Прејди на содржината

Андреј Тарковски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Андреј Тарковски
Роден(а)Андреј Арсењевич Тарковски
4 април 1932(1932-04-04)
с. Завражје, Руска СФСР
Починал(а)29 декември 1986(1986-12-29) (возр. 54)
Париз, Франција
Занимањефилмски режисер
Активен период1958–86
СопружникИрма Рауш (1957–70)
Лариса Кизилова (1970–86)

Андреј Арсењевич Тарковски (руски: Андрей Арсеньевич Тарковский; 4 април 193229 декември 1986) — руски режисер и писател. Иако е режисер на само 7 комерцијални филмови за време на неговата активна филмска кариера, за него се смета дека е еден од најдобрите филмски режисери на сите времиња. Тоа го докажуваат и неговите најпознати филмови Андреј Рубљов, Соларис и Сталкер.

Тарковски има работено и како филмски сценограф, продуцент, критичар и како театарски директор. Неговите филмови се снимени во Советскиот Сојуз, освен последните два филма, кои се снимени во Италија и Шведска. Се одликуваат со духот на христијанството, метафизички теми, долг тек на дејството, детални драматични заплети и незаборавни слики на извонредна убавина.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Детство и младост

[уреди | уреди извор]

Андреј Тарковски е роден во с. Завражје во Кострома како дете на поетот и преведувач Арсениј Александрович Тарковски и Марија Иванова Вишњакова, дипломка на литературниот институт Максим Горки. Тој е постаро дете, а неговата сестра Марина е родена во 1934 година. Целото детство го има поминато во Јурјевец во областа Иваново. Во 1937 татко му го напуштил семејството, кој во 1941 година се пријавил како доброволец во Црвената армија. Тој со мајка си и сестра си се преселил во Москва каде што мајка му работела како коректор и новинар. Во 1939 Тарковски се префрлил во московското училиште бр.554. За време на Втората светска војна, тој со мајка си и сестра си биле евакуирани во Јурјевец каде што живееле со неговата баба. Во 1943 се вратиле во Москва. Тарковски продолжил во истото училиште каде што учел заедно со Андреј Вознесенски. Додека се школувал научил да свири пиијано во музичко училиште, а посетувал и ликовно-уметничко училиште. Живееле на ул. Ш'шипок во московската населба Замосквовечерје. Од ноември 1947 до наредната пролет 1948 г. престојувал во болница болен од туберкулоза. Многу теми од неговото детство како: неговиот раст, неговата мајка, мајката со две деца, неговиот татко, престојот во болница подоцна ќе го инспирираат во автобиографскиот филм Огледало.

По матурирањето од 1951 до 1952 година студира арапски на Ориенталниот институт во Москва, департман на Институтот за науки на Советскиот Сојуз. Не го завршил факултет, па започнал да работи за Академијата на научниот институт како истражувач за злато и неметали. Учествувал во истражувачката експедиција една година, а со неа ја истражувал реката Куреикје близу Туруканск во краснојарската област. За време на престојот во овие предели со тајга тој се инспирирал и посакал да студира филм.

Студент по филмска уметност

[уреди | уреди извор]

По враќањето од истражувачката работа со експедицијата во 1954 тој аплицирал на Државниот институт за кинематографија (ВГИК), каде што бил примен и приклучен кон режисерската програма. Таму тој студирал заедно со Ирма Рауш со која се оженил во април 1957.

За време на раното владеење на Никита Хрушчов кај Тарковски се појавиле единствени можности за еден млад филмски режисер. Пред 1953 година за време на владеењето на Сталин во Советскиот Сојуз филмската продукција била многу слабо развиена, а како режисери се јавувале ветерани во таа област, но по смртта на Сталин во 1953 филмската продукција се пренела во рацете на младите режисери. За време на т.н. Хрушчово омекнување и подобрувањето на односите на Советскиот Сојуз со западните земји, во Советскиот Сојуз до некој степен било дозволено ширењето на западната литература и музика и на западните филмови. Ова му овозможило на Тарковски да види многу филмови создадени од италјанските неореалисти, т.н. француски нов бран, како и од режисери како Куросава, Буњел, Бергман, Бресон и Мизогучи. Тарковски добил идеја од аутеурската теорија којшто во 50-тите била во подем, и врз основа на неа добил голема инспирација во создавањето на неговите филмови.

Негов учител и ментор бил Михаил Ром кој учел многу и други познати и влијателни филмски режисери.Во 1956 Тарковски го снимил својот прв студентски краток филм Убијците според расказот на Ернест Хемингвеј, а по овој филм ги снимил и кратките филмови Нема да има напуштање денес од 1958 и Концентрација од 1959. За време на третата година во ВГИК Тарковски се запознал со Андреј Кончаловски. Со него тој бил многу сличен. И двајцата сакале слични филмови, почитувале слични режисери, а развивале и слични филмски идеи. Во 1959 тие заедно ја напишале скриптата насловена Антарктик-далечната земја која подоцна била објавена во весникот Московски Комсомолец. Тарковски ја предал статијата до познатата продукциската куќа Ленфилм, но бил одбиен. Но Тарковски и Кончаловски имале многу поголем успех со скриптата Парното тркало и виолината која ја продале на продукциската куќа Мосфилм. Со овој филм Андреј Тарковски дипломирал во 1960, а ја добил и првата награда на њујоршкиот студентски филмски фестивал во 1961.

Филмската кариера во Советскиот Сојуз

[уреди | уреди извор]

Првиот комерцијален филм на Тарковски е Ивановото детство од 1962. Го преземал филмот од режисерот Едвард Абалов кој го откажал проектот. Овој филм веднаш го прославил Тарковски со којшто тој добил Златен лав на Венецијанскиот филмски фестивал. Во истата 1962 година се родил и неговиот прв син Арсениј кој тој нагалено го нарекувал Сенка. Во 1965 тој го режирал филмот Андреј Рубљов посветен на познатиот руски иконограф и фрескописец од 15 век Андреј Рубљов. Овој филм не бил веднаш промовиран, бидејќи Тарковски имал проблеми со неколку советски авторства, па морал до го промени со што се јавил во повеќе различни должини. Филмот бил промовиран на Канскиот филмски фестивал, а ја добил и наградата FIPRESCI. Во Советскиот Сојуз филмот бил промвиран во скратена верзија во 1971.

Во 1970 Андреј Тарковски се развел од Ирма Рауш и се преженил со Лариса Кизилова (моминско Егоркина) која била негов филмски асистент при снимањето на филмот Андреј Рубљов и со која му се родил неговиот втор син Андреј Тарковски јуниор на 7 август 1970.

Во 1972 го завршил филмот Соларис кој го снимил според истоимената новела на Станислав Лем. На овој филм работел заедно со авторот на постановки Фридрих Горенштајн со кого започнал да соработува уште од 1968. Овој филм бил претставен на Канскиот филмски фестивал и добил специјална награда од жирито и наградата FIPRESCI, а бил и номиниран за Златна палма. Од 1973 до 1974 тој го снимал филмот Огледало во кој се претставени многу силни автобиографски слики, а особено е претставено неговото детство коешто Тарковски го компонира и со додавање на неколку поеми од неговиот татко. На постановката на овој филм работел од 1967, а истовремено работел и на насловите Исповест, Бел ден и Еден бел ден. Но, и покрај стекнатата слава Тарковски сè уште не бил добро прифатен од советските авторства, па отишол да работи во странство и се приклучил на филмската индустрија надвор од Советскиот Сојуз.

За време на 1975 Тарковски работел на постановката на филмот Хофманијана, посветен на германскиот писател Е.Т.А Хофман. Во декември 1976 тој ја претставил својата единствена театарска претстава Хамлет во Ленком театар во Москва. Главната улога во драмата ја играл Анатоли Солоницин којшто исто така играл и во неколку негови филмови. Кон крајот на 1978 тој ја напишал постановката Сардорзаедно со писателот Александар Мишарин.

Последниот режиран филм на Тарковски е филмот Сталкер на којшто започнал да работи кон крајот на 1976 г., а бил инспириран од новелата Рабен пикник од Аркадиј и Борис Стругатски. Филмот започнал да се снима со огромни проблеми. Имено Тарковски се скарал со кинематографот Георги Рорберг и за прв кинематограф го поставил Александар Књажински. Во април 1978 година Тарковски преживеал срцев удар кој оставил последици и во понатамошниот негов живот. Филмот бил завршен во 1979 и добил награда од жирото на екумената на Канскиот филмски фестивал.

Филмската кариера надвор од Советскиот Сојуз

[уреди | уреди извор]

За време на летото 1979, Тарковски патувајќи низ Италија го објавил документарниот филм Патник низ времето, заедно со неговиот пријател Тонино Гуера. Во Италија Тарковски се вратил во 1980 кога заедно со Тонина Гуера ја напишал скриптата за филмот Носталгија. Во текот на 1981 патувал низ Велика Британија и Шведска, но размислувајќи и за Советскиот Сојуз, неговата сопруга и неговиот син.

Тарковски се вратил во Италија во 1982 за да го започне да го снима филмот Носталгија. Никогаш повеќе не се вратил дома. Наместо да соработува со Мосфилм тој започнал соработка со РАИ. Тарковски филмот го завршил во 1983. Филмот бил претставен на Канскиот филмски фестивал и добил специјална награда од жирито, наградата FIPRESCI и награда од жирито на екумената. Советските авторства спречиле филмот да добие Златна палма]] што го натерало Тарковски никогаш да не се врати во Советскиот Сојуз. Тој ја аранжирал операта Борис Годунов која била изведена во Royal Opera House во Лондон под диригенство на Клаудио Абадо.

Гробот на Андреј и Лариса на руските гробишта Сен-Женевјев-де-Боа во Франција.

Во текот на целата 1984 Тарковски го подготвувал филмот Жртва. Пред новинарите во Милано на 10 јули 1984 тој изјавува дека никогаш нема да се врати во Советскиот Сојуз и дека најверојатно ќе продолжи да живее во западните земји. За тоа време неговиот син Андреј Тарковски јуниор бил сè уште во Советскиот Сојуз и не му било дозволено да го напушти.

Во 1985 бил објавен филмот Жртва во Шведска. Но, на крајот на истата година Тарковски заболел од рак на белите дробови. Заминал на лекување во Париз во јануари 1986 година. Подоцна таму му се придружиле жена му Лариса и синот Андреј коишто конечно добиле дозвола за да го напуштат Советскиот Сојуз. Филмот Жртва бил претставен на Канскиот филмски фестивал каде што добил специјална награда од жирито,FIPRESCI и награда од жирито на екумената. Бидејќи не можел да присуствува на доделувањето наградите, признанијата му биле врачени на неговиот син Андреј Тарковски јуниор.

Познато е Андреј Тарковски пишувал и дневници уште од 1970 година, па така неговиот последни зборови во нив се Но сега повеќе не ми остана сила-тоа е проблемот кои се познати и како Мартиролог и се објавен посмртно во 1989 и во Англија во 1991.

Тарковски умрел на 29 декември 1986 во Париз на 54 години. Погребан е на 3 јануари 1987 на руските гробишта Сен-Женевјев-де-Боа во истоимениот град. На неговиот епитаф познатиот руски вајар Ернст Неизвестни напишал До човекот кој го виде ангелот.

Творештво

[уреди | уреди извор]

Тарковски е познат како режисер којшто има режирано 7 комерцијални филмови, 3 кратки филмови за време на неговиот престој во филмското училиште. Тој исто така има напишано неколу постановки, ја режирал драмата Хамлет во Москва, операта Борис Годунов во Лондон и ја има режирано за радиска програма приказната Вртење во круг од Вилијам Фокнер. Тој исто така ја има напишано и книгата за филмска теорија Запечатено време.

Првиот комерцијален филм на Андреј Тарковски е Ивановото детство од 1962. Потоа во Советскиот Сојуз ги режирал Андреј Рубљов во 1966, Соларис во 1972, Огледало и Сталкер во 1979. Документарниот филм Патник низ времето го снимил во Италија во 1982 како и Носталгија во 1983. Неговиот последен филм Жртва е објавен во Шведска во 1986 година. Постановките се негово авторство заедно со некои негови соработници и се вистински илустрирани со неговото големо авторство.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]