Фин Кидланд

Од Википедија — слободната енциклопедија
Finn E. Kydland
New classical economics
Photo: White House, 2004
Роден1 декември 1943(1943-12-01)(80 г.)
Ålgård near Stavanger
НационалностNorway
ПолеMacroeconomics
Алма матерNorwegian School of Economics (BSc)
Carnegie Mellon University (PhD)
Влијанија одEdward C. Prescott
David Cass
ПридонесиReal Business Cycle Theory
Time consistency in economic policy

Фин Ерлинг Кидланд (норвешки: Finn Erling Kydland; Гјестал, Норвешка, 1943) — норвешки економист, добитник на Нобеловата награда за економија во 2004 година за придонесот кон динамичката макроекономиja: временската доследност на економската политика и движечките сили на деловните циклуси.

Животопис[уреди | уреди извор]

Фин Е. Кидланд е роден во 1943 година во Гјестал, мало место покрај Ставангар, Норвешка. Студирал економија на Норвешката школа за економија и деловна администрација во Берген, каде дипломирал во 1968 година. Своето натамошно образование го продолжил на познатиот американски универзитет Карнеги, каде магистрирал во 1972 година, а една година подоцна и докторирал. По завршувањето на последипломските студии, во 1973 година Кидланд се вратил во Норвешка, вработувајќи се како доцент на Норвешката школа за економија и деловна администрација. Во 1976 година, Кидланд повторно отпатувал во САД, каде кусо време работел како професор-гостин на Универзитетот на Минесота во Минеаполис, а во 1977 година се преселил на Универзитетот Карнеги Мелон. Подоцна, Кидланд работел како професор на двата угледни американски универзитети: Карнеги Мелон во Питсбург и Универзитетот на Калифорнија во Санта Барбара, а во 2004 година се вработил на Државниот универзитет на Аризона во Феникс. Во однос на другите активности, треба да се нагласи дека Кидланд е постојан соработник на Резервните банки на Кливленд, Далас и Сент Луис; во 1992 година е избран за соработник на угледното Економетриско друштво; од 1996 година е член на уредувачкиот одбор на списанието „Макроекономска динамика", а покрај Нобеловата награда, тој е добитник и на неколку други признанија.[1]

Кидланд во 2015 година.

Позначајни дела[уреди | уреди извор]

Поголемиот дел од своите трудови, Фин Кидланд ги напишал во соработка со други економисти. Притоа, како позначајни дела на Фин Кидланд можат да се наведат следниве:[2]

  • „Правила наместо дискреција: Недоследноста на оптималните планови (1977,во соавторство со Едвард Прескот)",
  • „Времето за изградба и агрегатните флуктуации (1982,во соавторство со Едвард Прескот)",
  • „Варијациите на работните часови и вработеноста во теоријата на деловните циклуси (1991,во соавторство со Едвард Прескот)",
  • „Економетриjата на пристапот кон деловните цилкуси заснован врз општата рамнотежа (1991,во соавторство со Едвард Прескот)",
  • „Пресметковниот експеримент: економетриска алатка (1996, во соавторство со Едвард Прескот)",
  • „Меѓународни реални деловни циклуси (1992, во соавторство со Д. Бакус и П. Кехо)",
  • „За економетријата на светските деловни циклуси (1992)",
  • „Ендогената понуда на пари и деловниот циклус (1999, во соавторство со В. Гавин)" и
  • „Домашното производство соочено со времето за изградба (2001, во соавторство со П. Гом и П. Руперт)".

Покрај нив, Фин Кидланд е уредник на книгата „Теорија на деловните циклуси (1995)".

Придонесот кон економската наука[уреди | уреди извор]

Фин Кидланд, во соработка со Едвард Прескот, дал клучен придонес во динамичката анализа на цикличните флуктуации на економската активност и на ефектите на економските политики. Неговото творештво извршило огромно влијание не само во макроекономската анализа, туку и во практичното водење на монетарната и фискалната политика.

Така, творештвото на Кидланд претставува камел-темелник на современата теорија на деловните циклуси. Имено, традиционалната кејнзијанска анализа на деловните циклуси сметала дека кусорочните флуктуации на економската активност се предизвикани од факторите на страната на агрегатната побарувачка: автономните промени на инвестициите и потрошувачката. Меѓутоа, Кидланд од корен го променил пристапот кон проучувањето на деловните циклуси на тој начин што теоријата на деловните циклуси ја поврзал со теоријата на економскиот раст. Притоа, Кидланд покажал дека привремените промени на стапката на технолошкиот развој можат да претставуваат извор на кусорочните флуктуации на инвестициите, потрошувачката, вработеноста и производството. На тој начин, Кидланд го отстранил вештачкиот јаз меѓу анализата на деловните циклуси (како кусорочни феномени, со нагласок врз агрегатната побарувачка) и теоријата на економскиот растеж (како долгорочен феномен, со нагласок врз технолошкиот развој).

Делото на Кидланд ја поставило основата на современите макроекономски модели кои централните банки и меѓународните институции ги применуваат за предвидување на макроекономските променливи. Имено, традиционалните макроеконометриски кејнзијански модели биле засновани врз воопштени равенства кои ги поврзувале одделните економски променливи, како што се: производството, инвестициите, потрошувачката, инфлацијата, каматните стапки итн. Меѓутоа, во средината на 1970-тите, стабилните врски меѓу клучните економски променливи се нарушиле, така што структурните модели станале целосно неупотребливи за анализа на економските политики и за предвидување. Причините за тоа се дадени во Лукасовата критика, но дури творештвото на Кидланд ги поставило неопходните микроекономски основи на моделите на деловните циклуси. Во неговите дела, кусорочните флуктуации на економската активност се набљудуваат во контекст на поединечните одлуки на луѓето и фирмите (кои формираат рационални очекувања) во однос на потрошувачката, штедењето, инвестициите и понудата на труд.

Во однос на анализата на макроекономските политики, придонесот на Кидланд се состои во тоа што укажал на вградените проблеми и недостатоците при формулирањето и водењето на традиционалната економска политика. Имено, благодарение на поволните макроекономски остварувања на развиените економии во периодот по Втората светска војна, сè до 1970-тите години, постоел голем оптимизам во однос на можностите на дикреционата политика. Притоа, се верувало дека основниот проблем на економската политика се состоела во изборот на соодветни мерки со кои треба да се стабилизираат кусорочните флуктуации на економската активност. Меѓутоа, кон крајот на 1960-тите и средината на 1970-тите се појавиле неколку значајни теоретски пробиви во макроекономската анализа, кои сериозно ја разнишале вербата во моќта на активната економска политика. Пред сè, тука станува збор за неколку теоретски концепти, како што се: долгорочната Филипсова крива, природната стапка на невработеност, рационалните очекувања и Лукасовата критика. Подоцна, токму Фин Кидланд, заедно со неговиот соработник Едвард Прескот, го задал последниот, конечен удар на дискреционата економска политика.

Делото на Кидланд направило пресврт во третманот на економската политика, која никако не треба да се набљудува како серија од поединечни акции, независни една од друга. Напротив, неговата анализа покажала дека економската политика, која презема мерки водејќи се само од тековната состојба во која се наоѓа економијата, на крајот завршува со субоптимален резултат. Оттука, Кидланд укажал на потребата од формулирање и водење на економската политика на начин кој експлицитно ќе ги земе предвид ефектите на идните економски политики врз инфлациските очекувања и денешните одлуки на економските агенти. На тој начин, творештвото на Кидланд го свртело вниманието кон прашањата поврзани со кредибилитетот, институционалната поставеност и политичко-економските аспекти на економската политика.[2]

Нобеловата награда за економија[уреди | уреди извор]

Во 2004 година, на Кидланд и на Прескот им била доделена Нобеловата награда за економија за придонесот кон динамичката макроекономиja, и тоа во две посебни подрачја: временската доследност на економската политика и движечките сили на деловните циклуси.[3] Во првата половина на 1970-тите, Кидланд заминал на школување на престижниот американски универзитет Каренги Мелон и таму се запознал и почнал да соработува со Едвард Прескот. Тие двајца заедно напишале повеќе трудови, од кои за два ја добиел Нобеловата награда. Станува збор за трудовите „Правила наместо дискреција: Недоследноста на оптималните планови", објавен во 1977 година и „Времето за изградба и агрегатните флуктуации" од 1982 година.

Временската доследност на економската политика[уреди | уреди извор]

Во трудот од 1977 година, Кидланд и Прескот укажале на постоењето еден вграден проблем при формулирањето и водењето на економската политика: проблемот на временската доследност, кој е поврзан со изборот на оптималната политика во функција на времето. Во таа смисла, основниот проблем на дискреционата политика е тоа што одлуките се носат имајќи ја предвид само тековната состојба на економијата при што одлуките на економските агенти се земаат како дадени. Во тој случај, првично избраната политика се покажува како неоптимална во иднина така што таа се напушта во обид економската политика да се ре-оптимизира во следниот временски период. Меѓутоа, економските агенти, кои формираат рационални очекувања, ќе го согледаат овој мотив на владата и своите одлуки соодветно ќе ги приспособат имајќи ги предвид очекувањата за идните економски политики. На тој начин, ако не постои механизам кој ќе ја присили владата да се придржува кон најавената економска политика, таа останува заглавена во стапицата на временската неконзистентост.[4]

На пример, ако централната банка најави дека во иднина ќе води политика на нулта инфлација, економските агенти ќе ја земат предвид најавената политика при донесувањето на своите одлуки. Меѓутоа, откако економските агенти ќе ги вградат очекувањата за идните политики, т.е. откако одлуките веќе ќе бидат донесени, за централната банка повеќе не е оптимално да се придржува кон првобитно најавената политика. Напротив, оптимална политика во наредниот период би било создавањето неочекувана инфлација во обид да се искористи Филипсовата крива и да се намали невработеноста. Меѓутоа, рационалните економски агенти, при формирањето на своите очекувања за идните политики, ќе го земат предвид овој мотив на централната банка и ќе формираат очекувања за позитивна инфлација во идниот период. Според тоа, кога монетарната политика ќе делува во следниот период, таа нема да предизвика помала невработеност, туку само повисока инфлација, т.е. политиката ќе заврши субоптимален резултат.

Проблемот на временската доследност се разрешува доколку постои делотворен механизам кој ќе ги принуди носителите на еконоската политика доследно да се придржуваат кон првично дефинираната политика. Во таа смисла, Кидланд и Прескот предложиле економската политика да се води според однапред пропишани едноставни правила. Всушност, токму овој труд претставува пресвртна точка во дебатата на тема „правила или дискреција", бидејќи укажува на еден вграден проблем кој ја прави дискреционата политиka неоптимална дури и кога владата настојува да ја максимизира благосостојбата на општеството. Подоцна, инспирирани од овој труд, предложени се и други институционални решенија на проблемот на временската конзистентост, како што се: грижата за угледот, независноста на централната банка, склучувањето оптимални договори со централната банка, усвојувањето експлицитни таргети за инфлацијата итн. Во тој поглед, придонесот на овој труд се состои во тоа што укажал на значењето на институционалните и политичко-економските фактори во дизајнирањето на економската политика.[2]

Теоријата на деловните циклуси[уреди | уреди извор]

Теоријата на деловните циклуси го претставува второто подрачје за кое Кидланд ја добил Нобеловата награда. Во тој поглед, заедничкиот труд со Прескот од 1982 година го означил почетокот на современиот пристап кон проучувањето на деловните циклуси. Суштината на овој пристап се состои во тоа што теоријата на деловните циклуси е интегрирана со теоријата на економскиот раст. Во својот труд, Кидланд и Прескот тргнале од неокласичниот модел на економски растеж на Солоу и ги анализирале кусорочните ефекти кои ги предизвикуваат привремените варијации на стапката на технолошкиот прогрес. Така, позитивните технолошки шокови водат кон натпросечна стапка на растеж на вкупната факторска продуктивност. Понатаму, тоа води кон зголемување на нивото на производството и тоа преку два канала: прво, зголемената продуктивност значи поголемо производство при исто количество на производни фактори (труд и капитал) и второ, поради повисоката продуктивност, луѓето ја зголемуваат понудата на труд. Еден дел од производството оди за потрошувачка, но остатокот се штеди, со што се зголемуваат и инвестициите. Притоа, одлуките на економските агенти за потрошувачката и штедењето зависат од нивните преференции и од очекуваното времетраење на технолошкиот шок. На тој начин, Кидланд и Прескот покажале како факторите на страната на агрегатната понуда можат да предизвикаат циклични флуктуации на економската активност. Тоа претставува отстапување од традиционалната кејнзијанска теорија, која деловните циклуси ги објаснува само како последица на автономните промени на агрегатната побарувачка.[5]

Исто така, Кидланд има огромна заслуга за развојот на методологијата за анализа и предвидување на деловните циклуси. Имено, на местото на кејнзијанските структурни економетриски модели, засновани врз воопштени равенства на односите меѓу клучните макроекономски променливи, Кидланд и Прескот понудиле динамички, стохастички модел на деловни циклуси, изграден врз експлицитни микроекономски основи, со што понудиле оперативно решение на Лукасовата критика. Уште повеќе, нивниот труд од 1982 година понудил нова постапка на решавање и емпириско моделирање на деловните циклуси. Така, наместо вообичаената постапка на економетриско пресметување, тие моделот го решиле со примена на бројчени методи, потпирајќи се врз компјутерско симулирање и калибрирање на вредностите на клучните параметри врз основа на статистичките макроекономски и микроекономски податоци. Подоцна, нивниот пристап сè повеќе се усовршувал и денес претставува стандардна методологија за анализа и предвидување на ефектите од економската политика.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Howard R. Vane and Chris Mulhearn, The Nobel Memorial Laureates in Economics: An Introduction to Their Careers and Main Published Works, Edward Elgar, Cheltenham, UK, 2005.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Горан Петревски, “Фин Кидланд“. во: Таки Фити (уредник). Нобеловци по економија: 1969-2008 (второ издание). Скопје, Економски факултет, 2008, стр.. 347-351.
  3. Royal Swedish Academy of Sciences, “Finn Kydland and Edward Prescott’s Contribution to Dynamic Macroeconomics: The Time Consistency of Economic Policy and the Driving Forces Behind Business Cycles”, Royal Swedish Academy of Sciences, 2004.
  4. Finn E. Kydland and Edward C. Prescott, “Rules Rather Than Discretion: The Inconsistency of Optimal Plans”, Journal of Political Economy, 85, June 1977.
  5. Finn E. Kydland and Edward C. Prescott, “Time to Build and Aggregate Fluctuations”, Econometrica, 50, November 1982.