Григор Димитров Димитров (роден на 16 мај 1991 г. во Хасково) е бугарски професионален тенисер. Негово највиско место на АТП листата е 3. место кое го достигнал во декември 2017, непосредно после освојувањето на АТП Мастерс Куп титулата во Лондон.
Димитров е најуспешниот бугарски тенисер - единствен кој бил рангиран во првите 10 играчи на АТП листата. Тој исто така е единствениот бугарски тенисер кој стигнал до вкупна заработка од 1 милион долари[1] а подоцна и до 5 милиони долари.[2]
Димитров е исто така првиот (и единствен) бугарски тенисер кој освоил АТП титула во поединечна конкуренција, како и единствениот бугарски тенисер кој стигнал до трето коло и подалеку на Гренд слем турнир. Тој во кариерата има освоено 4 АТП титули.[3] Пред да стане професионален тенисер, Димитров бил одличен јуниор и бил прворангиран на јуниорската листа, притоа освојувајќи ги јуниорските титули на Вимблдон и Отвореното првенство на САД во 2008 година.
Григор е роден во Хасково, Бугарија како единствено дете на Димитар, тениски тренер, и Марија, професорка по спорт и поранешна одбојкарка.[4] Тој за првпат фатил рекет на тригодишна возраст, а веќе од својата петта година започнал да игра секојдневно.[4] Во почетоците тренер бил неговиот татко, но откако младиот бугарин го покажал својот талент во јуниорските турнири, било јасно дека тој ќе мора да се развива под други околности. Во 2007, Димитров се приклучил на академијата "Санчез-Касал", каде бил понатамошно трениран од страна на Емилио Санчез и Пато Алварез. Една година подоцна, Димитров се преселил во Париз и се приклучил на тениската академија на Патрик Муратоглу во која поминал четири години.
Постоеле гласини дека Димитров е во врска со руската тенисерка Марија Шарапова во втората половина на 2012 година, но двајцата својата врска ја потврдиле по Мастерсот во Мадрид во 2013, каде Димитров ја забележал својата прва победа против својот добар пријател, светскиот број еден, Новак Ѓоковиќ.[5][6] Покрај мајчиниот јазик, Григор го зборува и англискиот јазик, а вели дека го интересираат спортот, автомобили, комјутери и часовници.[4] Тој го добил прекарот "Baby Fed" поради неговиот стил на игра и тенискиот талент сличен на Роџер Федерер.[7]
Својата прва голема титула Григор ја освоил на 14 години, освојувајќи го Европското првенство за тенисери до 14 години. Во 2006 тој бил победник на престижниот Оринџ Бол за тенисери до 16 години[8] а следната година бил прогласен за ѕвезда во подем на турнирот Eddie Herr International.[9]
Григор Димитров со титулата на јуниорскиот Вимблдон 2008
Следната сезона, Димитров стигнал до четвртфиналето на јуниорскиот турнир од Отвореното првенство на Франција, во кое бил поразен од Јежи Јанович во три сета. Сепак, тој успеал да го освои јуниорскиот Вимблдон победувајќи го во финалето финецот Хенри Континен. Тој стигнал до титулата без изгубен сет и покрај тоа што играл со повреда на рамото низ целиот турнир. Одличните игри Димитров ги продолжил на јуниорскиот турнир од Отвореното првенство на САД, каде стигнал до својата втора јуниорска гренд слем титула, победувајќи го во финалето американскиот квалификант Девин Бритон во два сета.[10] По турнирот, Димитров објавил дека тој ја завршува својата јуниорска кариера и во иднина ќе се фокусира на својот АТП ранк. На 8 септември тој станал прв јуниор во светот, прескокнувајќи го тајванецот Цунг-хуа Јанг.[11] Тој ја завршил 2008 година како трет јуниор во светот.
Како јуниор, Димитров имал вкупен биланс од 66 победи и 25 порази во поединечна конкуренција (и 42 победи и 20 порази во двојки).
Финалиња на јуниорски Гренд слемови: 3 (2–1)[уреди | уреди извор]