Понуда на пари

Од Википедија — слободната енциклопедија

Паричната маса (англиски: money supply) ги претставува монетарните обврски на консолидираниот банкарски сектор (централната банка плус депозитните банки) кон небанкарските сектори.

Текови на создавање на паричната маса[уреди | уреди извор]

Бидејќи обврските се наоѓаат во пасивата на билансот, од консолидираниот биланс на банкарскиот сектор може да се согледа големината на паричната маса и промените кои настануваат во одреден временски период.[1]

Кредитите одобрени на банките[уреди | уреди извор]

Најзначаен тек преку кој се влијае врз промените во паричната маса се кредитите што банките ги даваат на небанкарските сектори. Во досегашниoт период, во Македонија, стопанството се јавува како далеку најзначаен корисник на кредитите од банките. Главна причина за големата кредитна зависност на стопанските субјекти од банките е недостигот на алтернативни извори на финансирање (како, на пример, пазар на капитал).

Втор сектор каде што банките ја имаат насочена својата кредитна активност е секторот на населението. Главни видови кредити што му се даваат на населението се потрошувачките и станбените кредити. Притоа, секторот на населението се јавува како суфицитарен сектор, односно далеку е поголемо неговото учество во формирањето на кредитниот потенцијал на банките во споредба со користењето на кредитите од банките.[2]

Девизните интервенции на централната банка[уреди | уреди извор]

Втор по значење тек, односно канал во формирањто на паричната маса се девизните трансакции со странство. Доколку земјата остварува суфицит во платниот биланс, тогаш овој тек влијае врз зголемувањето на паричната маса, а ако земјата остварува дефицит во платниот биланс, тогаш дефицитот влијае врз намалувањето на паричната маса. Суфицитот на платниот биланс значи дека во светот повеќе сме извезле стоки, одошто сме увезле. Тоа значи дека во земјата имаме повеќе девизен прилив од одлив. Меѓутоа, бидејќи извозниците на чии сметки стигнале девизите во земјата можат да вршат плаќање само во домашна валута, тие ги продаваат девизите на банките и добиваат противвредност на своите трансакциски сметки во домашна валута. Така се зголемува паричната маса. Обратен е процесот кога земјата има дефицит во платниот биланс. Тоа значи дека во текот на една година, земјата повеќе увезла стоки и услуги одошто извезла. Увозниците до девизи доаѓаат по пат на купување од банките. Тие ги купуваат со домашна валута. Значи, парите од сметките на увозниците се префрлаат во банките и со префрлањето на парите од сметките на небанкарските субјекти во банките се намалува паричната маса.[3]

Претворање на немонетарните депозити во монетарни[уреди | уреди извор]

Трет позначаен тек во формирањето на паричната маса е прелевањето на немонетарните депозити во монетарни и обратно. Монетарни депозити се нарекуваат оние кога влегуваат во дефиницијата на паричната маса. Тоа се во основа депозитите на сметките на небанкарските субјекти. Немонетарни депозити се оние кои не се опфатени во паричната маса и не може непосредно да се вршат плаќања со нив. Најкарактеристични меѓу немонетарните депозити се орочените депозити. Со претворање на дел од депозитите по видување во орочени депозити се намалува паричната маса, и обратно со претворање на дел од орочените депозити во депозити по видување се зголемува паричната маса. На овој тек, монетарната власт може да влијае преку монетарно-креднатата политика. Ако монетарната власт влијае банките да даваат доволно стимулативни камати на орочените депозити, тогаш преку овој тек ќе влијае врз намалувањето на паричната маса. Тоа се применува кога се настојува да се води рестриктивна монетарно-кредитна политика.[4]

Фактори кои ја одредуваат понудата на пари[уреди | уреди извор]

Вкупното количество на пари во една земја е детерминирано од:

  1. примарната емисија на пари, која се јавува во форма на обврски на централната банка кон другите сектори во економијата
  2. кредитната експанзија на депозитните, односно комерцијалните банки.

Депозитните банки се единствените институции способни да ги мултиплицираат депозитите што се депонирани кај нив. На тој начин, вкупната понуда на пари претставува производ на монетарната маса и монетарниот мултипликатор. Симболички изразено, тоа изгледа вака:

M = m x RM

каде: M = вкупна понуда на пари, m = монетарен мултипликатор, а RM = примарни пари.

Примарните пари се обврски на централните банки кон останатите сектори во економијата. Тие се јавуваат во форма на:

  • Готови пари во оптек
  • Резервите што ги држат банките кај централната банка.

Готовите пари се помалку стабилна категорија, бидејќи централната банка не може да влијае врз нив. Тие се детерминирни од одлуките на оние субјекти кои ги имаат, дали ќе претпочитаат да држат готови пари и во која количина. Резервите на банките се постабилна категорија и на нив централната банка може да има влијание преку своите одлуки. Симболички изразено, тоа може да се изрази преку следната равенка:

RM = C + R

каде: RM = примарни пари, C = готови пари во оптек, а R = резерви на банките кај централната банка.

Резервите на банките кај централната банка се состојат од задолжителна резерва што ја пропишува централната банка и која мора депозитните банки да ја држат кај централната банка и од вишокот на резерви што депозитните банки ги имаат на своите сметки.

Тоа може да се изрази преку следната равенка:

R = RR + ER

каде: RR = задолжителна резерва, ER = вишок на резерви

Притоа, не се исти ефектите од порастот на различните компоненти на примарните пари. На пример, ако порастот на примарните пари се изразува преку порастот на готовите пари, во тој случај не се создаваат можности за кредитна мултипликација, затоа што готовите пари одат надвор од банките и не создаваат депозитна база потребна за доделување на кредити. Ако пак порастот на примарните пари оди преку порастот на резервите, се создаваат услови за понатамошна кредитна мултипликација.[5]

Фактори кои влијаат врз примарните пари[уреди | уреди извор]

Три главни факотри влијаат на промените на примарните пари:

  1. Движењата во платниот биланс
  2. Односите држава – централна банка
  3. Односите централна банка – депозитна банка.

Движењата во платниот биланс имаат одраз врз промените на нето-девизната актива на централната банка. Доколку земјата има дефицит во платниот биланс, тоа има одраз врз намалувањето на девизните средства на централната банка, а тоа пак влијае на намалувањето на примарните пари. Обратни се движењата доколку земјата има суфицит во платниот биланс. Поголемиот прилив на девизни средства во земјата од одливот влијае врз зголемувањето на нето-девизната актива, а преку неа и до зголемувањето на примарните пари. Движењата во нето-девизната актива, за централната банка претставува автономен тек. Од тие причини, централната банка преку овие променливи кои самостојно ги конторлира, влијае врз неутрализирање на тековите предизвикани од автономните текови.

Вториот фактор, односите држава-централна банка, исто така, има значајно влијание врз примарните пари. Најголемиот број земји во светот имаат буџетски дефицит, односно расходите им се поголеми од приходите во буџетот. Еден од начините за покривање на буџетскиот дефицит е и во позајмици од централната банка. Кога државата позајмува од централна банка, тоа влијае на порастот на примарните пари, а кога ги враќа позајмените средства, тогaш се намалуваат примарните пари. Доколку државата се задолжува во прекумерни износи од централната банка, во тој случај можно е таа да биде фактор за појави на инфлација или за девалвација. Од тие причини, најчесто износот до кој може државата да се задолжува кај централната банка е регулиран со закон. Земјите членки на Европскиот монетарен сојуз, својот буџетски дефицит мора да го држат до 3% од БДП. Во Македонија, можноста државата да се задолжува кај Народната банка се сведува на буџетскиот дефицит во Европската Унија.

Во земјите во развој, третиот фактор, односите централна банка со банките претставува доминатен фактор врз примарната емисија на парите. Во тие земји, централната банка доделува реесконтни кредити на банките преку кои се стимулираат одредени области, како што се земјоделството или извозот. И во Македонија, овој фактор беше доминантен, додека бевме во рамките на СФРЈ. Но, поради прекумерната емисија на примарни пари и создавањето на висока инфлација, по монетарното осамостојување се напушти и мерката на селективни кредити. Сепак, овој тек на емисија на примарни пари нема изгубено од своето значење, затоа што во соодносот централна банка - депозитни банки, централната банка ја регулира ликвидноста на банките и пошироко на стопанството, т.е. делува како позајмувач во крајна инстанца. Симболички изразено, тоа изгледа вака:[6]

RM = NFA + NDCG + DCB

при што: RM = примарни пари, NFA = нето-дезивна актива, NDCG = нето-домашни кредити на државата и DCB = побарувања од депозитните банки.

Фактори кои влијаат врз монетарниот мултипликатор[уреди | уреди извор]

Монетарниот мултипликатор претставува сооднос меѓу паричната маса и примарните пари:

m = MRM

Монетарниот мултипликатор покажува за колку ќе се промени паричната маса при дадена промена на примарните пари, односно колкав дел од порастот на примарните пари се транферирал во паричната маса. Колку е поголем монетарниот мултипликатор, толку поголем дел од примарните пари се трансформира во парична маса, и обратно. Големината на монетарниот мултипликатор, во основа, зависи од одлуките на:

  • субјектите на монетарниот сектор
  • централната банка
  • депозитните банки.

Од одлуките на субјектите на небанкарскиот сектор да држат дел од својата актива во готови пари, или пак во депозитни пари, зависи големината на монетарниот мултипликатор. Колку субјектите повеќе држат готови пари, толку монетарниот мултипликатор е помал и обратно. Исто така, од одлуката на централната банка за висината на задолжителната резерва, зависи големината на монетарниот мултипликатор. Колку е повисока задолжителната резрва, толку е помал монетарниот мултипликатор и обратно. Исто така, одлуките на депозитната банка за висината на средтсвата што ќе ги држат на својата сметка има одраз врз големината на монетарниот мултипликатор. Колку е поголем тој износ, толку е помал монетарниот мултипликатор. Горните констатации, математички гледано изгледаат вака:

m = M1RM

Ако М1 = C + DD, а RM = C + R, тогаш:

m = (C + DD)(C + R)

Бидејќи само преку депозитните пари може да се врши мултипликација, а не преку готовите пари, тогаш ако ја ставаме во сооднос десната страна од равенката со депозитните пари добиваме:

m = (C/DD + 1)(C/DD + R/DD)

Ако, пак, и резервите на банките ги дезагрегираме на нивните составни делови ја добиваме следната равенка:

m = (C/DD + 1)(C/DD + R/DD + ER/DD)

односно:

m = (c + 1)(c + rd + re)

при што: m = монетарен мултипликатор, c = соодносот меѓу готовите пари во отптек и депозитните пари, rd = стапка на задолжителна резерва на депозитните пари, а re = сооднос на вишокот на резерви на депозитните пари.[7]

Ефекти од промените на одделни компоненти на понудата на пари[уреди | уреди извор]

Доколку централната банка ја зголеми стапката на задолжителна резерва, тогаш комерцијалните банки имаат малку депозити, а со тоа и помала можност за давање на кредити. Тоа значи, при ceteris paribus кај останатите променливи, доаѓа до намалување на монетарниот мултипликатор, а намалувањето на монетарниот мултипликатор води кон намалување на понудата на пари. Обратна е ситуацијата доколу централната банка ја намалува стапката на задолжителна резерва. Оттука, може да се извлече заклучокот дека монетарниот мултипликатор и понудата на пари стојат во негативна корелација со стапката на задолжителна резерва.

Доколку дошло до намалување на депозитните пари и зголемување на готовите пари, односно прелевање на депозитните пари во готови пари, тогаш тоа влијае на намалување на монетарниот мултипликатор, затоа што се намалува депозитната база, преку која се создава монетарна мултипликација. Исто така, кога банките одлучуваат зголемениот прилив на депозити да го држат на своите сметки, односно одлучуваат да ги зголемат слободните резерви, тоа влијае на намалувањето на кредитите, односно на паричната маса.[8]

Кредитна мултипликација[уреди | уреди извор]

Кредитна мултипликација е процес кој се состои од активности преку кои банката од еден или 100 денари, ставени како депозит во банката да создаваат два, три или четири денари кредитни пари (односно 200, 300 или 400).

Кредитната мултипликација може да се анализира на две нивоа:

  1. на ниво на една депозитна банка (микрокредитна мултипликација),
  2. на ниво на целиот систем на депозитни банки во една земја (макрокредитна мултипликација).

На пример, да претпоставиме дека кредитните пласмани на банката се во висина на кредитниот потенцијал, односно билансот на банката е во рамнотежа. Во таква ситуација, банката не може да доделува кредити, за што нејзиниот биланс би се нарушил, бидејќи резервите би се намалиле под рамнотежното ниво. Но, доколку дојде до прилив на средства во банката по било која основа, билансот на банката се доведува во нерамнотежна состојба, односно банката има слободни средства кои може да ги пласира во вид на кредити. Доколку субјектот на кој банката го дава кредитот е нејзин комитент и ги држи паричните средства на сметка кај неа, тогаш дел од тие средства се враќаат во банката и таа повторно може да ги даде како кредит, но не во целиот износ. Дел од средствата се одлеваат во вид на готови пари кај населението, а дел кај други субјекти кои имаат сметки кај други банки.[9]

Фактори кои ја определуваат кредитната мултипликација[уреди | уреди извор]

Висината на кредитната мултипликација зависи од коефициентот на враќањето на доделените кредити во депозитниот систем на банката. Колку е поголем одливот на средствата на банката, толку е поголемо и ограничувањето на мултипликациониот процес. Одливот на средства се одвива ако:

  • се додели кредит на субјект кој има сметка во друга банка,
  • субјектот кој го добил кредитот, независно што има сметка кај банката, врши плаќање со тие пари на субјекти кои имаат сметки кај други банки,
  • дел од средствата се одлеваат во вид на готови пари кај населението, преку исплата на плати и слично.

Втор битен фактор што влијае врз висината на кредитната мултипликација е стапката на задолжителна резерва што банката ја издвојува кај централната банка. Колку е поголема задолжителната резерва, толку е помала можноста за кредитна мултипликација. Коефициентот на обновување на кредтиниот потенцијал покажува за колку ќе се обновува кредитниот потенцијал во секој нареден мултипликационен круг. Овој коефициент е различен од банка до банка. Поголем е кај банките кои имаат широк круг на комитенти, кои се меѓусебно деловно поврзани, па со доделените кредити од банката плаќаат најголем дел од обврските настанати меѓу нив и на тој начин поголемиот дел од кредитот се враќа во форма на депозит во банката, со што се зголемуваат и средствата за новиот мултипликационен циклус. Коефициентот на обновување на средствата се пресметува со следната формула:

Z = (1- r) x h,

каде што: r = коефициент на задолжителна резерва, а h = коефициент на враќање на средствата во банката.

Пресметувањето на максималниот кредитен мултипликатор овозможува однапред да го дознаеме порастот и на кредитите и на депозитите и на задолжителната резерва. Тоа не се однесува само кога има прилив на средства, туку и кога има одлив на средства, само што во тој случај станува збор за негативна кредитна мултипликација. Кога станува збор за негативна кредитна мултипликација, се јавува мултипликационо снижување на нивото на кредитите, депозитите и резервите на банката. Максималниот кредитен мултипликатор може да се пресмета со следната формула:

Kmax = 1(1-Z)

каде: Z = коефициент на обновување на кредитниот потенцијал.

Кога станува збор за макрокредитна мултипликација, коефициентот на враќање на средствата е значително поголем, т.е. се приближува и до 1, во споредба со микрокредитната мултипликација. Понатаму, кај микрокредитната мултипликација, коефицинетот на враќање на средствата се намалува најмногу преку одливот на средствата кај други банки. И колку е поголем одливот на пари, толку е помала мултипликацијата. Од друга страна, кај макрокредитната мултипликација опфатени се сите банки и одливот на средствата од една во друга банка нема ефект на намалување на коефициентот на враќање на средствата. Најпосле, коефициентот на обновување на кредитниот потенцијал кај депозитните банки е значително поголем на макро ниво, во споредба со микро ниво.[10]

Регулирање на понудата на пари во Македонија[уреди | уреди извор]

Основен интрумент на НБРМ на монетрната регулација се аукциите на благајнички записи. Во зависност од проценката, НБРМ применува акуција преку тендер на каматни стапки или преку т.н. тендер на износи. Преку првиот тендер, НБРМ влијае на ликвидноста на банките, преку виснината на каматните стапки, а преку вториот тип тендер, НБРМ влијае преку количеството на благајнички записи што го нуди на аукцијата.

НБРМ преку акуциите на благајнините записи го повлекува вишокот на ликвидни средтсва што го имаат банките и на тој начин го намалува притисокот на девизниот курс од страната на побарувачката и го одржува девизниот курс на фиксно ниво. Друг инструмент кој го користи НБРМ за да се изедначи понудата и побарувачката на девизниот пазар е задолжителната резерва. Преку неа, НБРМ им зафаќа дел од денарските (или девизните) депозити и ги стерилизира на сметките на банките во НБРМ, и на тој начин им ја намалува моќта на банките да купуваат девизи на девизниот пазар и да вршат притисок врз девизниот курс.[11]

Автономни текови на создавање на паричната маса во Македонија[уреди | уреди извор]

Најзначајни автономни текови преку кои се создава паричната маса во Македонија се:

  1. Движењата на девизниот пазар
  2. Потрошувачката од страна на државата
  3. Нивото на движењата на готовите пари во оптек
Движењата на девизниот пазар

Доколку има вишок на ликвидни денарски средства, тие вршат притисок на девизниот пазар на страната на побарувачката и за да не се наруши рамнотежата меѓу понудата и побарувачката, НБРМ преку емисија на благајнички записи го апсорбира тој вишок денарски ликвидни средства. НБРМ емитува благајнилки записи, банките ги купуваат за денари и вишокот денари се сели од сметките на банките во НБРМ. На тој начин се намалува притисокот на страната на побарувачката за девизи на девизниот пазар и се постигнува целта – одржување на стабилен девизен курс.

Доколку не е доволно со интервенциите на девизниот пазар на страната на побарувачката, НБРМ интервенира и на страната на понудата на девизи од девизните резерви. Со продажбата на девизи од девизните резерви НБРМ од една страна ја зголемува понудата на девизи до нивото на побарувачката, а од друга страна ги повлекува вишоците денари со кои се врши притисок од прометот, со кои се врши притисок на девизниот пазар.

НБРМ е принудена истовремено да делува и на страната на понудата и на страната на побарувачката на девизниот пазар. Очекувањата за евентуални промени во дезвиниот курс на денарот, силно влијае да расте побарувачката за девизи, со што при ограничена понуда на девизи, значително ја отежнува позицијата на НБРМ во одржувањето на стабилност на девизниот курс и во монетарното регулирање.

Потрошувачката на државата

Кога расходите на државата се поголеми од приходите, доаѓа до намалување на депозитите на државата кај НБРМ и тоа поголемо трошење создава вишок на денарски ликвидни средства, кои вршат притисок на девизниот пазар и ја прават побарувачката на девизи да биде поголема од понудата. Во овој случај, НБРМ со своите инструменти повлекува денари од прометот или продава девизи од девизните резерви, за да ја изедначи понудата со побарувачката на девизи.

Движењата на готовите пари во оптек

Овој тек има силно влијание во водењето на монетарната политика и монетарното реглулирање во Македонија. За да може успешно да ја регулира паричната маса, НБРМ и во услови кога готовите пари имаат високо учество во паричната маса (М1), таа треба да ги осознае и предвиди движењата на готовите пари, особено сезонските движења. НБРМ треба навреме да реагира, од една страна да има доволно готови пари за да ја задоволи потребата од готови парични средства, а од друга страна да го неутрализира нивниот зголемен ефект.[12]

Паричната маса во Македонија[уреди | уреди извор]

На крајот на декември 2016 година, најшироката дефиниција на паричната маса (монетарниот агрегат М4) во Македонија изнесувала 351.222 милиони денари, додека на крајот од јуни 2017 година таа паднала на 347.157 милиони денари. Во тие рамки, готовите пари во оптек изнесувале 28.193 милиони денари во декември 2016 година, односно 28.473 милиони денари во јуни 2017 година.[13]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Љупчо Трпески, Монетарна економија, Скен поинт, Скопје, 2010, стр.277.
  2. Љупчо Трпески, Монетарна економија, Скен поинт, Скопје, 2010, стр.277-278.
  3. Љупчо Трпески, Монетарна економија, Скен поинт, Скопје, 2010, стр. 278.
  4. Љупчо Трпески, Монетарна економија, Скен поинт, Скопје, 2010, стр. 279.
  5. Љупчо Трпески, Монетарна економија, Скен поинт, Скопје, 2010, стр. 279-281.
  6. Љупчо Трпески, Монетарна економија, Скен поинт, Скопје, 2010, стр. 284-286.
  7. Љупчо Трпески, Монетарна економија, Скен поинт, Скопје, 2010, стр. 286-288.
  8. Љупчо Трпески, Монетарна економија, Скен поинт, Скопје, 2010, стр. 288-289.
  9. Љупчо Трпески, Монетарна економија, Скен поинт, Скопје, 2010, стр. 290-291.
  10. Љупчо Трпески, Монетарна економија, Скен поинт, Скопје, 2010, стр. 292-295.
  11. Љупчо Трпески, Монетарна економија, Скен поинт, Скопје, 2010, стр. 297.
  12. Љупчо Трпески, Монетарна економија, Скен поинт, Скопје, 2010, стр. 297-300.
  13. НБРМ, „Соопштение за печат“ (пристапено на 2.1.2018)