Коњух

Координати: 42°04′53″N 21°57′34″E / 42.08139° СГШ; 21.95944° ИГД / 42.08139; 21.95944
Од Википедија — слободната енциклопедија
Коњух

Панорамски поглед на селото

Коњух во рамките на Македонија
Коњух
Местоположба на Коњух во Македонија
Коњух на карта

Карта

Координати 42°04′53″N 21°57′34″E / 42.08139° СГШ; 21.95944° ИГД / 42.08139; 21.95944
Регион  Североисточен
Општина  Кратово
Население 112 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1360
Повик. бр. 031
Шифра на КО 14012
Надм. вис. 450 м
Слава Спасовден
Коњух на општинската карта

Атарот на Коњух во рамките на општината
Коњух на Ризницата

Коњух — село во североисточниот дел на Македонија, во Општина Кратово, во околината на градот Кратово.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа на крајната западна страна на Општина Кратово, од левата страна на Крива Река, а чиј атар се допира со подрачјето на општината Куманово.[2] Селото е раштркано, а маалата се издигаат на надморска височина од 480 до 600 метри. Од градот Кратово селото е оддалечено 23 километри.[2]

До селото се стигнува преку асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 29277.

Куќите на ова село се наоѓаат лево и десно од Крива Река. Лево од реката се наоѓаат маалата: Горно, Долно, Ресавско и Црноруковско. Десно од реката е маалото Кашла. Околни села се Бељаковце, Пезово, Шопско Рударе и Димонце. Помеѓу Коњух и Шопско Рударе се наоѓа длабоката долина на малата река Врлеј, притока на Крива Река. Жителите се служат со вода за пиење од извори и бунари.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Калиман, Жлеб, Градиште, Гаѓин Камен, Љољак, Коњушки Камен, Деделица, Јахер, Блага Страна, Длага Страна, Цеев Рид, Брнарски Рид, Присој, Мицев Рид, Црни Камењ, Лока, Козарачки Рид, Остри Чукар, Плакало, Русин Преслап, Црцало, Ражино Брдо, Селиште, Дрзава, Чука, Коњушки Рид и Модре Лиске.[3]

Селото има разбиен тип. Главниот дел на селото е во Горно и Долно Маало, каде се наоѓа селското училиште и најголемиот број на домаќинства. Доста помали и издвоени се маалата Ресавско, Црноруковско и Кашла.[3]

За него македонскиот револуционер Ѓорче Петров, во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“, запишал дека е сместено во подножјето на југозападниот крај на Липовиќ, малку над реката и на половина час од Димонце и Довезенце.[4]

Историја[уреди | уреди извор]

Град Коњух[уреди | уреди извор]

Археолошкото наоѓалиште Големо Градиште се претпоставува дека можеби е дредниот град Транупара

Во долниот дел на долината на Крива Река, кај денешното село Коњух, судејќи по географската местоположба, пронајдените старини и народната традиција, во минатото постоела значајна утврдена населба, која била наречена Коњух-град.[3]

Населбата се наоѓала покрај Крива Река, на нејзиниот лев брег. Денес, таму се наоѓа археолошкото наоѓалиште Големо Градиште, како што се нарекува и самата месност. Таму се наоѓаат бројни остатоци од некогашните градски бедеми, остатоци на куќи, стари гробови, големи земјени ќупови и друго. Во подножјето на градиштето се наоѓаат остатоци на камен мост преку широкото корито на немирната Крива Река. Недалеку од месноста се наоѓаат местата Манастириште и Црквиште, каде исто така има остатоци од старини.[3]

Населбата на Градиште во минатото сигурно била значајна, бидејќи се наоѓала на раскрсница на патишта и на премин преку Крива Река. Подоцна, овие патишта изгубиле важност и мештаните се иселиле. Народната традиција наведува дека се иселиле во Солун, каде имале посебно Коњушко Маало.[3]

Село Коњух[уреди | уреди извор]

Денешното мало село потекнува од првата половина на XIX век. Било основано од доселеници од други поблиски и подалечни околни села. Први доселеници се предците на денешниот род Дандуровци, доселени од околината на Прилеп, а подоцна дошле предците на родот Ресавци, по потекло од областа Ресава во Србија.[3]

Пред крајот на турската власт, земјата во Коњух била чифчијска. Во 1912 година имало четири чифлици во сопственост на кратовски Турци: Мамуд-бег, Амет-бег, Бари-бег и Аџи Јусеин-бег.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот на селото зафаќа простор од 14,1 км2, при што преовладуваат обработливите површини со површина од 658 хектари, на пасиштата отпаѓаат 602 хектари, а на шумите само 49 хектари.[2]

Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948524—    
1953635+21.2%
1961707+11.3%
1971579−18.1%
1981328−43.4%
ГодинаНас.±%
1991188−42.7%
1994184−2.1%
2002150−18.5%
2021112−25.3%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Коњух живееле 190 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Коњух имало 160 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци и 25 до 50 Власи.[7]

Коњух во 1961 година било средно по големина село, со 707 жители, но во 1994 година преминало во мало село, со 184 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Коњух живееле 150 жители, сите Македонци.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 112 жители, од кои 104 Македонци, 1 Ром и 7 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 190 160 524 635 707 579 328 188 184 150 112
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови[уреди | уреди извор]

Коњух е македонско село, а имало и Роми.[3]

Според истражувањата од 1972 година, родови во селото се:

  • Македонци:
    • Доселеници: Дандурци или Прилепци (6 к.), тие се најстар род во селото. Доселени се од Прилепско; Ресавци (10 к.), доселени се од областа Ресава во Србија; Коларци (3 к.), гранка се од претходниот род; Динговци (6 к.), Бунгурци (4 к.), Црноруковци (4 к.) и Миндисци (1 к.), доселени се, но не знаат од каде; Дамјановци (2 к.), доселени се од селото Мечкуевци во Овче Поле; Димитријевци (2 к.) доселени се од селото Пезово после 1912 година; Петраличанци (3 к.) и Стојковци (3 к.), доселени се од селото Петралица кај Крива Паланка. Првите се доселени во 1917 година, а вторите во 1922 година; Ѓуковци (1 к.), доселени се од селото Габар кај Крива Паланка; Бантевци, Калинци, Тотевци и Динговци, живеат во маалото Кашла, каде преминале од другите маала.
  • Роми: Лолевци (11 к.), Падаровци (10 к.), Папевци (5 к.), Величковци (3 к.) и Кара-Јовановци (3 к.), не знаат ништо за своето потекло. Тие се православни.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од Коњух има значаен број на иселеници. Претходно мештаните се иселувале во другите кумановски села, додека во поново време иселувањата се кон градовите Куманово и Скопје.[3]

Македонски иселеници има во кумановските села: Новосељане (Коњушани, 12 к.), Димонце (Лисичарци, 2 к.), Петровец (Коњушани, 9 к.), Бељаковце (Суѓевци, 4 к. и Ѓурчинци, 3 к.), Кучкарево (Спасевски, 5 к.), Скачковце (Живачки, 4 к.) и Биљановце (Блаженоски, 1 к.).

Ромски иселеници има во селото Војник, Димонце (Коњушани, 2 к.) и гратчето Свети Николе (Чемберови, 2 к.).

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Зградата на поранешното основно училиште „Гоце Делчев“

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, Коњух било село во Кратовската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Кратово, една од ретките општини која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од некогашната Општина Кратово.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кратово. Селото припаѓало на некогашната општина Клечевце во периодот од 1955 до 1962 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Шопско Рударе, во која покрај селото Коњух, се наоѓале и селата Вак’в, Кетеново, Секулица, Татомир, Топаловиќ и Шопско Рудари. Во периодот 1950-1952 година селото влегувало во рамки на некогашната Општина Шопско Рударе, во која влегувале селата Коњух и Шопско Рударе.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0922 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 87 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Во близината на Коњух се пронајдени остатоци од ранохристијанска базилика во кружен облик (ротондата) од V век. Црквата се наоѓа во подножјето на карпестиот гребен каде има остатоци од стари утврдувања. Наоѓалиштето е познато под името Стар Град или Градиште. Во селото се наоѓа и коњушкиот манастир во чии рамки има црква од XIII век.

Археолошки наоѓалишта[16]
Цркви[17]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Слави[3]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во или по потекло од Коњух

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 157. Посетено на 23 август 2022.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 Трифуноски, Јован (1974). Кумановска област. Скопје: САНУ. стр. 187–190.
  4. Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 386. ISBN 978-608-245-113-8.
  5. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 221
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 130-131.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 23 август 2022.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 27 август 2022.
  15. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 27 август 2022.
  16. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 184. ISBN 9989-649-28-6.
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]