Преведување

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Преведувањето претставува толкување на значењето на текстот и на следниот резултат на еквивалентниот текст и ја пренесува истата порака на друг јазик. Текстот кој се преведува се нарекува „изворен текст“ и јазикот на кој се преведува се нарекува „целен јазик“; крајниот резултат понекогаш се нарекува „целен текст“.

Во преведувањето мора да се земат предвид нелогичностите вклучени во содржината, граматички правила на двата јазика, нивните обичаи на пишување, и нивните идиоми. Вообичаено недоразбирање е дека постои едноставно поклопување од збор до збор помеѓу двата јазика и дека тоа преведување е едноставен механички процес, таков буквален превод сепак не може да ги земе предвид содржината, граматиката, нелогичностите и идиомите.

Преведувањето е проследено со можноста за „проширување“ на идиомите и употребите на еден јазик во друг откога двата јазика коегзистираат во умот на преведувачот. Такво проширување лесно создава лингвистички комбинации како на пример: „франглез“ (комбинација од француски и англиски), „шпанглез“ (шпански и англиски), „поглез“(полски и англиски) и „портуњол“ (португалски и шпански).

Од друга страна, меѓујазичните слевања, исто така, служат за корисна намена на префрлање на преведуванки и заемки од „изворен“ во „целен јазик“, на што претходно му недостасувал концепт или нелогично искажување. Преведувачите, толкувачите, професионалци како и аматери, на тој начин имаат важна улога во развојот на јазиците и културите.

Уметноста на преведувањето е старa колку и пишаната литература. Делови од сумерскиот еп за Гилгамеш, еден од најстарите познати литературни дела, бил преведен на неколку азијатски јазици во вториот милениум п.н.е. Епот за Гилгамеш веројатно бил читан и од раните автори на Библијата и на Илијада, на нивен мајчин јазик.

Со појавата на сметачите биле направени обиди да се автоматизира преведувањето на текстовите на природен јазик (машинско преведување) или да се користат сметачите како помагало при преведувањето (сметачки-потпомогнато преведување).

Етимологија[уреди]

Етимолошки „преведувањето“ означува пренесување, односно носење преку. Зборот транслација, односно, преведување, потекнува од латинскиот збор translatio (кој пак доаѓа од trans- и fero, кои заедно означуваат „пренесување“ или "преведување").

Германските јазици (освен холандскиот) и словенските јазици исто така се засноваат на овие латински извори.[1]

Од грчкиот термин метафразис (грчки: μετάφρασις), кој означува преведување, потекнува поимот „метафраза“, односно, буквален превод или преведување од збор до збор, за разлика од грчкиот збор парафразис (на грчки: παράφρασις) од кој потекнува терминот „парафраза“, односно, „кажување нешто исто но со други зборови“.[2]

Недоразбирања[уреди]

Почетници, односно аматери во преведувањето понекогаш кон него приоѓаат како тој да е некаква „прецизна“ наука, доследна, без да ги земат в предвид индивидуалните корелации кои постојат помеѓу зборовите и фразите на различни јазици,- приод како во криптографијата. Таквите почетници веројатно претпоставуваат дека сè што е потребно да се преведе еден текст е тоа да се „енкодираат“ (шифрираат) или “декодираат“ еквивалентите помеѓу двата јазика, користејќи речник како „клуч за дешифрирање“.

Напротив, таква постојана врска би постоела само ако некој нов јазик е синтетизиран и истовремено складен со претходните домени на значењето на јазикот, етимологиите и лексичките сегменти. Но и кај новиот јазик нема криптографската примена, бидејќи постепено зборот ќе почне да поприма нови нијанси на значење и ќе се отфрлат претходните асоцијации токму поради самата дијахронична улога на секој јазик. Токму затоа криптографијата и преведувањето се две сосем различни дисциплини.

Друго вообичаено недоразбирање е дека секој кој може да зборува втор јазик е добар преведувач. Во доменот на преведувањето генерално се прифаќа дека најдобрите преведувачи се луѓе кои преведуваат на нивниот мајчин јазик, добро го разбираат изворниот јазик,имаат специфично искуство од домен на тој јазикот и добро го владеат целниот јазик, особено во однос на лексиката и правописот. Освен тоа, добрите преведувачи не се само билингвални, туку се и бикултурни.

Постои дебата дали преведувањето е уметност или вештина. Книжевните преведувачи при расправата сметаат дека преведувањето е уметност како и пишувањето, односно дека е творештво за кое е потребна дарба. Другите преведувачи (кои се занимаваат со технички, комерцијални и легално-правни, односно, судски преводи) сметаат дека нивната работа е вештина која се учи (односно, занает).Сепак, дури и документ кој изгледа едноставен како на пример некоја декларација на продукти, бара одредено ниво на лингвистички способности што ја надминува само техничка терминологија. Затоа, најдобрите преводи се добиваат преку комбинираната употреба на владеење со техничката терминологија и способности во пишувањето.

Преведувањето послужило како школо за пишување на многу истакнати писатели. Преведувачите, вклучително и првите европски преведувачи на Библијата, во текот на нивната работа ги оформиле јазиците на кои преведувале.Тие биле мостови за пренос на познавања и идеи помеѓу културите и цивилизациите. Заедно со идеите, тие во својот јазик пренесувале заемки, цели граматички структури, идиоми и го збогатувале вокабуларот на целниот јазик, црпејќи од изворниот.

Толкување[уреди]

Кортез (седнат) и Ла Малинче (до него) во Ксалтелолко

Толкувањето односно интерпретирањето,е интелектуална активност што се состои од усна или јазична комуникација,силмултано или консекутивно, меѓу двајца или троја соговорници кои не зборуваат на истиот јазик.

Зборовите толкување е општоприфатен во професионалните и преведувачките студии со цел да се избегне мешање со другите значења на зборот интерпретирање, односно “интерпретација“.

На некои јазици ,како во македонскиот, францускиот, англискиот и др. јасна е дисктинкцијата меѓу пишаниот превод (на македонски: преведување, на англиски: translation, француски traduction) и усното преведување (на македонски:толкување, на англиски, француски: interpretation).

Толкувачите одиграле значајни улоги во историјата. Прв пример е Ла Малинче, исто така позната и како Малинцин, Малинали и Доња Марина, жена од раниот 16 век, припадничка на индијанското племе Нахуа од Мексиканскиот залив. Како дете таа била продадена или дадена на маиските трговци со робови и така станала билингвална. Дадена заедно со другите жени на шпанските конквискадори станала инструмент во шпанското освојување на Мексико, во улога на толкувач, советник, посредник и љубовница на Хернан Кортез.[3]

Приближно три века подоцна, во САД, слична улога на толкувач за експедициите на Луис и Кларк во 1804–6 одиграла Сакагавеа. Како дете, жената од Шошон била киднапирана од Индијанците Хидаца и станала билингвална. Сакагавеа ги олеснувала експедициите низ континентот на Северна Америка кои се протегале до Пацификот. Четири децении подоцна, во 1846, Пацификот станал западна граница на Соединетите Држави.

Точност наспроти јасност[уреди]

Дискусиите за теоријата и практиката на преведувањето се воделе уште во античко време. Старите Грци правеле разлика меѓу метафразата (буквален превод) и парафразата. Оваа дистинкција ја прифатил и англискиот поет и преведувач Џон Драјден (1631–1700), кој преведувањето го опишал како мешавина на овие два начина преку селектирање на еквиваленти во целниот јазик за изразите користени во изворниот:

... Би било навреда за авторот (зборовите) да се менуваат. Но бидејќи... тоа што е убаво во еден јазик, честопати е несоодветно, па дури и нелогично во некој друг, би било неразумно да се ограничува преведувачот слепо да ги почитува зборовите на авторот: доволно е тој да избере некои изрази кои не ја извртуваат смислата.[1]


Точноста, односно верност, и јасноста се две одлики што во минатиот милениум се сметале за идеали во преведување, особено за книжевното преведување. Овие два идеала честопати се во контрадикција. Па така, во 17 век, Француските критичари ја создале фразата „les belles infidèles“ за да им укажат на преведувачите дека преводите, исто како и жените, можат да бидат или верни или убави, но не и двете нешта истовремено.[4]

Верноста се однесува на степенот на кој преводот прецизно го пренесува значењето на текстот на изворниот јазик, без додавање или одземање од истиот, без засилување или намалување на некој дел од значењето и притоа без негово изобличување.

Јасноста се однесува на степенот колку преводот изгледа како да е пишуван на јазикот на кој бил пренесен текстот при што се приспособува граматиката, синтетичките и идиоматските обичаи.

Мартин Лутер ја превел Библијата на германски јазик

За преводот што го исполнува првиот критериум се вели дека е верен превод; а преводот кој го исполнува вториот е идиоматски превод. Двете одлики меѓусебно се исклучуваат.

Критериумите за верноста на квалитетот на преводот се прецизноста на оригиналната содржина, видот, функцијата и примената на текстот, неговите литературни карактеристики, неговата социјална и историска содржина и така натаму.

Критериумите за процена на јасноста на преводот се поедноставни: неидиоматскиот превод едноставно „звучи грешно“ и во краен случај, при буквалното преведување од зборот до збор (произведено од системи за машинско преведување), преводот звучи сосем нелогично.

Најчесто, преведувачите на религиозни текстови се држат колку што е можно поблиску до изворниот текст додека пак оние книжевните честопати намерно ги пречекоруваат границите на јазикот со цел за да произведат идиоматски превод. Честопати, кога термините што постојат во некој изворен јазик не постојат во целниот, истите биле позајмувани со што целниот јазик се збогатувал. Поголем проблем при преведувањето претставуваат културните концепти кои немаат еквиваленти во целните јазици. [5]

Цицерон и Хорациј, уште во 1 век п.н.е. се изјаснувале против преведувањето „од збор до збор“ (verbum pro verbo).[2] Денешната практика е слична на онаа во антиката. Освен некои екстремни метафрази во раниот христијански период и во Средниот век : Преведувачите главно покажувале флексибилност во барањето на вистинската формула главно водејќи се по следново: „буквално“ онаму каде што тоа е можно, адаптирано онаму каде што тоа е потребно.[2]

Францускиот преведувач, историчар и теоретичар на преведувањето Антоан Берман (1942–1991) препознал 12 тенденции на изобличување својствени за повеќето преведувачи на прозни текстови (рационализација, појаснување, проширување, облагородување, квалитативно осиромашување, квантитативно осиромашување, уништувањето на ритамот, уништувањето на основните мрежи на значење, уништувањето на јазичните шаблони,уништувањето на изрази и идиоми и др.). Германскиот теолог и философ Фридрих Шлајермахер во своето епохално предавање „Различните методи на преведувањето“ (1813) направил разлика помеѓу методите на преведување што го насочуваат „авторот кон читателот“, односно јасноста, и оние кои го насочуваат „читателот кон авторот“, односно екстремната верност на изворниот текст.

Адаптираното преведување се применувало во некои незападни традиции. Токму затоа индискиот еп Рамајана се појавува во многу верзии на различни индиски јазици а притоа, во секоја верзија и приказните се различни. Сето тоа се должело на слободата која си ја земале преведувачите при преносот од изворниот текст. Слични примери на адаптација можат да се најдат и во средновековната христијанска литература која ги прилагодувала текстовите согласно обичаите и вредностите на публиката.

Еквиваленција[уреди]

Прашањето на верноста наспроти јасноста исто така било формулирано и со термините „формална еквиваленција“ и „динамичка (или функционална) еквиваленција“. Изразите му се припишуваат на преведувачот Ежен Нида и првенствено биле осмислени за да ги опишат начините на преведување на Библијата. Сепак, двата приода можат да се применат на било кој вид преведување.

„Формалната еквиваленција“ одговара на „метафразата“, а „динамичката еквиваленција“ на „[парафраза]]та“.

„Динамичката еквиваленција“ (или „функционална еквиваленција“) ја следи главната мисла изразена во изворниот текст — и доколку е потребно, на сметка на буквалното значење, оригиналната семема и редот на зборовите и сл.

Наспроти тоа, „формалната еквиваленција“ се стреми кон тоа да го пренесе текстот буквално, или „збор по збор“ односно verbum pro verbo) — и доколку е потребно, на сметка на нештата кои се во природата на целниот јазик. Затоа, честопати истата е неприродна, извештачена.

Сепак, не постои остра граница меѓу функционалната и формалната еквиваленција. Напротив, секоја од нив се користи од време на време, и тоа во рамки на еден ист текст и од страна на еден преведувач – понекогаш симултано. Способниот преведувач умее вешто да ги меша и двете еквиваленции.[6]

Повратно преведување[уреди]

Марк Твен, го превел преводот на неговиот расказ Славната рипачка жаба од областа Калаверас

Повратното преведување е постапка кога некој преведен текст, одново се преведува на изворниот јазик со цел да се реконституира оригиналниот текст. Понекогаш ваквата постапка на повратен превод се применува со цел да се провери степенот на верност на преводот.

Пример за ваков обратен превод дал писателот Марк Твен кога го објавил својот превод, на еден негов разказ претходно преведен на француски јазик [7]. Тој во 1903 го објавил својот обратен превод заедно со неговиот оригинален расказ.

Во случај кога ќе се изгуби оригиналот на некој историски документ а притоа останал неговиот превод, научниците прибегнуваат кон обратниот превод со цел да го обноват оригиналниот текст. Тоа било случај и со новелата Ракописот од Сарагоса од полскиот аристократ Јан Поточки (1761-1815). Овој полиглот ја напишал новелата на француски и анонимно објавувал нејзини фрагменти во 1804 и во 1813-14. Делови од оригиналниот француски ракопис подоцна биле изгубени но сепак исчезнатите делови опстанале во полскиот превод на Едмунд Чојецки во 1847 од целосен француски примерок кој сега е изгубен. Верзии на француски јазик на целиот Ракопис од Сарагоса оттогаш биле создадени ,врз основа на постоечките фрагменти на француски јазик и на верзиите на француски јазик во обратен преводот–преведени од полската верзија на Чојецки.[8]

Исто така ,кога историчарите се сомневаат дека некој документот е превод од некој друг јазик, се прави повратен превод кој обезбедува докази врз основа на карактеристики како идиоми, посебни граматички структури и сл. кои всушност потекнуваат од оригиналниот јазик. На пример, познатиот текст на народната приказна „Тил Ојленшпигел“ (Till Eulenspiegel) е на германски, но содржи многу компоненти на долногермански јазик. Тоа се чини како јасен доказ дека приказните (или барем поголем дел од нив) оригинално биле пишувани на долногермански а потоа биле преведени на горногермански од страна на метафразичен преведувач.

Исто така,поддржувачите на арамејскиот примат, односно на ставот дека Новиот Завет во христијанството биле пишувани на оригинален арамејски јазик, својот аргумент сакаат да го докажат покажувајќи дека проблематичните пасуси во постоечките старогрчки текстови на Новиот Завет имаат многу поголема смисла кога обратно се преведени на арамејски.

Врз основа на слични индикации, се смета дека гностичкото Евангелие според Јуда од 2. век, кое опстојало само на коптски, оригинално било напишано на грчки.

Превод на верските текстови[уреди]

Интерференција во преводот: Мојсеј прикажан со рогови, скулптура на Микеланџело

Значајна улога во историјата одиграле преводите на верските текстови. Будистичките монаси кои ги преведувале индиските сутри на кинески јазик често ги изменувале своите преводи нагласувајќи аспекти на кинеската култура.

Еден од првите забележани преводи во западниот свет бил преводот на Стариот Завет на старогрчки јазик (оносно, коине) во 3. век п.н.е. Преводот е познат како „Септуагинта“, име кое реферира седумдесет преведувачи (во некои верзии, седумдесет и двајца) кои биле задолжени да ја преведат Библијата во Александрија, Египет. Секој преведувач работел засебно, во изолирана ќелија и согласно легендата сите седумдесет верзии се покажале идентични. Септуагинтата станала изворен текст на подоцнежните преводи на Библијата на многу други јазици, вклучително на латински, на коптски, на ерменски и на грузиски.

Еден од најголемите преведувачи во историјата се смета дека е Свети Јероним, заштитникот на преведувачите, кој на превел Библијата на латински. Со векови, Римокатоличката црква го користела неговиот превод (познат како Вулгата), иако истиот отпрвин се сметал за контроверзен.

Понатаму, во Европа со протестанството Библијата била преведена на неколку европски јазици што на некој начин допринело и за поделбата на Западното христијанство на католицизам и на протестанство како резултат на расчекорот меѓу католичките и протестантските верзии на круцијалните зборови и пасуси во Светата книга. Главно меѓу позначајните преведувачи на Библијата се споменуваат Мартин Лутер кој ја превел на германски јазик, Јакуб Вуџек на полски, и преведувачите на кралот Џејмс кои ја превеле на англиски.

При преводите на Библијата се среќавале доста интерференции па така на пример хебрејскиот збор керен, (на хебру: קֶרֶן) кој значел „рог” во контекстот впрочем означувал „зрак светлина“. Како резултат на ова, ликовните уметници со векови го претставувале Мојсеј со рогови на челото. Пример за ова е познатата скулптура на Микеланџело. Некои христијани со антисемитски ставови го користеле овој опис за да шират омраза кон Евреите, тврдејки дека тие се ѓаволи со рогови.

Книжевно преведување[уреди]

Преведувањето книжевни дела се смета за лична творечка и литературна активност. Многу познати писатели и самите биле преведувачи како Владимир Набоков, Хорхе Луис Борхес, Роберт Стилер, Харуки Мураками и многу други.

Историја на западното книжевно преведување[уреди]

Првиот значаен превод на Западот бил тој на Септуагинтата, колекција на еврејски скриптури на старогрчки јазик - коине - во Александрија меѓу 3 и 1 век п.н.е. Раселените Евреи го имале заборавено јазикот на нивните претци и им биле потребни грчките верзии (преводи) за читање на Светото писмо.[9]

Во тек на Средниот век латинскиот јазик бил ''лингва франка'' на западниот учен свет. Во 9 век Алфред Велики, кралот на Весекс во Англија бил чекор подалеку од своето време и нарачал на англосаксонски да се преведат делата Црковна историја од Бид и Утехата на философијата од Боециј. Во меѓувреме христијанската црква ги отфрлила дури и делумните адаптации на Вулгатата на Свети Јероним од околу 384 година,[10] која била стандардна латинска Библија.

Првите подобри преводи на англиски јазик биле направени во 14 век од страна на Џефри Чосер кој направил адаптација од италијански на Џовани Бокачо во неговото дело Приказна за Витезот и Троил и Кресеида ;започнал да го преведува Романот за розата од француски и завршил со превод на Боециј од латински. Чосер е основоположник на англиска поетска традиција на книжевни адаптации и преводи од оние раноутврдени книжевни јазици. [11]

Првиот поголем англиски превод бил Вајклифската Библија која ја покажала слабоста на англиска проза. При крајот на 15 век почнала ерата на преведување во англиската проза со Смртта на Артур од Томас Малору - адаптација на легендите за кралот Артур кои толку слободно преведена што тешко може да се нарече вистински превод. Првите големи преводи од тјудорскиот период биле Тиндејловата Библија (1525), која извршила влијание врз Дозволената верзија (1611), и верзијата на лорд Бернер на Хрониките на Жан Фроасар (1523–25).[12]

Марсилио Фичино, преведувач на Платон

Истовремено,во ренесансна Италија започнал нов период во историјата на преведувањето, во Фиренца, со доаѓањето на византискиот философ Георгиј Гемистос Плетон во дворецот на Козимо де Медичи токму пред падот на Константинопол (1453). Делата на Платон биле преведени на латинските од страна на Марсилио Фичино.Ова и латинското издание на Новиот Завет на Еразмо водело кон нов став кон преведувањето. За првпат читателите барале строгост во преведувањето бидејки философските и религиските верувања зависеле од точните зборови на Платон, Аристотел и Христос.[13]

Во Европа книжевноста продолжувала да се потпира на адаптацијата. Плејадата на Франција, поетите во Англија од времето на Тјудор, и преведувачите во елизабетанскиот период адаптирале теми од Хорациј,Овидиј и Петрарка и од современи латински писатели формирајќи нови поетски стилови врз основа на овие модели. Англиксите поети и преведувачи барале начин да обезбедат една нова публика создадена со подемот на средната класа и со развојот на печатарството, со дела какви што изворните автори би пишувале, да пишувале во Англија во тоа време.[14]

Во втората половина на 17 век, поетот Џон Дрajден посакал Вергилиј да зборува „со зборови што веројатно би ги напишал доколку би живеел како Англичанец“. Драјден сепак не осетил потреба да ја емулира префинетоста и концизноста на римскиот поет. Исто така Хомер страдал од обидот на Александар Поуп да го доведе во ред „дивиот рај“ на грчкиот поет.[15]

Во текот на 18 век, преведувачите го испуштале тоа што не разбирале во текстот или сметале дека ќе ги збуни читателите. Тие сметале дека нивниот стил на израз е најдобар и дека текстовите треба да бидат приспособени на преводот. Правеле преводи од преводи на некој трет јазик или од јазици што одвај ги познавале.[16]

19 век донел нови стандарди во прецизноста и во стилот. Што се однесува до прецизноста начелото било „текстот, целиот текст и само текстот“ освен за некои повулгарни пасуси и дополнување на многубројни појаснувачки фусноти.[17] Што се однесува до стилот целта на викторијанските преведувачи, со своите метафрази или квази-метафрази била постојано да ги потсетуваат читателите дека читаат странска класика. Икслучок бил извонредниот превод во овој период на Едвард Фицџералд Рубајат кој го превел персиското дело Рубајат од поетот Омар Хајам (1859) зачувувајќи го ориенталниот стил со користење на персиски имиња.

На самиот почеток на 20 век бил поставен нов модел од страна на Бенџамин Џовет во 1871, кој го превел Платон на лесен и едноставен јазик. Примерот на Џовет не се следел, сè до новиот век кога точноста а не стилот, станал основен критериум.

Историја на источното книжевно преведување[уреди]

Постоела посебна традиција на преведување во Јужна и Источна Азија (главно во денешна Индија и Кина) особено во предавањето на верските текстови – особено будистичките – по налог и водство на кинеската империја. Класичниот индиски превод главно се карактеризира со слободна адаптација а отколку слепо придржување до оригиналот што повеќе било карактеристика за Европа додека кинеската преведувачка теорија идентификува разновидни критериуми и ограничувања во преведувањето.

Во источноазиската синосфера (сфера на кинеско културно влијание), поважно од самото преведување е самото читање на кинески текстови, што пак имало значајно влијание на јапонскиот, корејскиот и виетнамските јазици, со големи заемки во вокабуларот и во пишаниот систем. Значаен е јапонскиот Канбун, кој е систем на глосирање кинески текстови за јапонски читатели.

Во Азија, со ширењето на будизмот довело до долготрајни напори за превод кои траеле и над илјада години. Тангутската империја била особено ефикасна во таквите напори; со користење на тогашниот новитет – печатење со дрвени плочи, и со целосна поддршка на власта (современиците опишувале како императорот и неговата мајка лично придонесувале кон обидите за превод, заедно со мудреците, од различни националности), на Тангутците им беа потребни неколку декади да се преведат томовите, за кои на Кинезите им биле потребни векови да ги поминат.

Широкообемни напори за превод биле преземени од страна на Арапите. По освојувањето на грчкиот свет, тие направија арапски верзии на неговите филозофски и научни трудови. Во средниот век, некои преводи на овие арапски верзии биле направени на латински, главно во Кордоба во Шпанија. Ваквите латински преводи од грчки и оригинални арапски дела на учењата и науката помогнале да се унапреди развојот на европската схоластика.

Книжевното преведување во Македонија[уреди]

Четвртото дело на Јоаким Крчоски напишано во 1817, под наслов „Чудеса пресвјатија Богородици“ од страна на академската јавност (МАНУ) се смета за прв книжевен превод на македонски јазик. Станува збор за грчки текст преведен на чист народен македонски јазик, кој и денес се зборува во Македонија.

Најучениот Македонец во 19 век - прв преведувач меѓу јужните Словени на Светиклиментовото житие на народен македонски јазик - е автор на многу книги напишани на мијачкиот дијалект бил Партениј Зографски. Партениј ги зборувал и познавал францускиот, рускиот, грчкиот, латинскиот, хебрејскиот и старохалдејскиот јазик. Запаметени се зборовите што ги кажал Партениј:

„Учи напред книга на свој јазик, после, ако имаш време, учи и на други јазици. Тој што учит книга толко на туѓ јазик, а не на својот (како што прават некои от нашите Бугари) тој е еднаков со оној што ја отфлјат мајка си и на место неја земат друга.“


Престојувајќи на Синајскиот Полуостров Теодосиј Синаитски ја започнал својата културно-просветна дејност. Во тоа време манастирот „Света Катерина“ на Синај, каде што бил сместен идниот македонски печатар, бил познат како црковно-книжевен центар и како ризница на многу сочувани стари ракописи, на чие преведување работеле повеќе луѓе. Наоѓајќи се во таква културна средина, под влијание на словенската традиција и на многуте словенски ракописи што биле сочувани во тамошната манастирска библиотека, грчкиот воспитаник Теодосиј почнал национално да се буди и осознава. Таму ги научил црковнословенскиот јазик и словенската азбука и писмо, и се зафатил со преведување на разни молитви и други погодни богослужбени текстови од грчки на словенски јазик, со примеси на македонскиот народен говорен јазик. Преведените црковни текстови и молитви преку писма им ги испраќал на своите синови, роднини и пријатели во Дојран, со напомена - да бидат растурени и раширени меѓу правоверните христијани во неговото родно место, и пошироко. Црковни текстови, преведени на прост народен јазик, испраќал и на своите пријатели во други краишта на Македонија, со цел да бидат изучувани од правоверните христијани, како и да се шират културата и просветата меѓу македонското население преку црквата.[18]

Хомер за првпат во Македонија бил препеан од старогрчки во 1953 година од страна на Михаил Д. Петрушевски.[19], како избор текстови од Илијада и Одисеја а потоа во 1982 истиот преведувач и интегрално го препеал делото Илијада. [20] а во 2008 интегрално е преведен и епот Одисеја. Објавувањето на „Одисеја“ на македонски јазик се подготвувало повеќе години, откако Петрушевски го завршил преводот од оригинален старогрчки јазик на кој работел речиси две децении, а го завршил непосредно пред смртта.[21]

Македонија врз чии темели била создадена Византиската империја имала можност да се сретне и запознае со различни писма, а подоцна и со различните преводи на „книгата над книгите“ – Библијата. Македонците во тоа време ги восприемале по устен и писмен пат и на јазик на мнозинството (латински или грчки) најновите цивилизациски достигнувања. Светите браќа Кирил и Методиј, го припремиле патот, а некаде пред крајот на својот живот, свети Методиј скоро целосно, без книгите на Макавеите, ја превел „книгата над книгите“. Така, во 9 век, Библијата била преведена на старословенски јазик разбирлив за Источните Словени. Преписите од преводот на Библијата се ширеле према исток и придонеле Источните словени, меѓу кои и Русите да го примат христијанството.[22] Инаку, првото целосно издание во превод на Библијата (Стар и Нов завет) на современ македонски литературен јазик било издадено од Македонската Православна Црква дури во 1990 а потоа во 1999, Светото писмо повторно било објавено во превод Д.Х.Константинов.[23]

Сонетите на Шекспир за првпат во Македонија биле преведени од страна на поетот Ацо Шопов во 1968 година. Драмите на Вилијам Шекспир,на македонски ги преведел Драги Михајловски. Михајловски до денес преведел 15 драми и 154 сонети. „Целта на преводот“, според Драги Михајловски, „било да се навлезе во творештвото на Шекспир и да се види колку во периодот од појавата на првите македонски преводи од овие четири драми, што ги направија Ацо Шопов, Блаже Конески и Богомил Ѓузел, се развил и пораснал современиот македонски јазик, а со тоа и неговите можности за примање врвни дела од светската книжевност“.

Препев[уреди]

Преведувањето на поезијата се нарекува препев. Поезијата претставува посебен предизвк за преведувачите, со оглед на значењето на формалните аспекти на еден текст, покрај неговата содржина. Во 1959 година во неговата влијателна книга „За лингвистичките аспекти на преведувањето”, рускиот лингвист и семиотичар Роман Јакобсон отишол толку далеку што изјавил дека „поезијата по дефиниција [е] непреводлива”.

Во 1974 година американскиот поет Џејмс Мерил напишал песна, „Изгубени во преводот”, која делумно ја истражува оваа идеја. Прашањето, исто така предмет на дискусија во книгата на Даглас Хофштадер од 1997 година, ((француски) Le Ton Beau де Marot), е дали добар превод на една песна треба да ја пренесува колку што е можно повеќе својата буквална смисла или својата форма и структура (метар, или рима шема на алитерација, итн.).[24]

Теории на превод[уреди]

Во однос на современите теории на преведување генерално се констатира постоење на шест доминирачки правци:

Приоди базирани врз практиката/Комуникациски приод[уреди]

Во делото Толкување за превод , Д.Селешкович и М. Ледерер поддржуваат теза дека треба да се преведува значењето а не јазикот. Јазикот, според нив е обичен носител на пораката. Јазикот може да биде пречка при разбирањето. Затоа треба секогаш да се избегнува да се транскодира и во тек на преведувачката дејност да се пристапува кон девербализацијата.

Приоди базирани врз книжевните теории[уреди]

Овој правец смета дека преводот не не лингвистичка операција туку дека повеќе е книжевна операција (Едмонд Кари). Со други зборови : за да се преведе поезија, треба да се биде поет. (Езра Паунд, Валтер Бенјамин, Антоан Берман). Станува збор за концепција која препознава енергија во јазикот. Зборовите на некој начин се кристализација на историското преживување на некоја култура и ним тоа им ја дава силата па затоа треба да се преведе токму таа енергија.

Социолонгвистички правец[уреди]

Социјалниот модел е тој што определува што е преводливо а што не, што е прифатливо а што не е (селекција, филтер, цензура...) Преведувачот е производ на некое општество и тој преведува согласно својот личен социо-културен багаж. Најважното е читателот при читање на преводот да го почувствува ефектот што изворниот јазик го оставил на оној што го читал текстот во оригинал. За тоа да се постигне треба да се адаптира, да се бараат еквиваленти. (Жан Клод Марго. Преведување без измама (фрTraduire sans Trahir ).

Приоди базирани на лингвистичките теории[уреди]

Структурализам, лингвистика, прагматика. Ова е правец за кој при преводот најзначаен е зборот, синтагмата и реченицата, односно структурата.

Приоди базирани на философските концепти[уреди]

Предводник на ова движење е Џорџ Штајнер. Вистинскиот преведувач треба да е способен да влезе во кожата на писателот со цел да ја сфати и разбере намерата (односно да знае „што тој сакал да каже“) на авторот на изворниот текст. Операцијта на преведување се набљудува низ четири фази: верба (доверба / уверување), агресија , инкорпорација и реституција .

Семиотски приоди[уреди]

Семиотиката е наука за знаците и за системите на значењето. За Пирс процесот на значење (или семиозис) е резултат на кооперација на три елементи: знак, предмет и толкување.

Машинско преведување[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Машинско преведување.

Машинското преведување (МТ) е процес каде сметачка програма го анализира изворниот текст и произведува нов текст без човечка интервенција. Во суштина, машинското преведување сепак вклучува човечка интервенција, во формата на лектура. Исклучок на ова правило може да биде на пр.: преведувањето на технички инструкции (верига на технички термини и придавки), користејки го речникот базиран на машинското преведување.

Досега, машинското преведување – главна цел на обработката на природниот јазик – наиде на ограничен успех. Примерот од 6 ноември, 2007 ја илустрира опасноста од потпирањето на машинското преведување.

Машинското преведување беше изнесено пред широката јавност со алатки достапни на Интернет, како Yahoo !`s, Babel Fish, Babylon и StarDict. Овие алатки даваат груб превод при што сепак се насетува суштината на изворниот текст.

Со соодветна терминологија, со подготовка на изворниот текст за машинското прведување (лектура), и со преработување на машинскиот превод од професионален преведувач, алатките за комерцијалното машинско преведување може да произведат корисни резултати, особено ако системот за машинското преведување е интегрирано со преведувачката меморија или систем за менаџмент и глобализација..[25]

Што се однесува на текстовите (на пр: временски прогнози) со ограничен вокабулар и едноставна структура на реченици, машинското преведување може да даде резултати што не бараат многу човечка интервенција за да бидат корисни. Исто така, употребата на контролниот јазик комбиниран со алатките за машинско преведување, ќе произведе поразбирливи преводи.

Потпирајќи се само на машинското преведување се занемарува фактот дека комуникацијата во човечкиот јазик е вграден контекст и ѝ е потребно на една личност да го разбере контекстот на оригиналниот текст со значаен степен на веројатност. Точно е дека дури и чисто човечки – создаден превод е подложни на грешки. Оттука, да се осигура дека машински-создадениот превод е постигнат, таквите преводи мора да се прегледаат и лекторираат од човек. Клод Пирон напишал дека машинското преведување, ги автоматизира најлесните делови на преведувачката работа, потешките и деловите за кои е потребно повеќе време обично вклучува пребарувања за решавање на двосмисленостите во изворниот текст, што граматичките и лексичките недостатоци кои исто така треба да се решат. Такви пребарувања се потребни воведи во лектурата потребна со цел да обезбеди влезни инфромации за софтверот на машинското преведување така што излезните информации нема да се безначајни.

Сметачки-помогнато преведување[уреди]

Сметачки-помогнатото преведување - КПП, (computer-assisted translation CAT) исто така се нарекува и „computer-aided translation“, „machine-aided human translation - машински-помогнато преведување (MAHT)“ и „interactive translation - интерактивно преведување“, е форма на преведување каде што преведувачот создава целен текст со помош на сметачка програма. Машината поддржува човечки преведувач.

КПП вклучува стандарден речник и граматички софтвер. Терминот, сепак, се однесува на специјализиранта програма достапна за преведувачот, вклучувајки преведувачка меморија, управуавње со терминологијата, согласност и центрирана програма.

Со интернет, преведувачкиот софтвер може да им помогне на неродените говорници да ги разберат веб-страните објавени на други јазици. Алатките за преведување на целата страна се со ограничено користење, сепак, од кога тие понудија само ограничен потенцијал на разбирање на оригиналниот авторски контекст, преведените страни се се повеќе хумористични и збунувачки отколку јасни.

Интерактивното преведување со прозорците (дел од екран на кои може да се испише одредена информација). Овие алатки покажуваат неколку можни преводи на секој збор или фраза. Операторите само треба да го селектираат точниот превод бидејки глушецот поминува преку текстот на странскиот јазик. Можни дефиниции може да се групираат преку изговарања.

Европски стандард за преведувачки услуги[уреди]

Стандардот за квалитет NF EN 15038:2006 е специфичен европски стандард кој « има за цел да воспостави и дефинира барања за обезбедување на квалитетот на преводот». Тој ги одредува условите на преведувачките услуги во однос на човечки ресурси и технологија, управување со квалитетот и проекти во однос на договорените услуги и процедури [26]. Услови и етапи на превод согласно Стандардот NF EN 15038[27].

Надворешни врски[уреди]

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 Christopher Kasparek, "The Translator's Endless Toil", стр. 83.
  2. 2,0 2,1 2,2 Kasparek, "The Translator's Endless Toil", p. 84.
  3. Hugh Thomas, Conquest: Montezuma, Cortes and the Fall of Old Mexico, New York, Simon and Schuster, 1993, pp. 171-72.
  4. Францускиот философ и писател Жил Менаж (1613-92) коментирал за преводите на хуманистот Перо Никола Дабланкур (1606-64): "Elles me rappellent une femme que j'ai beaucoup aimé à Tours, et qui était belle mais infidèle." ("Ме потсетуваат на една жена која многу ја сакав во Тур, која беше убава, ама неверна.") Quoted in Amparo Hurtado Albir, La notion de fidélité en traduction (The Idea of Fidelity in Translation), Paris, Didier Érudition, 1990, стр. 231.
  5. Примери за ова се опишани во написот на англиски јазик "Translating the 17th of May into English and other horror stories" [1], retrieved 2010-04-15. .
  6. Christopher Kasparek, "The Translator's Endless Toil", стр. 83-87.
  7. Станува збор за расказот The Celebrated Jumping Frog of Calaveras Country.
  8. Czesław Miłosz, The History of Polish Literature, стр. 193–94.
  9. J.M. Cohen, p. 12.
  10. J.M Cohen, pp. 12-13.
  11. J.M Cohen, стр.13
  12. J.M Cohen, стр.13
  13. J.M Cohen, стр.13
  14. J.M Cohen, стр.13
  15. J.M Cohen, стр.14
  16. J.M Cohen, стр.14
  17. На пример, преводот на Хенри Бенедикт Мекеј на Свети Френсис Салиски Хенри Бенедикт Мекеј „Treatise on the Love of God“ постојано избегнува пасуси каде авторот Бог го споредува во мајка-доилка, навраќањата на библиските приказни како силувањето на Тамар итн.
  18. http://www.rastko.rs/rastko/delo/11714
  19. Избор од „Илијада” и „Одисеја”. Превод и препев од старогрчки, Михаил Д. Петрушевски. Култура, Скопје, 1953.
  20. Хомер, Илијада (Homerus, Ilias). Препев од старогрчки, Михаил Д. Петрушевски. Македонска книга, Скопје, 1982.
  21. http://star.dnevnik.com.mk/default.aspx?pbroj=2843&stID=61562
  22. Тихомир Каранфилов, Михаил Анастасиј Македонецот учествувал во превод на Библијата на руски јазик, „Македонска нација“, 8 декември 2011.
  23. http://www.mkbible.net/translations.php
  24. A discussion of Hofstadter's otherwise latitudinarian views on translation is found in Tony Dokoupil, "Translation: Pardon My French: You Suck at This," Newsweek, 18 мај 2009, стр. 10.
  25. Vashee, Kirti (2007). „Statistical machine translation and translation memory: An integration made in heaven!“. „ClientSide News Magazine“ 7 (6): 18–20. https://webmailcluster.perfora.net/xml/deref?link=http%3A%2F%2Frs6.net%2Ftn.jsp%3Ft%3D8mtygbcab.0.ksqvgbcab.ro78ttn6.33435%26ts%3DS0250%26p%3Dhttp%253A%252F%252Fwww.clientsidenews.com%252Fdownloads%252FCSNV7I6.zip. 
  26. „Norme EN 15038“. http://en.wikipedia.org/wiki/EN_15038. (англиски)
  27. „Европски стандард за квалитет NF EN-15038:2006“. http://normedequalite.nf.en-15038.com. 

Извори[уреди]

Публикации[уреди]

Документи[уреди]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Преведување“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).