Апсинт — алкохолен пијалак, често погрешно наречен ликер, чија главна состојка е пелинот (латински: Artemisia absinthium).
Апсинтот е познат по својата популарност во Франција, а особено романтичните асоцијации со париските уметници и писатели од XIX и XX век, сè до неговата забрана во 1915. Најпознатата марка апсинт во светот била Pernod Fils.
Апсинтот е ликер со темнозелена боја кој после подготвувањето добива опалесцентна жолто-зелена боја. Има сличен вкус на мастика, узо и други ликери чија главна состојка е анасонот. Главни состојки се пелин, анасон, милодух, мелиса и римски пелин (Artemisia Pontica). Некои рецепти вклучуваат и корен од ангелика, кориандер, ким, и други планински растенија.[1][2][3][4]
Со едноставна мацерација (плакнење) на пелин без дестилација се добива многу горчлив пијалак, чија горчина се должи на апсинтинот, една од најгорчливите супстанци кои постојат. Автентичните рецепти вклучуваат дестилација после примарната и пред секундарната мацерација, која пак служи за обојување.