Капитал

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето


За други значења видете Капитал (појаснување)

Поимот капитал има неколку меѓусебно поврзани значења во економијата, финансиите и сметководството.

Видови капитал[уреди | уреди извор]

Капиталот може да биде „физички“ (опрема, машини, производен и работен простор, суровини, полуготови и готови производи) и „финансиски“ (готовина, хартии од вредност итн.). Меѓутоа, треба да се прави разлика меѓу капиталот и личниот имот, бидејќи личниот имот не учестувува во производниот процес. Ако имотот се продаде и добиените пари се се вложат во производството, тогаш личниот имот всушност станува капитал. Капиталот може да се подели на фиксен и варијабилен. Средствата кои подолго ќе се задржат како вложувања во производството претставуваат фиксен капитал, додека оние средства кои се користат за тековното работење претставуваат варибијален капитал. Капиталот, исто така, може да се подели на сопствен или позајмен. Првиот е оној што се внесува во производството од страна на сопственикот и на него не се плаќа камата, додека позајмениот се средствата позајмени за одреден временски период при што мора да се врати позајмената вредност и каматата.

Капиталот како фактор на производството[уреди | уреди извор]

Во економијата, капиталот е еден од факторите на производството. Притоа, во економијата, во најширока смисла, под капитал се подразбира збирот (залихата) на сите корисни предмети и оваа дефиниција ги вклучува предметите за потрошувачка (мебел, автомобили итн.), предметите се производство (машини, транспортни средства, алати), па дури и парите и природните ресурси (суровини). Формална дефиниција на капиталот би била: сè, освен луѓето, што дава корисни услуги во значителен временски период. Според тоа, капиталот го сочинуваат сите економски одбра, освен луѓето и потрошните добра. Притоа, човекот не се вклучува во капиталот од етички причини, односно затоа што тој не може да биде предмет на продавање и купување. Потрошните добра (на пример, парче пита или настап на музичка група) не се капитал зашто тие не траат подолго време. Капиталот ги вклучува само оние добра кои даваат корисни улуги во сегашноста и во иднината. Оттука, капиталот не е синоним на богатството, зашто тоа ги вклучува сите добра кои ги поседува човекот во еден момент, вклучувајќи ги и потрошните добра. Понатаму, капиталот може да се дефинира и како акумулиран фонд на општа производна сила, т.е. него го сочинуваат сите минати доходи што се опредметени во оние добра кои даваат доход во сегашноста и во иднината.[1] Во продолжение, капиталот се разликува од инвестициите: капиталот ја претставува залихата на производи кои служат за производство, додека инвестициите се тек, односно тие го претставуваат порастот на капиталот во некој временски период (месечно, годишно итн.).[2]

Капиталот се разликува од останатите фактори на производството (трудот или земјата) по тоа што тој не мора да биде подложен на законот за опаѓачки приноси, т.е. со зголемување на количеството на капитал, секоја дополнителна единица капитал не мора да даде помало производство од претходната единица. Отсуството на опаѓачките приноси кај капиталот е последица на тоа што секоја нова единица капитал се комбинира со поголем број работници (ако расте населението), со поквалитетни работници (како резултат на образованието) и со нова, понапредна технологија. Оттука, кај капиталот тешко може да се замисли состојбата во која секоја дополнителна единица се комбинира со исто количество (и квалитет) на другите производни фактори.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 275-276.
  2. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 284.
  3. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 285-286.