Приковци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Приковци
Панорама на селото Приковци.jpg

Панорама на селото Приковци

Приковци is located in Македонија
Приковци
Местоположба на Приковци во Македонија
Координати 42°03′37″N 22°08′46″E / 42.06028° СГШ; 22.14611° ИГД / 42.06028; 22.14611Координати: 42°03′37″N 22°08′46″E / 42.06028° СГШ; 22.14611° ИГД / 42.06028; 22.14611
Регион Logo of Northeastern Region, North Macedonia.svg Североисточен
Општина Coat of arms of Kratovo Municipality.svg Кратово
Население 114 жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1360
Повик. бр. 031
Надм. вис. 1063 м
Слава Св. Ѓорѓи


Приковци — село во Општина Кратово, во околината на градот Кратово.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Дел од селото Приковци

Селото Приковци се наоѓа во јужниот дел на Општина Кратово, недалеку од градот и од патот Кратово - Шлегово - Пробиштип.[1] Од градот Кратово селото е оддалечено 6 километри во југозападен правец.

Сместено е во подножјето на западната падина на планината Плавица на зарамнетиот дел на преслапот преку кој води патот и границата со Пробиштипско. Кон исток се отвора пространа висорамнина на која се наоѓаат повеќе ниви, ливади и лозја, а на чиј мал рид се наоѓаат и крст и фудбалско игралиште. Приковци е ридско село расположено на надморска височина од 800 метри.[1].

Куќите на селото се распоредени од двете страни на регионалниот пат при што во горниот дел на падините на Плавица е маалото Врбичани, додека останати маала се Шаиковци и Арсево Маало. Над селото во ридовите избива обилен извор чија квалитетна вода за пиење е спроведена преку водовод кој е изграден пред 20 години.[2]

Местоположбата на Приковци е доста поволна бидејќи кон исток и север се издигнуваат пошумените падини на планината Плавица со помали ливади за пасишта, додека кон запад се отвора пространо поле со обработливо земјиште. Атарот на Приковци зафаќа површина од 6,2 км², на кој шумите зазаемаат површина од 263 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 204 ха, а на пасиштата 104 ха.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Глетка на селото Приковци во подножјето на Плавица

Наоѓајќи се во познатата рударска област во североисточна Македонија чии што рудни богатства биле ископувани уште во античките македонски и римски, како и во средновековните византиски и отомански времиња, во селото Приковци и неговата околина имало човечко присуство и организиран живот уште од најдамнешни времиња.

Во пишаните извори Приковци се сретнува во турските пописни даночни дефтери од XVI и XVII век кога селото потпаѓало под вилаетот Кратово. Во XVI век Приковци имало статус на царски хас и во него живееле 35 македонски христијански семејства и 25 неженети кои произведувале пченица, жито, граор, зелка, грозје, вино, бостан и одгледувале свињи и пчели за што плаќале данок од 4510 акчиња.[3]

Подоцна во 1618/19 селото запишано како Приковче броело 12 домаќинства, а во 1637 имало 14 домаќинства, сите Македонци христијани. Меѓу жителите на соседното село Шлегово постои предание дека порано во селото Приковци живеело и турско население и било турско село.[2], меѓутоа пишаните извори од крајот на XIX и почетокот на XX век го наведуваат Приковци како чисто македонско село со 100 односно 144 жители сите Македонци христијани. Според кажувањето на самите жители на Приковци сегашното село е основано од жители кои се доселиле од осоговското планинско село Врбица на кратовски Лисец пред околу 200 години, а во самото село има родови со потекло од планинските кривопаланечки и пробиштипски села Герман и Барбарево.

Имајќи ја предвид самата стратешки важна местоположба на Приковци на преслапот и важниот пат помеѓу двете области и бројните рударски окна над селото на Плавица, можно е во него да имало турска војска и население. Дополнителено кон оваа претпоставка може да се приложи фактот што на многу места во кои живееле турско и муслиманско население ширум источна и средишна Македонија, по нивното иселување се имаат населено Македонци од православна вероисповед од планинските села во кривопаланечко и на Осогово.

Глетка од Приковци

Сепак, староста на селската црква и обновата на црквата „Св. Петка“ на темелите на постара црква, сведочат дека селото од дамнина живеело македонско христијанско население. При описот на Кратовската каза во одделот за топографијата во книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров дава мал опис и за Приковци. Имено, тој запишал дека Приковци е село со многу лозја и ливади од кои излегува добро сено, расположено заедно со Шлегово во подножјето на Плавица на ½ час од градот Кратово.[4] Во втората половина на ХХ век, по Втората светска војна селото Приковци бележи значајна изградба, покрај асфалтирањето на патот се изградени и повеќе објекти на општествени установи како училишна зграда, месна канцеларија, задруга и продавница, фудбалско игралиште, а пред 20 години биле изградени и водовод и канализација.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото Приковци потекнува и има значење од македонскиот јазик. Во пишаните историски извори селото се сретнува и како Приковче и Прикофче. Потеклото и настанокот на името доаѓа најверојатно од тоа што тука имало ковачници на кои се ковала растопената руда, па со додавката -при името на селото Приковци означува кај ков(ачни)ци. Ова може да се потврди со многубројните рударски јами кои ги има на падината на Плавица над селото од кои се ископувала руда со олово, цинк и злато, како и од остатоците од згура од топената руда на ридот над селото. Имајќи ја поволната местоположба на зарамнето место во подножјето на преслап каде води главниот пат, не е исклучено тука да се обработувала, топела и ковала рудата поради што селото го добило името Приковци. Населението во селото нема некое посебно предание или толкување на името на селото.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Поглед кон сретселото на Приковци

Според составот на атарот, местоположбата и условите кои ги нуди околината на Приковци селото има мешовита функција и има поволна стопанска состојба. Од земјоделството најмногу и во најголеми количества се одгледуваат пченка и пченица од житата, компир, лук, како и градинство односно одгледување на пиперки, домати (патилиџани), краставици, кромид во бавчите околу куќите претежно за сопствени потреби.[2] До пред 30 години во селото и пошироката околина се одгледувало и многу тутун како и многу лозја од кои денес се обработува помал дел од кои се произведува познатото кратовско црно вино.[2]

Идеалните услови со бројни ливади и нискостеблеста шума над и околу селото условуваат дел од населението да се занимава и со сточарство односно одгледување на крупен добиток како крави и говеда, а во помала мера и кози. Од турските пописни дефтери од XVI век е познато дека жителите на Приковци произведувале пченица, жито, граор, зелка, грозје, вино, бостан и одгледувале свињи и пчели за што плаќале данок од 4510 акчиња.[3] За занимањето и стопанството на Приковци на крајот на XIX век македонскиот револуционер Ѓорче Петров запишал дека тоа има многу лозја и ливади од кои излегува добро сено.[5]

На планината Плавица и ридовите над селото има многубројни јами од рудници и остатоци од згура, а и во моментот англиско-македонска компанија врши истражувања на рудните наоѓалишта на овој предел. Дел од населението се е вработено и во рударскиот комбинат „Силекс“ и блискиот рудник „Добрево“ во Пробиштипско. Поради поволната сообраќајна положба на селото некои негови жители се занимаваат и со услужни дејности како превоз на стока и патници со камиони и автобуси. Во селото работи и продавница. Повеќе куќи во селото се новоизградени, убаво и модерно опремени и уредени што сведочи за релативно добрата економска состојба на жителите на Приковци.

Население[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002 година, селото Приковци брои 114 жители, сите Македонци. Низ годините во Приковци живеел и помал број на Срби, но со последниот попис немало изјаснето ниту еден.

Од селото Приковци се иселил голем број на населението, па така тоа преминало од средно во мало село населено исклучиво со македонско население. Така, во 1961 година во Приковци живееле 238, а во 1994 година 153 жители, сите Македонци.[1]. Сепак забележително е дека падот на бројот на населението не толку голем и драстичен како кај повеќето други села, што се должи на тоа што Приковци се наоѓа многу блиску до Кратово и лежи на главниот регионален пат кон Пробиштип, со што поради добрата сообраќајна поврзаност има добри услови за живот. Поради тоа, иако во училиштето во Шлегово учат само 8 деца, сепак во Приковци има и младо население како и многудетни семејства со 3 и 4 деца.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[6] 1905[7] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 100 144 207 228 238 209 168 157 153 114
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]

Родови[уреди | уреди извор]

Во селото Приковци живеат исклучиво Македонци од православна христијанска вероисповед. Родови кои живеат во селото се: Врбичани кои имаат свое маало во горниот дел на селото и се првите доселеници кои го основале селото преселувајќи се од селото Врбица кое се наоѓало на падините на Осогово под врвот или огранката наречена Лисец над Кратово. Други македонски родови и семејства кои живеат во селото се: Автовци доселени од кривопаланечкото село Герман, Грковци, Шаиковци, Арсеви, Додеви, Насевски, Панови, Јакимови, Каровски, Ивановски, Естатиеви, Таскови, Младеновски, Максимови, Илиеви/Илиевски, Стефанови, Сентови, Аневски, Костадинови, Богданови.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Месна канцеларија која се наоѓа во зградата која била изградена и предвидена да биде училиште.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во Општина Кратово, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кратово. Селото припаѓало на општината Кратово и во периодот 1955-1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Кратовска градска општина, во која покрај градот Кратово, се наоѓале и селата Близанци, Горно Кратово, Емирица, Железница, Живалево, Кавран, Кнежево, Којково, Куново, Мушково, Нежилово, Приковци, Туралево, Филиповци и Шлегово. Во периодот 1950-1952 година, селото се наоѓало во рамките на тогашната Општина Шлегово, во која покрај Приковци се наоѓало и селото Шлегово.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[9]
Манастири

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Прослава на празникот Свети Ѓорѓи зимен или посен на 9 декември кој воедно е селска и црковна слава на која се собира голем општонароден собир на жителите од Приковци и околните села.
  • Прослава на Црн Петок, околу 1 мај, со голем собор во возобновениот манастир Света Петка во горниот дел на селото.
  • Одржување и посета на голем народен собор на врвот Лисец

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

  • ФК „Младост“ — порано успешно се натпреварувал во општинската и регионалната лига, а денес повеќе не постои. Фудбалското игралиште сѐ уште постои на источниот крај на селото.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од селото Приковци има иселеници во соседното село Шлегово, Кратово, Пробиштип, Штип, Скопје и Куманово.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 245. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Според кажување на жители на селото. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Ѕвонко Петровски на 25 мај 2015
  3. 3,0 3,1 Соколоски, Методија (1980) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 48–49. 
  4. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр. 580
  5. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр. 580
  6. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  7. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  8. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  9. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред. Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]