Огут

Координати: 42°18′29″N 22°12′29″E / 42.30806° СГШ; 22.20806° ИГД / 42.30806; 22.20806
Од Википедија — слободната енциклопедија
Огут

Поглед на селото

Огут во рамките на Македонија
Огут
Местоположба на Огут во Македонија
Огут на карта

Карта

Координати 42°18′29″N 22°12′29″E / 42.30806° СГШ; 22.20806° ИГД / 42.30806; 22.20806
Регион  Североисточен
Општина  Крива Паланка
Област Горна Пчиња
Население 46 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1330
Повик. бр. 031
Шифра на КО 15037
Надм. вис. 1000 м
Слава Илинден
Огут на општинската карта

Атарот на Огут во рамките на општината
Огут на Ризницата

Огут — село распослано во областа Горна Пчиња, во Општина Крива Паланка, во околината на градот Крива Паланка.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Испишано име на селото

Селото се наоѓа во областа Горна Пчиња, во крајниот северен дел на територијата на Општина Крива Паланка, каде што се допира со државната гранична линија со Србија.[2] Селото е раштркано и планинско, чии маала се наоѓаат на надморска височина од 900 до 1.200 метри. Од градот Крива Паланка е оддалечено 28 километри.[2]

Селото се наоѓа на нерамно планинско земјиште околу вливот на Метежевска и Подржикоњска Река. Месностите во атарот на селото се нарекуваат: Кита, Река, Чука, Здравац, Мечит, Вирови, Јанина Чука, Шилешки Рид, Гољак, Јанков Рид, Остра Чука, Село и Селиште.[3]

Селото Огут се наоѓа на северозапад од градот Крива Паланка. На исток се граничи со селото Подржи Коњ, на југоисток со селото Метежево, на југозапад со селото Нерав и на север со општината Трговиште, Србија.

Историја[уреди | уреди извор]

При основањето на селото, селото имало само три куќи, кои биле сместени во месноста Село. Тогаш, селото било мало и збиено. Кога селото се зголемило, мештаните започнале да се селат кај нивните сточарски колиби. Во тоа време, првите три селски рода Миленкоски, Стојковци и Пижинци истовремено основале три различни маала Присој, Стојковци или Пољана и Пижинци или Осичани. Четвртото маало Андреинци или Качарци било основано од новите доселеници. Со тоа, Огут од збиено прераснало во многу разбиено село.[3]

Во северниот дел на атарот, покрај долината на Подржикоњска Река се наоѓа месноста Градиште. На оваа висока карпеста чука се наоѓало утврдување, каде биле пронајдени ќерамиди и тули. Во југоисточниот дел на атарот, покрај долината на Метежевска Река се наоѓа месноста Остра Чука, каде биле пронајдени гробови и остатоци од населба. Исто така, во близина била пронајдена и стара градба, за која се верува дека била „римска“ црква. На месноста Селиште во 1922 година при надојдена вода на Подржикоњска Река биле откопани гробови.[3]

Се верува дека селото и претходно било населено од постаро словенско население, но тоа село се раселило. Денешното село било обновено од споменатите три рода, Миленкоски, Стојковци и Пижинци. Не се знае од каде се доселени.[3]

Во XIX век, Огут било село во Кривопаланечка каза на Отоманското Царство.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот зафаќа простор од 20 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 725 хектари, на шумите отпаѓаат 533 хектари, а на пасиштата 476 хектари.[2]

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Поранешната караула во селото
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948672—    
1953779+15.9%
1961730−6.3%
1971686−6.0%
1981404−41.1%
ГодинаНас.±%
1991224−44.6%
1994190−15.2%
2002152−20.0%
202146−69.7%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Огут имало 1.030 жители, од кои 980 Македонци и 50 Роми.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Огут имало 984 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]

По Првата светска војна селото имало 792 жители.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 850 Македонци.[7]

Поради значителното иселување на населението, селото преминало од средно во мало село. Така, во 1961 година селото броело 730 жители, од кои 662 биле Македонци, а 65 жители Срби. Во 1994 година, бројот се намалил на 190 жители, од кои 176 Македонци и четири жители Срби.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Огут живееле 152 жители, од кои 147 Македонци и 5 Срби.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 46 жители, од кои 44 Македонци и 2 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 1.030 984 672 779 730 686 404 224 190 152 46
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови[уреди | уреди извор]

Огут е македонско православно село, родовите во селото се староседелски и доселенички.[3]

Родови во селото се:

  • Постари доселеници: Миленкоски (16 к.), потекнуваат од првите селски родови кои во втората половина на XVIII век го обновиле селото, живеат во маалото Присој; Стојковци (11 к.), потекнуваат од првите селски родови, живеат во истоименото маало; Андреинци (11 к.), гранка на родот Стојковци, живеат во истоименото маало и Пижинци (8 к.), потекнуваат од најстарите жители кои го обновиле селото. Овде дошле тројца браќа, од кои водат потекло наведените четири рода. Во првиот род се знае следното родословие: Милан (жив на 70 г. во 1950 година) Станојко-Јаќим-Стојче-Миленко, еден од браќата кои го обновиле селото.
  • Понови доселеници: Дедо Јанковци (18 к.), доселени се, но не знаат од каде, се сметаат за стари доселеници; Дедо-Пешак (8 к.), доселени се од селото Бабина Пољана, село кое се наоѓа во Горна Пчиња, но во српскиот дел; Дедо Стојчан (7 к.), гранка се од претходниот род; Дедо Мишак (6 к.), тие се гранка од претходните два рода; Осинчанци (5 к.), доселени се од селото Осиче; Ристинци (3 к.), гранка се од претходниот род, сместени во маалото Пижинци; Барчанци (3 к.), доселени се од селото Герман; Качаровци (9 к.), доселени се од селото Сурлица во Горна Пчиња, Србија, подалечно потекло имаат од Кратовско.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Подрачното основно училиште „Јоаким Крчовски“
Амбуланта во селото

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Крива Паланка, која била една од малкуте општини, кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната општина Огут, во која покрај селото Огут, се наоѓале и селата Метежево и Нерав. Општината Огут постоела и во периодот 1950-1952.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0969 според Државната изборна комисија, кое е сместено во основното училиште.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 94 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви
Археолошки наоѓалишта[17]
Реки

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Во селото Долно Требешиње во близина на Врање се иселени Џоганци и Дурини, по потекло од Огут.[3] Има и иселеници во поново време.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 217. Посетено на 19 јули 2019.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Трифуноски, Јован (1964). Горна Пчиња. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 188–190.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 224.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 142-143.
  6. „Списък на населените места в Македония, Моравско и Одринско, София, 1917, с. 29“. Архивирано од изворникот на 2014-04-07. Посетено на 2021-08-14.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 19 јули 2019.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 19 јули 2019.
  15. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 19 јули 2019.
  16. Осветување на храм посветен на св. пророк Илија, во с. Огут и Света Литургија во Петтата Недела по Педесетница
  17. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]