Естер Дифло

Од Википедија — слободната енциклопедија
Естер Дифло во 2009 г.

Естер Дифло (француски: Esther Duflo, р. 25 октомври 1972) — француско-американска економистка, добитник на Нобеловата награда за економија во 2019 година, за придонесот во „разбирањето на процесот на развојот и на ублажувањето на сиромаштијата“, т,е, во методологијата на емпириската анализа на сиромаштијата и во осмислувањето политики за ублажување на сиромаштијата и за поттикнување на економскиот растеж и развој.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Естер Дифло е родена на 25 октомври 1972 година. Таа работи како професорка на Масачусетскиот технолошки институт (МИТ).[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Анализирајќи ја сиромаштијата во помалку развиените земји, Дифло забележува дека ниската продуктивност во овие земји е резултат на големите внатрешни разлики во продуктивноста, т.е. на големиот број фирми и поединци кои употребуваат нископродуктивни начини на производство. Во соработка со нејзиниот сопруг Абиџит Банерџи, Дифло ги истражувала ефектите од ангажирањето наставни асистенти кои работеле со слабите ученици во училиштата во Индија. Нивните експерименти покажале дека ангажирањето вакви асистенти (тутори) имало значаен позитивен ефект врз зголемувањето на резултатите на децата од сиромашните заедници. Понатаму, во соработка со Мајкл Кремер, Дифло ги испитувала и причините на недоволната мотивација на учителите во Индија при што дошле до следниве сознанија: ангажирањето дополнителни учители кои работеле по договор (привремено вработување) значително ги подобрило резултатите на учениците; намалувањето на бројот на учениците по еден учител немало позитивен ефект врз резултатите од учењето. Дифло и Банерџи ги анализирале и ефектите од воведувањето мобилни клиники за вакцинација при што покажале дека тоа предизвикало пораст на стапката на вакцинирање од 6% на 18%, а доделувањето бесплатни кесички со леќа на родителите довеле до зголемување на стапката на вакцинација на 39%.[2]

Понатаму, Дифло и Кремер го истражувале однесувањето на ситните земјоделци во Потсахарска Африка, особено во врска со употребата на вештачки ѓубрива. Притоа, тие дошле до сознанија дека недоволните информации и недоволното знаење не се главната причина за нивната недоволна употреба. Како дел од експериментите на Дифло и Кремер, на земјоделците им биле понудени два типа на субвенции: субвенција распределена во подолг временски период и субвенција која важи краток период. Нивните експерименти покажале дека употребата на вештачки ѓубрива од страна на земјоделците се зголемила за 50%, кога им била понудена мала субвенција (бесплатна испорака на ѓубривата) со ограничен рок во споредба со втората форма на голема субвенција (50% попуст на ѓубривата плус бесплатна испорака) која би им била исплатена подоцна.[3]

Дифло и Банерџи го истражувале и пошироките развојни ефекти на програмите за микрокредитирање. Нивните експерименти во индискиот град Хајдерабад покажале дека микрокредитите предизвикуваат мали ефекти во однос на потрошувачката по глава на жител и во поглед на издатоците за здравствена заштита и образование на децата на сиромашните луѓе. Исто така, експериментите покажале дека микрокредитите најчесто се користеле за финансирање на постојните бизниси, а помалку за отворање нови бизниси. Така, тие заклучиле дека микрокредитите не се основниот мотор за поттикнување на економскиот развој во сиромашните заедници.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 28.
  2. Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 29.
  3. Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 30-31.
  4. Владимир Филиповски, „Нобеловци по економија за 2019 година: Иновативна методологија на истражување на проблемите на сиромаштијата и економскиот развој“, Економија и бизнис, година 21, број 255, ноември 2019, стр. 31.