Прејди на содржината

Артур Рембо

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Жан-Никола Артур Рембо)
Артур Рембо
Артур Рембо на 17 години
Роден/а20 октомври 1854
Франција Шарлевил, Франција
Починат/а10 ноември 1891
Франција Марсеј, Франција
ЗанимањеПоет
НационалностФранцузин
ЖанрЛирски песни, Лирска проза
Книжевно движењеСимболизам

Жан Никола Артур Рембо (француски: Jean Nicolas Arthur Rimbaud; 20 октомври 1854 - 10 ноември 1891) — француски поет, познат по неговото влијание врз модерната литература и уметност, а особено надреализмот. Тој почнал да пишува на многу рана возраст и беше одличен студент, но се откажа од формалното образование во неговите тинејџерски години и побегна среде Француско-пруската војна. По побегнувањето, за време на неговата доцна адолесценција и раните зрели години, тој ги напиша неговите најпознати дела, но потполно престана да пишува на возраст од 21, по составувањето на едно од неговите главни дела, Илуминации.

Рембо бил познат како развратник и немирна душа, и бил во понекогаш насилна романтична врска со поетот Пол Верлен, која траела речиси две години. По завршувањето на неговата книжевна кариера, тој патувал на три континенти како трговец пред неговата смрт од рак на возраст од 37. Како поет, Рембо е добро познат по неговите придонеси кон симболизмот и неговото дело Престој во пеколот се смета за значаен претходник на модернистичката литература.[2]

Иако сѐ што напишал е во период од само три години (од неговата 16. до 19. година), неговото влијание на модерната литература, музика и уметност е огромно, распространето и од непроценлива вредност.

Ран живот и работа

[уреди | уреди извор]

Артур Рембо е роден во Шарлевил, во Ардените, на 20 октомври 1854 година. Тој е второ дете на пешадискиот капетан Фредерик Рембо и Виталија Куиф, ќерка на мали земјопоседници од Рош.[3] Од неговата поезија може да се забележи дека Артур никогаш не чувствувал дека е сакан од мајка му. Уште како дете ја основа личноста по која ќе остане запаметен до денес: бил бунтовен, но истовремено генијален ученик. Веќе на возраст од петнаесет години тој создава поезија со високи литературни вредности и дијалози на течен латински јазик. Во 1869 година, ја пишува „Подароци на сирачињата“, прва негова позната песна на француски јазик. Една година подоцна се спријателува со својот професор Жорж Изамбар кој станува негов литературен ментор.

Често бега од дома, а веста за Комуната ја прима со воодушевување, постојано предизвикувајќи ги трговците и граѓаните на Шарелвил со својот чест извик: „Редот е победен!“. Во овој период, веројатно Рембо бил силуван од страна на пијани војници како што можеби навестува неговата песна Le cœur supplicié (Измаченото срце). Токму во овој период, Рембо станува анархист и почнува често да пие, шокирајќи ја француската буржоазија со своите парталави алишта, долга коса и непристојно однесување. На 13 мај 1871 година, Рембо му пишува писмо на Изамбар, а два дена подоцна и на Пол Демени, поет од соседниот град, неколку години постар. Ова се познатите Les lettres du Voyant („Писма на видовитиот“), во кои Рембо тврди дека поетот треба да се претвори во пророк, и тоа по пат на „едно долго, огромно и смислено растројување на сите сетила.“ Со оваа реченица (една од најпознатите во историјата на литературата), тој ја воспоставува теоретската основа на една нова поетика.

Оригинален манускрипт на песната Les Assis (Седачи)

Рембо се враќа во Париз кон крајот на септември 1871 година[4] на покана на еминентниот симболистички поет Пол Верлен[5] (откако Рембо претходно му испраќа едно писмо објаснувајќи му ја својата положба и праќајќи му неколку свои песни) и кратко време престојува во неговиот дом. Верлен, кој веќе е венчан, веднаш се вљубува во темниот, синоок, висок (1,80 m) младич со светло-кафеава коса. Двајцата стануваат љубовници и почнуваат да водат див, скитнички живот заситен со големи количини на апсинт и хашиш.[6] Ги скандализираат париските литературни друштва главно со нечуеното неморално однесување на Рембо, архетипниот enfant terrible, кој во текот на овој период продолжува да пишува несфатливо оригинални визионерски стихови.

Бурната љубовна авантура на Рембо и Верлен ги води во Лондон, во септември 1872 година[7]; Верлен ги напушта жената и дете (кои, во текот на своите алкохоличарски напади, често ги злоставува). Односите меѓу двајцата поети стануваат се позаострени.

На 10 јули 1873 година, Верлен го повикува Рембо да го посети во Брисел, каде претходно Верлен заминува во обид да се смири со својата жена, оставајќи го Рембо во Лондон. Караниците меѓу нив продолжуваат, а во една од нив, Верлен пука со пиштол во раката на Рембо и лесно го повредува неговиот зглоб.[8] Рембо ја сметал раната за површинска и отпрво воопшто не сака да покрене тужба. Сепак, тој решава да се раздели од Верлен. Но на станица, при разделба, Верлен „се однесува како лудак“, повторно заканувајќи се со пиштолот. Рембо „се уплашува Верлен да не падне во искушение да направи уште некој екцес“,[9] поради што почнува да бега. Како што и самиот вели, „тогаш јас молев еден полицаец да го уапси.“[9] Навистина, Верлен е уапсен и подложен на понижувачки медицинско-психолошки третман,[10] кој вклучувал и анализа на дописката меѓу него и Рембо, како и односот што тој го имал со својата жена и дете. Рембо со време ќе ја повлече жалбата, но Верлен сепак ќе биде осуден на две години затвор.[11]

Рембо се враќа во Шарлевил и го завршува своето ремек-дело Une Saison en enfer („Престој во пеколот“), напишано во лирска проза, општо-признато како едно од првите дела кои го опфаќаат духот на новата симболистичка литература и во кое тој метафорично ја прикажува својата „drôle de ménage“ (чудна врска) со Верлен, неговиот „pitoyable frère“ („беден брат“) и „vierge folle“ („луда девица“) на која самиот тој ѝ бил „l'époux infernal“ („пеколен сопруг“). Во 1874 се враќа во Лондон со поетот Жермен Нуво[12] и ги комплетира своите Илуминации, каде се напишани првите две песни на француски јазик во слободен стих.

Доцен живот (1875-1891)

[уреди | уреди извор]

За последен пат Рембо и Верлен се среќаваат во 1875 година, во Штутгарт, Германија, откако Верлен е пуштен од затвор и откако тој станува католик.[13] Тогаш, Рембо, од сѐ уште непознати причини, веќе се откажува од пишување и се одлучува да води мирен, работен живот; некои велат дека на Рембо едноставно му здодеал дивиот, разуздан живот, но други сметаат дека тој се обидувал да се збогати за да може еден ден да биде слободен, финансиски неограничен, безгрижен поет. Рембо продолжува да патува низ Европа, најчесто пеш.

Во 1876 година потпишува договор за служење во холандската колонијална војска во тек од три години, со цел да се обезбеди бесплатно патување до Јава (Индонезија),[14] каде и дезертира, по што со еден англиски брод се враќа во Европа.[15] И денес, во Салатига, мал град сместен 46 км јужно од Семаранг, главниот град на Централната јаванска провинција, постои мермерна плоча на која пишува дека еднаш Рембо бил сместен во тој град.

Во декември 1878 година, Рембо пристигнува во Кипар, кајшто се вработува како надзорник на едно градилиште.[16] Во мај следната година, Рембо е приморан да го напушти Кипар поради треска, која во Франција е дијагностицирана како тифоидна. Во 1880 година, Рембо оди во Аден каде се занимава со откуп на кожи и кафе, како главен работник на компанијата „Барди“.[17] Истата отвора едно претставништво во Харар, каде Рембо, откако прифаќа да ја води тамошната трговска деловница, пристигнува на крајот на годината, „по дваесет дена јавање низ сомалиската пустина“. Тука љубовнички му се неколку локални жени, а кратко време живее со една Етиопјанка. Во 1884 година, Bardey престанува со работа, а веќе следната година Рембо се замешува во една зделка која ветува голема заработувачка: се работи за продажба на пушки од Белгија на кралот на Хоа, Менелик, иден цар на Етиопија. Во оваа зделка, Рембо ја внесува целата своја дотогашна заштеда. Сепак, токму во мигот кога карванот е подготвен да замине, објавена е забрана за увезување на оружје во Хоа. Рембо успева да ги прокриумчари пушките покрај една италијанска научна експедиција, но сепак, зделката нема да му донесе заработка: Рембо добива само еден дел од парите со кои не успева ниту да си ги покрие трошоците.

Во тоа време, во Франција, без знаење на Рембо, објавени се неговите Илуминации. Рембо почнува да страда од синовитис на десното колено кој постепено се претвора во канцерозен тумор. Неговото видливо влошено здравје го приморува да се врати во Франција на 9 мај 1891 година.[18] Рембо е примен во болница во Марсеј и неговата нога му е ампутирана на 27 мај.[19] Еден месец по операцијата Рембо ја напушта болницата и заминува за Рош, но на пат неговата болест се влошува и кон крајот на август приморан е да се врати назад. Последните месеци од својот живот ги минува токму таму, крај својата сестра Изабела, преживувајќи ужасни страдања и натчовечки болки. Таму и умира, на 10 ноември 1891 година, на возраст од 37 години [20]. Ни тука не престанува да сонува за патувањата. Само еден ден пред да умре, во бунило диктира писмо до една поморска агенција: „Јас сум наполно парализиран, значи сакам да бидам утоварен на време; кажете ми кога треба да бидам транспортиран на брод.

Легендата за Рембо

[уреди | уреди извор]

Неодреденоста, флуидноста и херметичноста на делото на Рембо биле плодна почва за раѓање на легендата за него. Имено, неговото творештво било предмет на бројни интерпретации во кои критичарите често изнесувале сосема различни толкувања. Таков е случајот со завршниот стих од прочуената песна „Самогласки“, кој гласи: „O l’Oméga, rayon violet de Ses Yeux“. Бројни критичари изнесувале различни претпоставки за чии очи пее Рембо: според едни, тоа се очите на девојката која еднаш ја сретнал Рембо во Шарлевил; според други, се мисли на очите на девојката која божем го придружувала Рембо во едно од неговите бегства во Париз; според трети, поетот пее за очите на својот сопатник, Пол Верлен; а некои сметаат дека станува збор за очите на иреално суштетство, на пример, на Генијот од Рембовите „Илуминации“, т.е. симболот на неговите духовни стремежи. Како последица на различните толкувања на делото на Рембо, тој бил прогласуван за бунтовник, конформист, атеист, католик, симболист, надреалист, мангуп, „медицински случај“, комунар, фашист итн.[21] Често, за Рембо се измислувале и крајно неверојатни, сензационалистички приказни, како онаа објавена во 1929 година во еден весник во Буенос Аирес, според која, Рембо „живеел неколку месеци во тропска шума, сам меѓу дивјаците; со својата необична дарба за јазици тој брзо им се наметнал и станал нивни главатар.“[22]

Бројните нерасветлени поединости од животот на Рембо придонеле за создавање на легендата за него како бунтовник. Тука најчесто се мисли на неговите повремени бегства во Париз (уште како дете), скитањето по патиштата на Ардените, бурните патувања со Верлен во Брисел и Лондон, како и „несфатливото“ откажување од поезијата и скитањето по Африка и Азија, проследено со неговите активности како трговец и ловец на злато во Абисинија, Аден и Кипар.[23]

Во продолжение, прераната генијалност имала огромно влијание врз формирањето на легендата за Рембо, кој бил нарекуван „голобрадиот Сатана“, „дете на гневот“, „чудовишно созревање“, „песник-детиште“, „млад џин“, „гениј кој се крева“ итн. Неговиот детски лик бил симбол на вродената мудрост, а Рембо му го нанесол конечниот удар на хомеровскиот класичен лик на поет-старец. Напротив, со него кулминирала романтичарската теорија според која поезијата им припаѓа само на детството и младоста.[24] Интересот за детската генијалност на Рембо отишол толку далеку што се појавиле докторски дисертации кои ја обработуваат оваа тема. На пример, во својата теза, д-р Жан Фрете „случајот Рембо“ го објаснува како последица на пубертетската хиперантехипофизија: состојба на интензивна активност на антехипофизата, жлезда сместена во подножјето на черепот, по што доаѓа до нејзино брзо исцрпување, проследено со пад на интелектуалните способности. Слични „медицински“ тези застапувале и Делатров, Лагриф и Ремон-Воавнел.[25]

И ден-денес не постои согласност во однос на улогата на Рембо како бунтовник. Според некои, неговиот поетски револт е стерилен и отанува во границите на духовните спекулации; според други, последната консеквенца на неговиот револт е убедувањето дека поезијата не е способна да ја промени положбата на човекот. Во таа смисла, сè уште не е расчистено прашањето: дали седумнаесетгодишниот Рембо бил во Париз за време на Комуната, т.е. дали тој учествувал во Париската комуна? Поврзано со ова прашање, проучувачите на животот на Рембо изнесуваат спротивни ставови околу тоа, дали Рембо бил бунтовник, предизвикувач на скандали и апсолутно духовно еманципиран или, пак, во суштината останал конформист, полн со почит кон репресивните општествените установи, кој сосема случајно поминал низ некаков период на привремено „лудило“. Во полза на демистификацијата на Рембо како бутновник се наведуваат неговата дејност како трговец и ловец на злато, писмата упатени до мајка му во која тој искажува неверојатна алчност, скржавост и малограѓански визии на среќата, како и неговиот „страв од жандармите“.[26]

Најголемата мистерија во животот на Рембо, секако, претставува неговото „откажување“ од поезијата, т.е. неговото ненадејно „молчење“ по 1875 година, предизвикано, најверојатно, од длабокото разочарување од процесите на дехуманизација на општеството, декаденцијата на западната цивилизација и стерилноста на поезијата. Во таа смисла, позната е неговата изрека за поезијата: „Апсурдно, смешно, одвратно!“ Всушност, неговото откажување од поезијата и напуштањето на западното општество претставувало последен израз на бунтовниот карактер.[27]

Влијание и значење

[уреди | уреди извор]

Во романот „Надја“, Андре Бретон го признава „волшебното влијание“ на Рембо околу 1915 година, кое подоцна се преточило само во неколку негови песни.[28]

Македонски

[уреди | уреди извор]

Англиски

[уреди | уреди извор]

Овде се наведени само комерцијалните изданија. За повеќе англиски препеви видете кај надворешните врски.

  1. Артур Рембо е еден од најоригиналните поети во историјата; истовремено е и еден од оние кои имаат оставено најдлабок печат во развитокот на модерната поезија и култура. Затоа, тешко би било да се ограничи неговото влијание. „Уште додека Рембо е жив, Л. Гароти ќе го нарече „водач на декадентската школа.“ Во „Манифестот на надреализмот“ Андре Бретон ќе напише: „Рембо е надреалист во практиката на животот и другаде“. За католички расположениот Клодел тој е „мистик во дива состојба“, за Ками - „авантурист на апсурдот“, за Сартр - еден егзистенцијалистички поет“ (Духовната авантура на Артур Рембо, Влада Урошевиќ, Артур Рембо:Поезија). Пол Валери пак ќе го смета Рембо за еден од своите два омилени поети (покрај неговиот учител Стефан Маларме). Боб Дилан ќе рече дека неговото животно мото се врти околу Рембоовото „Je est un autre“ (Јас е некој друг). Ван Морисон ќе му посвети една прекрасна песна „Tore Down a la Rimbaud“, а Пати Смит ќе ја препее неговата поезија на англиски. Џим Морисон и Пабло Пикасо од Рембо ќе направат слика на архетипен бунтовник.
  2. Mendelsohn, Daniel (August 29, 2011). „Rebel Rebel“. The New Yorker. Посетено на June 19, 2016.
  3. Влада Урошевиќ, „Духовната и животната авантура на Артур Рембо“, во: Артур Рембо, Поезија. Скопје, мај 1977.
  4. Роб 2000, стр. 109
  5. Роб 2000, стр. 102
  6. Бернард, Сузен и Гијо, Андре. Oeuvres de Rimbaud, Classiques Garnier, Bordas, 1991.
  7. Роб 2000, стр. 184
  8. Роб 2000, стр. 220
  9. 9,0 9,1 Хардинг и Стурок 2004, стр. 160
  10. Роб 2000, стр. 223-224
  11. Роб 2000, стр. 224
  12. Роб 2000, стр. 241
  13. Роб 2000, стр. 264
  14. Роб 2000, стр. 278
  15. Роб 2000, стр. 282-285
  16. Роб 2000, стр. 299
  17. Роб 2000, стр. 313
  18. Роб 2000, стр. 422-424
  19. Роб 2000, стр. 426
  20. Роб 2000, стр. 440-441
  21. Никола Бертолино, „Легенда о Рембоу“, во: Артур Рембо, Боравак у паклу. Београд: Култура, 1968, стр. IX и X.
  22. Никола Бертолино, „Легенда о Рембоу“, во: Артур Рембо, Боравак у паклу. Београд: Култура, 1968, стр. XXIV.
  23. Никола Бертолино, „Легенда о Рембоу“, во: Артур Рембо, Боравак у паклу. Београд: Култура, 1968, стр. XII.
  24. Никола Бертолино, „Легенда о Рембоу“, во: Артур Рембо, Боравак у паклу. Београд: Култура, 1968, стр. XIII.
  25. Никола Бертолино, „Легенда о Рембоу“, во: Артур Рембо, Боравак у паклу. Београд: Култура, 1968, стр. XIV и XXIV.
  26. Никола Бертолино, „Легенда о Рембоу“, во: Артур Рембо, Боравак у паклу. Београд: Култура, 1968, стр. XIX-XXI.
  27. Никола Бертолино, „Легенда о Рембоу“, во: Артур Рембо, Боравак у паклу. Београд: Култура, 1968, стр. XXII.
  28. Андре Бретон, Надја. Скопје: Магор, 2009, стр. 53.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Викицитат има збирка цитати поврзани со:
Артур Рембо
Дела: Песни (Рембо)Пијаниот бродИлуминации (песни)Престој во пеколотПисма
Луѓе: Шарл БодлерЖорж ИзамбарЖермен НувоПол Верлен
Друго: СимболизамНадреализампроколнати поетиL'Enfant TerribleÉpater la bourgeoisieРембо и модерната култура