Џон Мејнард Кејнс
Кејнзијанство | |
---|---|
Роден | 5 јуни 1883Кембриџ, Англија, Обединето Кралство |
Починал | 21 април 1946Фирл, Англија, Обединето Кралство | (возр. 62)
Националност | Британец |
Поле | политичка економија, веројатност |
Алма матер | Кралски колеџ ((King's College), Кембриџ |
Противник на | Маркс · Хаек · Валрас · Маршал · Пигу |
Влијанија од | Смит · Рикардо · Хјум · Мил · Малтус · Гезел · Мур · Маршал · Виксел · Робертсон · Калецки |
Влијаел врз | Витакер · Линч · Кузнец · Семјуелсон · Хикс · Шекл · Викреј · Галбрајт · Мински · Шилер · Стиглиц · Кругман · Рубини |
Придонеси | макроекономија · кејнзијанство · претпочитање на ликвидноста · умножувач на потрошувачката · AD-AS модел |

Џон Мејнард Кејнс (англиски: John Maynard Keynes; 5 јуни 1883 — 21 април 1946) — англиски економист чии идеи имаат големо влијание врз теоријата и практиката на современата макроекономија, како и врз економската политика на владата. Претходно работел во потесните деловни кругови и се залагал за употреба на фискалните и монетарните мерки за ублажување на негативните ефекти од економската рецесија и депресии. Неговите идеи се основата за Кејнсовата економија („кејнзијанство“), како и за други различни гранки.
Животопис
[уреди | уреди извор]Детство
[уреди | уреди извор]Џон Мејнард Кејнс е роден во семејство од средната класа (дел од „образованата буржоазија“, како што самиот се искажал подоцна), кое живеело на улицата Харви роуд 6 во Кембриџ. Неговиот татко, Џон Невил Кејнс, исто така, завршил на Универзитетот во Кембриџ, а подоцна предавал на Колеџот Пемброук (Pembroke Collge). Истражувањата на Џон Невил Кејнс биле претежно во областа на политичката економија и философијата. Неговата прва книга, „Изучувања и вежби по формална логика“ (Studies and Exercises in Formal Logic) била објавена во 1882 година, а во 1891 година се појавила и неговата втора книга, „Опфатот и методата на политичката економија“ (The Scope and Method of Political Economy). Мајка му на Џон Мејнард Кејнс, Флоренс Ада Кејнс (родена Браун, 1861-1958), исто така, дипломирала на Колеџот Њунем (Newnham College) во состав на Кембричкиот универзитет. Таа била ангажирана во бројни филантропски активности, како: програми за размена на работници, пензиски планови за сиромашните и работни активности за затворениците, а покрај тоа, била политички активна и станала првата градоначалничка на Кембриџ. Семејството Кејнс читало многу, а покрај тоа, имало повеќе слободни активности, како: собирање поштенски марки и пеперуги, посетување часови за готвење и патувања низ Европа. Џон Мејнард Кејнс имал помала сестра, Маргарет (родена во 1885 година) и помал брат, Џефри (роден во 1887 година). Џон Невил забележал дека малиот Џон Мејнард има голема дарба за аритметика и за алгебра, зашто веќе на десетгодишна возраст владеел со Првата книга на Евклид и со радост минувал часови решавајќи квадратни равенки.[1]
Образование
[уреди | уреди извор]Благодарение на високите оцени по математика, Џон Мејнард Кејнс успеал да се запише на престижниот Колеџ Итон, каде учел во текот на пет години. Таму, покрај тоа што го збогатил математичкото знаење, неговиот ментор Семјуел Гурни Лубок (Samuel Gurney Lubbock, 1873-1958) го заинтересирал за средновековната поезија на која ѝ останал посветен до крајот на животот, а исто така покажувал интерес и за философијата и за историјата. За време на школувањето во Итон, Џон Мејнард освоил бројни награди, меѓу кои и Ричардсовата награда за најдобар есеј по историја, а со добиените пари купил 45 книги, вклучително и четиритомната „Историја на Англија“ (1848) на Томас Бабингтон Маколи. Најпосле, наспроти кревкото здравје, на колеџот играл разни спортови и стекнал добри другари, како Дилвин Нокс и Даниел Макмилан (кој подоцна станал еден од издавачите на Кејнсовите дела).[2]
Во 1902 година, Кејнс се запишал на Кралскиот колеџ (King's College) при Кембричкиот универзитет, каде дипломирал математика (по желба на татко му), иако најмногу ги сакал филозофијата, книжевноста и историјата. Подоцна, еден од неговите биографи забележал дека во Кембриџ, „Мејнард доживеал филозофско, естетско и емоционално будење кое ги поместило неговите вредности.“ Исто така, за време на студиите, тој запознал низа личности кои извршиле големо влијание врз неговото интелектуално созревање. Така, неговиот биограф Роберт Скиделски наведува неколку професори кои извршиле големо влијание врз Кејнс: Хенри Сиџвик (1838-1900), Алфред Норт Вајтхед (1861-1947), Бертранд Расел (1872-1970), и особено Г. Е. Мур (1873-1958), авторот на книгата „Принципи на етиката“ (Principia Ethica, 1903) која, според Скиделски, на Кејнс му била „најважната книга“, а подоцна самиот Кејнс напишал дека читањето на тоа дело било „почеток на ренесансата, отворање на нов рај на земјата“. На Кралскиот колеџ, Кејнс учествувал во неколку студентски клубови, како: Клубот на науката за моралот, Либералниот клуб, Политичкото здружение, Кембричкиот сојуз (дебатно здружение) и Книжевното здружение, а бил и претседател на Кембричкиот сојуз и на Либералниот клуб. Освен тоа, како последица на склоноста за собирање книги, тој бил еден од основачите на Баскервилскиот клуб. Можеби најзначајно е неговото учество во Cambridge Conversazione Society (познат како „Апостоли“), елитен клуб на студентите на Кембриџ во кој се дискутирало за филозофски, социјални и политички теми. За време на студиите, Кејнс продолжил да чита интензивно дела кои немале врска со неговите студии, како: „Принципите на политичката економија“ (1883) на Хенри Сиџвик и собраните дела на Едмунд Берк (1729-1797). Кејнс дипломирал со највисоки оцени, иако татко му цело време се сомневал дека неговиот син не учи доволно.[3]
Кариера и подоцнежен живот
[уреди | уреди извор]По завршувањето на студиите се вработил во државната администрација, а претходно, подготвувајќи се за државниот испит, одел на курсеви по економија на Кембриџ, а исто така во текот на летото, 1905 година, систематски ги читал економските дела на Давид Рикардо, Алфред Маршал и Волтер Беџот. Истовремено, во него се развиле силни анти-свештенички погледи за што сведочи едно негово писмо во кое тој вели: „Господине, ги мразам сите свештеници и протекционисти... Слободна трговија и слободна мисла... Долу понтифите и царините.“ Државниот испит го положил како второпласиран од 104 кандидати кои го полагале испитот, а тоа му овозможило вработување во Министерството за Индија (India Office) во Лондон. Преписката на Кејнс со неговото семејство покажува дека тој уживал во работата и во животот во Лондон, особено откако станал член на Групата од Блумсбери, основана околу 1905 година. Во тоа време, Кејнс се заинтересирал за веројатноста со намера да напише дисертација која би му овозможила да најде академска работа. Трудот го завршил во 1911 година, а бил објавен во 1921 година со насловот „Трактат за веројатноста“. Претходно, во 1909 година, успеал да се вработи на Кембричкиот универзитет. Во тоа време, Кејнс започнал краткотрајна љубовна (хомосексуална) врска со сликарот Данкан Грант (1885-1978) кој, исто така, бил член на Групата од Блумсбери (во 1908 година, Грант го насликал познатиот портрет на 25-годишниот Кејнс кој е претставен како работи на работната маса). Во текот на 1908-1910 година, Кејнс објавил неколку кратки статии во разни списанија, а истовремено работел на своите предавања на универзитетот од областа на парите, кредитот и цените. Освен редовните предавања, тој добил задача и да ги менторира студентите по економија за што добивал дополнителен надомест, иако не уживал во работата со студентите. Многу повеќе ја сакал работата за издавачката куќа Макмилан (од август 1910 година), каде ги читал пристигнатите ракописи, како и работата на уредник (од октомври 1911) во угледното списание на Кралското економско здружение, „Економски журнал“ (Economic Journal). Функцијата уредник на списанието ја извршувал до 1944 година, а од 1913 година бил и секретар на Кралското економско здружение. Како резултат на наеговиот интерес за екномијата, во 1913 ја објавил својата прва книга, „Индиската валута и финансии“ (Indian currency and finance) во која се залагал за основање централна банка на Индија. Благодарение на заработката од професорската работа и од неговите дела, Кејнс започнал сè повеќе да инвестира на берзата, купувајќи акции на британски осигурителни друштва и на странски претпријатија (австралиската рударска корпорација Рио Тинто, американската челичарница УС Стил и канадското железничко претпријатие Пасифик Рејлроуд), а инвестирал и на пазарите на суровини и на девизниот пазар.[4]
Откако избувнала Првата светска војна, Кејнс зел отсуство од академската работа и се префрлил во Министерството за финансии, каде бил задолжен за пресметка на воените издатоци за војната. Кејнс постигнал значаен успех кој резултирал со неговото назначување за финансиски претставник на Министерството за финансии на Париската мировна конференција во јануари 1919 година. Меѓутоа, незадоволен од содржината на мировната спогодба, пролетта 1919 тој поднесол оставка, а потоа, во текот на летото ја напишал книгата „Економските последици на мирот“ (The economic consequences of the peace) која била објавена во декември истата година од издавачката куќа на неговиот другар од Колеџот во Итон, Даниел Макмилан.[5]
Во 1920 година, Кејнс се вратил на Кембричкиот универзитет, а повисоката заработувачка му овозможила уште повеќе да инвестира на берзата која во текот на 1920-тите му носела дури половина од неговата годишна заработка од околу 6 000 фунти. Во тоа време, тој бил член на управните одбори во неколку фирми, извршувал и консултантски активности, а помагал и во водењето на финансиите на Кралскиот колеџ. Истовремено, тој продолжил со научната работа и во 1923 година ја објавил книгата „Трактат за монетарната реформа“ (A tract on monetary reform), неговото прво дело во која се занимавал со економските флуктуации и со монетарната теорија, а во која се залагал за контрола на паричната маса како средство за раководење со економијата. Истовремено, тој започнал да работи на скицата на уште едно слично дело, „Расправа за парите“ (A treatise on money) кое било објавено дури во 1930 година. На почетокот на 1920-тите, Кејнс стапил во романтична врска со писателот и психологот В. Џ. Х. Спот (1897-1971), поранешен член на „Апостолите“ и на Групата од Блумсбери. Нивната врска траела неколку години, а тогаш Кејнс ги запрепастил своите колеги и познаници и неочекувано се оженил со руската балерина Лидија Лопокова (1892-1981). Брачниот пар се преселил во Лондон со повремен престој на една фарма во Тилтон (јужно од Лондон) при што Кејнс продолжил да работи во Кембриџ. Во Тилтон, Кејнс продолжил да пишува и во 1933 година се појавила неговата книга „Есеи за библиографијата“ (Essays on bibliography) која содржи забелешки за познати политичари, економисти и научници, како Лојд Џорџ и Томас Малтус. Во подоцнежните изданија на оваа книга биле вметнати и други личности, како Исак Њутн чии ракописи ги собирал Кејнс со намера да му ги поклони на Кембричкиот универзитет. За време на пропаста на берзата во 1929 година, Кејнс го загубил речиси целото богатство, но потоа пак се збогатил, така што во 1936 година неговото богатство изнесувало дури 500 000 фунти, претежно благодарение на неговите инвестиции на Њујоршката берза. Според неговиот биограф Скиделски, во текот на 1930-тите, кога Лондонската и Њујоршката берза стагнирале, богатството на Кејнс се зголемило за 32 пати.[6]
Благодарение на богатството, во 1936 година, Кејнс и Лидија Кембричкиот уметнички театар (Cambridge Arts Theatre), наспроти неговото влошено здравје. Летото 1937 година, тој претрпел силен срцев удар, а закрепнувањето траело неколку месеци кои претежно ги поминал во Тилтон. Истовремено, поради големиот пад на берзата во 1937 година, неговото богатство се намалило за речиси две третини, иако и понатаму бил доволно богат за да има удобен живот (кога умрел, неговото богатство изнесувало 479 529 фунти). Во целиот тој период, Кејнс продолжил да пишува, најчесто кратки статии за весниците, а во 1938 година, заедно со економистот Пјеро Срафа, бил уредник на книгата „Апстракт за расправата за човековата природа: Непознат памфлет на Дејвид Хјум“ (An Abstract of A Treatise on Human Nature, 740: A Pamphlet Hitherto Unknown by David Hume). Кога започнала Втората светска војна, Кејнс станал советник на Министерството за финансии, а во јуни 1942 година ја добил титулата „Барон од Тилтон, во околијата Сасекс“. Истовремено, тој продолжил да ја поддржува ументоста: во 1942 година станал претседател на Комитетот за поддршка на музиката и уметноста“ (Committee fot the Encouragement of music and Arts). Кон крајот на војната, тој бил вклучен во основањето на Меѓународниот монетарен фонд и на Светската банка и во 1944 година присуствувал на основачката конференција, одржана во Бретон Вудс, Њу Хемпшир, САД. Во март, 1946 година, тој бил учесник и на конференцијата во Савана, САД. По враќањето во Тилтон, тој починал на 21 април 1946 година (недела на Велигден). Извршителите на неговиот тестамент, брат му Џефри и Ричард Кан (неговиот омилен студент), ја поклониле неговата богата збирка на книги и стари ракописи на Кембричкиот универзитет, а неговите трудови биле поделени меѓу Кралскиот колеџ (личните трудови) и Маршаловата библиотека во Кембриџ (јавните трудови).[7]
Освен тоа, Кејнс работел како гувернер на Англиската банка, секретар на Кралското економско друштво, уредник на списанието „Економски дневник“, претставник на тогашното највисоко осигурително друштво, активен учесник во познатиот Клуб по политичка економија и други. Кејнс бил заинтересиран за практични проблеми, а посебен интерес покажувал за берзанските работи и шпекулации. Тој негов интерес му овозможил материјално збогатување. Еден негов пријател за Кејнсовата смисла за правење пари пишува:...„ академските економисти никогаш не разбираат што е тоа што ги прави стопанствениците да бидат богати. Мејнард тоа го разбра затоа што и самиот беше подготвен за коцкање. „Еднаш ми рече: - Запамти, Николас, деловниот живот секогаш е облог.“ Во тие вложувања секогаш беше вонредно успешен и за себе лично и за институциите за кои работел“. Постои пример во кој е наведено дека за време на извршување на неговата функција – финансиски раководител на Кралскиот колеџ, успеал да го зголеми капиталот на колеџот од 20.000 фунти во 1920 година на 300.000 фунти во 1945 година. Меѓутоа тој успеал и драстично да го зголеми своето лично богатство од 16.000 фунти во 1919 година на околу 411.000 фунти во 1946 година. Износот од 411.000 фунти е еквивалентен на денешни 10.000.000 фунти.[8]
Кејнс во текот на својот живот се занимавал со разни дејности: бил универзитетски професор, истражувач, полемичар. Во приватниот живот се занимавал со уметност, посебно ги сакал литературата, музиката, балетот и она што најмногу го привлекувало бил театарот. За неговите интереси свој придонес имала и неговата сопруга Лидија Лопокова која била позната руска балерина и со неа се оженил на 42 годишна возраст.
За вршењето на својата теоретска и практична дејност е добитник на повеќе признанија меѓу кои се следниве: надворешен член на Шведската академија на науките, почесен доктор на Колумбискиот универзитет, барон од Тилтон и др.
Дела
[уреди | уреди извор]Најпознатото дело на Кејнс е „Општата теорија за вработеноста, каматата и парите“ (The General Theory of Employment, Interest and Money), напишано во 1936 година. Честопати во литературата се сретнува под неговиот скратен назив Општа теорија. Со ова капитално дело тој се издигнал на пиедесалот – татко на државниот интервенционизам и основоположник на макроекономијата. Делото е составено од 24 глави кои се распределени во 6 книги. Целта на самиот автор е преку ова дело да се открие тоа што во секој даден час го одредува националниот доход на некој даден стопански систем и износот на неговата вработеност. Кејнс истакнува дека неговата крајна задача би можела да се состои во избор на оние променливи кои државата може да ги надгледува и со нив да управува. Во ова дело тврди и се обидува да докаже дека пазарниот систем не бара рамнотежа и полна вработеност туку нерамнотежа која е изразена преку изразени кризи и привремени циклуси. Оваа книга извршила револуција во економската наука и ја довела до прашање дотогашната макроекономска теорија. Кејнс го објаснува значењето на насловот на ова дело преку следнава изјава: „ Оваа книга ја нареков Општата теорија за вработеноста, каматата и парите со акцент на придавката општа. Целта на изборот на еден таков наслов беше да се истакне разликата на моите излагања и заклучоци со оние на класичната теорија, според која сум воспитан и која преовладува во теориските и применетите економски размислувања на истражувачките и управувачките слоеви на овие генерации во последниве стотина години. Јас ќе бидам заговорник на ставот дека постулатите на класичната теорија се применливи само во посебен случај, а не општо, бидејќи условите што таа ги претпоставува значат ограничување само на можни состојби на рамнотежа. Понатаму посебниот случај што го претпоставува класичната теорија не постои во денешната стварност, и доколку се направи обид класичната теорија да се примени во секојдневните искуства таа ќе биде неточна и погубна.“ Кејнс верувал дека неговата теорија важи и во услови на целосна и нецелосна вработеност. Во неговото дело значајно место имаат и психолошките фактори. Самото постоење на капитализмот на пример го изведува од „страста за добивка“, причините за невработеноста и кризите ги гледа во смената на оптимистички и песимистички расположенија, а за решавачки ги смета склоноста кон потрошувачката и кон штедењето.[9]
Во продолжение ќе бидат елаборирани делата на Кејнс.
- 1913 година Indian Currency and Finance – Паричниот систем и финансиите на Индија
- 1919 година The Economic Consequences of the Peace – Економските последици на мирот
- 1921 година A Treatise on Probability – Расправа за веројатноста
- 1922 година Revision of the Treaty – Повторување на теоријата
- 1923 година A Tract on Monetary Reform - Расправа за монетарната реформа
- 1925 година The Economic Consequences of Mr. Churchill
- 1925 година A Short View of Russia
- 1926 година The End of Laissez-Faire – Крајот на Laissez-Faire
- 1926 година Laissez Faire and Communism - Laissez-Faire и комунизмот
- 1930 година A Treatise on Money) – Расправа за парите напишана во два тома
- 1931 година Essays in Persuasion
- 1933 година Essays in Biography – Биографски есеј
- 1933 година The Means to Prosperity
- 1936 година General Theory of Employment, Interest and Money – Општа теорија за вработеноста, каматата и парите
- 1940 година How to Pay for the War: A radical plan for the Chancellor of the Exchequer – Како да се плати за војната
Кејнсовата теорија за државна интервенција
[уреди | уреди извор]Во периодот меѓу 20-тите и 30-тите години на 20 век, Џ. М. Кејнс развива теорија во која тврди дека реалноста е во коализија со владејачките теориски дескрипции за неа. Широко акценптираната теза дека понидата самостојно продуцира своја ;побарувачка, дека доходот целосно се троши на купување стоки (услуги), дека штедењето се совпаѓа со инвестирањето, дека постои полна вработеност на факторите на производство или, поконцизно, дека рамнотежата автоматски, per se, се постигнува, а кризите и невработеноста се а priori елиминирани, Кејнс ја негира. Според него, во практиката се манифестира токму спротивното, рамнотежата само инцидентно се постигнува, а кризите и невработеноста се вообичаени појави. Државната интервенција станува императив. Како основен проблем во Кејнсовата теорија се идентификува невработеноста. Нејзиното ниво е во корелација со обемот на инвестициите, кои само по исклучок се еднакви со штедењето. Оттука постои можност за деоволна вработеност на факторите на производство. Кога инвестирањето е помало од штедењето, присутна е невработеност, при што е сосема нерелевантно дали стопанството се наоѓа во фаза на просперитет или во фаза на депресија. Од друга страна, обемот на инвестициите е детерминиран од граничната ефикасност на капиталот и од висината на каматната стапка. Тенденцијата за пад на рентабилитетот на капиталот е неспорна, па затоа Кејнс предлага помалку рестритктивна политика во врска со обемот на паричната маса, потенцирано државно интервенирање во доменот на инвестициите, како и директно ангажирање на државата во инвестиционата активност (јавни работи, државни инвестирања и сл. ) Соодносот, помеѓу штедењето и инвестирањето наоѓа свој рефлекс и врз цените. Ако штедењето го надминува инвестирањето, цените ќе опаѓаат заедно со вработеноста, присутна е депресија. Обратно, ако штедењето е помало од инвестирањето, цените ќе растат, ќе расте вработеноста, ќе егзистира просперитет. И оваа сфера, според наодите на Кејнс, треба да биде предмет на државна интервенција. Тој предлага контрола на цените преку инвестиционата политика, односно преку политиката на каматни стапки. Со каматните стапки ќе се влијае директно врз инвестициите, а преку нив индиректно врз нивото на цените и врз нивото на вработеноста. Во Кејнсовите опсервации, факторите од кои зависи висината на доходот и нивото на вработеноста не продуцираат полна факторска исползуваност. Како доходот, така и вработеноста се во релација со побарувачката на потрошените стоки (потрошувачката) од една и со побарувачката на производни стоки (инвестициите) од друга страна. Растот на доходот е придружен со пад на побарувачката. Разликата меѓу овие две променливи се манифестира како штедење, кое е функција од доходот, а не од каматите. За да се реализира одредено ниво на доход потребни се инвестиции, кои ќе го апсорбираат штедењето. Меѓутоа, инвестиционата побарувачка е определена од профитната стапка (граничната ефикасност на капиталот) и затоа во однос на штедењето автономно се однесува. Бидејќи профитната стапка има опаѓачка тенденција, штедењето и каматите имаат статус на релативно константни големини. Од друга страна, поради падот на профитната стапка (граничната ефикасност на капиталот), инвестирањето е помало од штедењето што значи дека еден дел од штедењето останува неинвестиран, па затоа се намалуваат побарувачката, националниот доход и факторската вработеност. Конечно, штедењето исчезнува, а доходот се поистоветува со потрошувачката. Сублиматот на Кејнс е дека на рамнотежата и е иманентна и непотполна вработеност на факторите на производство. Оттука и неговата заклучна констатација дека пазарот не е во состојба автономно, без помош на државата, да гарантира полно ниво на факторската вработеност. Пазарниот автоматизам особено крахира на долги временски патеки, но затоа е тука државата, со чии мерки трајно ќе се стимулираат склоноста кон штедење и склоноста кон инвестирање. Регулаторската функција на државата не смее да изостане и во даночната сфера. Кејнс се залага за повисоки даночни стапки во фазата на просперитетот и обратно, за пониски даночни стапки во фаза на депресија, со цел создадените резерви во просперитетот да се наменат за директно инвестирање во депресијата. Кејнс ја насочува државната регулација кон зголемување на потрошувачката, кон редистрибуција на доходот (преку даночната политика), кон контролирање на инвестициитеи кон намалување на каматните стапки. А propo цените (вредноста), Кејнс размислува идентично на Маршал со таа разлика што пројавува заложба за пазарно регулирање од страна на државата. Така владејачкото микроекономско учење тој го комплетира со макроекономскиот пристап, кој пред тоа видливо недостасувал. Според мислењето на не мал број не економисти Кејнсовата макроекономска теорија и микроекономската теорија на Чемберлен и на Робинсон, чинат, заедно, единствена и доследна целина. Кејнсовата доктрина брзо придобила голем број приврзаници меѓу теоретичарите (интервенционисти, кенсијанци, активисти) и меѓу практичарите. Позитивните ефекти од апликацијата на кејнсоновите солуции, манифестирани во амортизираната цикличност на развиените економии, скоро 4 децении неговата теорија не ја доведувале до прашање. „Кејнсијанизмот е разнишан дури во почетокот на 80-тите години на 20 век, кога развиените економии влегуваат во ерата на т.н. стакфлација(состојба во економијата која се одликува со инфлација, стагнација и невработеност)“ тогаш добиваат замав ставовите на т.н. неактивисти – приврзаниците на економијата на понудата, на монетаризмот и на рационалните очекувања. Тие, причините за неповолните економски состојби се обидуваат да ги идентификуваат во некој од Кејнсовите предлози, па во овој контекст инсистираат на нивно корегирање, дополнување или напуштање. Така, на пример теоретичарите на економијата на понудата сметаат дека кејнсијанците го хипертрофираат влијанието од измените на даночните стапки врз побарувачката, а преку неа и врз аутпутот, односно врз вработеноста. Во нивната диоптрија, измените на даночните стапки примарно се рефлектираат врз понудата, т.е. нивниот пораст го намалува, а нивниот пад го зголемува општествениот производ, иако во првиот случај даночните приходи се намалуваат, а во вториот случај тие растат. Значи, позитивните ефекти од измената на даночните стапки врз побарувачката на краток рок, повеќекратно ќе бидат неутрализирани од негативните ефекти, кои измената на даночните стапки ќе ги има врз понудата на долг рок. Оттука, и нивната заложба за пад на даночните стапки, а во функција на зголемување на аутпутот (фискална политика во “служба” на понудата). Додека за кенсијанците брзината на оптекот на парите е релативно нестабилна (обратно условена од нивната колочина), дотогаш за монетаристите таа е стабилна. Затоа, на наглите монетарни потези (експанзивни или рестриктивни), зад кои стојат кенсијанците, тие им ги спротивставуваат константните и стабилни измени во паричната маса, усогласени со темпото на долорочниот стопански раст. Ова монетарно правило, според убедувањата на монетаристите, има позитивни ефекти, сеедно дали се во прашање кратки или долги временски дистанци. Застапниците на рационалните очекувања, апелираат на водење стабилна макроекономска политика, ригидна на чести измени и фундирана на долгорочни основи. Ова од причини што пазарните учесници (домаќинствата и фирмите) можат да ги антиципираат последиците од преземените краткорочни мерки (монетарните и фискалните), па логично и да ги адаптираат своите идлуки на нив. Оттука произлегува контрапродуктивноста на мерките, а поради рационалните очекувања на економските субјекти. Бидејќи очекувањата бавно се напуштаат, многу е битна довербата во економската политика, односно во нејзините носители. Не е проблем да се констатираат разлики, но и сличности меѓу размислувањата на активистите (кенсијанците) од една и неактивистите (монетари-стите, теоретичарите на економијата на понудата и на рациналните очекувања) од друга страма. Додека првите акцентот го ставаат врз карткорочната, дискреционата економска политика, т.е. врз флексибилноста на монетарните и на фискалните мерки со кои се провоцираат измени во агрегатната побарувачка, дотогаш вторите економската стабилност ја врзуваат за пазаротм конкуренцијата и стабилноста, долгорочна економска политика, т.е. за примената на ригидни монетарни, фискални и поединечни правила, првенствено свртени кон понудата. Меѓутоа, гледиштата на едните со оние на другите впечатливо се приближуваат околу прашањето за штетноста од честите измени во курсот на економската политика. Можноста за компромис, веројатно, лежи во респектирањето на активистичките барања за периодите на крупни стопански пореметувања, односно во респектирањето на неактивистичките заложби за периодите на битни стопански состојби.[10]
Критика на творештвото на Кејнс
[уреди | уреди извор]Неколку недели по смртта на Кејнс била објавена книгата „Картагински мир: или, Економските последици на г-н Кејнс“ на францускиот автор Етјен Манту, кој го напаѓа делото на Кејнс „Економските последици на мирот“, тврдејќи дека го дискредитирал најдоброто мировно решение што можело да се оствари во 1919 година.[11]
Значење и влијание
[уреди | уреди извор]Кејнс извршил големо влијание врз економската теорија и економската политика по Втората светска војна. Според зборовите на американскиот економист Хенри Хезлит (Henry Hazlitt), изречени во 1959 година: „Отворете кое и да било издание од речиси секое академско економско списание и ќе ги најдете неговото име и фразите кои ги исковал или ги популаризирал раштркани насекаде низ неговите страници.“ Според Роџер Бекхаус (Roger E. Backhouse), „кејнзијанската економија не ја предизвика идеолошката промена која настапи по Големата депресија и за време на Втората светска војна, но таа беше интегрален дел од таа промена, така што тие тешко можат да се одделат.“ Сепак, во текот на 1970-тите и 1980-тите, влијанието на Кејнс започнало да опаѓа во толкава мера, што неговиот биограф Скиделски напишал дека Кејнс „му се придружил на Маркс како пропаднатиот бог.“ Имено, во тој период дошло до подем на монетаризмот на Милтон Фридман, кој бил остар критичар на кејнзијанското учење.[12]
Животот и творештвото на Кејнс се предмет на голем број книги, научни трудови и статии, како што се:[13]
- Roger E. Backhouse and Bradley W. Bateman (eds.), The Cambridge companion to Keynes. Cambridge: Cambridge University Press, 2006.
- Vincent Barnett, John Maynard Keynes. Abingdon, UK: Routledge, 2013.
- B.W. Bateman and J.B. Davies (eds.), Keynes and philosophy: Essays on the origins of Keynes's thought. Aldershot: Edward Elgar, 1991.
- Mark Blaug, John Maynard Keynes: Life, ideas, legacy. New York: St. Martin's Press, 1990.
- Richard Davenport-Hines, Universal man: The seven lives of John Maynard Keynes. Glasgow: William Collins, 2015.
- Paul Davidson, John Maynard Keynes. Houndmills: Palgrave MacMillan, 2007.
- Dudley Dillard, The economics of John Maynard Keynes: The theory of a monetary economy. New York: Prentice Hall, 1948.
- R.F. Harrod, The life of John Maynard Keynes. London: MacMillan & Co. Ltd., 1951.
- Charles H. Hession, John Maynard Keynes: A personal biography of the many who revolutionized capitalism and the way we live. New York: Collier Macmillan, 1984.
- Polly Hill and Richard Keynes (eds.), Lydia and Maynard: The letters of Lydia Lopokova and John Maynard Keynes. New York: Scribner, 1989.
- Michael S. Lawlor, The economics of Keynes in historical context: An intellectual history of the General theory. Houndmills, UK: Palgrave MacMillan, 2006.
- Axel Leijonhufvud, On Keynesian economics and the economics of Keynes: A study in monetary theory. London: Oxford University Press, 1968.
- Robert Lekachman (ed.), Keynes and the classics. Boston: D.C. Heath and company, 1964.
- A.H. Meltzer, Keynes's monetary theory: A different interpretation. Cambridge: Cambridge University Press, 1988.
- Hyman P. Minsky, John Maynard Keynes. New York: Columbia University Press, 1975.
- D.E. Moggridge, Keynes. Toronto, ON: University of Toronto press, 1976.
- R.M. O'Donnell, Keynes: Philosophy, economics, and politics: The philosophical foundations of Keynes's thought and their influence on his economics and politics. Baskingstoke: Macmillan, and New York: St. Martin's Press, 1989.
- Don Patinkin, Anticipations of the General theory? And other essays on Keynes. Chicago: University of Chicago Press, 1982.
- Robert Skidelsky, John Maynard Keynes (Volume I), Hopes Betrayed, 1883-1920. London: MacMillan, 1983.
- Robert Skidelsky, John Maynard Keynes (Volume II), The economist as saviour, 1920-1937. London: MacMillan, 1992.
- Robert Skidelsky, John Maynard Keynes (Volume III), Fighting for Britain, 1937-1946. London: MacMillan, 2000.
- Michael Stewart, Keynes and after. Harmondsworth: Penguin, and New York: Viking Penguin, 1967.
- John Cunningham Wood, John Maynard Keynes: Critical assessments (4 volumes). London: Croom Helm, 1983.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. viii.
- ↑ Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. ix.
- ↑ Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. ix-xi.
- ↑ Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. xi-xiv.
- ↑ Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. xiv.
- ↑ Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. xix-xxi.
- ↑ Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. xxxi-xxxiii.
- ↑ Методија Стојков, Развој на економската мисла, стр. 267.
- ↑ Проф. д-р Методија Стојков: Развој на економската мисла стр 270-271
- ↑ Олга Градишка – Теменугова, Теорија и политика на цени, стр. 58-61.
- ↑ Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. xxxiii.
- ↑ Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. xxxiii-xxxiv.
- ↑ „Further reading“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. xxxvi-xxxiii.
|
- Економија
- Макроекономија
- Родени во 1883 година
- Починати во 1946 година
- Британски барони
- Луѓе од Кембриџ
- Придружници на Редот на Бањата
- Англиски економисти
- Членови на Британската академија
- Кејнзијанизам
- Колекционери на уметнички дела
- Членови на Кралската шведска академија на науките
- Апсолвенти на Кембричкиот универзитет
- Професори на Кембричкиот универзитет
- Кејнзијанство