Шопско Рударе
Шопско Рударе Шопско Рудари | |
Панорамски поглед на селото | |
Координати 42°04′15″N 22°00′40″E / 42.07083° СГШ; 22.01111° ИГД | |
Регион | Североисточен |
Општина | Кратово |
Население | 42 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1360 |
Повик. бр. | 031 |
Шифра на КО | 14031 |
Надм. вис. | 451 м |
Шопско Рударе на општинската карта Атарот на Шопско Рударе во рамките на општината | |
Шопско Рударе на Ризницата |
Шопско Рударе (поретко: Шопско Рудари) — село во североисточниот дел на Македонија, во Општина Кратово, во околината на градот Кратово.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Името на селото има значење и потекнува од македонскиот јазик, односно е составено од придавката шопско која доаѓа од зборот Шоп со која се именува етнографската група на Македонците и Бугарите кои живеат на просторот меѓу Софија и Штип, која често има значење на прост човек од планини и професионалната именка во множина Рудари, која означува лице што копа или преработува руда.[2]
Имајќи ја предвид местоположбата на селото во познатиот рударски крај во Кратовско и североисточна Македонија името соодветствувало на занимањето на неговите жители, додека определбата Шопско е понова и е додадена за означување на македонската христијанска припадност на жителите за разлика од недалечното пробиштипско село Турско Рудари. Во минатото селото било помалку познато и како Долно Рударе, при што за името на селото Ѓорче Петров запишал дека Рудари се нарекува Шопско зашто се наоѓа во кратовскиот „Шоплук“, а Долно го викаат за разлика од другото Рудари кое што го нарекуваат Горно (Турско, н.з.).[3]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото Шопско Рударе се наоѓа во западниот дел на територијата на Општина Кратово, од левата страна на Крива Река. Расположено е по ребрата на кратовско-кумановскиот дел на планината Липович, разделено во маала одделени едно од друго со куќи раштркани по височините.[4] Селото е раштркано, а маалата се издигаат на надморска височина од 430 до 530 метри. Од градот Кратово селото е оддалечено 16 километри.[4]
За селото поопширен опис дава и македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, каде забележал дека е расположено по североисточните ребра на кумановско-кратовскиот дел на планината Липовиќ и по нејзе блиските височини. Има маала дури и преку реката до Вакуф. После Страцин, Шопско Рудари е најрастурено село во казата. Разделено е на маала одделени едно до друго, во кои куќите се растурени и расфрлени тук-таму по височините. Тоа зафаќа должина од 3 ½ часа.[3] Според кажувањата на самите мештани, маалата во атарот на селото зафаќаат обиколка од нешто околу 2 часа одење пешки.[5]
До селото се стигнува преку асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 29277.
Шопско Рударе било релативно големо село со издвоени маала на обата брега на Крива Река. Тоа се граничи со селата: Коњух на запад, Вакуф на исток, Татомир на југ и Куклица на север. Иако административно припаѓа на Општина Кратово, географски се смета за дел од пошироката Кумановска Област. Во минатото селаните со вода за пиење се снабдувале од извори и бунари, а попознати извори соѕидани како чешми биле: Царева Чешма, Пет Кладенци и Калуѓери.[6] Денес, селото поседува водовод.[5]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Туртеш, Каљбула, Забел, Островица, Кралица, Џаница, Црвена Чука, Ковачица, Бела Трева, Манастир, Св. Илија, Кула, Џамија, Скрча, Долна и Горна Река, Караџин Крст, Рупи и Руле.[6]
Селото има многу разбиен тип, имајќи скоро ист број на маала колку што има родови. Поголемиот дел од маалата се наоѓаат на левиот брег на Крива Река, каде како попознати се: Цанковци, Левковци, Бошковци, Криво Маало и други, додека на десниот брег на Крива Река се наоѓаат само три маала (Велковско, Грујинско и Шутинско). Некои од маалата ја менувале својата местоположба неколку пати.[6] Други маала се: Левковци, Умишко Маало, Крстевско Маало, Цоцевско, Јојевско, Црногорско, Чергинско, Ангеловци и други.
Средишниот дел на селото се наоѓа во маалата Чергинци и Јовевци, каде се наоѓаат двете цркви, училиштето, матичната служба и селската продавница.[6]
-
Маалото Милкинци, дел од селото
-
Поглед на маалата на селото со патот до манастирот
-
Едно од маалата на селото
Историја
[уреди | уреди извор]На просторите и пошироката област во долините на Пчиња и Крива Река каде што се наоѓа селото Шопско Рударе постоел живот уште во праисторијата, за што сведочи мегалитската опсерваторија Цоцев Камен која се наоѓа во атарот на селото. Првпат во пишаните документи селото се среќава во XVI век, односно во 1519 година запишано само како Рударе, а нешто подоцна во турските документи од 1570 година се среќава запишано како Рудар.[2]
Народното предание пак наведува дека на просторот на денешното село постоело старо словенско село наречено Неновци. Меѓутоа, во тоа село биле убиени Турци (сејмени), кои дошле од Кратово, поради што турската војска го уништила селото.[6]
Од старото село се зачувале седум домаќинства, кои подоцна го основале новото село, кое било наречено Рударе. Од овие домаќинства потекнуваат денешните родови: Цанковци, Левковци, Бошковци и други. Помал дел од мештаните се доселени од непознати места или пак од соседните кратовски села, Вакуф и Куклица.[6]
Потврда дека селото постоело во XVI век е тоа што и самите мештани кажуваат дека старата селска црква потекнува од XV или XIV век, која се наоѓа во средишниот дел на селото.[6]
На 24 август 1904 четата на Јордан Спасов влегува во Шопско Рударе и убива четири мажи и три жени. Како резултат на тоа, селото се приклучило кон Бугарската егзархија.
Во минатото Шопско Рударе со околу 200 до 300 куќи претставувало најголемо село во целиот крај, заради што отсекогаш и било административно средиште за селата во северозападниот дел на Кратовско во долината на Крива Река. Во периодото помеѓу двете светски војни, во селото работела и жандармериска станица.[6]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото е голем и зафаќа простор од 27,5 км2, при што преовладуваат обработливите површини со површина од 1.058 хектари, на пасиштата отпаѓаат 822 хектари, а на шумите 613 хектари.[4]
Во основа, селото има мешовита земјоделска функција. Во селото има услужни објекти.[4]
Населението кое живее во Шопско Рударе претежно се занимава со сточарство, полјоделство и пчеларство.[5] Доста е застапено градинарството за сопствени потреби односно одгледувањето лук, кромид, пипер и патлиџан. Од житата се одгледуваат пченица, пченка и по малку овес. Чувањето стока пред сѐ се заснова на одгледување кози и во многу помал дел на крави, волови и крупен добиток. Поради големиот број цветни ливади, доста домаќинства имаат по десетина пчелни сандаци од кои произведуваат мед. Со земјоделство и градинарство на своите имоти се занимаваат и некогашни жители, кои денес живеат во Кратово и Куманово.
Многу мал дел на жители се занимаваат и со дејности во градежништвото, како ѕидарство. За стопанството и дејностите на жителите на Шопско Рударе во 1896 пишувал и Ѓорче Петров, кој запишал дека годишниот данок (спахилак) на Шопско Рударе изнесувал 55.000 грошеви. Од овие податоци се дознава дека Шопско Рудари за време на турското ропство не било чифлик, туку било самостојно и слободно село со обврска да плаќа данок. Во однос на производите тој запишал дека во Шопско Рударе се произведува доволно тутун и истите производи на горните села меѓу кои најмногу пченица од сортите „црвенка“ и „брица“, ’рж и пченка, додека јачменот и овесот не успевал (не фаќал зрно - „леб“) поради болеста метил која на пролет им ја пренесувале мушички кои го цицале нивниот сок. Целиот предел има изобилство од тревнати ливади кои богато ја прехрануваат стоката, што е случај и денес.[3]
Во минатото, на атарот на селото постоеле и рударски окна во месностите Рупи и Руле, каде што се забележуваат остатоци од згура.[6]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Шопско Рударе живееле 750 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Шопско Рударе имало 680 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 800 Македонци.[9]
Голем дел од населението на Шопско Рударе се иселил, при што селото забележало огромен пад на бројот на своите жители кои во 1961 броеле 1280, а во 1994 се намалило на 239 жители.[4] Според проценки на мештаните, бројот на жители денес се движи околу 180 луѓе.[5]
Според пописот од 2002 година во Шопско Рударе живееле 143 жители, сите Македонци.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 42 жители, од кои 29 Македонци и 13 лица без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 750 | 680 | 997 | 1.217 | 1.280 | 1.093 | 549 | 280 | 239 | 143 | 42 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
[уреди | уреди извор]Во селото Шопско Рударе отсекогаш па сѐ до денес живеат исклучиво Македонци од православна христијанска вероисповед кои во најголем дел потекнуваат од староседелски родови.[6]
Според истражувањата од 1972 година, родови во селото се:
- Македонски родови:
- Староседелци: Бошковци, Кривомалци, Чезаци и Груевци кои слават Свети Архангел, Левковци, Милкинци и Китановци кои слават Свети Никола, Цанковци кои слават Света Пречиста, Петковци и Ангеловци кои потекнуваат од ист предок и слават Св. Никола, Јовевци слават Митровден, при што секој род имаа свое посебно маало и за сите овие родови се вели дека потекнуваат од првобитните седум селски куќи.
- Доселеници: Поповци, Миленковци и Бојчевци кои потекнуваат од ист предок, но не го знаат местото на доселување, Тасевци, Ѓаци и Длагачевци слават Св. Никола и тие не го знаат своето место на доселување (можно е Длагачевци да потекнуваат од кумановското село Д’лга), Ќосевци, Крстевци и Сердарци слават Св. Архангел и се со непознато потекло, Чергинци слават Св. Ѓорѓи (посен), Борозанци слават Св. Меркуриј и се доселиле од блиското село Вакав, Велковци слават Св. Архангел и се огранка од Борозанци, Шутинци слават Св. Меркуриј, а нивниот предок како посинок се доселил од селото Куклица.
- Ромски родови: Во селото живееле три ромски домаќинства: две православни и едно муслиманско. Православните живееле во маалото Борозанци, додека муслиманското, кое било ковачко, живеело во маалото Чергинци.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Најголемиот дел луѓе кои се иселиле од Шопско Рударе се населени во Кратово, Куманово и Скопје.[5] Родот Кајмакамци (2 к.) се иселил во блиското село Димонце.[6]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Основно училиште „Кочо Рацин“, подрачно петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Кочо Рацин“ - Кратово
- Месна заедница
- Амбуланта
-
Месната заедница на селото
-
Основното училиште во селото
-
Месната заедница на селото
-
Управен објект во селото
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Кон крајот на XIX век, Шопско Рударе било село во Кратовската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Кратово, една од ретките општини која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од некогашната Општина Кратово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кратово. Селото припаѓало на општината Кратово и во периодот 1955-1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Шопско Рударе, во која покрај селото Шопско Рударе, се наоѓале и селата Вак’в, Кетеново, Коњух, Секулица, Татомир и Топаловиќ. Во периодот 1950-1952 година селото било седиште на некогашната Општина Шопско Рударе, во која влегувале селата Коњух и Шопско Рударе.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0920 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[16]
На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 81 гласач.[17]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[18]
- Градиште — градиште од доцноантичкото време;
- Кралица — градиште од доцноантичкото време;
- Селиште — населба од римското време;
- Цоцев Камен (познато и како Трон или Пешта) — вулканска карпа која во праисторијата се користела како мегалитска опсерваторија; и
- Царева Чешма — населба од неолитското, железното и доцноантичкото време.
- Цркви[19]
- Црква „Св. Никола“ - Шопско Рударе — главна селска црква, постојат два објекти, стара и нова црква; и
- Црква „Св. Илија“ — манастирска црква.
- Манастири
- Шопскорударски манастир — манастир каде постојат и кладенци.
- Параклиси
- Параклис „Св. Петка“ — параклис
-
Новата градба на црквата „Св. Никола“
-
Старата градба на црквата „Св. Никола“
-
Манастирската црква „Св. Илија“
-
Параклис „Св. Петка“
-
Манастирот
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави[5]
- Тодорица — селаните редовно на црковно-народен собор како селска слава го празнуваат празникот Тодорица или Тодорова сабота, во првиот понеделник од Велигденските пости (после Прочка).
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Шопско Рударе
- Коле Младеновски (1921-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Трајан Арсовски (1925-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Страхил Ефремовски (1924-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Стојан Кипријановски (1924-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Љубе Серафимовски (1921-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Мирко Серафимовски (1919-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Ѓорѓи Спасовски (1922-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Ратко Славковски (1922-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Јордан Славковски (1925-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Саше Ивановски (р. 1980) — македонски новинар
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 206.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ 3,0 3,1 3,2 Петров, Гьорче (1896). Материали по изучванието на Македония (бугарски). Печатница Вълковъ. стр. 543.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 157. Посетено на 23 август 2022.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 Според кажување на жители на селото. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Ѕвонко Петровски на 25 мај 2015
- ↑ 6,00 6,01 6,02 6,03 6,04 6,05 6,06 6,07 6,08 6,09 6,10 Трифуноски, Јован (1974). Кумановска област. Скопје: САНУ. стр. 190–193.
- ↑ Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 221.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.130-131.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 28 август 2022.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 септември 2022.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 3 септември 2022.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 189. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Шопско Рударе на Ризницата ?
- Приватна страница за селото Архивирано на 4 март 2016 г.
|