбор ги именува членовите на Управниот одбор. Надзорниот одбор ја надгледува ефикасноста на работата набанката на редовна основа. Во продолжение, Надзорниот одбор ги назначува следниве седум постојани комисии:[12]

  • Комисија за ризик
  • Комисија за посредување
  • Комисија за контрола на надоместоци
  • Комисија за интегритет
  • Претседавачка комисија
  • Одбор за ревизија
  • Комисија за номинирање

Управниот одбор е одговорен за раководење со банката. Примарна одговорност на Управниот одбор е стратешкиот менаџмент на Групацијата, алокација на ресурсите, финансиското сметководство и известување, управувањето со ризик и корпоративната контрола. Според Статутот на Дојче Банк, Управниот одбор може да формира советодавни одбори и регионални совети кои го советуваат раководството за прашања кои се однесуваат на развој на бизнисот, економијата, растот и политичкото и социјално опкружување на основните пазари и индустрии.[13]

Извршниот одбор се состои од членовите на Управниот одбор, високи преставници од деловните линии кои работат со клиенти и раководство од регионите именувано од Управниот одбор. Извршниот одбор служи како алатка за координирање на деловни активности и региони. Негова основна задача и одговорност е обезбедување на постојано формирање на Управниот одбор за деловниот развој, редовен преглед на деловните сегменти, давање совети на кабинетот на Уравниот одбор за стратешки одлуки итн.

Финансиски резултати и показатели[уреди | уреди извор]

Во 2014 година, банката ги прикажала следниве резултати од работењето:[14] [15]

  • Добивка пред оданочување од 3,116 милијарди евра (1,456 милијарди евра во 2013),
  • Нето-добивка од 1,691 милијарди евра (681 милиони евра во 2013),
  • Некаматни расходи од 27,7 милијарди евра,
  • Расходи за плати: 12,5 милијарди евра,
  • Резервации за кредитни загуби од 1,1 милијарда евра,
  • Општи и административни трошоци: 14,7 милијарди евра,
  • Вкупна актива: 1.709 милијарди евра,
  • Вкупен акционерски капитал: 68,4 милијарди евра,
  • Адекватност на капиталот (акционерски капитал од нивото 1): 11,7%,
  • Стапка на левериџ: 3,5%,
  • Цена на акцијата: 24,99 евра,
  • Основна заработка по акција: 0,34 евра,
  • Број на филијали: 2.814,
  • Филијали во Германија: 1.845,
  • Вработени: 98.138,
  • Вработени во Германија: 45.392,
  • Кредитен рејтинг: „А“ според „Стандард и Пурс“, „А3“ според „Мудис“, „А+“ според „Фич“.

Стратегија на банката до 2020 година[уреди | уреди извор]

Јасен концепт на приспособени трошоци:[16]

  • Ограничено намалување на трошоците за да се постигне подобра трошочна дисциплина,
  • Намалување на приспособените трошоци од приближно 1 до 1,5 милијарди евра до 2018 година,
  • Таргетирано намалување на нето-трошоците (Приспособени трошоци плус преструктуирање и отпремнина) на 1,5 до 2,5 милијадри евра до 2018 година,
  • Споредните операции на единицата да завршат во голема мера во 2016 година,
  • 2017 како прва „почиста“ година, а 2018 година прва година по реструктурирањето на трошоците,
  • Приближен пад на ризичната актива за 20% до 2018 година,
  • Таргетиран коефициент на акционерски капитал од 12,5% до 2018 година.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Deutsche Bank, History Chronicle (пристапено на 3.2.2016)
  2. Deutsche Bank, History Chronicle (пристапено на 3.2.2016)
  3. Deutsche Bank, History Chronicle (пристапено на 3.2.2016)
  4. Deutsche Bank, History Chronicle (пристапено на 3.2.2016)
  5. Deutsche Bank, History Chronicle (пристапено на 3.2.2016)
  6. Deutsche Bank, History Chronicle (пристапено на 3.2.2016)
  7. Deutsche Bank, History Chronicle (пристапено на 3.2.2016)
  8. „За Дојче банк нема место меѓу светските топ-5 банки“, Дневник, година XX, број 6173, сабота, 24 септември 2016, стр. 101
  9. „Вредноста на акциите на Дојче банк на најниско ниво“, Дневник, година XX, број 6175, вторник, 27 септември 2016, стр. 9.
  10. Игор Давков, „Руска шема на перење пари“, Економија и бизнис, година 18, број 225, март 2017, стр. 48-51.
  11. Deutsche Bank, Supervisory Board (пристапено на 1.2.2016)
  12. Deutsche Bank, Supervisory Board (пристапено на 1.2.2016)
  13. Deutsche Bank, Management Board (пристапено на 1.2.2016)
  14. Deutsche Bank, IR-Release, 29.1.2015 (пристапено на 1.2.2016)
  15. Deutsche Bank 3Q 2015 results (пристапено на 1.2.2016)
  16. Deutsche Bank, Strategy 2020 (пристапено на 3.2.2016)