Прејди на содржината

Џон Мејнард Кејнс

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Џон Мајнард Кејнз)
Џон Мејнард Кејнс
Кејнзијанство
Роден5 јуни 1883(1883-06-05) Кембриџ, Англија
Починал21 април 1946(1946-04-21) (возр. 62) Фирл, Источен Сасекс, Англија
НационалностБританец
Полеполитичка економија, веројатност
Алма матерКралски колеџ ((King's College), Кембриџ
Противник наМаркс · Хаек · Валрас · Маршал · Пигу
Влијанија одСмит · Рикардо · Хјум · Мил · Малтус · Гезел · Мур · Маршал · Виксел · Робертсон · Калецки
Влијаел врзВитакер · Линч · Кузнец · Семјуелсон · Хикс · Шекл · Викреј · Галбрајт · Мински · Шилер · Стиглиц · Кругман · Рубини
Придонесимакроекономија · кејнзијанство · претпочитање на ликвидноста · умножувач на потрошувачката · AD-AS модел
Фотографија од Џон Мејнард Кејнс

Џон Мејнард Кејнс (5 јуни 188321 април 1946) — англиски економист чии идеи имаат големо влијание врз теоријата и практиката на современата макроекономија, како и врз економската политика на владата. Претходно работел во потесните деловни кругови и се залагал за употреба на фискалните и монетарните мерки за ублажување на негативните ефекти од економската рецесија и депресии. Неговите идеи се основата за Кејнсовата економија („кејнзијанство“), како и за други различни гранки.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Неговиот татко – Џон Невил Кејнс бил универзитетски професор и познат автор кој имал големо влијание на оформување на погледите на својот син. Доста значаен човек кој исто така имал големо влијание е и неговиот учител Алфред Маршал, од чие учење подоцна се оддалечува и формира нова школа за економска мисла која била спротивна на онаа на својот учител. Тој во текот на свјот живот се занимавал со разни дејности: бил универзитетски професор, истражувач, полемичар. Во приватниот живот се занимавал со уметност, посебно ги сакал литературата, музиката, балетот и она што најмногу го привлекувало бил театарот. За неговите интереси свој придонес имала и неговата сопруга Лидија Лопокова која била позната руска балерина и со неа се оженил на 42 годишна возраст. За вршењето на својата теоретска и практична дејност е добитник на повеќе признанија меѓу кои се следниве: бил бил надворешен член на Шветската академија на науките, почесен доктор на Колумбискиот универзитет, бил прогласен за лорд од Тилтон и др. Тој починал на 21 април 1946 година во Тилтон.

Образование и кариера

[уреди | уреди извор]

Кејнс завршил гимназија во познатиот Итон, каде покажал заинтересираност за многу области. Своите студии ги запишал на Универзитетот во Кембриџ со цел да студира математика, но неговите интереси спрема политиката го одвеле до полето на економијата која продолжил да ја студира. По завршувањето на студиите се вработил во државната администрација. Во 1908 година бил избран за професор по економија на Кембриџ каде ја преземал катедрата на својот учител Алфред Маршал. Токму тоа работно место му овозможило да стекне статус на економист. Тој работел во Министерството за Индија каде го покажал својот талент за економската теорија во практиката. Постигнал значаен успех кој резултирал со негово назначување за финансиски претставник на Министерството за финансии на Париската мировна конференција во 1919 година. До 1942 година, Кејнс веќе бил истакнат економист и се здобил со титулата лорд Кејнс на Tilton. Во текот на Втората светска војна, Кејнс ги изнесувал своите ставови во How to pay for the war - Како да се плаќа за војната, со тоа што налагал зголемување на даноците (наместо трошењето на дефицитот), со цел да се избегне инфлацијата. Кејнс работел како гувернер на Англиската банка, секретар на Кралското економско друштво, уредник на списанието Економски дневник, претставник на тогашното највисоко осигурително друштво, активен учесник во познатиот Клуб по политичка економија, учествувал на конференцијата во Бретон-Вуд за формирање на меѓународниот монетарен фонд и Светска банка за обнова и развој и други. Кејнс бил заинтересиран за практични проблеми, а посебен интерес покажувал за берзанските работи и шпекулации. Тој негов интерес му овозможил материјално збогатување. Еден негов пријател за Кејнсовата смисла за правење пари пишува:...„ академските економисти никогаш не разбираат што е тоа што ги прави стопанствениците да бидат богати. Мејнард тоа го разбра затоа што и самиот беше подготвен за коцкање. „Еднаш ми рече: - Запамти, Николас, деловниот живот секогаш е облог “. Во тие вложувања секогаш беше вонредно успешен и за себе лично и за институциите за кои работел“. Постои пример во кој е наведено дека за време на извршување на неговата функција – финансиски раководител на Кралскиот колеџ, успеал да го зголеми капиталот на колеџот од 20.000 фунти во 1920 година на 300.000 фунти во 1945 година. Меѓутоа тој успеал и драстично да го зголеми своето лично богатство од 16.000 фунти во 1919 година на околу 411.000 фунти во 1946 година. Износот од 411.000 фунти е еквивалентен на денешни 10.000.000 фунти.[1]

Неговиот пристап кон инвестициите главно се темели на:

• Внимателна селекција на неколку инвестиции имајќи ја предвид нивната евтина цена во споредба со актуелните и потенцијалните реални вредности во текот на годината, како и алтернативните инвестиции во време;

• Држење на овие релативно големи единици, можеби за неколку години, сè додека не ги исполнат неговите очекувања, или додека не стане очигледно е дека инвестирањето во истите било грешка;

• Балансирана инвестициона позиција, односно различен избор на ризик на поединечни акции, кои се големи, и ако е можно, преземање на некои спротивставени ризици

Најпознатото дело на Кејнс е Општата теорија за вработеноста, каматата и парите (The General Theory of Employment, Interest and Money), напишано во 1936 година. Честопати во литературата се сретнува под неговиот скратен назив Општа теорија. Со ова капитално дело тој се издигнал на пиедесалот – татко на државниот интервенционизам и основоположник на макроекономијата. Делото е составено од 24 глави кои се распределени во 6 книги. Целта на самиот автор е преку ова дело да се открие тоа што во секој даден час го одредува националниот доход на некој даден стопански систем и износот на неговата вработеност. Кејнс истакнува дека неговата крајна задача би можела да се состои во избор на оние променливи кои државата може да ги надгледува и со нив да управува. Во ова дело тврди и се обидува да докаже дека пазарниот систем не бара рамнотежа и полна вработеност туку нерамнотежа која е изразена преку изразени кризи и привремени циклуси. Оваа книга извршила револуција во економската наука и ја довела до прашање дотогашната макроекономска теорија. Кејнс го објаснува значењето на насловот на ова дело преку следнава изјава: „ Оваа книга ја нареков Општата теорија за вработеноста, каматата и парите со акцент на придавката општа. Целта на изборот на еден таков наслов беше да се истакне разликата на моите излагања и заклучоци со оние на класичната теорија, според која сум воспитан и која преовладува во теориските и применетите економски размислувања на истражувачките и управувачките слоеви на овие генерации во последниве стотина години. Јас ќе бидам заговорник на ставот дека постулатите на класичната теорија се применливи само во посебен случај, а не општо, бидејќи условите што таа ги претпоставува значат ограничување само на можни состојби на рамнотежа. Понатаму посебниот случај што го претпоставува класичната теорија не постои во денешната стварност, и доколку се направи обид класичната теорија да се примени во секојдневните искуства таа ќе биде неточна и погубна.“ Кејнс верувал дека неговата теорија важи и во услови на целосна и нецелосна вработеност. Во неговото дело значајно место имаат и психолошките фактори. Самото постоење на капитализмот на пример го изведува од „страста за добивка“, причините за невработеноста и кризите ги гледа во смената на оптимистички и песимистички расположенија, а за решавачки ги смета склоноста кон потрошувачката и кон штедењето.[2]

Во продолжение ќе бидат елаборирани делата на Кејнс.

  • 1913 година Indian Currency and Finance – Паричниот систем и финансиите на Индија
  • 1919 година The Economic Consequences of the Peace – Економските последици на мирот
  • 1921 година A Treatise on Probability – Расправа за веројатноста
  • 1922 година Revision of the Treaty – Повторување на теоријата
  • 1923 година A Tract on Monetary Reform - Расправа за монетарната реформа
  • 1925 година The Economic Consequences of Mr. Churchill
  • 1925 година A Short View of Russia
  • 1926 година The End of Laissez-Faire – Крајот на Laissez-Faire
  • 1926 година Laissez Faire and Communism - Laissez-Faire и комунизмот
  • 1930 година A Treatise on Money) – Расправа за парите напишана во два тома
  • 1931 година Essays in Persuasion
  • 1933 година Essays in Biography – Биографски есеј
  • 1933 година The Means to Prosperity
  • 1936 година General Theory of Employment, Interest and Money – Општа теорија за вработеноста, каматата и парите
  • 1940 година How to Pay for the War: A radical plan for the Chancellor of the Exchequer – Како да се плати за војната

Кејнсовата теорија за државна интервенција

[уреди | уреди извор]

Во периодот меѓу 20-тите и 30-тите години на 20 век, Џ. М. Кејнс развива теорија во која тврди дека реалноста е во коализија со владејачките теориски дескрипции за неа. Широко акценптираната теза дека понидата самостојно продуцира своја ;побарувачка, дека доходот целосно се троши на купување стоки (услуги), дека штедењето се совпаѓа со инвестирањето, дека постои полна вработеност на факторите на производство или, поконцизно, дека рамнотежата автоматски, per se, се постигнува, а кризите и невработеноста се а priori елиминирани, Кејнс ја негира. Според него, во практиката се манифестира токму спротивното, рамнотежата само инцидентно се постигнува, а кризите и невработеноста се вообичаени појави. Државната интервенција станува императив. Како основен проблем во Кејнсовата теорија се идентификува невработеноста. Нејзиното ниво е во корелација со обемот на инвестициите, кои само по исклучок се еднакви со штедењето. Оттука постои можност за деоволна вработеност на факторите на производство. Кога инвестирањето е помало од штедењето, присутна е невработеност, при што е сосема нерелевантно дали стопанството се наоѓа во фаза на просперитет или во фаза на депресија. Од друга страна, обемот на инвестициите е детерминиран од граничната ефикасност на капиталот и од висината на каматната стапка. Тенденцијата за пад на рентабилитетот на капиталот е неспорна, па затоа Кејнс предлага помалку рестритктивна политика во врска со обемот на паричната маса, потенцирано државно интервенирање во доменот на инвестициите, како и директно ангажирање на државата во инвестиционата активност (јавни работи, државни инвестирања и сл. ) Соодносот, помеѓу штедењето и инвестирањето наоѓа свој рефлекс и врз цените. Ако штедењето го надминува инвестирањето, цените ќе опаѓаат заедно со вработеноста, присутна е депресија. Обратно, ако штедењето е помало од инвестирањето, цените ќе растат, ќе расте вработеноста, ќе егзистира просперитет. И оваа сфера, според наодите на Кејнс, треба да биде предмет на државна интервенција. Тој предлага контрола на цените преку инвестиционата политика, односно преку политиката на каматни стапки. Со каматните стапки ќе се влијае директно врз инвестициите, а преку нив индиректно врз нивото на цените и врз нивото на вработеноста. Во Кејнсовите опсервации, факторите од кои зависи висината на доходот и нивото на вработеноста не продуцираат полна факторска исползуваност. Како доходот, така и вработеноста се во релација со побарувачката на потрошените стоки (потрошувачката) од една и со побарувачката на производни стоки (инвестициите) од друга страна. Растот на доходот е придружен со пад на побарувачката. Разликата меѓу овие две променливи се манифестира како штедење, кое е функција од доходот, а не од каматите. За да се реализира одредено ниво на доход потребни се инвестиции, кои ќе го апсорбираат штедењето. Меѓутоа, инвестиционата побарувачка е определена од профитната стапка (граничната ефикасност на капиталот) и затоа во однос на штедењето автономно се однесува. Бидејќи профитната стапка има опаѓачка тенденција, штедењето и каматите имаат статус на релативно константни големини. Од друга страна, поради падот на профитната стапка (граничната ефикасност на капиталот), инвестирањето е помало од штедењето што значи дека еден дел од штедењето останува неинвестиран, па затоа се намалуваат побарувачката, националниот доход и факторската вработеност. Конечно, штедењето исчезнува, а доходот се поистоветува со потрошувачката. Сублиматот на Кејнс е дека на рамнотежата и е иманентна и непотполна вработеност на факторите на производство. Оттука и неговата заклучна констатација дека пазарот не е во состојба автономно, без помош на државата, да гарантира полно ниво на факторската вработеност. Пазарниот автоматизам особено крахира на долги временски патеки, но затоа е тука државата, со чии мерки трајно ќе се стимулираат склоноста кон штедење и склоноста кон инвестирање. Регулаторската функција на државата не смее да изостане и во даночната сфера. Кејнс се залага за повисоки даночни стапки во фазата на просперитетот и обратно, за пониски даночни стапки во фаза на депресија, со цел создадените резерви во просперитетот да се наменат за директно инвестирање во депресијата. Кејнс ја насочува државната регулација кон зголемување на потрошувачката, кон редистрибуција на доходот (преку даночната политика), кон контролирање на инвестициитеи кон намалување на каматните стапки. А propo цените (вредноста), Кејнс размислува идентично на Маршал со таа разлика што пројавува заложба за пазарно регулирање од страна на државата. Така владејачкото микроекономско учење тој го комплетира со макроекономскиот пристап, кој пред тоа видливо недостасувал. Според мислењето на не мал број не економисти Кејнсовата макроекономска теорија и микроекономската теорија на Чемберлен и на Робинсон, чинат, заедно, единствена и доследна целина. Кејнсовата доктрина брзо придобила голем број приврзаници меѓу теоретичарите (интервенционисти, кенсијанци, активисти) и меѓу практичарите. Позитивните ефекти од апликацијата на кејнсоновите солуции, манифестирани во амортизираната цикличност на развиените економии, скоро 4 децении неговата теорија не ја доведувале до прашање. „Кејнсијанизмот е разнишан дури во почетокот на 80-тите години на 20 век, кога развиените економии влегуваат во ерата на т.н. стакфлација(состојба во економијата која се одликува со инфлација, стагнација и невработеност)“ тогаш добиваат замав ставовите на т.н. неактивисти – приврзаниците на економијата на понудата, на монетаризмот и на рационалните очекувања. Тие, причините за неповолните економски состојби се обидуваат да ги идентификуваат во некој од Кејнсовите предлози, па во овој контекст инсистираат на нивно корегирање, дополнување или напуштање. Така, на пример теоретичарите на економијата на понудата сметаат дека кејнсијанците го хипертрофираат влијанието од измените на даночните стапки врз побарувачката, а преку неа и врз аутпутот, односно врз вработеноста. Во нивната диоптрија, измените на даночните стапки примарно се рефлектираат врз понудата, т.е. нивниот пораст го намалува, а нивниот пад го зголемува општествениот производ, иако во првиот случај даночните приходи се намалуваат, а во вториот случај тие растат. Значи, позитивните ефекти од измената на даночните стапки врз побарувачката на краток рок, повеќекратно ќе бидат неутрализирани од негативните ефекти, кои измената на даночните стапки ќе ги има врз понудата на долг рок. Оттука, и нивната заложба за пад на даночните стапки, а во функција на зголемување на аутпутот (фискална политика во “служба” на понудата). Додека за кенсијанците брзината на оптекот на парите е релативно нестабилна (обратно условена од нивната колочина), дотогаш за монетаристите таа е стабилна. Затоа, на наглите монетарни потези (експанзивни или рестриктивни), зад кои стојат кенсијанците, тие им ги спротивставуваат константните и стабилни измени во паричната маса, усогласени со темпото на долорочниот стопански раст. Ова монетарно правило, според убедувањата на монетаристите, има позитивни ефекти, сеедно дали се во прашање кратки или долги временски дистанци. Застапниците на рационалните очекувања, апелираат на водење стабилна макроекономска политика, ригидна на чести измени и фундирана на долгорочни основи. Ова од причини што пазарните учесници (домаќинствата и фирмите) можат да ги антиципираат последиците од преземените краткорочни мерки (монетарните и фискалните), па логично и да ги адаптираат своите идлуки на нив. Оттука произлегува контрапродуктивноста на мерките, а поради рационалните очекувања на економските субјекти. Бидејќи очекувањата бавно се напуштаат, многу е битна довербата во економската политика, односно во нејзините носители. Не е проблем да се констатираат разлики, но и сличности меѓу размислувањата на активистите (кенсијанците) од една и неактивистите (монетари-стите, теоретичарите на економијата на понудата и на рациналните очекувања) од друга страма. Додека првите акцентот го ставаат врз карткорочната, дискреционата економска политика, т.е. врз флексибилноста на монетарните и на фискалните мерки со кои се провоцираат измени во агрегатната побарувачка, дотогаш вторите економската стабилност ја врзуваат за пазаротм конкуренцијата и стабилноста, долгорочна економска политика, т.е. за примената на ригидни монетарни, фискални и поединечни правила, првенствено свртени кон понудата. Меѓутоа, гледиштата на едните со оние на другите впечатливо се приближуваат околу прашањето за штетноста од честите измени во курсот на економската политика. Можноста за компромис, веројатно, лежи во респектирањето на активистичките барања за периодите на крупни стопански пореметувања, односно во респектирањето на неактивистичките заложби за периодите на битни стопански состојби.[3]

<references>

  1. Проф. д-р Методија Стојков: Развој на економската мисла стр. 267
  2. Проф. д-р Методија Стојков: Развој на економската мисла стр 270-271
  3. Олга Градишка – Теменугова:Теорија и политика на цени стр 58-61