Ангус Дитон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Ангус Дитон
Angus Deaton
РоденАнгус Стјуарт Дитон
19 октомври 1945 (1945-10-19) (73 г.)
Единбург, Шкотска, Обединето Кралство
Националностбританско, американско
Полињамикроекономија
УстановиУниверзитет Принстон
ОбразованиеКолеџ „Фицвилијам“, Кембрички универзитет
Теза„Модели на побарувачката и нивна примена во Обединетото Кралство“ (1975)
Поважни наградиНобелова награда за економија (2015)

Ангус Стјуарт Дитон (англиски: Angus Stewart Deaton, р. 19 октомври 1945) — шкотско-американски микроекономист.

Во 2015 г. ја добил Нобеловата награда за економија за неговата анализа на потрошувачката, сиромаштијата и економската благосостојба.[1][2]

Биографија[уреди | уреди извор]

Дитон е роден во Единбург, Шкотска. Средното образование го завршил во колецот „Фетис“. Високото образование го стекнал на Кембричкиот универзитет, каде во 1975 г. докторирал со тезата „Модели на побарувачката и нивна примена во Обединетото Кралство“. Станал член и истражувач на колеџот „Фицвилијам“ при истиот универзитет, работејќи со Ричард Стоун и Тери Беркер во Одделението за применета економика. Работел како професор по економетрија на Бристолскиот универзитет, а во 1983 г. прешол на Принстонскиот универзитет во САД. Воедно работи како професор по меѓународни односи во вишата школа „Вудро Вилсон“ и како професор по економија и меѓународни односи на Принстонскиот универзитет. Има двојно државјанство.[3]

Научна дејност[уреди | уреди извор]

Дитон се прочул со трудот „Речиси идеален систем на побарувачка“ (AIDS), разработен заедно со Џон Милбауер и објавен во 1980 г. во American Economic Review („Американска економска ревија“). Делото претставува елегантен приод кон побарувачката и дава произволна приближување од прв ред за секој систем на побарувачка кој ги задоволува аксиомите на избор, но притоа одбегнувајќи ги непожелните особини на другите модели. Имено, Дитон е заслужен за поставувањето систем на равенки со кои е можно да се одреди оптималната структура на потрошувачката по одделни групи производи што би ја избрало едно репрезентативно домаќинство. Тој предложил поопшта математичка функција која е поблиска до реалноста и со тоа овозможувапосоодветно агрегирање на индивидуалната потрошувачка на домаќинствата. Овој модел Дитон го применил на потрошувачката на домаќинствата во Британија.[4]

Во 1978 г. Дитон станал првиот добитник на Фришовиот медал кој го доделува Економетриското друштво за труд објавен во списанието Econometrica. Дитон е член на Економетриското друштво, дописен член на Британската академија, како и член на Американската академија на уметностите и науките. Има почесна диплома од Римскиот универизтет „Тор Вергата“, Универзитетскиот колеџ Лондон и Универзитетот во Сент Ендрус. Во 2007 г. бил избран за претседател на Американското економско здружение. Во 2011 г. ја добил наградата за економија, финансии и управување на задолжбината BBVA за неговите темелни придонеси кон теоријата на потрошувачката и заштедите, како и за мерилата за економска благосостојба. Има разработено и реперна методологија за мерење на сиромаштијата.

Дитон го има поставено и т.н. „Дитонов парадокс“ врз основа на неговите увиди во прекумерната рамномерност на потрошувачката во присуство на непредвидените шокови во перманентниот доход. Имено, во 1980-тите, тој ја преиспитал теоријата на Фридман за одредување на потрошувачката според перманентниот доход и заклучил дека неочекуваните промени во тековниот доход немаат само привремени ефекти, туку влијаат и врз перманентниот доход. На тој начин, перманентниот доход би требало да се менува повеќе од тековниот доход, а не помалку, како што предвидува теоријата на Фридман.[5]

Дитон има голем придонес и во проучувањето на потрошувачката во земјите во развој. Тој бил вклучен во големиот меѓународен проект под покровителство на Светската банка, кој вклучувал и анкетирање на домаќинствата од земјите во развој со цел да се анализира структурата на нивната потрошувачка и начинот на мерење на сиромаштијата. Дитон утврдил дека порастот на доходот на домаќинствата во Индија повеќе се одразува врз пораст на вкупната потрошувачка на храна, а двојно помалку во пораст на внесот на калории. Со тоа, тој докажал дека сиромашните луѓе не се сиромашни поради ниската продуктивност, туку тие се непродуктивни затоа што се сиромашни, т.е. затоа што не внесуваат доволно калории.[6]

Покрај анализата на поведението на домаќинствата на микроекономско ниво, Дитон истражува и на полињата на глобалната сиромаштија, здравствената економика и економскиот развој. Во тој поглед, Дитон утврдил дека е важно да се одреди висината на т.н. глобална линија на сиромаштијата и дека не постои механичка врска меѓу стапката на стопански раст и намалувањето на сиромаштијата.[7]

Дитон е автор и на популарниот двегодишен додаток „Писма од Америка“ (Letters from America), во Билтенот на Кралското економско друштво.[8]

Книги[уреди | уреди извор]

  • Deaton, Angus; John, Muellbauer (1980). Economics and Consumer Behavior. New York: Cambridge University Press. ISBN 0521228506. 
  • Deaton, Angus (1992). Understanding Consumption. Clarendon Lectures in Economics. Oxford: Clarendon Press. ISBN 0198287593. 
  • Deaton, Angus (1997). The Analysis of Household Surveys: A Microeconometric Approach to Development Policy. Baltimore: Johns Hopkins University Press for the World Bank. ISBN 0801852544. 
  • Deaton, Angus (2001). Health, inequality and economic development. Cambridge. 
  • The Great Indian Poverty Debate. New Delhi: Macmillan India Ltd.. 2005. 
  • Deaton, Angus (2013). The Great Escape: Health, Wealth, and the Origins of Inequality. Princeton: Princeton University Press. ISBN 9780691153544. 

Македонски преводи[уреди | уреди извор]

  • Дитон, Ангус (2015). Разбирање на потрошувачката. прев. Сузана Стојановска. Скопје: Арс Ламина. ISBN 978-608-247-004-7. 

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. "The Prize in Economic Sciences 2015". nobelprize.org. 
  2. Wearden, Graeme. "Nobel prize in economics won by Angus Deaton - live". the Guardian. конс. 12 October 2015. 
  3. Rising, Malin (12 October 2015). "Scottish economist Angus Deaton wins Nobel economics prize". Yahoo News. Associated Press. конс. 12 October 2015. 
  4. Владимир Филиповски, „Нобелова награда за економија 2015: Потрошувачката на домаќинствата меѓу благосостојбата и сиромаштијата“, Економија и бизнис, година 18, број 209, ноември 2015, стр. 28-31.
  5. Владимир Филиповски, „Нобелова награда за економија 2015: Потрошувачката на домаќинствата меѓу благосостојбата и сиромаштијата“, Економија и бизнис, година 18, број 209, ноември 2015, стр. 28-31.
  6. Владимир Филиповски, „Нобелова награда за економија 2015: Потрошувачката на домаќинствата меѓу благосостојбата и сиромаштијата“, Економија и бизнис, година 18, број 209, ноември 2015, стр. 28-31.
  7. Владимир Филиповски, „Нобелова награда за економија 2015: Потрошувачката на домаќинствата меѓу благосостојбата и сиромаштијата“, Економија и бизнис, година 18, број 209, ноември 2015, стр. 28-31.
  8. "Letters from America". princeton.edu. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]