Владимир Набоков

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Владимир Набоков
Monument Nabokov Montreux 23.12.2006.jpg
Роден/а10 април (22 април) 1899
Русија Санкт Петербург, Руска Империја
Починат/а2 јули 1977
Швајцарија Монтро, Швајцарија
ПсевдонимВладимир Сирин, Вивиан Дамор-Блок (Vivian Darkbloom)
Занимањепоет, писател
НационалностРусијаСАД
Период19211977
Жанрсатира, антиутопија, биографија
Книжевно движењемодернизам, постмодернизам
мрежно место
= [www.mochola.org/nabokov/index.htm mochola.org/nabokov www.mochola.org]

Влади́мир Влади́мирович Набо́ков (објавувал дела и под псевдонимот Владимир Сирин; 10 април (22 април) 1899, Санкт Петербург, Руска Империја2 јули 1977, Монтро, Швајцарија) — руски и американски писател, поет, преведувач, книжевен публицист и ентомолог.

Набоков бил космополитски руски емигрант кој со извонредното познавање на неколку јазици, ерудицијата и контроверзната проза станал еден од најпознатите и најценети книжевници на XX век. Самиот Набоков за себе рекол:

Јас сум американски писател роден во Русија и образуван во Англија, каде студирав француска литература откако петнаесетина години поминав во Германија.


Животопис[уреди | уреди извор]

Владимир Набоков е роден на 22 април 1899 година во Санкт Петербург, како најстаро дете во богато аристократско семејство. Неговито дедо бил министер за правда во текот на осум години, служејќи им на два цара, додека татко му бил истакнат правник, либерал и член на првата руска дума. Неговото семејство било настроено англофилски, па Набоков научил да чита и пишува најпрвин на англиски јазик (покрај францускиот јазик), а дури потоа на руски. Во 1916 година, неговиот вујко му оставил голем имот, кој подоцна бил конфискуван од болшевиците. По Октомвриската револуција, кон крајот на 1917 година, семејството Набоков заминало во Крим, каде останало 18 месеци, а во 1919 година, преку Цариград и Атина, емигрирало во Англија. Таму, Набоков студирал на престижниот Тринити колеџ во Кембриџ при што на почетокот студирал ихтиологија (наука за птиците), а дипломирал на руска и француска книжевност. Годините поминато во Кембриџ (кои подоцна ги опишал во романот „Подвиг“) не му останале во пријатно сеќавање, зашто не можел да се навикне на туѓата средина. Така, во една прилика запишал: „Вистинската историја на мојот престој на англискиот универзитет е историјата на моите настојувања да ја задржам Русија... Под товарот на таа љубов, со часови седев крај каминот, а солзите ми навираа од притисокот на чувствата... и ме мачеше мислата за тоа колку пропуштив во Русија...“ А, во друга прилика го запишал следново: „Мојот копнеж по татковината само е хипертрофија на копнежот по изгубеното детство.“ Додека студирал во Англија, семејството на Набоков живеело во Берлин каде татко му бил уредник на рускиот емигрантски весник „Рул“. Во 1922 година, татко му на Набоков бил убиен на собирот на кадетската партија, додека се обидувал да го заштити водачот на партијата, Миљуков, од нападот на двајца руски екстремисти.[1]

Во 1923 година, Набоков се преселил во Берлин, а набргу по неговото доаѓање, мајка му заминала во Прага, заедно со помалите деца, додека тој останал во Берлин до 1937 година. Тој заработувал за живот давајќи часови по тенис, бокс, странски јазици, руска поезија итн., а истовремено пишувал бројни критички статии и составувал шаховски проблеми, а сето тоа го правел користејќи разни псевдоними (најчест бил Владимир Сирин со кој ги потпишал сите романи напишани за време на престојот во Берлин; сирин е име на митска птица во рускиот фолклор, еден вид сирена со птичја опашка). Според зборовите на Набоков, за време на животот во Берлин, тој не се дружел со Германците и поради тоа не го научил германскиот јазик. Меѓутоа, тој не бил многу близок ниту со рускиот книжевен круг така што бил сметан за елитист и нарцисоиден. Тој себеси се опишал на следниов начин: „Објективно говорејќи, никогаш не сум видел побистар, посамотен, порамнотежен и полуд ум од мојот“ и „Мислам како гениј, пишувам како истакнат автор, зборувам како дете“.[2]

Во 1925 година, Набоков се оженил со Вера Слоним со која останал во брак до крајот на животот. Во 1934 година им се родил синот Дмитриј (нивното единствено дете), кој подоцна станал оперски пејач и преведувач на неговите дела. Поради подемот на нацизмот, во 1937 година, Набоков се преселил со семејството во Париз, зашто Вера Слоним била Еврејка, а претходно ја посетил мајка си во Прага каде ја запознал Марина Цветаева. Во 1939 година умрела мајка му, а следната година Набоков се преселил со семејството во САД каде предавал на Велесли крај Бостон, а истовремено бил соработник на музејот за компаративна зоологија во Харвард. Во 1945 година дознал дека неговиот помлад брат Сергеј,кој многу личел нанего, умрел во концентрационен логор. Во 1948 година почнал да предава книжевност на Универзитетот Корнел каде останал до 1958 година, а негов студент бил и Томас Пинчон. Во 1951 година бил гостин-професор на Универзитетот Харвард. Во 1960 година, Набоков и сопругата се преселиле во Швајцарија, каде веќе живеела сетсра му Елена. Таму останал до смртта, а живеел на шестиот кат од хотелот „Палас“ во Монтре. Набоков умрел на 2 јули 1977 година од воспаление на белите дробови, веројатно како последица на долгогодишното пушење.[3]

Творештво[уреди | уреди извор]

Книжевното творештво на Набоков е обемно и се состои од неколку стотини песни, 16 романи (осум напишани на руски и осум на англиски јазик), драми, преводи од руски и англиски, литературни критики и есеи. Тој бил под влијание на класичната руска и современите европски литератури, а во своите романи со многу фантазија и хумор ги спротивставува традиционалниот и модерниот систем на вредности. Поради безобразното отсликување на сексуалниот живот на своите јунаци, често го вбројувале меѓу порнографските писатели. Од дваесетте негови романи, ремек-дела се: „Дар„ (напишан на руски и објавен во 1938 год.), како и „Лолита“ (1955) и „Блед оган“ (1962), напишани на англиски. Исто така, тој е автор и на една од најдобрите автобиографии на англиски јазик — „Speak, Memory“,како и на многу стручни статии за пеперугите. Набоков стекнал светска слава дури во 1955 година, со објавувањето на романот „Лолита“ чија тема е опседнатоста на еден средовечен маж со 12 годишно девојче. За популарноста на романот придонел и филмот во режија на славниот режисер Стенли Кјубрик.

Својот настап на книжевната сцена Набоков го имал во 1916 година, кога ја објавил својата прва поетска збирка. Во 1923 година, по преселбата во Берлин, Набоков ги превел на руски „Алиса во земјата на чудата“, песни на Китс и Бодлер, а напишал и две поетски збирки - „Грозд“ и „Возвишениот пат“, како и неколку кратски драмски текстови. Својот прв роман „Машењка“ го објавил во 1926 година чие дејствие се одвива во Берлин; главниот јунак дознава дека неговата прва љубов доаѓа од Русија со нејзиниот сопруг и тоа го наведува да се сети на минатото. Во книгата, Набоков внесува филмска динамика, што е карактеристично и за неколку други романи од берлинскиот период. Во 1927 година ја напишал драмата „Човекот од СССР“, а во 1928 година се појавил неговиот втор роман „Крал, дама пуб“ кој е вистински авангарден, експресионистичко-експериментален роман. Со него, тој се претставил како инвентивен писател со раскошен талент и посебна смисла за хумор. Потоа, во 1929 година се појавила книгата „Враќањето на Чорбов“ во која се наоѓаат 15 раскази и 24 песни.[4]

Во 1930 година, Набоков го напишал романот „Лужиновата одбрана“, а една година подоцна и романот „Подвиг“ во кој вметнува многу епизоди од личниот живот. Во 1932 година го напишал романот „Камера опскура“ кој пет години подоцна го напишал повторно, овојпат на англиски јазик и со нов наслов - „Смеа во темницата“. Во 1934 година го објавил криминалистичко-психолошкиот роман „Очајување“, напишан во прво лице, како исповед на главниот јунак. Една година подоцна се појавил кафкијанско-гогољевскиот роман „Повик на погубување“. Во 1937 година го превел „Очајување“ на англиски јазик и истовремено го објавил својот осми роман напишан на руски, „Подарок“ во кој се поигрува со наследството на руската книжевност од 19 век. Во 1938 година ги објавил збирката раскази „Шпион“ и две драми: „Настан“ и „Изумувањето на валцерот“. Истовремено, на својот англиски издавач му го испратил романот „Смеа во темницата“. Во 1939 година го напишал недовршениот роман „Волшебникот“ кој е еден вид основа за „Лолита“. Следната година ги напишал првата глава на романот „Солус Рекс“, кој подоцна прераснал во романот „Под знакот на незаконито родените“, како и една глава за романот „Блед оган“.[5]

По емиграцијата во САД, во 1941 година го објавил својот прв роман напишан на англиски јазик, „Вистинскиот живот на Себастијан Најт“. Во 1943 година, Набоков ја добил Гугенхајмовата награда. Една година подоцна го напишал големиот есеј „Николај Гогољ“, а во 1947 година го објавил вториот роман напишан на англиски јазик, „Под знакот на незаконито родените“ во кој дава остра осуда на рускиот и на германскиот тоталитаризам. Истата година ја објавил и збирката „Девет раскази“. Во периодот 1948-1958, за време на престојот на Универзитетот Корнел, Набоков ги напишал романите „Лолита“ и „Пнин“, а на англиски јазик ги превел епотСлово за походот Игорев“ и ПушкиновиотЕвгениј Онегин“. Во 1951 година ја напишал автобиографијата „Пресудни докази“. Во 1952 година, во Париз ја објавил збирката „Песни 1929-1951“ (на руски јазик), а следната година повторно ја добил Гугенхајмовата награда, како и наградата на Американската академија на уметноста и книжевноста. Во 1954 година ја напишал руската верзија на автобиографијата со наслов „Други брегови“. Во 1955 година, издавачката куќа „Олимпија прес“ од Париз го објавила романот „Лолита“ (на англиски јазик), кој набргу бил забранет како порнографско дело зашто во него се раскажува за фаталната љубов на средовечен човек кон 12-годишно девојче. Една година подоцна се појавила збирката раскази на руски јазик „Пролет во Фијалти и други раскази“, а во 1957 година бил објавен неговиот четврти роман на англиски јазик „Пнин“. Во 1958 година ја објавил збирката раскази „Nabokov's dozen“, а „Лолита“ конечно се појавила и на американскиот пазар при што, благодарение на скандалот, книгата доживеала голем успех. Како последица на тоа, издавачките куќи ги откупиле сите негови претходни дела, како и издавачките права на идните дела. Во таа прилика тој изјавил: „Никогаш не верував дека ќе можам да живеам од книжевноста, а сега ме храни мало девојче со име Лолита“. Набргу, врз основа на романот бил снимен и истоимениот филм во кој Лолита ја глуми Сју Лајон. Во 1959 година се појавила антологијата на песни на англиски јазик „Песни“ (Poems).[6]

Во 1962 година, во САД се појавил новиот роман на Набоков, „Блед оган“, а две години подоцна бил објавен неговиот англиски превод на „Евгениј Онегин“, заедно со коментарите (во четири тома). Во 1967 година биле објавено второто, проширено издание на автобиографијата со нов наслов „Говори, сеќавање“, како и руската верзија на „Лолита“. Во 1969 година излегол уште еден негов роман на англиски јазик, „Ада или страст“ во кој главните ликови, братот и сестрата, одржуваат инцестуозна врска. Во 1971 година, во една заедничка книга со наслов „Песни и проблеми“ (Poems and Problems) биле објавени неговите песни, паралелно на руски и на англиски јазик, заедно со шаховските проблеми. Една година подоцна бил објавен романот „Проѕирноста на нештата“, а во 1973 година и збирката раскази „Руската убавица“ (двете на англиски јазик). Во 1974 година се појавил неговиот последен роман „Погледни, арлекину!“ кој претставува пародија на автобиографија. Тој бил неговиот осми напишан на англиски јазик, а вкупно 16. роман при што три од нив („Лолита“, „Очајување“ и „Смеа во темицата“) ги напишал истовремено на англиски и на руски. По неговата смрт, на почетокот од 1980-тите, во САД биле објавени неговите есеи за руската книжевност, есеите за романите „Уликс“ и „Дон Кихот“, а во 1984 година, неговите книги за првпат се појавиле во Русија.[7]

Набоков бил мајстор на стилот и на јазикот, а уметноста ја сфаќа како игра. За него, реалноста постои само во наводници, зашто низ пукнатините на стварноста се наѕира нова, уметничка стварност. Во таа смисла, тој изјавил: „Колку подолго живеам, сè повеќе сум уверен дека единственото нешто што значи во книжевноста е (помалку или повеќе ирационална) магијата на книгата, т.е. добриот писател е пред сè магионичар.“ Според зборовите на Буњин, „Набоков откри потполно нова вселена и за тоа треба да му бидеме благодарни.“[8] Набоков бил противник на ангажираната книжевност, велејќи: „Уметничкото дело нема никакво значење за општеството, туку само за поединецот, и само поединечниот читател има значење за мене.“[9]

Покрај со книжевноста, во текот на целиот живот Набоков се бавел и со лепидоптерологија (наука за пеперутките): уште во средношколските денови, тој ги проучувал пеперутките во петроградската област и во Крим, а подоцна и во Германија, Франција, Италија и Шоанија, а во САД дури открил нов вид пеперутка која го добила неговото име.[10]

Библиографија[уреди | уреди извор]

Најважни дела на Набоков се:

  • „Грозд“ (поезија, 1923)
  • „Возвишениот пат“ (поезија, 1923)
  • „Машењка“ (роман, 1926)
  • „Човекот од СССР“ (драма, 1927)
  • „Крал, дама пуб“ (роман, 1928)
  • „Враќањето на Чорбов“ (песни и раскази, 1929)
  • „Очајување“ (роман, 1934)
  • „Повик на погубување“ (роман, 1935)
  • „Подарок“ (роман, 1937)
  • „Шпион“ (раскази, 1938)
  • „Настан“ (драма, 1938)
  • „Изумувањето на валцерот“ (драма, 1938)
  • Смеа во темнината“ (роман, 1938)
  • „Вистиснкиот живот на Себастијан Најт“ (роман, 1941)
  • „Под знакот на незаконито родените“ (роман, 1947)
  • „Девет раскази“ (раскази, 1947)
  • „Песни 1929-1951“ (поезија, 1952)
  • „Лолита“ (роман, 1955)
  • „Пролет во Фијалта и други раскази“ (раскази, 1956)
  • „Пнин“ (роман, 1957)
  • „Nabokov's dozen“ (раскази, 1958)
  • „Песни“ (поезија, 1959)
  • „Блед оган“ (роман, 1962)
  • Говори, сеќавање“ (автобиографија, 1967)
  • „Ада или страст“ (роман, 1969)
  • „Песни и проблеми“ (поезија и шаховски проблеми, 1971)
  • „Проѕирноста на нештата“ (роман, 1972)
  • „Руската убавица“ (раскази, 1973)
  • „Погледни, арлекине!“ (роман, 1974)
  • „Подвиг“ (роман)

Значење и влијание[уреди | уреди извор]

Во 1962 година, според романот „Лолита“ бил снимен истоимениот филм во режија на Стенли Кјубрик, а главниот лик го глуми Сју Лајон. Во 1997 година се појавила новата филмска верзија на „Лолита“ во режија на Адријан Лин. Исто така, ликот на Лолита, девојче на прагот на созревањето во жена, станал дел од секојдневниот говор. Уште два романи на Набоков биле екранизирани: романот „Очајување“ според кој бил снимен филмот во режија на Фасбиндер,[11] како и „Смеа во темнината“ според кој кон крајот на 1960-тите бил снимен филм во режија на Тони Ричардсон.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 181-182.
  2. „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 182-183.
  3. „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 183-189.
  4. „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 181-184.
  5. 5,0 5,1 „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 184-185.
  6. „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 186-188.
  7. „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 188-189.
  8. „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 184.
  9. „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 187.
  10. „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 182.
  11. „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 188.