Валмиера (германски: Wolmar, естонски: Volmari) — најголем град во регионот Виѕеме, Латвија, со површина од 18,1 квадратни километри. Тој е центар на општината Валмиера. Во 2002 градот имал 27.323 жители, а во 2017 имал 24.818 жители. Се наоѓа на крстопатот на неколку важни патишта, 100 километри североисточно од Рига, главниот град на Латвија, и 50 километри јужно од границата со Естонија. Валмиера се наоѓа на двата брега на реката Гауја.[1]
Валмиера и најблиската околина биле едни од најстаро населените региони на Латвија. Археолошките докази покажуваат дека местото било населено уште пред 9.000 години. Главни стопански гранки во Валмиера се прехранбената индустрија (млеко, месо и жито), производството на фиберглас, браварскиот занает, преработка на дрво и производство на мебел. Градот е домаќин на КК Валмиера, кој ја освоил кошаркарската лига на Латвија во сезоната 2015–16.