Киселица (Кривопаланечко)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Киселица
Куќа во Киселица 2.jpg

Традиционална куќа во маалото Селиште

Киселица is located in Македонија
Киселица
Местоположба на Киселица во Македонија
Координати 42°15′39″N 22°21′0″E / 42.26083° СГШ; 22.35000° ИГД / 42.26083; 22.35000Координати: 42°15′39″N 22°21′0″E / 42.26083° СГШ; 22.35000° ИГД / 42.26083; 22.35000
Регион Logo of Northeastern Region, North Macedonia.svg Североисточен
Општина Coat of arms of Kriva Palanka Municipality.svg Крива Паланка
Област Славиште
Население 101[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1330
Повик. бр. 031
Надм. вис. 859 м
Слава Ѓурѓовден
Commons-logo.svg Киселица на Ризницата


Киселица — село во областа Славиште, во Општина Крива Паланка, во околината на градот Крива Паланка.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во областа Славиште, речиси во средишниот дел на територијата на Општина Крива Паланка, од десната страна на Крива Река, а северно од градот Крива Паланка, на оддалеченост од околу осум километри.[2] Селото е ридско-планинско и е раштркано, чии маала се сместени на надморска височина од 820 до 1.040 метри.[2]

Селото се наоѓа во источниот дел на Кривопаланечката област, сместено лево и десно од Киселичка Река. Околни села се Трново на исток, Осиче на северозапад, Дрење и други.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Трсено, Крст, Цветков Гроб, Горна и Долна Орница, Трлиште, Тупанец, Падина, Златица, Макушевица, Чулја Бука, Ѓуркова Њива, Артина, Ливадиште, Длага ’Ртина, Длабоко Осоје, Калиманска Чука и Бабин Камен.[3]

Селото е од разбиен тип. Се разликуваат шест маала. На десниот брег на реката се сместени Селиште (8 к.), Поречанци (10 к.), Калиманци (5 к.) и Ридарци (4 к.). На левиот брег се маалата Вели Врв (6 к.) и Дебело Брдо (5 к.).[3]

Селото Киселица се наоѓа северно од градот Крива Паланка. На север се граничи со селото Мала Црцорија, на исток со селото Трново, на југоисток со селото Кркља, на југ со селото Дрење, на запад со селото Осиче и на северозапад со селото Добровница.

Историja[уреди | уреди извор]

На атарот на селото се сретнуваат одредени старини, особено во денешното маало Вели Врв. Традицијата наведува дека таму некогаш постоело „латинско село“, кое подоцна било иселено.[3]

На земјиштето на раселеното село кон крајот на XVIII век било основано денешното село. Основачи на селото биле родовите Селиштани и Ридарци. Подоцна бил населен и третиот род Домазетовци во маалото Вели Врв.[3]

Во XIX век, Киселица било село во Кривопаланечка каза, на Отоманското Царство.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот зафаќа простор од 7 км². На него преовладуваат шумите на површина од 452 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 388 хектари, а на пасиштата 184 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[2]

До Втората светска војна, селаните главно живееле од земјоделство и сточарство. По војната, мештаните работеле како рудари или пак оделе на печалба.[3]

Население[уреди | уреди извор]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Киселица имало 420 жители, сите Македонци.[4] Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Киселица имало 304 жители, егзархисти.[5]

Киселица, според бројот на населението, преминало од средно во мало село по големина, бидејќи тоа во 1961 година броело 450 жители, додека во 1994 година имало 139 жители, македонско население.[2]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Киселица живееле 101 жител, сите Македонци.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[6] 1905[7] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 420 304 438 480 450 368 286 153 139 101
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]

Родови[уреди | уреди извор]

Киселица е македонско село. Во селото има маала, колку што има родови. Сите родови потекнуваат од предци кои се доселени од некаде.[3]

Според истражувањата од 1973 година, родови во селото се:

  • Доселеници: Селиштанци (8 к.), најстар род во селото. Доселени се, но не знаат од каде. Ја знаат следната генеологија Јованче (жив на 68 год. во 1973 година) Гиго-Ѓорге-Ристо, понатака не ги знаат предците; Ридарци (4 к.), гранка се од претходниот род; Веливршанци (6 к.), доселени се однекаде, ги викаат и Домазетовци; Поречанци (10 к.), доселени се од селото Жидилово; Дебелобрѓани (5 к.), доселени се однекаде; Калиманци (5 к.), најмлад род во селото. Доселени се од селото Луке.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Поранешно основно училиште, сместено во долината на Киселичка Река, во близина на маалото Вели Врв

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Крива Паланка, која била една од малкуте општини, кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Кривопаланечка градска општина, во која покрај градот Крива Паланка, се наоѓале и селата Б’с, Варовиште, Дренак, Дрење, Дурачка Река, Киселица, Конопница, Кошари, Лозаново, Мартиница и Станци. Селото припаѓало на некогашната општина Трново во периодот 1950-1952, кога покрај него се наоѓало и селото Трново.

Изборно место[уреди | уреди извор]

Во селото постои изборното место бр. 0975 според Државната изборна комисија, кое е сместено во приватен објект.[9]

На претседателските избори во 2019 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 62 гласачи.[10]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки локалитети[11]
  • Градиште — градиште од доцната антика;
  • Селиште — населба од доцната антика;
  • Собориште — населба од доцната антика; и
  • Црква — средновековна црква со некропола.
Реки[12]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Ѓурѓовден — селска слава, која се одбележува на месноста Собориште, сместено кај срушената црква во маалото Вели Врв. Во непосредна близина се наоѓаат и денешните селски гробишта.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од селото има иселеништво во поголема мера. Во Крива Паланка се иселиле околу 30 семејства. Околу 10 семејства се иселени во селата Глогоњ, Јабука, Качарево во Војводина. Митевци (2 к.) се иселиле во селото Видовиште кај Кочани. Вучковиќи (3 к.) и Радонјиќи (3 к.) се иселиле во селото Радовница во Горна Пчиња (денес Србија). Грнчари (2 к.) се иселиле во селото Црвени Град исто така во Горна Пчиња (Србија).[3]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 4 јуни 2019. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 149. https://commons.wikimedia.org/wiki/File:%D0%95%D0%BD%D1%86%D0%B8%D0%BA%D0%BB%D0%BE%D0%BF%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0_%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B0_%D0%B2%D0%BE_%D0%A0%D0%B5%D0%BF%D1%83%D0%B1%D0%BB%D0%B8%D0%BA%D0%B0_%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0.pdf. посет. 4 јуни 2019 г. 
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Трифуноски, Јован (1973). Кривопаланачка област. Загреб: Хрватска академија на науките и уметностите. стр. 269-270. 
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 224.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 142-143.
  6. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  7. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  8. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  9. „Описи на ИМ“. конс. 4 јуни 2019. 
  10. „Претседателски избори 2019“. конс. 4 јуни 2019. 
  11. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  12. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија. Скопје: Геомап. стр. 37. ISBN 978-9989-2117-6-8. https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Реките_во_Македонија.pdf?uselang=mk. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]