Девизен пазар

Од Википедија — слободната енциклопедија

Девизен пазар (англиски: exchange rate market) претставува место каде парите деноминирани во една валута се разменуваат (купуваат и продаваат) со пари деноминирани во друга валута.[1] Во потесна смисла на зборот, девизниот пазар претставува перманентно среќавање на понудата и побарувачката на слободни девизни средства (валути и девизи); додека во поширока смисла на зборот девизниот пазар опфаќа купопродажба на девизи, одржување на т.н. девизни позиции, девизна арбитража, девизни шпекулации итн. Постоењето на девизниот пазар се јавува како неопходност со цел да се обезбеди непречено извршување на трансакциите меѓу партнери од различни земји.

Цената на една валута изразена во друга валута се нарекува девизен курс.[2] Девизните курсеви на девизниот пазар се одредуваат преку интеракција на домаќинствата, претпријатијата и финансиските институции, кои купуваат и продаваат девизи за да вршат меѓународни плаќања.

Главниот промет на девизниот пазар, 1988–2007 година, измерен во милијарди американски долари

Одлики на девизниот пазар[уреди | уреди извор]

Мерено според обемот на трговија, девизниот пазар е убедливо најголемиот финансиски пазар: во светски рамки, дневниот промет на традиционалниот девизен пазар изнесува 4 трилиони долари. Благодарение на различните часовни појаси, девизниот пазар претставува единствен, глобален пазар кој работи нон-стоп. Девизниот пазар не е институционализиран, како што се берзите на хартии од вредност, туку претставува мрежа на голем број банки ширум светот, меѓусебно поврзани преку средствата за комуникација (телефон, факс, интернет-врските, т.е. воопшто не постои физички контакт помеѓу учесниците) кои прават девизниот пазар да е единствениот пазар на кој „сонцето никогаш не заоѓа“. Сепак, најголем дел од светската трговија со девизи се извршува во неколку поголеми финансиски центри, како што се: Лондон, Њујорк, Токио, Цирих и Сингапур. Банките се јавуваат како главни учесници на девизниот пазар, а покрај нив, учествуваат и претпријатија, девизни брокери, небанкарски финансиски институции (како што се:пензиските фондови, инвестиционите фондови, осигурителните друштва и др.) и Централните банки.[2] Околу 50% од сите трансакции ги извршуваат 20 најголеми светски банки или нивни подружници), а најзначајни трговци со девизи се: Deutsche Bank, Citibank и J. P. Morgan Chase. Лондон, Њујорк и Токио се трите најголеми центри во трговијата со девизи.[3]
Во 2015 година, министерството за правда на САД склучило вонсудска спогодба со четири глобални банки („Ситигруп“, „ЈПМорган Чејс“, „Барклис банк“ и Кралската банка на Шкотска), кои ги прекршиле правилата за антимонополско однесување на девизниот пазар. Овие банки признале дека неформално се здружиле при одредување на т.н. World Markets/Reuters fix (WM/R fix) и се согласиле да платат казна од 5,6 милијарди долари. Покрај нив, како виновна била прогласена и банката „УБС“, која се согласила да плати казна од над 500 милиони долари.[4]

Функции на девизниот пазар[уреди | уреди извор]

  1. Девизниот пазар е битен сегмент од вкупното пазарно функционирање на една национална економија.
  2. Девизниот пазар, според својата природа, обезбедува најдобра алокација на девизите.
  3. Девизниот пазар претставува место кое на најдобар начин го определува девизниот курс и овозможува негова реалност.
  4. Девизниот пазар обезбедува ефикасни трансакциони врски на домашното со странското стопанство.
  5. Девизниот пазар воспоставува врски помеѓи одделни национални финансиски пазари.

Организација на девизниот пазар[уреди | уреди извор]

Локација[уреди | уреди извор]

Операциите на девизниот пазар можат да се извршат на два начини:[5]

  1. Преку шалтерски пазар – (непосредно)
  2. Тргување преку телефон или SWIFT (Society for Worldwide Interbank Financial Telecommunications)

Учесници на девизниот пазар[уреди | уреди извор]

Главни учесници на девизниот пазар се комерцијалните банки, корпорациите кои се вклучени во меѓународната трговија, небанкарските институции и централните банки. На девизниот пазар, исто така, можат да учествуваат и поединци (на пример: турист кој купува девизи од рецепција во хотел), но таквите готовински трансакции имаат незначителен удел во вкупната трговија со девизи.

  1. Комерцијални банки – Комерцијалните банки се во центарот на девизниот пазар затоа што скоро секоја поголема меѓународна трансакција вклучува задолжување и кредитирање на сметките на комерцијалните банки во различни финансиски центри. Така, најголем број на девизни трансакции вклучуваат размена на банкарски депозити деноминирани во различни валути. Банките рутински тргуваат на девизниот пазар за да ги задоволат потребите на своите клиенти – пред сè корпорациите. Покрај тоа, сите банки, исто така, ги објавуваат и девизните курсеви по кои таа е подготвена да купи или продаде девизи од/на другите банки. Овие курсеви се наречени меѓубанкарски курсеви и според нив се тргуваат суми поголеми од 1 милион долари. Девизното тргување помеѓу банки – наречено меѓубанкарско тргување (анг:interbank market) – е една од најзастапените активности на девизниот пазар. Курсевите кои им се нудат на клиентите-корпорациите, наречени малопродажни курсеви, обично се понеповолни од големопродажните меѓубанкарски курсеви. Разликата помеѓу малопродажните и големопродажните курсеви, всушност, е надоместокот на банката за извршената работа или услуга. Важноста на банките на девизниот пазар се гледа во тоа што тие се во можност да ги доведат купувачите и продавачите на девизи на едно место. Со услужувањето на повеќе клиенти истовремено, преку единечно големо купување на определена валута, банката може да заштеди на трошоците кои се појавуваат при наоѓањето на информации. Првиот пазар каде банките купуваат (или продаваат) девизи на претпријатијата се нарекува пазар на мало (анг: retail market); додека пазарот каде банките тргуваат меѓу себе се нарекува пазар на големо (анг: wholesale market).
  2. Корпорации – Корпорациите кои работат во повеќе земји, честопати извршуваат или примаат плаќања во валути кои не се во домашната валута на земјата во која им е седиштето. Без постоење на девизниот пазар, една корпорација тешко би се нашла во ситуација да пронајде друго претпријатие кое е подготвено и во можност да ја продаде (купи) истата сума во бараната валута.
  3. Небанкарски финансиски институции – Дерегулацијата на финансиските пазари и појавата на нови финансиски инструменти, од ден на ден, сè повеќе ги охрабрува небанкарските финансиски институции да им нудат на своите клиенти широк спектар на нови услуги, голем дел од нив скоро исти како оние кои ги нудат банките. Меѓу овие се вбројуваат и услугите кои вклучуваат и девизни трансакции. Институционалните инвеститори, како што се пензиските и инвестиционите фондови и осигурителните компании, честопати вршат купопродажни на хартии од вредност чиј издавач се наоѓа надвор од нивната матична земја, па тргувањето со девизи за нив е неизбежно.
  4. Централни банки – И покрај тоа што обемот на трансакциите на централните банки типично не е голем, влијанието на овие трансакции може да биде огромно. Причината за ова влијание е дека учесниците на девизниот пазар внимателно ги следат чекорите на централната банка, заради формирање на ставовите за идните макроекономски политики кои можат да влијаат врз девизните курсеви. Владините агенции, покрај централните банки можат, исто така, да тргуваат на девизниот пазар, но централните банки се најрегуларните службени учесници.

Видови девизни пазари[уреди | уреди извор]

Во зависност од времето кога купувачот и продавачот на девизи ги извршуваат своите обврски, разликува два вида на пазари:[6][7]

  1. Промптен девизен пазар, т.е. пазар со сегашна испорака – (англиски: spot market), каде што двете страни постигнуваат согласност за размена на девизите и ја извршуваат трансакцијата веднаш. Со други зборови, тоа се трансакции кои се извршуваат веднаш (моментно), т.е. продавачот ги продава девизите, а купувачот ја плаќа цената. Но, се случува самото извршување на трансакцијата да не се изврши на датата кога е склучена, туку вообичаено е преносот и плаќањето на девизите да се врши најдоцна до два дена од денот на склучувањето на трансакцијата. Ова задоцнување се јавува поради тоа што, во повеќето случаи, потребни се два дена за давање на инструкции за плаќање (како што се чековите) за да поминат низ целиот банкарски систем.
  2. Термински девизен пазар, т.е. пазар со идна испорака – (англиски: forward market), каде што трансакцијата се склучува денес, но самата купопродажба се извршува на некоја дата во иднината. Вообичаените учесници на терминскиот девизен пазар се: арбитражерите (кои се задолжени да ја чуваат валутата), шпекулаторите и хеџерите (англиски: hedgers).

Директна и индиректна котација[уреди | уреди извор]

На девизниот пазар, девинзите куреви можат да се објават на два начина:[8]

  • директна котација - девизниот курс е прикажан како износ на домашни пари за единица од странската валута.
  • индиректна котација - девизниот курс е прикажан како износ на странски пари за единица од домашната валута.

На пример, банка со седиште во САД го објави курсот на еврото, директна котација би била: 1 евро = 1,031 американски долари, додека индиректна котација би била: 1 американски долар = 0,97 евра. Притоа, двете котации се еквивалентни, зашто директната котација може лесно да се претвори во индиректна котација и обратно. Тоа се постигнува така што едната котација претставува реципрочна вредност од другата котација. На пример, ако директната котација гласи: 1 евро = 1,1031 долари, тогаш индиректната котација ќе се пресмета како: 1 / 1,0131 = 0,97 евра за еден долар. Обратно, ако е дадена индиректната котација: 1 долар = 0,97 евра, директната котација ќе се пресмета како: 1 / 0,97 = 1,031 долари за едно евро.

Куповен и продажен девизен курс[уреди | уреди извор]

Трговците со девизи остваруваат заработка од разликата меѓу куповниот (англиски: bid) и продажниот (англиски: ask) девизен курс. Оваа разлика се нарекува распон (англиски: spread) и најчесто се изразува како процент од продажниот курс:[9]

Распон = (продажен курс - куповен курс) / продажен курс

На пример, ако куповниот курс на британската фунта изнесува 1,52 долари, а продажниот курс е еднаков на 1,60 долари, распонот ќе се пресмета како:

Распон = (1,60 - 1,52) / 1,60 = 0,05 = 5 %.

Распонот зависи од повеќе фактори меѓу кои најзначајни се:[10]

Девизниот пазар во Македонија[уреди | уреди извор]

Девизниот пазар во Македонија бил воспоставен во мај 1993 год., и тоа како институционализиран пазар во рамките на НБРМ. Во овој период, трговијата со девизи се вршела на девизните пазари во овластените банки, а претпријатијата можеле меѓу себе да си купуваат и да си продаваат девизи, без посредство на банките. Во овој период, девизниот пазар бил расцепкан и премногу регулиран, со нагласена улога на централната банка.[6]

Во октомври 2002 год. започнала нова етапа во функционирањето на македонскиот девизен пазар. Притоа, новиот, реформиран девизен пазар ги поседува следниве одлики:

  • девизниот пазар не е повеќе од берзански тип, туку претставува шалтерски пазар;
  • како учесници во трговијата со девизи се јавуваат претпријатијата, банките и НБРМ;
  • претпријатијата немаат обврска да ги продадат девизите во одреден рок, туку со нив можат да располагаат неограничено на своите девизни сметки;
  • претпријатијата не можат директно да тргуваат со девизи, туку само преку овластени банки;
  • банките објавуваат продажни и куповни курсеви, коишто може да се менуваат во текот на денот и;
  • централната банка интервенира на девизниот пазар преку банките-поддржувачи.

Инаку, како посебен дел на девизниот пазар се јавува меѓубанкарскиот пазар на кој банките тргуваат меѓу себе и со банките-поддржувачи (анг: market makers). Со цел да го одржи курсот на денарот на одредено ниво, на овој пазар често интервенира централната банка, која купува или продава девизи преку четирите банки поддржувачи (денес тоа се: Комерцијална банка АД Скопје; Стопанска банка АД Скопје, НЛБ Тутунска банка АД Скопје и Шпаркасе банка АД Скопје)[11]. Инаку, на девизниот пазар, преносот на девизите и на денарите се врши по електронски пат, при што, за таа цел, во 2005 година централната банка им обезбедила на банките електронска платформа за тргување. Девизниот пазар работи секој работен ден од 9:00 до 15:30 часот, а минималниот износ на девизи со кој може да се тргува изнесува 30 000 евра на обичниот пазар, односно 350 000 евра за поддржувачите на пазарот. За извршување на услуги за физичките лица, работното време се разликува од банка до банка (на пример, во Комерцијална банка тоа е од 9:00 до 14:30 часот,[12] додека во Стопанска банка АД Скопје тоа е од 8:30 до 16:00 часот.[13]) На девизниот пазар може да се склучат трансакции со сегашна испорака, со рок на извршување од 48 часа, како и трансакции со идна испорака, а може да се тргува и со валутни фјучерси и опции (кои сè уште не постојат). Во 2010 година, прометот на девизниот пазар изнесувал 6,15 милијарди евра (или 25 милиони евра дневно), а најголем дел од тргувањата со девизи (84%) се вршел меѓу банките и претпријатијата.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Михаил Петковски, „Финансиски пазари и институции“ (второ и дополнето издание), Економски факултет – Скопје, 2009, стр. 117-119.
  2. 2,0 2,1 Горан Петревски, „Банкарски менаџмент“ (второ издание), Економски факултет – Скопје, 2011, стр. 366.
  3. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 51.
  4. Игор Давков, „Сложни браќа...“, Економија и бизнис, година 18, број 204, 18 јуни 2015, стр. 62-65.
  5. Михаил Петковски, „Финансиски пазари и институции“ (второ и дополнето издание), Економски факултет – Скопје 2009, стр. 117-119.
  6. 6,0 6,1 Горан Петревски, „Банкарски менаџмент“ (второ издание), Економски факултет – Скопје, 2011, стр. 367.
  7. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 51-53.
  8. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 56-58.
  9. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 55.
  10. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 56.
  11. Народна банка на Република Македонија
  12. Комерцијална банка АД Скопје
  13. Стопанска банка АД Скопје