Турско Рудари

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Турско Рудари
Куќи во селото Турско Рудари.jpg

Куќи во селото Турско Рудари

Турско Рудари is located in Македонија
Турско Рудари
Местоположба на Турско Рудари во Македонија
Координати 41°58′50″N 22°15′23″E / 41.98056° СГШ; 22.25639° ИГД / 41.98056; 22.25639Координати: 41°58′50″N 22°15′23″E / 41.98056° СГШ; 22.25639° ИГД / 41.98056; 22.25639
Регион Logo of Eastern Region, North Macedonia.svg Источен
Општина Coat of arms of Probištip Municipality.svg Пробиштип
Област Злетовско-пробиштипско
Население 185[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 2210
Повик. бр. 032
Надм. вис. 540 м
Слава Илинден
Commons-logo.svg Турско Рудари на Ризницата


Турско Рудари — село во Општина Пробиштип, во Злетовско-пробиштипскиот регион, во околината на градот Пробиштип.

Етимологија[уреди | уреди извор]

Селото во минатото било познато само како „Рудари“, што потекнува од рударските јами од кои во минатото се ископувала руда, сместени во негова непосредна близина. Додавката „Турско“ веројатно потекнува од периодот под отоманска власт кога македонското население целосно се иселило и во него се доселиле Турци, како и од потребата да се разликува од селото Шопско Рудари во околината на Кратово. Ова име останало и денес, иако во него повеќе нема Турци.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Турско Рудари се наоѓа на половина пат меѓу Злетово и Шталковица, од левата страна на Злетовска Река. Сместено е на просторот каде Шталковска Река излегува од својата клисура и почнува да тече по брановидна рамнина од нејзината десна страна сè до своето устие во Злетовска Река. Самата населба се наоѓа од двете страни на Штаковска Река и е од збиен тип. Селото е ридско и се наоѓа на надморската височина од 540 м. Поради планинскиот венец Пударница, Турско Рудари е заштитено од студените ветрови од север. Атарот на селото е релативно голем и зафаќа површина од 10,5 км2. Низ селото минува стариот каравански пат Кратово-Кочани.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Иако самото име на селото Турско Рудари упатува на тоа дека населбата настанала за време на турскиот период, историските факти откриваат дека истата постоела и пред отоманското освојување. Имено, меѓу Турско Рудари и соседните села Шталковица и Рајчани, и денес се наидува на ниски рударски јами во кои се влегува со лежење. Покрај тоа, во јамите се откриени чекани со кои е копана рудата, потоа дрвени корита и санки со кои рудата е извлекувана на површина. За неговото постоење и во средниот век сведочеле и трите полуразрушени рударски кули, слични на кратовските, кои постоеле меѓу двете светски војни, а со иселувањето на Турците биле разрушени и употребени за изградба на куќите на доселениците. Потврда за тоа дека во непосредна близина на селото се копала руда е и тоа што во еден документ, кодекс на султанот Сулејман Величествениот од 1536 година, било наведено следново:

„Во рудникот Косел во Кратово има добри и згодни јами, кои можат да бидат паун (ровови што содржат руда) заради што многу луѓе сакале да ги оживеат и тие да проработат. Сега во споменатиот рудник започнало да се копа во 17 јами, па, ако Бог даде, во секоја ќе се стигне до руда.“

Месноста Косел што се спомнува во кодексот на Сулејман Величествениот не са наоѓа во Кратово, туку во Кратовската нахија, во која административно припаѓа селото Турско Рудари. Денес, маалото на ова село од коешто се гледаат старите рудокопи се нарекува Косел. Во пописниот турски дефтер од 1570 година, селото е именовано како Рудари и во него не се појавува нехристијанско население. Во околните села сè уште е сочувано преданието дека до пред 2-3 века во селото живееле Македонци. Нивните христијански гробишта се низводно на реката и се именувани како стари гробишта, каде што во минатото имало и црквичка. Кон крајот на 17 век, веројатно по Карпошовото востание и пустошењата на Кримските Татари, населбата била напуштена и во неа се населиле Турци од Овчеполието. Нешто подоцна, во селото се доселиле и Турците од селото Трипатанци, коешто се наоѓа 5-6 км југозападно, на левиот брег на Злетовска Река. Под притисок на доселените Турци, месното население започнало да го напушта селото. Последните три семејства од селото кои живееле во маалото Косел во почетокот на 19 век се иселиле. Познато е дека последното семејство се преселило во селото Бунеш. Со тоа, селото било претворено во населба населена исклучиво со Турци, во којашто имало џамија, тулбе и високи огради околу домовите.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Местоположбата на селото, сместено на границата меѓу ридско-планинско земјиште обраснато со треви и шума и релативно пространата рамнина од двете страни на Шталковска Река, е предодредено за земјоделство и сточарство, додека рударството, кое било развиено во средниот век, е запуштено.

Турските пописни дефтери од 1570 година преку даночните задолженија од 6.600 акчиња за само 43 домааќинства покажуваат значен развој на земјоделството. Меѓу другото, оданочени биле 49 товари мешано жито, 40 товари пченица, 4 товари граор, како и 1788 акчиња ушур од шира. Исто така, се одгледувало и лозје, бостан, свилена буби и пчели. Во селото имало и пет воденици, од кои три на Ламбо Никола, една на Нове Петко и неговиот син Стево, и една на Пири, син на Мустафа. Без оглед на промената на етничкиот состав на населението во селото низ вековите, во него отсекогаш се одгледувал висококвалитетен тутун, а се чувал и значаен број на кози сè до нивното уништување. Меѓутоа, со иселувањето на Турците во третата декада на 20 век, доселениците кои главно потекнувале од високопланинските села и претежно се занимавале со сточарство започнале да ја менуваат својата производствена ориентација. Сточарството започнало да се запоставува, а населението сè повеќе се занимавало со полјоделство.

Бројот на земјоделски стопанства во 1960 година изнесувал 51 и до 1991 година се намалил на 41 стопанство. Со индустријализацијата забележано е намалување на обработливата земјоделска површина, па денес вкупната земјоделска површина во атарот на селото изнесува 882 ха, од кои обработливото земјиште е на површина од 263 ха, на пасишта отпаѓаат 388 ха, а на шуми 231 ха.[3] Бројот на овци во 1960 година изнесувал 460 грла, а во 1991 година бил речиси двојно намален на 242 грла. Од земјоделските култури, денес најмногу се произведува жито, односно пченка и јачмен, а од индустриските култури тутун, памук и сончоглед.

Население[уреди | уреди извор]

Од демографски аспект селото Турско Рудари, како е веќе речено во историскиот дел, првин е населено со Македонсци а подоцна, по Карпошовото востание, ја менува етничката структура и е населено исклучиво со Турци. Од првите верификувани пописни податоци од 1570 година, во селото имало 35 христијански домаќинства, 8 турски домаќинства и 29 неженети лица. Последните неколку македонски семејства се иселиле во првите години од 19 век.

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Турско Рудари имало 350 жители, сите Турци.[4] Според некои извори, 15 семејства во тоа време биле потомци на турски доселеници од Трипатанци, 5 семејства биле бегалци од Босна и Бугарија, а 3 семејства биле на Албанци доселени од Кумановско. Со иселувањето на Турците, најпрво по Првата балканска војна, а целосно во третата декада од 20 век, започнало доселување на население од високопланинските села од Осоговскиот масив.[5] Во текот на 20 век, селото броело од 200-300 жители, но во последните декади е забележително намалување поради иселувањето најмногу во Ѓорче Петров, Злетово и Пробиштип.

Според последниот попис од 2002 година, во селото живееле 185 жители, сите Македонци. Бројот на домаќинства изнесувал 54, а бројот на живеалишта 95.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[6] 1905[7] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 350 / 277 297 284 225 224 172 172 185
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]

Родови[уреди | уреди извор]

Со оглед на тоа што населението е доселено од високопланинските села, родовите потекнуваат од местата од каде што семејствата се доселиле. Меѓу нив, Малогорци се од Кнежево, Карајовановци од Каврачко, Стамболијци, Татарци, Клинчаревци и Мурџовци од Мушково, Валавичари, Кацарци, Шушњарци, Карадаци и Тоневци од Којково, а Порјасци, Карашовци, Деспотовци и Велкови од Јамиште. Останатите семејства се доселиле од селата Зеленград, Близанци, Лесново, Добрево, Нежилово итн.[5]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[9]
Споменици
  • Спомен-плоча посветена на С. Ефтимов Василев.[11]
Реки

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 22 декември 2016. 
  2. Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 305. 
  3. Населени места во Општина Пробиштип — Турско Рудари, официјално мрежно место на Општина Пробиштип.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 223.
  5. 5,0 5,1 Апостолов, Александар, Кондев, Тодор, Керамидчиев, Апостол, Василевски, Ангел, Арсениевски, Лазо и Домазетовски, Стоимир. „Злетовска област, географско-историски осврт“. Скопје, 1974. стр. 82-83.
  6. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  7. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  8. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  9. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  10. Освет на камен темелник за изградба на црква посветена на „Св. вмч. Димитриј Солунски“ во с. Рудари, злетовско – Општина Пробиштип
  11. Споменичко наследство — Споменици и спомен обележја, официјално мрежно место на Општина Пробиштип.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Спахо, Фели. „Турски рударски закони“. Гласник земаљског музеја. Сарајево, 1913.
  • Апостолов, Александар, Кондев, Тодор, Керамидчиев, Апостол, Василевски, Ангел, Арсениевски, Лазо и Домазетовски, Стоимир. „Злетовска област, географско-историски осврт“. Скопје, 1974.
  • „Пописи становништва и домаћинстава 1958-1981. Савезни завод за статистику БГД.
  • „Турски пописни дефтери“. Архив на Македонија. 1570.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]