Матео Беретини

Од Википедија — слободната енциклопедија
Матео Беретини
Матео Беретини во 2021 година
Земја Италија
Место на живеењеМонте Карло, Монако
Роден на12 април 1996(1996-04-12)(28 г.)[1]
Роден воРим, Италија
Спорт Тенис
Висина1.96 м
Професионалец2015
Игра со• десна рака
• дворачен бекхенд
Тренер(и)Винченцо Сантопадре, Марко Гулисано, Умберто Риана
Заработка$ 9,231,274 [2]
Поединечно
Победи-порази118–66
Титули5
Највисок пласманБр. 6 (31 јануари 2022)
Сегашен пласманБр. 6 (14 февруари 2022)
Резултати на Гренд Слемови
Австралијан ОпенПФ (2022)
Ролан ГаросЧФ (2021)
ВимблдонФ (2021)
УС ОпенПФ (2019)
Други турнири
Мастерс купГФ (2019, 2021)
Во двојки
Победи-порази22–19
Титули2
Највисок пласманБр. 105 (22 јули 2019)
Сегашен пласманБр. 242 (31 јануари 2022)
Резултати на Гренд Слемови
Австралијан Опен1К (2019)
Ролан Гарос2К (2019)
Вимблдон1К (2018)
УС Опен2К (2018)
Ажурирано на: 14 февруари 2022.

Матео Беретини (роден на 12 април 1996 г.) — италијански професионален тенисер.[3]

Негово највисоко место според рангирањето на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) е 6. место кое го достигнал во јануари 2022 година. Беретини има освоено пет АТП титули во поединечна конкуренција и две во двојки. Првата титула во кариерата, Беретини ја освоил на Отвореното првенство на Швајцарија во Гштад во 2018 година. Во 2021 година, Беретини ја освоил првата титула од серијата АТП 500 на турнирот Квинс Клуб во Лондон и стигнал до своето прво АТП Мастерс 1000 финале на мастерсот во Мадрид. Негов најдобар резултат на гренд слем турнирите е финале на Вимблдон 2021 и полуфинале на Отвореното првенство на САД 2019 и Отвореното првенство на Австралија 2022.

Беретини практикува агресивен стил на игра на сите видови подлоги и тој е познат по неговите силни форхенди и сервиси. Негово примарно оружје претставува неговиот форхенд, кој се смета за еден од најдобрите во тенисот. Неговите сервиси се силни и достигнуваат брзина до 235 км/ч.[4]

Кариера[уреди | уреди извор]

2013–2015: Почетоци[уреди | уреди извор]

Својот прв натпревар во главен жреб на ИТФ турнејата, Беретини го одиграл на ИТФ турнир во Апијано, каде што загубил од Виктор Галовиќ.[5]

На 18 март 2015 година, тој ја остварил својата прва победа на ИТФ турнејата на ИТФ турнир во Анталија, победувајќи го Мики Јанковиќ во два сета. Една недела подоцна, исто така во Анталија, тој ја освоил првата ИТФ титула во кариерата, во двојки, заедно со Филипо Балди. Како резултат на овие победи, тој на 6 април за прв пат бил рангиран на АТП листата, и тоа на 1674. место во поединечна конкуренција и на 1156. место во двојки.

На 5 мај 2015 година, Беретини преку квалификации успеал да се квалификува во главниот жреб на челниџер турнир во Рим, и да ја забележи првата победа на ова ниво, победувајќи го Јан Мертл во два сета.[6] Во второто коло тој бил поразен од Кајл Едмунд.

Првата ИТФ титула, Беретини ја освоил на 11 октомври, на турнирот во Санта Маргарита ди Пула, победувајќи го Андреа Басо во финалето. Еден ден претходно, тој ја освоил титулата во двојки, заедно со Андреа Пелегрино. Тој ја завршил 2015 година на 525. место на АТП листата.

2016: Челинџер финале[уреди | уреди извор]

Поради повреда на левото колено, Беретини бил принуден да остане надвор од терените од февруари до септември. По враќањето на терените во септември, тој освоил титула во двојки на ИТФ турнир во Трст, заедно со Јакопо Стефанини. Една недела подоцна, на ИТФ турнир во Реџо Емилија, тој стигнал до финалето во поединечна конкуренција, но бил приморан да го предаде натпреварот против Стефано Траваља. Тој исто така ја освоил титулата во двојки на турнирот, повторно со Јакопо Стефанини.

Во ноември, Беретини добил валјд карта за учество на челинџер турнирот во Андрија. Тој во четвртфиналето забележал победа во два сета над поранешниот светски бр. 5, Томи Робредо, а во полуфиналето бил подобар од Егор Герасимов. Во своето прво челинџер финале во кариерата, Беретини бил поразен во три сета од четвртиот носител, Лука Вани. Тој ја завршил 2016 година на 435. место на АТП листата.

2017: АТП деби во главен жреб[уреди | уреди извор]

Беретини ја започнал 2017 година со титула на ИТФ турнир во Оберентфелден, Швајцарија. Тој добил валјд карта за учество на челинџер турнирот во Бергамо, каде што стигнал до четвртфиналето во кое бил поразен од Андреј Голубев. Во март, Беретини преку квалификации стигнал до финалето на челинџер турнирот во Шенџен, Кина, каде што бил поразен во два тај-брејк сета од Томас Фабијано. Тој повторно добил валјд карта за учество на челинџер турнир, и тоа во Франкавиља ал Маре, но турнирот го завршил со пораз во четвртфиналето од Марко Чекинато.

Беретини своето АТП деби во главен жреб го имал на мастерс турнирот во Рим со помош на вајлд карта која ја обезбедил на предквалификацискиот турнир.[7] Тој бил поразен од Фабио Фоњини во првото коло. Во јули, Беретини успеал да ја освои првата челинџер титула во кариерата, во Сан Бенедето, победувајќи го Ласло Ѓере во финалето. Тој не загубил ниту еден сет на турнирот. Еден месец подоцна, тој се пласирал во финалето на челинџер турнирот во Порторож, во кое бил поразен во три сета од третиот носител, Сергиј Стаховски.

Одличните резултати на челинџер турнирите му обезбедиле на Беретини место во квалификациите на Отвореното првенство на САД, каде што тој бил назначен за 28. носител. Тој ги започнал квалификациите со победа во првото коло над Марсело Аревало, но во второто коло бил поразен од Стефанос Циципас во три изедначени тај-брејк сета.[8] Во септември, Беретини се пласирал во четвртото челинџер финале во сезоната, во Истанбул, но во финалето бил поразен во три сета од првиот носител, Малек Џазири. Тој ја завршил 2017 година на 135. место на АТП листата.

2018: Прва АТП титула[уреди | уреди извор]

Беретини ја започнал сезоната на Отвореното првенство на Катар, каде преку квалификациите успеал да влезе во главниот жреб. Тој во првото коло ја остварил првата победа во кариерата на АТП турнејата, над Виктор Троицки, но во второто коло бил поразен од Петер Гојовчук. На Отвореното првенство на Австралија, Беретини бил поразен во третото квалификациско коло од Денис Кудла, но влегол во главниот жреб како замена, за негов прв настап на гренд слем турнир во главен жреб. Сепак, во првото коло тој бил поразен од Адријан Манарино.

Во средината на февруари, како прв носител, Беретини успеал да ја освои титулата на челинџер турнирот во Бергамо, победувајќи го сонародникот Стефано Наполитано во финалето. На мастерсот во Индијан Велс, тој не ги поминал квалификациите, но сепак влегол во главниот жреб како замена и бил поразен во првото коло од Данил Медведев и покрај тоа што го освоил првиот сет. Една недела подоцна, тој стигнал до финалето на челинџер турнирот во Ирвинг, САД, во кое бил поразен од Михаил Кукушкин во три сета.

Сезоната на земјена подлога, Беретини ја започнал со пласман во главниот жреб преку квалификации на Отвореното првенство на Унгарија, каде што во првото коло бил подобар од Атила Балаш, но во второто коло бил поразен од Аљаш Бедене. Тој добил вајлд карта за учество во главниот жреб на мастерс турнирот во Рим, и го започнал турнирот со победа над Френсис Тиафо. Во второто коло Беретини бил поразен од Александар Зверев. На Отвореното првенство на Франција, благодарение на својот АТП ранкинг, Беретини за прв пат започнал гренд слем турнир од главниот жреб. Тој го започнал турнирот со победа над Оскар Оте, а во второто коло забележал победа над Ернест Гулбис. Во третото коло тој бил поразен од финалистот Доминик Тим.

Беретини успеал да ја забележи својата прва победа во кариерата на Вимблдон, победувајќи го Џек Сок во првото коло во пет сета. Во второто коло тој бил поразен во три сета од Жил Симон. На Отвореното првенство на Швајцарија во Гштад, Беретини ја освоил првата АТП титула во кариерата, победувајќи го вториот носител, Роберто Баутиста-Ахут во финалето.[9] На турнирот, тој ја освоил и својата прва АТП титула во двојки, заедно со Даниеле Брачиали.[10] Една недела подоцна, на Отвореното првенство на Австрија во Кицбиел, тој остварил победи во првите две кола над Жил Симон и Алберт Раду, но во четвртфиналето бил поразен од Николас Џари. На Отвореното првенство на САД, Беретини доживеал пораз од Денис Кудла уште во првото коло. Беретини ја завршил сезоната со пораз во првото коло на Купот на Кремаљ во Москва од Лукаш Росол. Тој ја завршил 2018 година на 54. место на АТП листата.

2019: Прво гренд слем полуфинале и пласман во топ 10[уреди | уреди извор]

Беретини на Вимблдон 2019

Беретини ја започнал 2019 година играјќи на Отвореното првенство на Катар, каде доживал пораз уште во првото коло од Роберто Баутиста-Ахут. На Отвореното првенство на Австралија, тој бил поразен во првото коло од Стефанос Циципас во четири сета. Следно, на Отвореното првенство на Софија, Беретини остварил победи над Денис Истомин, Карен Хачанов и Фернандо Вердаско и се пласирал во полуфиналето, во кое загубил од Мартин Фучович. Тој доживеал порази уште во воведните натпревари на мастерс турнирите во Индијан Велс и Мајами, но меѓу овие два турнири ја освоил својата трета челинџер титула во кариерата, на турнирот во Финикс, победувајќи го Михаил Кукушкин во финалето.

На Отвореното првенство на Унгарија, Беретини ја освоил втората АТП титула во кариерата, победувајќи го Филип Крајиновиќ во финалето во три сета. Тој ја продолжил добрата форма следната недела, пласирајќи се во финалето на турнирот во Минхен. Таму, неговата серија од девет последователни победи била прекината од Кристијан Гарин, кој успеал да го освои третиот одлучувачки сет во тај-брејк. На мастерсот во Рим, Беретини ја забележал првата победа над играч од најдобрите 5, победувајќи го Александар Зверев во второто коло. Сепак, во третото коло тој бил поразен од Диего Швартцман. На Отвореното првенство на Франција, Беретини во првото коло бил подобар од Пабло Андухар, но во второто коло бил поразен од Каспер Руд.

Добрите резултати Беретини ги префрлил на тревна подлога, освојувајќи ја третата АТП титула во кариерата во Штутгарт против Феликс Оже-Алијасим во финалето. Тој не загубил ниту еден гем на свој сервис на турнирот, со што станал само петтиот играч по 1999 година кој тоа го направил на два турнири (првиот пат во Гштад во 2018 година).[11] Следната недела, на турнирот во Хале, Беретини се пласирал во своето прво АТП 500 полуфинале, во кое бил поразен од Давид Гофан. По овој турнир, Беретини за прв пат влегол во најдобрите 20 на АТП листата. На Вимблдон, Беретини за прв пат се пласирал во четврто коло на гренд слем турнир, победувајќи го Диего Швартцман во пет сета. Тој потоа загубил од осумкратниот победник, Роџер Федерер за само 74 минути. Откако му честитал за победата, Беретини на шега го прашал Федерер, „Ти благодарам за тениската лекција, колку ти должам?“[12]

Беретини го откажал учеството на следните два турнири, во Гштад и Монтреал, наведувајќи повреда на глужд.[13] На Отвореното првенство на САД, и покрај кратките подготовки, Беретини стигнал до свото прво гренд слем четвртфинале победувајќи го Андреј Рубљов во четвртото коло.[14] Во четвртфиналето тој го победил Гаел Монфис во пет сета, станувајќи првиот италијанец кој стигнал до полуфиналето во Њујорк по 1977 година.[15] Низата победи на Беретини била прекината од Рафаел Надал во три сета, кој подоцна успеал да ја освои титулата во финалето.

На мастерсот во Шангај, Беретини стигнал до своето прво АТП Мастерс 1000 полуфинале во кариерата. Тој забележал победи над Роберто Баутиста-Ахут и Доминик Тим, но во полуфиналето бил поразен од Александар Зверев. На следниот турнир, во Виена, тој забележал победи над Григор Димитров и Андреј Рубљов, но во полуфиналето бил поразен од Доминик Тим. Овие успеси му го донеле на Беретини пласманот во најдобрите 10 на АТП листата. Како светски играч бр. 8, Беретини го заземал последното достапно место за АТП Мастерс финалето во Лондон. Таму, тој ги загубил натпреварите од групната фаза против Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер, но успеал да оствари победа над Доминик Тим, со што станал првиот италијанец со победа на овој турнир.[16]

2020: Пандемија од КОВИД-19, послаби резултати[уреди | уреди извор]

По откажувањето од АТП Купот поради повреда, на Отвореното првенство на Австралија, Беретини доживеал ран пораз уште во второто коло од Тенис Сандгрен. Во март, поради пандемијата од КОВИД-19, АТП туренејата била откажана сè до август. По нејзиното продолжувањето, на Синсинати мастерсот одржан во Њујорк, Беретини бил поразен во третото коло од Рајли Опелка.

На Отвореното првенство на САД, Беретини бил назначен за шести носител. Во првите три натпревари тој забележал редоследно победи над Соеда Го, Уго Умбер и Каспер Руд без да загуби ниту еден сет. Во четвртото коло Беретини бил поразен од Андреј Рубљов во четири сета, кој му се реванширал за поразот во четвртото коло претходната година.

Беретини за прв пат во кариерата стигнал до четвртфиналето на мастерсот во Рим, каде бил поразен од Каспер Руд. На Отвореното првенство на Франција, Беретини бил изненадувачки поразен во третото коло од квалификантот Даниел Алтмајер. И покрај слабите резултати во сезоната, Беретини завршил втора година по ред во најдобрите 10 на АТП листата.

Стил на игра[уреди | уреди извор]

Беретини е агресивеч играч кој подеднакво добро игра на сите видови подлоги, познат по неговите силни форхенди и сервиси. Неговен главен адут во играта е неговиот форхенд, познат по брзината, вртежите и длабочината. Тој исто така поседува силен сервис, кој достигнува брзина до 235 км/ч.[4] Стилот на игра на Беретини се одликува со играње на брзи поени, удирајќи неодбранливи удари со агресивна игра со што врши притисок на противниците. Транзицијата од одбрана во напад и играта на мрежа се исто така составен дел на неговата игра, а исто така тој е познат и по сервис-волеј играта. Неговата агресивна игра со силни сервиси и форхенд удари довела до тоа многумина да го споредуваат со Фернандо Гонсалес и Хуан Мартин дел Потро.

И покрај тоа што има послаб и помалку постојан дворачен бекхенд, Беретини поседува силен бекхенд слајс удар, со кој ја неутрализира агресивноста на неговите противници и го држи топчето ниско во текот на поените. Овој удар му овозможува извлекување на форхенд. Тој добро ги прикрива неговите дропшот удари, кои често резултираат со негов пристап кон мрежата.

Слабости во играта на Беретини се неговата одбранбена игра и непостојаноста. Тој најчесто се соочува со проблем кога е ставен под притисок од страна на неговите противници и кога е принуден да се брани со трчање по теренот, особено кога е нападнат на бекхенд страната.

АТП финалиња во кариерата[уреди | уреди извор]

Поединечно: 8 (5-3)[уреди | уреди извор]

Легенда
Гренд слем турнири (0–1)
АТП Мастерс финале (0–0)
АТП Мастерс 1000 (0–1)
АТП 500 серија (1–0)
АТП 250 серија (4–1)
Финалиња по подлога
Тврда (0–0)
Земја (3–2)
Трева (2–1)
Исход Бр. Датум Турнир Ниво Подлога Противник Резултат
Победа 1–0 29 јули 2018 Отворено првенство на Швајцарија, Швајцарија АТП 250 серија Земја Шпанија Роберто Баутиста-Ахут 7–6(11–9), 6–4
Победа 2–0 29 април 2019 Отворено првенство на Унгарија, Унгарија АТП 250 серија Земја Србија Филип Крајиновиќ 4–6, 6–3, 6–1
Пораз 2–1 5 мај 2019 Отворено првенство на Минхен, Германија АТП 250 серија Земја Чиле Кристијан Гарин 1–6, 6–3, 6–7(1–7)
Победа 3–1 16 јуни 2019 Отворено првенство на Штутгарт, Германија АТП 250 серија Трева Канада Феликс Оже-Алијасим 6–4, 7–6(13–11)
Победа 4–1 25 април 2021 Отворено првенство на Србија, Србија АТП 250 серија Земја Русија Аслан Карацев 6–1, 3–6, 7–6(7–0)
Пораз 4–2 9 мај 2021 Мадрид Мастерс, Шпанија Мастерс 1000 Земја Германија Александар Зверев 7–6(10–8), 4–6, 3–6
Победа 5–2 20 јуни 2021 Квинс Клуб Првенство, Обединетото Кралство АТП 500 серија Трева Обединето Кралство Камерон Нори 6–4, 6–7(5–7), 6–3
Пораз 5–3 11 јули 2021 Вимблдон, Обединетото Кралство Гренд слем Трева Србија Новак Ѓоковиќ 7–6(7–4), 4–6, 4–6, 3–6

Во двојки: 3 (2-1)[уреди | уреди извор]

Легенда
Гренд слем турнири (0–0)
АТП Мастерс финале (0–0)
АТП Мастерс 1000 (0–0)
АТП 500 серија (0–0)
АТП 250 серија (2–1)
Финалиња по подлога
Тврда (1–1)
Земја (1–0)
Трева (0–0)
Исход Бр. Датум Турнир Ниво Подлога Партнер Противници Резултат
Победа 1–0 29 јули 2018 Отворено првенство на Швајцарија, Швајцарија АТП 500 серија Земја Италија Даниеле Брачиали Украина Денис Молчанов
Словачка Игор Зеленај
7–6(7–2), 7–6(7–5)
Победа 2–0 23 септември 2018 Отворено првенство на Санкт Петербург, Русија АТП 500 серија Тврда Италија Фабио Фоњини Чешка Роман Јебави
Холандија Матве Миделкоп
7–6(8–6), 7–6(7–4)
Пораз 2–1 22 септемвеи 2019 Отворено првенство на Санкт Петербург, Русија АТП 500 серија Тврда Италија Симоне Болели Индија Дивиж Шаран
Словачка Игор Зеленај
3–6, 6–3, [8–10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Matteo Berrettini“. ATP World Tour. Посетено на 29 April 2019.
  2. „ATP Prize Money Leaders“ (PDF).
  3. „Matteo Berrettini - Rankings history“. Посетено на 27 July 2018.
  4. 4,0 4,1 „Men's & Women's Fastest Tennis Serves Ever Recorded“. Tennis Creative (англиски). 6 April 2021. Посетено на 2021-05-09.
  5. http://www.atptour.com/en/players/matteo-berrettini/bk40/overview. Занемарен непознатиот параметар |titolo= (се препорачува |title=) (help); Занемарен непознатиот параметар |editore= (help); Занемарен непознатиот параметар |accesso= (се препорачува |access-date=) (help); Занемарен непознатиот параметар |lingua= (се препорачува |language=) (help); Отсутно или празно |title= (help)
  6. https://www.ubitennis.com/blog/2015/05/05/challenger-roma-garden-avanti-bedene-e-brown-conferma-per-cecchinato/. Занемарен непознатиот параметар |titolo= (се препорачува |title=) (help); Отсутно или празно |title= (help)
  7. „ATP/WTA ROMA - Prequalificazioni: Berrettini e Chiesa nel main draw!“. Tennis World Italia (италијански).
  8. Us Open 2017, qualificazioni: Matteo Berrettini cede dopo 3 tie-break a Stefanos Tsitsipas Sportface.it; 25 август 2017 (италијански)
  9. „ATP Gstaad: Matteo Berrettini downs Bautista Agut to conquer first title“. Tennis World USA.
  10. „First-Time Winner Spotlight: Matteo Berrettini“. atpworldtour.com. Посетено на 30 јули 2018.
  11. „Berrettini's Serving Feat Second Only To Federer“. atpworldtour.com. Посетено на 7 јули 2019.
  12. „Berrettini Asks Federer How Much He Owes For Wimbledon Lesson“. atpworldtour.com. Посетено на 9 јули 2019.
  13. „Rising star Matteo Berrettini withdraws late from Montreal Masters“. Посетено на 2 септември 2019.
  14. „Forza Matteo! Berrettini Reaches First Grand Slam QF“. Посетено на 2 септември 2019.
  15. „Berrettini Beats Monfils To Reach First US Open Semi-finals“. Посетено на 4 септември 2019.
  16. „Berrettini Makes History With Thiem Win In London“. Посетено на 15 ноември 2019.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Награди
Претходник
Грција Стефанос Циципас
АТП играч кој најмногу напредувал
2019
Наследник
Русија Андреј Рубљов