Алфред Маршал

Од Википедија — слободната енциклопедија
Алфред Маршал
Неокласична економија
Роден26 јули 1842(1842-07-26)
Лондон, Англија
Починал13 јули 1924(1924-07-13) (возр. 81)
Кембриџ, Англија
НационалностБританец
УстановаКолеџ Сент Џорџ
Универзитетски колеџ во Бристол
Балиол Колеџ
Алма матерКолеџ Сент Џорџ
Влијанија одЛеон Валрасs, Вилфредо Парето, Вилијам Стенли Џевонс, Хенри Сиџвик
Влијаел врзАдам Смит, Давид Рикардо, Џон Стјуарт Мил, Томас Малтус, Антоан Огистен Курно, Јохан Хајнрих фон Тинен.
ПридонесиОсновач на неокласичната економија
Принципи на економијата (1890)

Алфред Маршал (англ. Alfred Marshall; Бермондси, 26 јули 1842- Кембриџ, 13 јули 1924) британски економист, еден од основачите на неокласичната економија. Во неговата книга, „Принципи на економијата“ (1890) ги комбинирал територијата на понудата и побарувачката, маригиналната корист и цените на производство во кохерентна целина. Долго време, оваа книга била главен економски учебник во Англија.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Алфред Маршал е роден на 26 јули 1842 година, во Лондон. Најпрвин, студирал философија и математика, а потоа се заинтересирал за економијата. Од 1877 до 1881 година предавал на Универзитетскиот колеџ во Бристол, а од 1885 до 1908 година работел како професор на Универзитетот во Кембриџ каде го поминал остатокот на животот. Починал на 13 јули 1924 година во Кембриџ.[2]

Творештво[уреди | уреди извор]

Корените на своето учење Маршал ги искажува во предговорот кон првото издание на „Принципите на економијата“ велејќи дека поимот на временскиот континуитет го присвоил од биологијата (од Херберт Спенсер) и од историјата и философијата (од ХегеловатаФилософија на историјата“), но сепак, најголемо влијание претрпел од математичката концепција на континуитетот, изложена во книгата на Курно, Principes Mathématiques de la Théorie des Richesses). Исто така, помало влијание претрпел и од идеите на фон Тинен - од неговата книга Der isolierte Staat го позајмил изразот „маргинално“. Така, под влијание на Курно, Маршал ја изложил идејата дека економските појави не зависат толку од збирните, агрегатните количества, туку од нивните мали промени, и дека побарувачката претставува континуирана функција при што во услови на стабилна рамнотежа, „маргиналната“ промена на побарувачката е еднаква на маргиналната промена на трошоците на производството. Исто така, под влијание на Курно, Маршал се залагал за примена на чистата математика во економските истражувања.[3]

Маршал е еден од основачите на неокласичната школа во економијата и сметал дека економијата функционира најдобро ако е оставена сама на себе, без државна интервенција и верувал дека пазарната економија обезбедува полна вработеност. Тој се формирал под влијание на идеите на Џон Стјуарт Мил, но значително ја променил неговата концептуална рамка: наместо проучувањето на влијанието на производството и распределбата на доходот меѓу одделните општествени класи врз благосостојбата, Маршал ги проучувал цените во статички контекст, фокусирајќи се врз малите, постепени промени и сложените односи кои водат кон рамнотежа на пазарот. Исто така, за разлика од Смит и Рикардо кои го сметале трудот како создавач на вредноста, Маршал ја анализирал вредноста од аспект на задоволувањето на желбите на потрошувачите и нивната корист. Подоцна, неговото учење биле критикувано од Џон Мајнард Кејнз кој покажал дека пазарните сили не се ефективни во обезбедувањето полна вработеност и се залагал за државна интервенција во економијата. Меѓутоа, учењето на Маршал продолжило да влијае врз ортодоксните економисти кои се надоврзуваат на традицијата на неокласичната школа.[2]

Поважни дела[уреди | уреди извор]

Најзначајно дело на Маршал е „Принципи на економијата“ (Principles of Economics) од 1890 година, кое доживеало осум изданија (последното од 1920 година) и долго време служело како основен учебник по економија во Британија. Исто така, тој е автор и на следниве дела: „Економија на индустријата“ (Economics of Industry) од 1879,[4]Индустријата и трговијата“ (Industry and Trade) од 1919 и „Парите, кредитот и трговијата“ (Money, Credit, and Commerce) од 1923.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Alfred Marshall“. economics.illinoisstate.edu. Архивирано од изворникот на 7 ноември 2016. Посетено на 1 јуни 2017.
  2. 2,0 2,1 2,2 Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. vii.
  3. Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. xv-xvii.
  4. Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. xiv.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]