Железница (село)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Железница
Влезот на селото Железница.jpg

Патоказ на влезот во селото Железница

Железница is located in Македонија
Железница
Местоположба на Железница во Македонија
Координати 42°08′39″N 22°15′11″E / 42.14417°СГШ 22.25306°ИГД / 42.14417; 22.25306Координати: 42°08′39″N 22°15′11″E / 42.14417°СГШ 22.25306°ИГД / 42.14417; 22.25306
Регион Logo of Northeastern Region, North Macedonia.svg Североисточен
Општина Coat of arms of Kratovo Municipality.svg Кратово
Население 220[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1360
Повик. бр. 031
Надм. вис. 604 м
Commons-logo.svg Железница на Ризницата


Железницасело во североисточниот дел на Македонија, во Општина Кратово, во околината на градот Кратово.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Дел од селото Железница

Железница е село кое се наоѓа во северниот дел на Општина Кратово, а неговиот атар се допира со територијата на Општина Ранковце.[2] Сместено е во долината на Кратовска Река од нејзината десна страна, со маала раштркани по западната падина на Осогово. Поради тоа што селото е на оддалеченост на околу 3 километри северозападно од Кратово, тоа припаѓа на неговата рурална зона.[2]

Железница е ридско и раштркано село од разбиен тип со маала кои се наоѓаат на надморска височина од 640 до 790 метри.[2] Средната надморска височина изнесува 640 м. Дел од Железница се маалата: Врбица, Бел Камен, Мишинци и др. Низ самото селото минува главниот регионален пат кој го поврзува Кратово со Куманово и Крива Паланка преку Страцин.

Атарот на селото Железница зафаќа простор од 9,1 км², на кои пасиштата заземаат површина од 377,7 ха, на шумите отпаѓаат 347,8 ха, а на обработливото земјиште 198,6 ха.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Името на селото се должи на железните рудници распространети во целата област и користени уште од најстарите времиња. Најстарите записи за селото Железница потекнуваат од опширните турски пописни дефтери XVI век кога тоа било царски хас и во него живееле 40 македонски христијански семејства, 22 неженети, 4 вдовици и 2 муслимански чифлици.[3] Вo османлиските даночни регистри на немуслиманското население од Кратовскиот крај во 1618/19 година селото е познато под името Железница кое во тоа време имало само 16 домаќинства.

Во XIX век Железница станува егзархиско село во Кратовска кааза на Османлиската империја. Според статистиката на Васил К’нчов од 1900 година Железница има 300 жители. За селото Железница многу краток запис дава и македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, каде запишал дека: Железница се наоѓа ¼ час десно од Железна Порта по која што го добила и своето име.[4] Тоа е сиромашно село со 45 куќи, а повеќето жители му се ратаи (наемни земјоделски работници) кои работат највеќе на градските лозја.[4]. Во почетокот на 20 век населението било под владеењето на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на егзархијата Димитар Мишев во 1905-та година во Железница имало 240 бугарски егзархисти.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото Железница е со потекло од македонскиот јазик и доаѓа од богатството со железна руда која ја има и се ископувала во непосредната околина на селото и поширокиот кратовски крај. Македонскиот револуционер Ѓорче Петров во 1896 запишал дека селото го добило своето име поради тоа што се наоѓа во близина на месноста Железна Порта[4], што секако повторно се должи на изобилството и ископувањето на железна руда во кратовскиот крај каде што се наоѓа селото.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Дел од селото Железница

Според составот на атарот селото Железница има мешовита земјоделска функција.[2] За економската состојба на селото Железница на крајот на XIX век податоци дава Ѓорче Петров, кој запишал дека е сиромашно село со 45 куќи, а повеќето жители му се ратаи (наемни земјоделски работници) кои работат највеќе на градските лозја.[4] Поради непосредната близина до Кратово и добрата поврзаност со асфалтен пат, поголем број жители и денес работат дејности во околните фабрики и производствени погони и во градот Кратово. Жители на Железница работат во блиските фабрики и погони за брусени плочи за сечење и брусење кои се користат за потребите на металургијата „Иднина Змеј“ и „Техно-Абразив“, во фабриката на „Добра Вода“, во блиските ископи на камен за градежништво и рудни наоѓалишта, а работат и како авто-превозници и градежни работници во Скопје, Куманово и ширум цела Македонија.

Дел од населението се занимава и со земјоделство во прв ред сточарство односно со одгледување на кози, а од полјоделство од житата се одгледува пченка во долината на Кратовска Река и градинарски култури претежно кромид, лук, домат, пиперки, краставици во дворовите за сопствени потреби. Во турските пописни дефтери од XVI век за селото Железница е запишано дека произведувало пченица, жито, граор, леќа, грозје, вино, сено, ореви, се одгледувале свињи и пчели, во него работела и воденица, а жители од Кратово обработувале земја во синорот на селото, за што севкупно се плаќало данок од 5200 акчиња.[3]

Население[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002 година, селото Железница имало 220 жители, сите Македонци.

Селото Железница бележи стабилност на бројот на населението, со постојан но благ пад. Бројот на жителите на селото Железница во 1961 година изнесувал 397 жители, а во 1994 живееле 267 жители, сите Македонци.[2] Низ годините, освен мал број на Срби, немало други народности, кои живееле во селото.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[5] 1905[6] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 300 240 362 391 397 393 313 283 267 220
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[7]

Родови[уреди | уреди извор]

Селото Железница е населено исклучиво со македонски родови. Семејства кои живеат во селото Железница се: Митевски, Јовановски, Велкови, Диневи, Стоевци, Ѓорѓиевски, Коцевски и др.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Во селото Железница работи подрачна единица на кратовското основно училиште во кое се посетува настава до четврто одделение.[2]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

  • Писан Камен — месност со праисториска карпеста уметност. Импресивен комплекс од гравири од типот аркуформи, или форми на стрела во контекст на купули, крстовидни форми и божества.[8]. Месноста „Писан Камен“ во с. Железница, Кратовско, е содржински најбогат во светски рамки[9]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во Општина Кратово, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кратово. Селото припаѓало на општината Кратово и во периодот 1955-1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Кратовска градска општина, во која покрај градот Кратово, се наоѓале и селата Близанци, Горно Кратово, Емирица, Железница, Живалево, Кавран, Кнежево, Којково, Куново, Мушково, Нежилово, Приковци, Туралево, Филиповци и Шлегово. Во периодот 1950-1952 година, селото исто така се наоѓало во рамките на тогашната Општина Кратово, во која покрај градот Кратово, влегувале и селата Близанци, Железница и Нежилово.

Личности[уреди | уреди извор]

  • Тоне Железнички — деец на ВМОРО, воjвода на чета за време на Илинденското востание, со која што оди на помош на војводата Григор Манасиев и се бори со војската во месноста Петроко на планината Плавица. По востанието учествува во каналот за пренос на оружје и материјали од Бугарија за Македонија.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. "Попис на Македонија" (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 30 март 2013. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 123-124. 
  3. 3,0 3,1 Соколоски, Методија (1980) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 42–43. 
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 Петров, Гьорче (1896) (на бугарски јазик). Материали по изучванието на Македония.. Печатница Вълковъ. стр. 540. 
  5. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  6. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  7. "Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна". Државен завод за статистика. 
  8. Карпеста уметност во Македонија - „Паноптикум“
  9. - Карпеста уметност во Македонија

Надворешни врски[уреди | уреди извор]