Фич

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Fitch Ratings Inc.
Oснована 24 декември 1913 година
Седиште Њујорк и Лондон
Клучни личности Пол Тејлор (Paul Taylor) - Претседател
Дејност Финансиски услуги

Фич (англиски: Fitch) е мултинационална групација, која обезбедува финансиски информативни услуги. Групацијата „Фич“ дејствува во над 30 земји. Таа е составена од неколку компании, кои се занимаваат со собирање, анализа и дисеминација на финансиски информации, како и со анализа на ризиците. Најпознат дел од групацијата е компанијата „Фич рејтингс“, која е една од водечките меѓународни агенции за кредитен рејтинг.

Структура на групацијата „Фич“[уреди | уреди извор]

Групацијата „Фич“ е во заедничка сопственост на „Fimalac“, со седиште во Париз и „Hearst Corporation“, со седиште во Њујорк. Taa е составена од неколку компании:[1]

  • Fitch Ratings - компанија за кредитен рејтинг и истражување,
  • Fitch Solutions – компанија за информации за кредитниот пазар, аналитички алатки и услуги поврзани со ризикот,
  • Fitch Learning – компанија за информации и развојни решенија за глобалната индустрија на финансиски услуги, и
  • Business Monitor International - компанија за информации за ризикот на земјата и индустријата.

Историја[уреди | уреди извор]

Групацијата „Фич“ е во заедничка сопственост на „Fimalac“, со седиште во Париз и „Hearst Corporation“, со седиште во Њујорк. На 12 април 2012 година, „Hearst Corporation“ го зголемил нивниот удел во „Fitch Group“ до 50%. Претходно, „Hearst Corporation“ учествувала со 40% од акциите на компанијата, додека „Fimalac“ бил мнозински сопственик со 60% од акциите. За продажбата на акциите, „Fimalac“ примил 177 милиони долари, односно 135 милиони евра од „Hearst Corporation“. „Фич“ има двојно седиште: во Њујорк и во Лондон.[2] „Фич“ била една од трите национално признати рејтинг организации (NRSRO), признаени од страна на американската Комисија за хартии од вредност во 1975 година, заедно со „Мудис“ и „Стандард и Пурс“, а овие три агенции се познати како „три големи кредитни рејтинг агенции“.

Фирмата е основана од страна на Џон Ноулс Фич (John Knowles Fitch), на 24 декември 1913 година, во Њујорк, под името „Fitch Publishing Company“. Во декември 1997 година, оваа компанија се споила со „IBCA Limited“. Во 2000 година, „Фич“ ги презел фирмите „Duff & Phelps Credit Rating Co.“ и „Thomson Financial Bankwatch“.

„Фич рејтингс (Fitch ratings)“ е најмалата од „големите три“ национално признати статистички рејтинг агенции, покривајќи помал дел од пазарот во споредба со „Стандард и Пурс“ и „Мудис“. Во септември 2011 година, „Фич груп (Fitch Group)“ ја објавил продажбата на „Algorithmics“ (софтвер за анализирање на ризикот) на „ИБМ (IBM)“ за 387 милиони долари. Договорот бил реализиран на 21 октомври 2011 година.

Менаџмент[уреди | уреди извор]

Organisational structure of Fitch

Врвниот менаџмент на групацијата „Фич“ го сочинуваат:

  • Пол Тејлор (Paul Taylor) - претседател и главен извршен директор на групацијата, назначен во април 2012 година. Исто така, тој е претседател и главен извршен директор на „Фич рејтингс“ (од јануари 2010 година).
  • Чарлс Браун (Charles D. Brown) - извршен потпретседател и секретар, одговорен за светските правни и регулаторни работи и за управување на правното одделение. Тој, исто така е член на Извршниот комитет на „Фич“.
  • Роберт Харпел (Robert Harpel) - главен директор за технологија. Во оваа улога, тој го надгледува глобалната технолошка инфраструктура и развојот на апликации.
  • Ијан Линел (Ian Linnell) - глобален аналитички раководител на „Фич рејтингс“ (од 2012 година), кој го надгледува рејтингот и истражувањето за сите сектори, вклучувајќи ги и корпоративните финансии, финансиските институции, структурираните финансии, јавните финансии на САД и глобалната инфраструктура. Тој е, исто така, одговорен за глобални операции на групацијата.
  • Теодор Нидермаер (Theodore E. Niedermayer) - извршен потпретседател и главен финансиски директор на групацијата (од јуни 2014 година).
  • Џон Олерт (John Olert) - главен кредитен референт (од јануари 2010 година), кој е одговорен за рејтингот, обезбедување квалитет, обезбедување информации за пазарот и истражување.
  • Марк Олин (Mark Oline) - глобален шеф за деловни односи на „Фич рејтингс“, одговорен за комерцијалните деловни операции, комуникациската и истражувачката стратегиска функција.

Скала на инвестициски рејтинг[уреди | уреди извор]

„Фич“ дава мислење за релативната способност на субјектот да ги исполни финансиските обврски, како камати, дивиденди, отплата на главницата, барања за осигурување или договорна обврска итн. Кредитниот рејтинг се користи од страна на инвеститорите како индикатор кој ја покажува веројатноста за враќање на заемот во согласност со пропишаните услови во договорот. Кредитните рејтинзи на оваа агенцијата го покриваат спектарот на корпорациите, финансиски, банкарски, осигурителни, општински и другите јавни финансиски субјекти, како и хартиите од вредност или другите обврски кои ги издаваат. Со текот на времето, за да се опише некоја од категориите од „ААА“ до „BBB“(позитивна инвестициска оценка) и од „BB“ до „D“ (спекулативна оценка), започнале да се користат изразите „инвестициска оценка“ и „спекулативна оценка“.

Инвестициската оценка покажува релативно ниско до умерено ниво на ризик, додека спекулативната оценка покажува високо ниво на ризик. Ознаката „не е оценет (NR)“ се користи за означување на хартии од вредност, за кои „Фич“ има оценето дел од хартиите од вредност, но не сите кои го сочинуваат капиталот.

Кредитниот рејтинг го одразува нивото на кредитен ризик, а не го одразува пазарниот ризик, промената на каматните стапки, ликвидноста итн. Сепак, треба да се земе во предвид фактот дека случувањата на пазарот имаат влијание на способноста на должникот да си ја исполни својата обврска. Значењето на одделните оценки што ги користи „Фич“ е следното:

  • ААА – најдобар кредитен квалитет - означува најниско очекувано ниво на ризик. Оваа оценка се доделува само во случаи на исклучително силен капацитет за исплаќање на финансиските обврски. Овој капацитет не е зависен на предвидливите настани.
  • АА – многу висок кредитен квалитет - многу ниско очекувано ниво на ризик. Овие фирми покажуваат многу силен капацитет за исплата на финансиските обврски. Овој капацитет не е значително подложен на предвидливите настани.
  • А - Висок кредитен квалитет - ниско ниво на очекуван ризик, т.е. силен капацитет за плаќање на финансиските обврски. Овој капацитет може, сепак, да биде повеќе ранлив на несакани деловни или економски услови, отколку што е случај со повисокиот рејтинг.
  • 'BB - Добар кредитен квалитет - укажува дека очекувањата за стандарден ризик во моментот се на ниско ниво. Капацитетот за исплата на финансиските обврски се смета за соодветен, но негативните деловни или економски услови се со поголема веројатност да го нарушат капацитетот.
  • BB – Шпекулативни - зголемен ризик од неисполнување на обврските поголема ранливост, особено во случај на негативни промени во деловните или економските услови со текот на времето. Сепак, постои деловна или финансиска флексибилност и има можнот за сервисирање на финансиските обврски.
  • B - Мошне шпекулативни - ризикoт е присутен, но во ограничена мерка, т.е. сигурноста во наплатата на заемот останува. Финансиските обврски во моментот се исполнети, меѓутоа капацитетот за продолжување на плаќање е подложен на промените на деловната и економската средина.
  • CCC – Значителен кредитен ризик - должниците со овој кредитен рејтинг се ранливи и зависни од економските услови.
  • CC – Високо ниво на кредитен ризик - високо ранливи, многу шпекулативни обврзници.
  • C – Премногу високо ниво на кредитен ризик - класифицираните во оваа група се можеби во стечај или долгови, но сепак продолжуваат со исполнување на нивните обврски. Економските услови, како и деловните услови имаат големо влијание врз нив.
  • RD – Ограничена ризичност - укажува на претходно неисполнување на обврските, но сè уште фирмата не е влезена во ликвидација или стечај.
  • D - Ризични - „Фич“ смета дека компанијата ќе влезе во постапка на стечај или ликвидација.

Долгорочен кредитен рејтинг[уреди | уреди извор]

Долгорочните рејтинзи на „Фич“ се претставени според азбучна скала од „AAA“ до „D“. Тие за прв пат биле претставени во 1924 година, а подоцна биле приспоосбени и лиценцирани од „Стандард и Пурс (Standard & Poor's)“. Кредитната агенција „Мудис (Moody's)“ користи слична скала за рејтинг, но разликата е во тоа што категориите се поинаку именувани. За подобро прикажување на оценката, „Фич“ ги користи и знаците +/- за секоја категорија помеѓу „АA“ и „CCC“, како на пример: АА+, AA, AA-, A+, A, A-, BBB+, BBB, BBB- итн.[3]


„Фич“ „препорачува инвестирање“, доколку оценката на фирмата е една од следниве:

  • ААА – најдобри компании, доверливи и стабилни
  • АА –добри компании, малку поголем ризик од ААА
  • А – економската состојба може да има влијание на финансиите
  • BBB – компании од средна класа, кои се поволни во моментот.


„Фич“ ги смета за „спекулативни“ оние фирми кои се оценети со некоја од следниве оценки:

  • BB – повеќе се осетливи на промените во економијата
  • B – постојат значителни разлики во финансиската состојба
  • CCC – во моментот се ранливи и зависни од економските услови при исполнување на своите обврски
  • CC – високо ранливи, многу спекулативни обврзници
  • C – високо ранливи, можеби во стечај или долгови, но сепак продолжува да ги исплаќа обврските
  • D – има неисполнување на обврските и „Фич“ верува дека тоа се однесува на сите обврски
  • NR – не се јавно вреднувани

Краткорочен кредитен рејтинг[уреди | уреди извор]

Краткорочниот кредитен рејтинг го покажува потенцијалниот ризик за период од 12 месеци. Притоа, тој се означува со следниве симболи:[4]

  • F1+ - оценка за најдобар квалитет, укажува на исклучително силен капацитет на должникот за сервисирање на долгот.
  • F1 – оценка за висок квалитет, укажува на силен капацитет на должникот за сервисирање на долгот.
  • F2 – оценка за добар квалитет, укажува на задоволителен капацитет на должникот за сервисирање на долгот.
  • F3 – укажува на соодветен капацитет на должникот за сервисирање на долгот, но неповолни економски услови, во блиска иднина би можеле да влијаат на способноста на должникот за исплата на долгот.
  • B – оценка од спекулативна природа и минимален капацитет за исплата на долгот кој е подлежен на промените од економска и финансиска природа.
  • C – ризикот е висок и капацитетот за исплата на долгот е подлежен на економските и финансиските промени.
  • D – должникот не може да си ги исполни обврските.

Статистика и матрици на транзиција[уреди | уреди извор]

Во 2014 година, „Фич“ ги објавил просечните кумулативни стапки на неисполнување на обврските на должниците кои имаат кредитен рејтинг од оваа агенција, за периодот 1995-2014 година. Притоа, во временски хоризонт од една година, 1,72% од должниците со рејтинг од „ВВ+“ не ги исполниле своите обврски, а овој процент изнесувал 1,61% за должниците со рејтинг од „В-“ и дури 26,1% за оние со рејтинг од „ССС“ и пониско. Во временски хоризонт од три години, 1,96% од должниците со рејтинг од „ВВВ+“ не ги исполниле обврските, а овие проценти се движеле од 4,41% за рејтингот „ВВ“ до 26,32% за рејтингот „ССС“ или пониско. Во временскиот хоризонт од пет години, просечната стапка на неисполнување на обврските за сите рангирани должници изнесувала 2,56%, но таа била повисока кај должниците со рејтинг „ВВ“ (6,35%), со „В-“ (9,62%) и „ССС“ или пониско (27,8%).[5]

Критика[уреди | уреди извор]

Агенциите за кредитен рејтинг, меѓу кои и „Фич“, се постојано подлежни на критики. Постојат примери за инвеститори кои изгубиле голема сума на пари и покрај тоа што својот капитал го инвестирале во компании кои „Фич“ ги оценил со ААА, односно со највисока позитивна оценка која иницира на многу ниско ниво на ризик. Сепак, за разлика од другите агенции, „Фич“ го предупредува пазарот за можностите за сервисирање на долговите преку изготвување на ран и предкризен извештај.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Fich Ratings
  2. Sale of 10% of Fitch Group to Hearst
  3. Фич, Долгорочен кредитен рејтинг
  4. Фич, Краткорочен кредитен рејтинг
  5. Игор Давков, „ВВ со негативна тенденција...“, Економија и бизнис, година 18, број 220, октомври 2016, стр. 30-33.