Агрегатна понуда

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Агрегатната понуда (англиски: Aggregate supply) е една од основните економски категории, која е предмет на изучување на макроекономијата.

Дефинирање на агрегатната понуда[уреди | уреди извор]

Агрегатната понуда ( AS ) претставува однос помеѓу општото ниво на цените и вкупното количество финални добра и услуги што секторот напретпријатијата може да го произведе и понуди. Со оглед на оваа дефиниција, агрегатната понуда упатува на производствените можности на општеството, односно на потенцијалниот бруто-домашен производ.[1]

Крива на агрегатна понуда[уреди | уреди извор]

Постојат различни комбинации на општите нивоа на цени и количествата на добра и услуги што сите претпријатија во економијата се подготвени да ги понудат. Според тоа, агрегатната понуда може да се прикаже со помош на кривата на агрегатна понуда, и тоа на краток и долг рок.

Агрегатна понуда на краток рок[уреди | уреди извор]

Агрегатната понуда на краток на рок е крива линија со растечки наклон. Зошто е тоа така? Кејнзијанците тврдат дека на краток рок цените и платите се нефлексибилни, ригидни, односно непроменливи нагоре и надолу. Ваквото тврдење, Кејнзијанците го потврдуваат со фактот што на краток рок платите на работниците се фиксирани преку процесот на преговори помеѓу синдикатите и работодавачите. Сè додека овој постигнат договор е во сила платите се нефлексибилни и нема да се направи ново усогласување поради тоа што процесот на договарање е скап. Истото се случува со цените на инпутите коишто се потребни за производство. Претпријатијата склучуваат договори за снабдување со материјали и суровини за производство (инпути) по фиксни цени кои на краток рок не се менуваат. Од кривата на агрегатна понуда се утврдува дека при ниски цени вкупната економска активност на земјата, осносно производството е мало. Благиот наклон на кривата на агрегатна понуда во почетокот се објаснува со тоа што на краток рок цените на платите и суровините се фиксни. Тоа е знак дека економијата има слободни, неангажирани производствени фактори. Да претпоставиме дека поради тоа што Централната банка ја зголемила понудата на пари во економијата дошло до пораст на општото ниво на цени, но не и на трошоците на производство (бидејќи цените на инпутите се фиксни). Каква ќе биде реакцијата на претпријатијата? Тие значајно ќе го зголемат производството на добра и услуги поради две причини:

  • Прво, затоа што во економијата има слободни неангажирани производствени фактори, сега може да се искористат за пораст на производството
  • Второ, бидејќи дошло до пораст на општото ниво на цените, претпријатијата се поттикнати да ги искористуваат расположливите ресурси, а тоа значи дека нивните финални добра и услуги на пазарот ќе се продаваат по повисоки цени. Но, тоа нема да предизвика подигање на општото ниво на цените на инпутите неопходни за производсвто, бидејќи на краток ток се фиксирани и нема да се одрази врз зголемување на трошоцоите на претпријатието. Како последица на тоа профитите на претпријатијата ќе се зголемат. Тоа подразбира дека порастот на општото ниво на цените предизвикува значителен пораст на производството. Поради тоа, кривата на агрегатна понуда во почетокот, на краток рок, има благ наклон и е свртена на десно.[2]

Агрегатна понуда на долг рок[уреди | уреди извор]

Агрегатната понуда на долг рок е детерминирана од расположливоста на производствените фактори и станува се пострмна за дефинитивно да се трансформира во вертикална линија, што е доказ дека економијата на долг рок функционира на нивото на својот потенцијален БДП. На долг рок, цените и платите стануваат флексибилни, променливи бидејќи времетраењето на договорите со кои платите и цените на суровините биле фиксирани истекло. Притоа, се прават нови преговори и ново усогласување на платите и цените на повисоко рамниште. Економските субјекти ја вградуваат инфлацијата во цените, а со тоа синдикатите ќе побараат зголемување на платите, а добавувачите ќе ги зголемат цените на суровините. Поради ова, цените и платите на долг рок се флексибилни и променливи варијабли. Да претпоставиме дека во економијата повторно дошло до пораст на општото ниво на цените. Како на ова ќе реагираат претпријатијата? Тие сосема незначително ќе го зголемат своето производство поради две причини:

  • Прво, при повисоко производство и повисоко ниво на цени, економијата релативно добро ги користи расположливите ресурси. Тоа значи дека во економијата нема слободни ресурси за да дојде до значително зголемување на производството на добра и услуги.
  • Второ, претпријатијата не се доволно мотивирани, затоа што цените и платите станале флексибилни и ќе го следат порастот на општото ниво на цени. Тоа значи дека ќе пораснат и трошоците за инпутите на претпријатијата, што ја исклучува можноста за зголемување на профитите. Тоа значи дека идентично зголемување на цените сега ќе предизвика незначителен пораст на вкупното производство. Поради тоа, кривата на агрегатна понуда станува пострмна и ако економијата продолжи да функционира на истиот начин, ново зголемување на општото ниво на цените (поради зголемената понуда на пари) ќе предизвика економијата да ги искористи сите располижливи ресурси и да се наоѓа на својот потенцијален БДП, односно функционира врз т.н природна стапка на невработеност. Тогаш, кривата на агрегатна понуда ќе стане вертикална линија.[3]


Поместувања на кривата на агрегатна понуда[уреди | уреди извор]

Агрегатната понуда може да се менува под дејство на определени фактори. Кривата се поместува на десно кога агрегатната понуда расте и обратно, а фактори кои влијаат врз промена на агрегатната понуда се: појавата на нови технологии ја зголемува агрегатната понуда, поскапувањето на нафтата ја намалува агрегатната понуда (растат трошоците на фирмите, опаѓаат нивните профити и нивното производство). Во периодот од 1973-1974 година, цената на нафтата повеќекратно се зголемила, па така се случил и првиот нафтен шок, кој имал силни импликации врз економските движења. Зголемената цена на нафтата силно влијаела да се зголемат транспортните трошоци, а понатаму и цените на другите видови енергенси и цената на трудот. Крајниот резултат од повеќекратното покачување на цената на нафтата бил пораст на трошоците на фирмите како и намалување на нивните профити. Тоа влијаело дестимилативно врз нивното производство (пораст на невработеноста), со што кривата на агрегатна понуда се поместила кон лево. Тоа покажува дека општото ниво на цените се зголемило, односно во економијата проработила инфлацијата, а реалниот бруто-домашен производ се намалил. Очевидно, во економијата истовремено се појавиле трите најголеми зла: опаѓање на производството, присуство на инфлација и невработеност. Тоа е состојба кога економијата се соочила со стагфлација - ситуација во економијата кога стагнантните па дури и опаѓачки стапки на движење на БДП истовремено се проследени со растечки стапки на инфлација и висока невработеност.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Таки Фити, Макроекономија, Економски факултет, Скопје, 2003.
  2. Таки Фити, Основи на економија (трето издание), Економски факултет, Скопје.
  3. Таки Фити, Основи на економија (трето издание), Економски факултет, Скопје.
  4. Таки Фити, Феноменологија на економските кризи, Економски факултет, Скопје, 2009.