Доминик Тим (роден на 3 септември 1993 г.) е австриски професионален тенисер. Негово највиско место на АТП листата е 4. место кое го достигнал на 6 ноември 2017 година.
Во кариерата тој има освоено 12 АТП титули, од кои 8 на земјина подлога.
Во јуниорските денови, најдобар резултат на Тим бил пласманот во финалето на јуниорскиот турнир од Отвореното првенство на Франција 2011 во кое загубил од Бјорн Фратанџело во три сета.[1] Тим ја завршил јуниорската кариера освојувајќи ги трите последни турнири на кои настапил, од кои последниот бил престижниот Оринџ Бол. Тој се искачил на 2. место на јуниорската ранг листа во јануари 2011 година.[2]
Во 2013, Тим добил валјд карта за настап во главниот ждреб на АТП турнирот во Кицбил, каде стигнал до четвртфиналето победувајќи го четвртиот носител, Јирген Мелцер во второто коло. Во четвртфиналето тој бил поразен од Алберт Монтањес во два сета. Тој добил валјд карта за АТП турнирот во Виена и повторно успеал да стигне до четвртфиналето, но овојпат бил поразен од Жо-Вилфрид Цонга во три израмнети сета.
Кон крајот на сезоната, тој освоил два челинџер турнири во Мароко, победувајќи ги редоследно Тејмураз Габашвили и Потито Стараче во финалните натпревари. Тој исто така играл пет финалиња на турнирите од ИТФ фјучерс серијата и успеал да ја освои титулата на две од нив.