Хартија од вредност

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Хартии од вредност)
Обврзница од 1622 година

Хартиите од вредност (англиски: Securities) претставуваат финансиски инструменти кои на нивните сопственици им носат определени финансиски права (периодични финансиски приливи, камата, учество во добивката итн.) или други права (учество во управувањето со фирмата итн.).

Елементи на хартиите од вредност[уреди | уреди извор]

Според одредбите на законите за облигации, хартиите од вредност се дефинираат како писмени исправи во кои е загарантирано извесно право кое што може да се оствари единствено со имањето на тие исправи.[1] Хартиите од вредност имаат строго пропишана форма бидејќи треба во себе да ги содржат следните елементи:

  • Видот на хартијата од вредност;
  • Фирмата, односно името и седиштето на фирмата, односно името и седиштето на издавачите на хартии од вредност;
  • Фирмата, односно нејзиното име или името на лицето на кое што (односно по чијашто наредба) хартијата од вредност гласи, односно означува дека хартијата од вредност гласи на доносител;
  • Точно означената обврска на издавачот која што произлегува од хартијата од вредност;
  • Местотото и датумот на издавање на хартијата од вредност, а кај хартиите од вредност што се издаваат во серии и нејзиниот сериски број;
  • Потпис на издавачот на хартијата од вредност.

Покрај овие битни елементи поедини хартии од вредност можат да имаат и други и тие се пропишуваат со посебни законски прописи коишто најчесто се однесуваат за една или за повеќе хартии од вредност. Хартиите од вредност што не ги содржат основните елементи и елементите пропишани со посебен закон не важат како хартии од вредност.[2]

Места на тргување и критериуми за групирање[уреди | уреди извор]

Места на тргување[уреди | уреди извор]

Хартиите од вредност се јавуваат како средство во стоковниот, кредитниот и платниот промет, при што некои од нив се јавуваат во улога на вршење на повеќе функции, а некои извршуваат исклучиво една функција. Со оглед на тоа што постои можност за лесно циркулирање во прометот, хартиите од вредност циркулираат на пазарот на пари и пазар на краткорочни хартии од вредност, на пазарот на капитал и пазар на долгорочни хартии од вредност и посебно на ефектните берзи.[2]

Критериуми за групирање[уреди | уреди извор]

Во современата економска и правна теоретска мисла и практика и во современите услови на стопанисување сретнуваме голем број на различни видови хартии од вредност. Иако хартиите од вредност се разликуваат меѓу себе, сепак кај нив постои нешто врз основа на што можат да бидат групирани во неколку неколку групи. Најчесто хартиите од вредност се групираат според следниве критериуми, односно заеднички одлики:

  • Видот на инкорпорираното право;
  • Функциите што ги имаат во стопанството;
  • Видовите на приходи што се остваруваат од хартиите од вредност;
  • Нивната достасаност за наплата (според нивната валута);
  • Местото на плаќање;
  • Издавачот;
  • Валутата на која што гласат;
  • Посебноста на пренесување на хартиите од вредност.[2]

Универзална класификација на хартиите од вредност[уреди | уреди извор]

Сите можни хартии од вредност што ги среќаваме во поразвиените пазарни економии во внатрешниот и во надворешниот промет би можеле да се поделат на:

Друга позначајна и многу попозната универзална класификација на хартиите од вредност е:

  • Хартии од вредност со кои се воспоставува кредитен однос (обврзници);
  • Хартии од вредност кои симболизираат право на сопственост (акции).[3]

Класификација на хартиите од вредност од аспект на издавачот[уреди | уреди извор]

Почитувајќи го критериумот кој ги издава, кој ги емитува хартиите од вредност се разликуваат:

  • Државни или јавни хартии од вредност и
  • Приватни хартии од вредност.

Првите се хартии од вредност што ги емитува државата (државната благајна, државните органи, организации и институции) и државни претпријатија. Втората група ја сочинуваат приватните хартии од вредност, бидејќи нив ги емитуваат приватни лица и корпорации.[4]

Класификација на хартиите од вредност од аспект на определување ДОВЕРИТЕЛ[уреди | уреди извор]

Тргнувајќи оттаму како се определува доверителот во исправата, хартиите од вредност можат да бидат:

  • Хартии од вредност што гласаат на име (т.н. рента хартии од вредност);
  • Хартии од вредност што гласат на доносител;
  • Хартии од вредност по наредба и
  • Хартии од вредност каде што има алтернативно решение кога покрај името напишано на хартијата од вредност се внесува и клаузула на доносител.[4]

Хартии од вредност што гласат на име[уреди | уреди извор]

Хартиите од вредност што гласаат на име се исправи во кои при нивното издавање е впишано името на лицето, односно фирмата на доверителот (сопственикот). Бидејќи овие хартии гласат на име не можат брзо да циркулираат во прометот. При нивното циркулирање, при преминот од еден во друг субјект мора да се оствари комплициран пренос на правото на хартијата од вреднот по пат на цесија ( забележување на името на новиот сопственик на самата хартија од вредност). Должникот по хартијата од вредност при вршењето на цесијата не може да дојде во понеповолна положба во однос на положбата што ја има пред цесијата.[5]

Хартии од вредност што гласат на доносител[уреди | уреди извор]

Хартиите од вредност на доносител се дефинирани како писмени исправи, кои покрај битните со закон определни составни делови, во себе содржат и тоа дека се работи за хартии на доносителите. Одлика на овие хартии од вредност е и тоа што имаат голема способност за циркулација. Овие хартии од вредност се издаваат во голема количина и во различни апоени поради што нивното евидентирање по серии и броеви технички е доста комплицирано а економски неисплатливо. Поради тоа, овие хартии во прометот не се сигурни. Имено,извршувањето на обврската може да се бара само од издавачот на хартијата на доносителот, бидејќи останатите лица што учествуваат во нејзиниот промет се непознати. Тоа значи дека не може да се оствари право на регрес.[6]

Хартии од вредност по наредба[уреди | уреди извор]

Со брзиот развиток на стоковно-паричните односи се зголемува и прометот со хартии од вредност. За да се одбегнат тешкотиите во врска со преносот на хартиите од вредност на име се преминало кон користење на хартии од вредност по наредба. Овие хартии се како хартиите од вредност на име со тоа што при нивното издавање се внесува дополнителна клаузула која гласи „или по наредба”. Со ставањето на оваа клаузула издавачот на хартијата се обврзува дека својата обврска на плаќање ќе ја изврши на лицето назначено во хартијата или на секое друго лице на кое своите права од хартијата тоа ќе ги пренесе. Кај овие хартии правото се пренесува со индосамент, по пат на писмена изјава или наредба на опачината на хартијата од вредност или на посебен лист, додаток наречен алонж, со која имателот на хартијата (индосантот) ги пренесува своите права од хартијата на друго лице (индосатор). Имено, со индосирањето на хартијата од вредност индосаторот станува индосант, врши пренесување на правата на друг доверител. Благодарение на постоењето на клаузулата по наредба можно е вршење на непрекината низа од индосаменти со што неограничено се пренесува хартијата од вредност од едно на друго лице сѐ до моментот на извршувањето на обврската.[6]

Класификација на хартиите од вредност од аспект на природата на правната содржина[уреди | уреди извор]

Според природата на правната содржина на хартиите од вредност, тие можат да бидат:

  • Стварно (реално, вистински) правни;
  • Облигационо правни (чек, меница, обврзница, сертификат за депонирани средства, благајнички запис и комерцијален запис);
  • Хартии од вредност со право на учество – акции.[7]

Класификација на хартиите од вредност од аспект на пазарот на тргување[уреди | уреди извор]

Ако се почитува критериумот на кој пазар се изнесуваат хартиите од вредност, можеме да разликуваме:

  • Хартии од вредност на пазарот на пари;
  • Хартии од вредност на пазарот на капитал.[8]

Хартии од вредност во Република Македонија[уреди | уреди извор]

Во Република Македонија, според одредбите на член 2 од Законот за хартии од вредност, можат да се емитуваат следните хартии од вредност:

  • акции во трговските друштва;
  • обврзници;
  • инструменти на пазарот на пари;
  • акции во инвестициските фондови кои работат според Законот за инвестициски фондови;
  • деривативни финансиски инструменти;
  • потврда за странска хартија од вредност и
  • други финансиски инструменти кои според Комисијата се сметаат за хартии од вредност.[9]

Издавачи на хартии од вредност во Р. Македонија[уреди | уреди извор]

Според член 3 од Законот за хартии од вредност како издавачи можат да се јават:

Номинална вредност и валута во која се издаваат хартиите од вредност во Р.Македонија[уреди | уреди извор]

Хартијата од вредност има '''номинална вредност''' и може да биде изразена во денари или во странска валута. Трговските трансакции со хартии од вредност на територијата на Република Македонија се вршат во денари. Според Член 6 од Законот за хартии од вредност издавањето на хартии од вредност без номинална вредност е забрането и хартијата од вредност издадена без номинална вредност е ништовна.[9]

Акт за издавање на хартии од вредност[уреди | уреди извор]

Според Член 7 од Законот за хартии од вредност, при секое издавање на хартии од вредност, издавачот е должен да донесе акт за издавање кој во зависност од видот на хартиите од вредност ги содржи следниве податоци:

  • назив на издавачот;
  • видот на хартиите од вредност;
  • целта поради која се издаваат хартиите од вредност;
  • родови и класи на акции;
  • назив на гарантот;
  • серија на хартиите од вредност;
  • вкупна вредност на емисијата;
  • номинална вредност;
  • право на глас;
  • начин на исплата на дивиденда;
  • висина на каматна стапка, начин на пресметување и исплата на истата;
  • висина на основната главнина на издавачот и процентот на учество на емисијата на обврзници во трајниот сопствен капитал;
  • можности за замена со други хартии од вредност;
  • извори на средства од каде што ќе бидат исплатени хартиите од вредност;
  • начин и време на запишување на хартии од вредност;
  • количина и апоенска структура на хартии од вредност;
  • начин и краен рок на уплата на запишаните хартии од вредност;
  • право на првенствено купување и редоследот на остварување на првенството кога акциите се издаваат во повеќе серии;
  • начин на кој се објавува издавањето на хартиите од вредност;
  • постапка за распределба на хартиите од вредност;
  • права кои произлегуваат од приоритетните акции;
  • идентитет на познат купувач при приватна понуда на хартии од вредност и
  • продажна цена на хартиите од вредност.

Комисијата за хартии од вредност ги пропишува формата и содржината на актот за издавање на хартии од вредност по видови хартии од вредност.[9]

Одобрение за издавање на хартии од вредност[уреди | уреди извор]

Издавањето на хартии од вредност на примарниот пазар, вклучувајќи ги и сопствените акции, се врши по претходно добиено одобрение од Комисијата за хартии од вредност. Издавањето на хартии од вредност на примарниот пазар вклучувајќи ги и сопствените акции, може да се врши по пат на јавна понуда и по пат на приватна понуда.[9]

Јавна понуда[уреди | уреди извор]

Барање одобрение за издавање на хартии од вредност по пат на јавна понуда[уреди | уреди извор]

Во Република Македонија, според член 12 од Законот за хартии од вредност, издавањето, понудата и продажбата на хартии од вредност по пат на јавна понуда се врши по претходно добиено одобрение од Комисијата на барањето за издавање на хартии од вредност по пат на јавна понуда од издавачот.

Содржина на барањето за одобрение за издавање на хартии од вредност по пат на јавна понуда[уреди | уреди извор]

Барањето за одобрение содржи:

  • основни податоци за издавачот;
  • основни податоци за членовите на надзорниот и на управниот одбор или на одборот на директори на издавачот;
  • основни податоци за хартијата од вредност што се издава и
  • податоци за деловното работење на издавачот и за намената на средствата од емисијата на хартии од вредност.[9]
Документација која се поднесува заедно со барањето за одобрение[уреди | уреди извор]

Според Член 14 од Законот за хартии од вредност, при поднесувањето на барањето за одобрение издавачот ги доставува следниве документи:

-емисијата е во согласност со овој закон и со актот за издавање;
-податоците наведени во барањето за одобрение се вистинити и точни и
-податоците содржани во Проспектот се вистинити и точни и дека во Проспектот не е пропуштена ниедна ценовно чувствителна информација, освен ценовно чувствителните информации чие необјавување е одобрено од Комисијата;
  • Проспект на издавачот и покана за запишување и уплата на хартиите од вредност и други информации значајни за купувачите и
  • други документи кои ќе ги утврди Комисијата.[9]
Одлучување по барањето за одобрение[уреди | уреди извор]

Според Член 16 од Законот за хратии од вредност, Комисијата врз основа на целокупната документација донесува решение за одобрување или одбивање на барањето за издавање на хартии од вредност по пат на јавна понуда во рок од 60 календарски дена сметано од денот на доставување на барање до Комисијата. Врз основа на информациите и документацијата поднесени согласно со членовите 13 и 14 од овој закон, Комисијата одлучува за одобрување или одбивање на барањето.[9]

Фактори кои влијаат на одлуката за одбивање на барањето[уреди | уреди извор]

Комисијата донесува решение за одбивање на барањето за издавање на хартии од вредност ако открие дека Проспектот:

  • не е во согласност со овој закон или со правилниците донесени врз основа на законот;
  • содржи ветување, изјава, процена или предвидување кое е лажно или неточно и
  • содржи податоци кои даваат погрешна претстава или се пропуштени важни податоци.[9]
Рекламирање на јавната понуда[уреди | уреди извор]

Издавачот може да ја рекламира јавната понуда на хартии од вредност. Рекламите поврзани со јавната понуда на хартиите од вредност треба да содржат информација за денот на првото објавување на Проспектот и местото каде што може да се обезбеди примерок од истиот. Рекламите треба да имаат промотивен карактер. Информациите во рекламата треба да бидат целосни, да не насочуваат во погрешна насока и да бидат во согласност со Проспектот.[9]

Завршување на јавната понуда[уреди | уреди извор]

Според Член 23 од Законот за хартии од вредност, Јавната понуда на хартии од вредност се смета за успешно завршена:

  • Ако во рок од 12 месеци, најмалку 60% од хартиите од вредност понудени во Проспектот се запишани и уплатени, освен ако издавачот во Проспектот не предвидел повисок процент на запишување и уплата на хартии од вредност за емисијата да се смета за успешна.
  • Ако јавната понуда не се реализира согласно со ставот (1) од овој член, истата се смета занеуспешна, а сите запишувања на хартиите од вредност се поништуваат и сите примени уплати за хартиите од вредност се враќаат на инвеститорите заедно со депозитна камата.
  • Доколку во рокот ,се запишани и уплатени повеќе од 60% од понудените хартии од вредност или повеќе од процентот предвиден од издавачот во Проспектот, издавачот може да ја затвори јавната понуда. Издавачот е должен да ја извести Комисијата и јавноста за затворањето на јавната понуда најмалку 15 работни дена пред денот кој издавачот го определува како ден за завршување на јавната понуда.
  • По завршувањето на јавната понуда, сите хартии од вредност кои не се уплатени не може да бидат предмет на продажба.
  • После успешното завршување на јавната понуда на хартии од вредност, издавачот ги регистрира хартиите од вредност кај овластен депозитар.[9]

Приватна понуда[уреди | уреди извор]

Постапка за реализација на приватната понуда[уреди | уреди извор]

Според Член 27 од Законот за хартии од вредност, во случај на приватна понуда, издавачот на хартиите од вредност до Комисијата за хартии од вредност доставува:

  • барање за одобрување на издавање на хартии од вредност по пат на приватна понуда;
  • акт за издавање на хартии од вредност и
  • предлог на соопштение до јавноста за издавање на приватна понуда.

Комисијата во рок од 15 календарски дена донесува решение со кое го одобрува или одбива барањето за приватна понуда, сметано од денот на доставување на барањето. Врз основа на податоците и документите, Комисијата донесува решение за одобрување или одбивање на барањето за одобрување на приватна понуда.

Продажната цена на хартиите од вредност кои се издаваат по пат на приватна понуда, не смее да отстапува повеќе од 20% од пазарната цена.

Хартиите од вредност кои се предмет на приватна понуда се уплатуваат во рок од 15 календарски дена од конечноста на решението.

Издавачот е должен најдоцна во рок од 5 работни дена од завршувањето на приватната понуда да ја извести Комисијата и јавноста за количината на запишаните и уплатените хартии од вредност, односно за процентот на реализација на емисијата.

Постапката за реализација на приватна понуда согласно со овој закон се применува и кога се врши зголемување на основната главнина од средствата на друштвото во форма на нови акции, без разлика колкав е бројот на акционери кои стекнуваат нови акции.

Издавачот може да изврши приватна понуда на хартии од вредност согласно со одредбите на овој закон по еден ист основ најмногу еднаш во текот на една календарска година.[9]

Регистрирање на хартиите од вредност[уреди | уреди извор]

За регистрирање на хартиите од вредност, порамнување на трговските трансакции и вршење на нетрговски преноси со хартии од вредност се основа '''депозитар за хартии од вредност''' кој функционира како саморегулирачка организација.[9]

Дефинирање на акцијата според закон[уреди | уреди извор]

Според член 2 од Законот за хартии од вредност Акција е сопственичка хартија од вредност, која претставува неделив и идеален дел од основната главнина на акционерското друштво или командитното друштво со акции. Акциите можат да бидат обични и приоритетни;[9]

Придобивки од акцијата[уреди | уреди извор]

Акциите како хартии од вредност со варијабилен приход на сопственикот не му донесуваат приход однапред, на пример камата како што е случајот со обврзниците, но затоа му донесуваат низа други права, кои честопати, се позначајни од приходите врз основа на камата. Акциите му донесуваат на нивните сопственици нематеријални и материјални права.[10]

Видови нематеријални права[уреди | уреди извор]

Во групата на нематеријални права спаѓаат:

  • правото на учество во работењето на собранието на акционерите;
  • право на одлучување за сите прашања во собранието на акционерите;
  • право на добивање на сите деловни информации од деловната и раководната на акционерското претпријатие и други права.[10]

Видови материјални права[уреди | уреди извор]

Во групата на материјални права спаѓаат:

  • правото на сразмерен дел од остварената добивка '''(дивиденда)''' на акционерското претпријатие;
  • право на првенство во купувањето на новоемитувани акции;
  • правото на сразмерен дел од ликвидационата маса кога се води постапка на леквидирање на акционерското претпријатие.[10]
Видови исплати на дивиденди[уреди | уреди извор]

Исплатувањето на двидендата може да се оствари на три начина:

  • Во вид на готови пари;
  • Во вид на имот;
  • Во вид на акции.

Досегашната практика упатува на тоа дека најчест облик се исплатувањата во готово, а исплатата во акции се врши кога претпратијето го зголемува својот акционерски капитал. Многу ретко се исплатува дивиденда во имот и тоа најчесто се врши по пат на доделување на хартии од вредност на други компании или пак сосема ретко во стоки што ги произведува претпријатието акционер.[10]

Ефекти од емитување акции[уреди | уреди извор]

Емитувањето на акции на акционерското претпријатие му овозможува:

  • Финансирање со кое се основа претпријатието или се проширува неговото работење и
  • Дистрибуција на сопственоста.

Покрај тоа, акциите од марко аспект на националната економија овозможуваат прибирање на слободните парични средства и нивно алоцирање на секторите што се најпродуктивни. Во развиените пазарни економии акциите овозможуваат подвижност на акумулацијата и тоа не само во рамките на националната економија, туку и во меѓународни рамки по пат на купување и продавање на акциите на пазарите на капитал и на долгорочни хартии од вредност.[10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Тихомир Јовановски, Финансиски пазар, Скопје, стр.66.
  2. 2,0 2,1 2,2 Тихомир Јовановски, Финансиски пазар, Скопје, стр.67.
  3. Тихомир Јовановски, Финансиски пазар, Скопје, стр.68.
  4. 4,0 4,1 Тихомир Јовановски, Финансиски пазар, Скопје, стр. 68.
  5. Проф.д-р Тихомир Јовановски, Финансиски пазари страна 68
  6. 6,0 6,1 Проф.д-р Тихомир Јовановски, Финансиски пазари страна 69
  7. Проф.д-р Тихомир Јовановски, Финансиски пазар, 1995, стр. 69.
  8. Проф.д-р Тихомир Јовановски, Финансиски пазари стр. 70
  9. 9,00 9,01 9,02 9,03 9,04 9,05 9,06 9,07 9,08 9,09 9,10 9,11 9,12 9,13 „Закон за хартии од вредност“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2015-03-31. Посетено на 2013-12-29.
  10. 10,0 10,1 10,2 10,3 10,4 Проф.д-р Тихомир Јовановски, Финансиски пазари страна 87