Хорациј

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Квинт Хорациј Флак (латински: Quintus Horatius Flaccus , 8 декември 65 п.н.е. - 27 ноември 8 п.н.е.) - римски поет.

Биографија[уреди | уреди извор]

Хорациј се родил во Венузија, во областа Апулија, во сиромашно семејство кое се преселило во Рим за да му овозможи образование. Откако таму го стекнал почетното образование, се преселил во Атина, каде го затекнала граѓанската војна. Тој бил офицер во војската на Брут и учествувал во битката кај Филипи (42 п.н.е.), а потоа се вратил во Рим. Притоа, тој го изгубил целиот имот, кој им бил поделен на воените ветерани, така што стапил во служба како писар. На таа служба останал сè додека Мецена, кого го запознал преку Вергилиј, му подарил имот во Сабино, крај реката Тибар.[1] Истовремено, преку пријателството со Вергилиј успеал да влезе во друштвото на Мецена, а тој го запознал со императорот Октавијан Август. Писарската работа му била мачна и тоа го поттикнало да почне да пишува стихови. Исто така, негов пријател бил конзулот Сестиј.[2] Хорациј бил образован човек и добро ги познавал хеленскиот јазик и книжевност, а имал познавања и од философијата. Хорациј имал независен дух и сакал да биде независен, поради што ја одбил понудата на царот Август да му биде личен секретар. Неговата сакана девојка се викала Лудија.[3] По смртта, Хорациј бил погребан покрај Мецена.[4]

Творештво[уреди | уреди извор]

Хорациј е автор на следниве дела:[5] [6]

  • Сатири (во две книги), кои самиот тој ги нарекувал „Разговори“ (Sermones), испеани во хексаметри, а посветени на Мецена. Во нив, тој ги критикувал негативните страни на општеството.
  • Еподи (вкупно 17), т.е. кратки и долги лирски песни, кои тој ги нарекувал Јамби. По примерот на Архилох, тој напаѓа одделни личности.
  • Оди (Carmina), т.е. 103 кратки и долги песни (во четири книги), испеани во стилот на Сафо, Анакреонт и Алкеј, но во кои тој ја сочувал самостојноста. Станува збор за химни во кои се опеваат боговите и пријателите, како и пригодни песни и песни за виното. Тие се одликуваат со разум, совршена форма и звучен јазик.
  • Писма (Epistulae) во две книги, од кои првата содржи 20, а втората само три писма. Писмата се напишани во хексаметри, а последното се вика „За поетската уметност“ (De arte poetica) и се состои од 476 стихови. Неговите писма се сметаат за едно од врвните дела на римската книжевност.
  • Столетна песна (Carmen saeculare) е химна посветена на боговите која, по налог на царот Август, ја напишал по повод еден јубилеј. Во нив, Хорациј ги моли боговите да му дадат материјална благосостојба на римскиот народ.

Рефлексивната лирика на Хорациј извршила големо влијание не само врз неговите современици, туку и врз поезијата во средниот и новиот век.[7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Objašnjenja“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 105.
  2. „Objašnjenja“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 108.
  3. „Objašnjenja“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 107.
  4. „Kvint Horacije Flak“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 97.
  5. „Kvint Horacije Flak“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 97-98.
  6. Jevrosima Drašković, „Razvitak rimske lirike“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 111.
  7. Jevrosima Drašković, „Razvitak rimske lirike“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 111-112.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Wikiquote-logo.svg
Викицитат има збирка цитати поврзани со:
Викиизвор
Викиизворот на латински има изворна содржина поврзана со оваа статија:
Викиизвор
Викиизворот на англиски има изворна содржина поврзана со оваа статија: