Агрегатна побарувачка
Агрегатна побарувачка (англиски: Aggregate demand) е една од основните економски категории која е предмет на изучување на макроекономијата.
Дефинирање на агрегатната побарувачка
[уреди | уреди извор]Агрегатната побарувачка ни го покажува вкупното количество на финални добра и услуги коешто различните сектори на економијата се подготвени да го купат и да го потрошат при различни општи нивоа на цените. На ниво на вкупната економија финални добра и услуги побаруваат следните сектори: секторот на домаќинствата ( C ), секторот на претпријатијата ( I ), државниот сектор односно буџетот ( G ) и надворешно-трговскиот сектор ( X-M ). Значи, агрегатната побарувачка ја создаваат претходно споменатите сектори:[1]
- AD = C + I + G + ( X – M )
Секторот на домаќинствата троши најразновидни финални добра и услуги, како што се: храна, облека, станови, телевизори, автомобили итн. Деловниот сектор т.е секторот на претпријатијата троши најразлични видови инвестициони добра: фабрички хали, машини, опрема и сл. Државата преку буџетот се јавува како еден од најголемите потрошувачи на финални добра и услуги во економијата – од моливи и хартија, храна и облека за војската и полицијата до тенкови и подморници. Надворешно-трговскиот сектор го остварува извозот и увозот на различни добра и услуги (X - извоз, M - увоз). Како компонента на агрегатната побарувачна надворешно-трговскиот сектор најчесто се означува со терминот нето-извоз, кој може да биде позитивен (доколку извозот на земјата го надминува увозот) или негативен (доколку увозот на земјата го надминува извозот).
Крива на агрегатна побарувачка
[уреди | уреди извор]Со помош на кривата на агрегатна побарувачка (AD) може да се следи вкупната количина на добра и услуги (искажана во парични единици) што ја побаруваат различните сектори на економијата при различни општи нивоа на цените. Кривите на побарувачката во економијата имаат негативен, опаѓачки наклон, бидејќи постои негативна меѓузависност на следните променливи: општото ниво на цените и бараните количини на финални добра и услуги – ако цените растат, бараните количини на добра и услуги опаѓаат и обратно, ако цените се намалуваат, бараните количини на добра и услуги од страна на четирите економски сектори растат.[1]
Ефекти на кривата на агрегатна побарувачка
[уреди | уреди извор]Економистите го објаснуваат опаѓачкиот наклон на кривата на агрегатна побарувачка низ дејството на три ефекти:
- Ефект на богатството (Пигу)
- Ефект на каматната стапка (Кејнз)
- Ефект на девизниот курс (Мандел- Флеминг)
Споменатите ефекти ги откриле погоре наведените економисти, соодветно. Ако тргнеме од реалната претпоставка дека потрошувачката од страната на државата е константна големина, а сите останати компоненти на агрегатната побарувачка се променливи големини - се менуваат со промените на економските услови во земјата и особено со промените на општото ниво на цените. Ако се промени општото ниво на цените ќе профункционираат погоре споменатите ефекти и ќе предизвикаат промени во потрошувачката, инвестициите и нето-извозот, а со тоа и промени во агрегатната побарувачка.[2]
Пигуовиот ефект на богатството
[уреди | уреди извор]Според Артур Пигу (1877-1959), номиналната вредност на количината на пари што ја поседуваат потрошувачите е константна големина. Но, во услови на инфлација (пораст на општото ниво на цени) реалната вредност на парите се менува, опаѓа и обратно кога во економијата ќе настапи општо опаѓање на нивото на цени, потрошувачите со истата сума на пари сега ќе бидат во состојба да купат поголема количина на добра и услуги. Овој ефект кај потрошувачите предизвикува импресија дека се побогати, па при тоа ќе прошат и поголема количина на финални добра и услуги, а со тоа предизвикуваат и зголемување на агрегатната побарувачка.
Кејнзовиот ефект на каматната стапка
[уреди | уреди извор]Големиот и славен економист Џон Мајнард Кејнз (John Maynard Keynes) ја претставил суштината на ефектот на каматната стапка. Тој смета дека со опаѓањето на општото ниво на цените домаќинствата со помала количина на пари можат да ги купат истите добра и услуги, а со тоа кај домаќинставата ќе ослободат порано дел од парите наменети за трошење. Овој вишок на пари домаќинствата можат да го депонираат кај банките и врз таа основа да земаат камати. Тоа подразбира дека на сметките на комерцијалните банки ќе се зголеми количината на пари кои банките можат да им ја позајмуваат на своите коминтенти. Зголемената понуда на позајмливи парични фондови ќе дејствува врз намалување на каматните стапки кои ќе ги поттикнат инвестициите, а со тоа ќе се зголеми и агрегатната побарувачка.
Мандел-Флеминговиот ефект на девизниот курс
[уреди | уреди извор]Ефектот на девизниот курс го објаснуваат економистите Роберт Мандел и Маркус Флеминг. Ефектот на богатството и ефектот на каматната стапка предизвикуваат и депрецирање на девизниот курс. Имено, смалените каматни стапки во земјата ќе ги поттикне домашните инвеститори да бараат попрофитабилни пласмани за својот паричен капитал, а тоа можат да го направат доколку ги продадат домашните обврзници и да купат странски обврзници кои носат повисока камата. Поради ова, на домашниот девизен пазар ќе се појави поголема количина на домашни пари за да се купат странски пари кои потоа ќе се инвестираат во странски обврзници. Курсот на националната парична единица ќе депрецира, со што се стимулира нето-извозот, односно домашните производи стануваат поевтини за странците. Зголемениот нето-извоз ќе предизвика и зголемување на агрегатната побарувачка.
Поместување на кривите на агрегатната побарувачка
[уреди | уреди извор]Агрегатната побарувачка во економијата може да се менува под дејство на факторите што ја детеминираат, односно таа расте, се поместува нагоре, на десно ако во економијата дојде до зголемување на обемот на инвестиции во секторот на претпријатијата, до пораст на буџетската потрошувачка, до пораст на нето-извозот како и под дејство на промените во фискалната и монетарната политика- кога политиките се експанзивни (пораст на буџетските трошоци или зголемување на понудата на пари во економијата). Обратни се движењата и поместувањата на кривата на агрегатна погарувачка (надолу, на лево), кога во економијата постои опаѓање на масата на инвестиции кај претпријатијата, намалување на буџетската потрошувачка, намалување на нето-извозот и рестриктивна фискална и монетарна политика.[3]
Рестриктивна монетарна политика
[уреди | уреди извор]Промените во понудата на пари имаат силни импликации врз агрегатната побарувачка, односно зголемената понуда ја зголемува агрегатната побарувачка и обратно. Да претпоставиме дека во економијата постојат инфлаторни тенденции кои се закануваат да прераснат во неконтролирана инфлација. Во овој случај, централната банка ќе води рестриктивна монетарна политика, т.е. ќе го намали количеството пари во оптек со цел да ја намали агрегатната побарувачка (ќе се помести надолу, кон лево), со цел да ја заузда инфлацијата. Како резултат на тоа, макроекономската рамнотежа ќе се воспостави на пониско рамниште, при пониско општо ниво на цени и понизок реален производ во економијата. Што всушност се случило? Високата инфлација ја принудила владата да води рестриктивна монетарна политика, односно ја намалува понудата на пари, а со тоа се покачува каматната стапка како цена на парите што се позајмуваат — оваа политика се нарекува политика на скапи пари. Поради зголемените каматни стапки, инвестициите во секторот на претпријатијата ќе се дестимулираат, а исто така и позајмувањата (кредити) од страна на домаќинствата. Тоа ќе предизвика пад на БДП во земјата, а истовремено владата и централната банка го намалила општото ниво на цените, односно ја намалила инфлацијата. Но, цената што морала да се плати за стабилизација на економијата е губење на дел од реалниот производ.[3]
Екпанзивна монетарна политика
[уреди | уреди извор]Во почетокот макроекономската рамнотежа е воспоставена при определено ниво на производство и општо ниво на цените. Владата и централна банка за да ги зголемат производството и вработеноста спроведуваат експанзивна монетарна политика (зголемена понуда на пари) со што каматната стапка се намалува, се стимулираат инвестициите на претпријатијата и се поттикнуваат домаќинствата преку кредитите да ја зголемат агрегатната побарувачка. Ова ќе предизвика кривата на агрегатната побарувачка да се помести нагоре, на десно, а со тоа реалниот БДП и општото ниво на цени пораснале.[1]