Емирица
Емирица — село во Општина Кратово, североисточна Македонија.
Географија[уреди | уреди извор]
Ова е типично планинско село во Осогово, сместено на надморска височина од 1.122 м, источно од градот Кратово. На југ се наоѓа зимскиот центар Пониква. Селото е од разбиен тип, и неговите маала (Буковица, Врдовачка Маала и Шуманска Маала) лежат на надморска височина од 1.200 до 1.420 м. Атарот е прилично голем, со површина од 24 км2.[1]
Над селото извира Емиричка Река и тече низ него, а потоа преминува низ други места, па завршува како притока на Кратовска Река.
Историја[уреди | уреди извор]
Подрачјето на Емирица е населено уште од доцната антика, за што сведочи наоѓалиштето Градиште вое неговата околина.[2]
Во XIX век Емирица било село во Кратовската каза на Отоманското Царство. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 г. Емирица има 100 жители, сите Македонци[3] христијани.[4]
На почетокот на XX век селото било по врховенството на Бугарската егзархија. Според податоците на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. Емирица (Emiritza) имала 80 жители, сите Македонци[3].[5]
Стопанство[уреди | уреди извор]
Емирица има мешовито земјоделско стопанство. Според податок од 1998 г. селото располага со 1.490,6 ха шуми, 595,7 ха пасишта и 217,6 ха обработливо земјиште.[1]
Демографија[уреди | уреди извор]
Селото значајно пораснало во првите децении на XX век, така по Втората светска војна е забележано повеќе од двократно население во однос на почетокот на векот. Растот продолжил во следниот период, но во 1970-тите бројноста почнала значително да опаѓа, така што на пописот од 1981 г. се забележуваат двојно помалку жители. Во текот на следната деценија населението повторно се располовило и продолжило да се намалува со слично темпо.
Според пописот од 2002 година, во селото имало 18 жители, од кои 17 Македонци и 1 останат.[6] Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900[4] | 1905[5] | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 100 | 80 | 243 | 266 | 268 | 239 | 104 | 44 | 37 | 18 |
- Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[7]
Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]
- Археолошко наоѓалиште
- Градиште — градиште од доцноантичко време
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ 1,0 1,1 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја (изд. I.). Скопје: Патрија. стр. 122. ISBN 9989-862-00-1.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 183. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ 3,0 3,1 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите отсекогаш се изјаснувале како Македонци.
- ↑ 4,0 4,1 К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ 5,0 5,1 Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
|