Арбитража

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Арбитража е механизам за донесување одлуки кој се користи кога две или повеќе спротивставени страни не можат да постигнат договор или продолжеток на работата кон комплементарната цел.[1]

Дефиниција[уреди | уреди извор]

Етимолошко значење на зборот арбитража се поврзува за латинскиот збор per arbiter, што во превод значи избран судија, односно за зборот arbitare, кое означува пресудување во својство на избран судија. Страните учеснички се согласуваат да именуваат неутрално лице или лице кое ќе донесе одлука откако ќе ги сослуша ставовите на двете страни. Воопштено, во правото, арбитражата има за цел решавање на споровите помеѓу државите од страна на избраните судии, врз основа на почитувањето на правото.

Арбитражата претставува приватен метод за решавање на споровите, без да се води судска постапка, т.е. како судски начин на решавање на споровите пред недржавен суд на кој страните во спорот доброволно му го довериле одлучувањето за конкретниот спор, кој со арбитражата ќе биде дефинитивно и конечно решен. Но, иако е недржавен суд, арбитражата е призната од државата. за да може некој спор да биде решен преку арбитража, потребно е да постои законска можност за тоа и двете страни да се согласат на тоа. Согласноста може да се даде пред појавата на спорот, т.е. во договорот да се наведе дека евентуалните спорови ќе се решаваат преку арбитража или по појавата на спорот, кога двете страни склучуваат посебен договор за решавање на спорот преку арбитража. Секоја држава определува кои спорови може да бидат предмет на арбитража, а кај кои е исклучена таквата можност. Најчесто, арбитражата е прифатена како метод на решавање на споровите за права со кои слободно располагаат страните, т.е. за диспозитивните права (на пример, правата од индустриска сопственост).[2]

Карактеристики на арбитражата[уреди | уреди извор]

За разлика од судските процеси, арбитражата завршува во покус временски период, поевтини се, одлучува независно лице и се флексибилно, во согласност со потребите на странките. Исто така, за разлика од судските постапки, арбитражите се едностепени и во нив нема можност за правни лекови пред повеќе судски инстанци. Најчесто, при арбитражата, доказната постапка се изведува во мал број рочишта, кои траат неколку дена или неколку недели, а потоа арбитрите ја носат одлуката. Арбитражната одлука е конечна и странките немаат право на жалба, а одлуката има правосилно дејство и претставува извршна исправа. Флексибилноста и помалата формалност на постапката овозможува двете странки да го договорат временскиот распоред на процесните дејствија, со што арбитражата е поефикасна. Инаку, странките сами ги избираат арбитрите, најчесто од списокот на квалификувани лица на арбитражната институција. Условите за избор и за запишување на арбитрите се строго утврдени од арбитражните институции. Странките сами го избираат јазикот на кој ќе се води арбитражната постапка, а тие можат да го договорат и местото на арбитражата при што арбитрите и странките може да се состанат на кое и да било друго место, надвор од арбитражната институција. Предноста на арбитражата се состои и во тоа што странките имаат можност да го изберат меродавното право во постапката,

кое однапред им е познато на странките. Арбитражата се темели врз принципот на нејавност и доверливост, т.е. целата постапка се спроведува далеку од очите на јавноста, т.е. освен арбитрите, странките и нивните застапници, никој друг не може да присуствува на рочиштата или да знаат за самата арбитража. Неформалната атмосфера при арбитражата овозможува странките во спорот да ги задржат своите односи и во иднина, а најчесто арбитражните одлуки ги извршуваат странките во спорот, и тоа доброволно. Според одредени истражувања, само 11% од одлуките во меѓународната трговска арбитража не се извршуваат доброволно и за нив се спроведува извршна постапка.[3]

Историски развој[уреди | уреди извор]

Помеѓу првите договори во кои се споменува арбитражата е некој вид арбитражен компромис помеѓу сумерските градови на Лагош и Уме, за подоцна да продолжи и во античка Грција, а во изменет облик и во средниот век. Голема промена внесува арбитражата во случајот „Алабама“ (1872) по повод на спорот што изби помеѓу САД и Велика Британија, по што Британија дозволувајќи изградба на воениот брод „Алабама“, кој во Американската граѓанска војна 1861-1865 година бил состав на воената флота на јужните држави, според толкувањето на САД ги прекршила обврските на неутрална држава. Благодарение на успешното завршување на спорот „Алабама“ се дошло до тоа да во арбитражата се препознало идеално средство за зачувување на мирот. Хашките конвенции за мирно решавање на споровите, на арбитражата ѝ даваат централно место (дури 54 од вкупно 97 членови на Конвенцијата ѝ се посветени на арбитражата). За сите арбитражни случаи надлежен е Постојаниот арбитражен суд со седиште во Хаг, основан на Првата хашка конференција во 1899 година, со исклучок ако странките се договорат да основаат посебен арбитражен суд.

Арбитражната практика во светот[уреди | уреди извор]

Арбитражата за споровите од областа на индустриската сопственост се спроведуваат пред повеќе институции во светот. На пример, во рамките на Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO), која е специјализирана организација на ООН, постои Центар за арбитража и медијација (основан во 1994 година), кој обезбедува арбитража, забрзана арбитража, медијација и вештачење. Заклучно со 2016 година, овој центар има администрирано над 450 случаи, а постапките се водени на разни јазици: англиски, француски, германски, италијански и шпански. На списокот на центарот се наоѓаат над 1.500 стручни лица во разни области, кои служат како арбитри во споровите. Во споровите арбитрирани преку овој центар учествувале странки од повеќе земји, како: САД, Франција, Индија, Италија, Израел, Јапонија, Кина, Швајцарија, Шпанија, Холандија итн. Притоа, предмет на арбитража биле спорови поврзани со авторски права, договори за дистрибуција на фармацевтски производи, лиценциран софтвер, договори за заеднички инвестиции, патенти, лиценци, трговски марки, права за ТВ-пренос, телекомуникациски договори итн. Во Македонија, единствената арбитражна институција е Постојаниот избран суд-Арбитража во рамките на Стопанската комора на Македонија (ПИСА при СКМ)[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Правдико мк
  2. Емилија Ѓорѓиоска, „Предностите на арбитражата во спорови од индустриска сопственост“, Економија и бизнис, година 19, број 227, мај 2017, стр. 62-63.
  3. Емилија Ѓорѓиоска, „Предностите на арбитражата во спорови од индустриска сопственост“, Економија и бизнис, година 19, број 227, мај 2017, стр. 64-65.
  4. Емилија Ѓорѓиоска, „Предностите на арбитражата во спорови од индустриска сопственост“, Економија и бизнис, година 19, број 227, мај 2017, стр. 62-64.