Драги Михајловски
Драги Михајловски | |
---|---|
Роден(а) | 16 октомври 1951 Битола, СР Македонија |
Починал(а) | 21 февруари 2022 Скопје, Македонија |
Националност | Македонец |
Познат(а) по | раскази, романи, преводи |
Драги Михајловски (Битола, 16 октомври 1951[1] — Скопје, 21 февруари 2022) — македонски поет, раскажувач, романописец, есеист, преведувач и професор.[2]
Животопис
[уреди | уреди извор]Михајловски е роден на 16 октомври 1951 во Битола, каде го поминал и своето детство. Основно и средно образование завршува во Битола, а дипломирал англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистрирал на Филолошкиот факултет („Книжевниот лик на Скендербеј кај Прличев и во делата на англиски јазик“), а докторирал исто така во Скопје („Очудување и можни преводни модели врз примери од англиската поезија“). Од 1976 година работел на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.[3]
Драги Михајловски е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1992 година, на ПЕН на Македонија од 1992 година, како и на Асоцијацијата на писателите за мир во Вашингтон, САД, од 1998 година.
Бил уредник на книжевните списанија Lettre Internationale, Стожер, Стремеж, член на Сенатот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а две години (2007-2008) бил и претседател на Комисијата за издавачка дејност во Министерството за култура на РМ.
Починал на 21 февруари 2022 во Скопје, а бил погребан на 23 февруари во Битола.
Книжевно творештво
[уреди | уреди извор]Тематската преокупација на прозното творештво на Михајловски е неверојатно широка и разновидна, вклучувајќи го животот на самиот автор, кој понекогаш се испреплетува со животите на други автори, потоа најразлични актуелни состојби и настани, како и политички текстови и дискурси, современи и историски случувања, и алузии и фрагменти од македонската и од англиската книжевност, но и од други книжевности, како и фрагментирани библиски и истористи текстови и алузии и друго. Во прозата на Михајловски, животот на авторот може да се разбере како уште една специфична низа текстови кои го проткајуваат целиот негов творечки опус, почнувајќи од првата збирка раскази „Речно улиште“, па сè до последниот роман „Бдеењето на Одисеј“.
Михајловски на почетокот на 21 век е еден од најнаградуваните, најанализираните, најомилените и најпреведуваните писатели во Македонија, но и пошироко. Ова секако се должи на неговиот привлечен и податлив за читателите прозен стил во кој е вградена народната раскажувачка традиција. Покрај стилот на авторот, треба да се истакне и книжевната вредност на прозното творештво на Михајловски кое е вонвременско, бидејќи најчесто може да се чита и како историски и како современ текст, а неретко и како предвидување за иднината. Покрај тоа што е апликативна за сите времиња, треба да се потенцира и тематската сеопфатност на прозата на Михајловски која е подеднакво привлечно четиво за сите генерации. Преку огромниот семантички потенцијал на своето творештвото, мајсторот на прозниот збор, Михајловски, постојано создава нови значења во имагинацијата на читателите. Затоа прозното творештво на Михајловски останува неисцрпен извор за нови креативни читања, критички осврти и толкувања од страна на читателите и книжевните критичари, а поттик и инспирација за младите писатели.
Стилски одлики
[уреди | уреди извор]Тематската преокупација на прозното творештво на Михајловски е невројатно широка и разновидна, вклучувајќи го животот на самиот автор, кој понекогаш се испреплетува со животите на други автори, потоа најразлични актуелни состојби и настани, како и политички текстови и дискурси, современи и историски случувања, и алузии и фрагменти од македонската и од англиската книжевност, но и од други книжевности, како и фрагментирани библиски и истористи текстови и алузии и друго.
Во прозата на Михајловски, животот на авторот може да се разбере како уште една специфична низа текстови кои го проткајуваат целиот негов творечки опус, почнувајќи од првата збирка раскази Речно улиште, па сè до последниот роман Бдеењето на Одисеј .
Во Речно улиште, реминисценции од детството на авторот провејуваат во фиктивниот свет на расказите. Спомените и детските фантазии се ројат околу реката [[Курдерес во Битола како пчелите околу водата. Оттука доаѓа и насловот на збирката. Писателската имагинација кривулка по течението на Курдерес (на турски “крива река”) низ мозаикот од разни детски доживувања, сеќавања, расположенија, мечти и фантазии. Во „Сенка”, „Слика” и „Мрежа” се прикажани случките од детството поврзани со родителите, во „Леван” првите љубовни мечти и така натаму. Детството на авторот не е преокупација на Михајловски само во раниот период од неговото творештво, туку и во книгите за деца, како и во неговиот последен роман, Бдеењето на Одисеј. Дејството во романот се случува во Битола, некаде во 1950- тите и раните 1960-ти години. Детството на авторот во делото е сопоставено со фикцијата. Романот е преполн со топли сеќавања и има елементи и на книга за деца и на роман за возрасни.
Текстовите од животот на авторот постојано се пресоздаваат во фиктивниот свет на Михајловски кој е интертекстуален и функционира на повеќе рамништа. Така, не е случајно интертекстуалното сопоставување на животот на авторот со животот и делото на големиот англиски поет од 17-от век, Џон Милтон, во расказот „Милтон“ од збирката раскази Триполската капија.
Во своето творештво, Михајловски неретко пишува и за факултетската средина каде што го има поминато работниот век. Така, факултетскиот библиотекар во расказите „Копиле” и „Скок со стап“ од збирката раскази „Скок со стап“ минува низ неверојатни преобразби наспроти неменливоста на баналното секојдневие во неговиот професионален живот. Во Антологичар и Триполската капија од збирката раскази Триполската капија авторот ни прикажува фрагменти од животите на универзитетските професори по англиска книжевност на факултетот во Скопје, и тоа на визитинг професорот од странство во првиот расказ и на самиот автор Михајловски во вториот.
Авторот често е преокупиран и со писателскиот занает, како на пример во романот Швајцарија на Балканите, кој навлегува во сферата на метафикцијата. Романот завршува со поентата околу пишувањето на авторот. Како што објаснува Раде Силјан во препораката за романот, авторот навлегува во сферата на можното, односно на утописката литература. Возбудливо напишан роман, убаво структуриран со завршна поента во која авторот се навраќа на своето пишување, својата естетика, своето писателско вјерују и кажува дека сè што научил во животот е да пишува односно да живее еден паралелен живот полн со возбуди што можеби никогаш не се случиле и нема да се случат во блиска иднина (Силјан, 2015).
Во прозното творештво на Михајловски провејуваат и текстови и фрагменти од животот на авторот во Битола и во Скопје. Родниот град на авторот е често предмет на неговата творечка имагинација. Така, во расказите „Куќа во Солун”, „Тасичо”, „Скова”, „Граница” и други од збирката Раскази од шести кат, настаните се одвиваат во семејната куќа на авторот во Битола или во околината на градот.
Романот Смртта на дијакот е сместен во историска Битола од 1384 година, а случувањата се поврзани со освојувањето на градот од страна на Османлиите.
Расказите „Коле”, „Ресторант” и други од збирката Раскази од шести кат се сместени во скопската населба Чаир – местото каде што авторот има живеено во Скопје. Во фиктивниот свет во некои раскази, како „Милтон” и „Писателот” од истата збирка, интертекстуално се сопоставени текстови од животот на авторот во Битола и во Чаир. Така, насловот на збирката Раскази од шести кат подеднакво упатува на шестиот кат од зградата во Чаир каде што авторот го создавал фиктивниот свет, но и на „други катови и други згради, Скопје и Битола, и многу други познати и непознати места“ (Витанова-Стрезова, 2013: 211).
Во однос на сетингот интересно е да се спомене дека, без оглед дали е делото сместено во Битола, Скопје, Англија или на кое било друго место, потрагата на авторот Михајловски е насочена кон пронаоѓање на идеалната утопија, односно совршеното место за живеење. Таква е потрагата на авторот во необичното книжевно дело Пат за рајот , составено од десет раскази и три драми. Во ова дело Михајловски укажува дека „патот за рајот“, потрагата по недостижното, небесното е своевидна дистопија, бидејќи таквото место во реалноста не постои, но постои само нашиот порив и стремеж таму да стасаме.
Актуелните состојби и случувања постојано провејуваат во прозата на Михајловски. Во „Штедња Хорацио” од збирката Раскази од шести кат авторот дава гротескен приказ на животниот стандард на современиот граѓанин во Македонија. Поновата историја исто така провејува во творештвото на Михајловски. Такви се на пример текстовите и фрагментите од воениот конфликт во 2001 година во расказите „Ресторант“, „Заем” и „Нушиќ”. Исто така, фрагменти од случувањата во Македонија, поврзани со бомбардирањето на Југославија, се појавуваат и во расказите „Триполската капија“ и „Тасичо“ од збирката раскази Триполската капија .
Во „Тасичо” се присутни различни политички дискурси, актуелни во Македонија во текот на бомбардирањето на северниот сосед од страна на НАТО. Исто така и во романот Пророкот од Дискантрија провејуваат различни политички дискурси, поврзани со сè уште актуелните прашања за името на државата и националниот идентитет, како и историски и современи текстови.
Проблематиката на преименувањето на земјата е метафорично претставена преку насловот на романот, Дискантрија, што значи „без земја“ или „оваа земја“, како што ја неарекуваа европските политичари („this country“) при нивните посети на Р Македонија – односно обезличена земја која е лишена од сопственото име, а со тоа и од својот идентитет бидејќи името е главниот атрибут на идентитетот. Сè уште актуелниот политички дискурс на јужниот сосед, насочен против македонскиот идентитет, е олицетворен во романот преку ликот на ѕидот, кој никнува од јужната страна на државата. Двете актуелни политички партии кои дејствуваат на македонската политичка сцена од осамостојувањето до денес во Пророкот од Дискантрија се преобразуваат во „црвените” и „сините” од соодветно обоениот воз кои, иронично, токму поради својот меѓусебен конфликт, никако не можат да го урнат симболичниот ѕид на патот кон идентитетот на сопствениот народ.
Историските текстови од минатото се честа тематска преокупација на авторот Михајловски во неговото творештво.
Во Пророкот од Дискантрија моќната идеолошка пропагандна војна на надворешниот фактор против идентитетот на македонскиот народ е олицетворена преку ликот на Гркот Теофилакт кого цариградскиот патријарх го поставува за архиепископ на Охридската архиепископија во единаесеттиот век за да го уништи богомилското движење и отпорот на народот против наметнатата странска власт. Меѓутоа, иако вклучува историска тема од 1081 година, Пророкот од Дискантрија е повеќе историографска метафикција отколку историски роман бидејќи, како што вели Шелева, „овој роман... е втемелен во актуелната драма, во тегобноста на балканското современие, кое го создава неопходниот контекст за преиспишување и превреднување на ноторните историски дилеми низ алегорискиот клуч на современоста” (Шелева, 2004: 14).
Романот Смртта на дијакот обработува тема од историјата на македонскиот народ од четиринаесеттиот век, со фокус на освојувањето на Битола од страна на Османлиите. Бидејќи нема пишани документи за овој историски настан, Михајловски својата инспирација ја црпи од народната усна традиција. Историски текстови и ликови провејуваат и во романите Мојот Скендербеј и Бајазит и Оливера. Во 2006 година авторот ја има добиено престижната книжевна награда „Стале Попов“ за Мојот Скендербеј, романот кој е истовремено историски и современ. Ова дело е резултат на долгогодишното истражување на Михајловски на животот на балканскиот јунак од петнаесеттиот век, Скендербег, за кој авторот го има напишано и својот магистерски труд. Михајловски ги прикажува ликот и делото на Скендербеј преку судбините на повеќе современи ликови. И покрај тоа што авторот ги истакнува сите совршености, квалитети, доблести и јунаштва на Скендербеј, тој со огромна умеш-ност успева да создаде еден уникатен човечки лик, за потоа фиктивното да го испреплете со фактичкото, внесувајќи во романот голем број научно документирани податоци од разни автори кои пишувале за овој легендарен јунак.
Во Бајазит и Оливера авторот пишува за бракот меѓу историските ликови, отоманскиот султан Бајазит Први, кој владеел од 1389 до 1402 година, и христијанската принцеза Деспина Оливера, најмалата ќерка на кнезот Лазар и кнегињата Милица. Дејството се одвива по Косовската битка во 1389 година, кога Османлиите го убиваат кнезот Лазар, а Оливера станува една од четирите сопруги на убиецот на својот татко. Честа тематска преокупација на авторот Михајловски во неговото прозно творештво се разни литературни алузии и фрагменти од англиската, македонската и други книжевности. Цепенковата јазичната ризница и воопшто народната раскажувачка традиција се повеќекратно присутни во творештвото на Михајловски. Во овој контекст Шелева вели дека раскажувачкиот модел на Михајловски „отворено се повикува и интертекстуално го инкорпорира фолклорното раскажувачко наследство” (Шелева, 94: 43-44).
Михајловски во своето творештво користи непосреден устен говор, колоквијални фрази, жаргони, дијалекти и друго. Традиционалните мотиви неретко се преобразуваат во фолклорни клишеа кои се пародизираат и разбиваат преку интертекстуалното сопоставување на архаичното и современото и иронично и смисловно се преобразуваат, нижевајќи ги значењата во прозното творештво на Михајловски. Покрај цепенковското раскажувачко и јазично наследство, во прозата на авторот интертекстуално се инкорпорирани и алузии на книжевното дело на Цепенков и фрагменти од него, како во расказите „Триполската капија“ и „Коле“ од збирката раскази „Триполската капија“. Во „Коле“ се вметнати и фрагменти од ликовната уметност, но и од британската поезија и проза, како впрочем и во целото творештво на авторот. Така, текстови од Загубениот рај на Милтон провејуваат во романот Смртта на дијакот ; во расказот „Среќна нова“ од збирката раскази Скок со стап има книжевни алузии на творештвото на Чехов, а расказот „Мерсо” од збирката Раскази од шести кат е насловен според главниот лик во романот Странецот од Албер Ками.
Творештвото на Михајловски е проткаено и со библиски теми и текстови, но секогаш во преобразена, изменета форма, како на пример модерната хагиографија или модерното евангелие за Христо Каруца во расказот ,,Скок со стап” од истоимената трета збирка раскази на Михајловски. Така, обидот на факултетскиот библиотекар Христо Каруца, кој е истоименик на Христос, да го „прескокне” баналното секојдневие на неговото професионално опкружување, изведувајќи го скокот преку зградата на Македонската телевизија, се трансформира во своевидно модерно евангелие. Во Пророкот од Дискантрија фрагментите од [[Новиот завет се преобразуваат и пресоздаваат преку интертекстуалниот сплет од животите на Исус Христос и на Василиј Нежилски, богомилскиот духовник. Во творештвото на Михајловски покрај новозаветните, провејуваат и старозаветни библиски текстови, како и текстови од други религии.
Така, во расказот „Триполската капија” од истоимената збирка, божји глас го повикува Михајло да се ослободи од суетата и да го најде вистинскиот пат во духовното. Библиски референци провејуваат и во романот Должници во кој авторот е преокупиран со прашањето кој кого задолжил меѓу Бог, Сатаната, Ева и Адам, а импликацијата е дека со ова прашање ќе се справуваат идните должници.
Критичката рецепција на прозата на Михајловски, особено на неговите раскази, најчесто се фокусира на оригиналните раскажувачки стратегии на авторот (Коцевски, 1989), (Ќулавкова, 1992), (Младеновски, 2004), (Витанова-Стрезова, 2013); семантичката дезинтеграциjа на текстот и ликовите, вклучувајќи го и прашањето за дестабилизираниот идентитет (Младеновски, 2004) и (Витанова-Стрезова, 2013) како и на фантастичното и гротескното (Додовски,1994).
Оригиналните раскажувачки стратегии во прозното творештво на авторот Михајловски, се исто така поврзани и со прашањето на дестабилизација на идентитетот на ликовите, односно нивна дезин-теграција. Во овој контекст Младеновски вели: Кај Михајловски има најмалку шест специфични раскажувачки сегменти:
а) Доминантна употреба на деминутивите во функција на деградација на ликовите;
б) Доминација на калеидоскопскиот (променливиот) сетинг;
в) Пасивниот субјект во функција на дезинтеграција на ликот;
г) Создавање на паралелен свет кој на индиректен начин ја сугерира дезинтегрираноста и деградираноста на ликовите;
д) Реификацијата, односно сигнализираната деградираност на ликот под влијание на изместените односи на релацијата единка - предмети;
ѓ) Неантропоморфни раскажувачи (Младеновски, 2004: 218) Аналитичарите на прозното творештво на Михајловски особено се задржуваат на неантропоморфните раскажувачи, како специ- фични раскажувачки сегменти на авторот:
8.1. Четири неантропоморфни ликови во расказите на Михајловски се ставени во улога на наратори – пенкалото во расказот „Сведок“ од збирката Ѓон , левата патика и стапот во расказот „Скок со стап“ од истоимената збирка; куќата во расказот „Коле“ од збирката раскази Триполската капија . Пенкалотораскажува во прво лице еднина, но и во прво лице множина –за себе, но и за газдата: Му бев најдобар другар. Негово второ, трето, стото јас.
Во контекст на семантичката дезинтеграција на текстот, Витанова-Стрезова во аналитичкиот дел од својата докторска дисертцијa, подоцна објавена во форма на книга, ja применува семиотиката на Кристева, „семанализата“, врз завршниот дел на расказот „Скок со стап“: Текстот кој е предмет н а семанализа в о ова поглавје е крајот на расказот „Скок со стап” или поточно завршниот дел насловен како „Исто и левата патика од расказот „Скок со стап“: Христо Каруца го запознав пред една година и пол. Уште кога го здогледав од излогот, знаев дека е мојот човек. Исто и куќата раскажува само во прво лице еднина: Ми капат стреите, ме болат тулите без нив. И темница ми ги алка портите (...) Со ваквата нараторска техника се алудира на што го определивме како реификација – предметот се поставува во подеднаква улога како и (па дури и над) човекот/единката/ индивидуата. Тоа значи дека предметите ја заземаат позицијата на луѓето, односно во нај- мала рака стануваат рамноправни со нив, но и супериорни, им го заземаат местото. Тие, предметите, почнуваат да владеат со луѓето... Во романот Пророкот од Дискантрија ѕидот е лик кој врши неколку наративни функции. Прво, тој е синоним за името, односно за идентитетот на колективниот лик – наро- дот. Второ, ѕидот е поставен во улога на противник на народот кој трага по својот национален идентитет, односно по своето име. Трето, ѕидот е антропоморфизиран, односно тој има одлики на живо суштество (Младеновски, 2006: 88). Во делот „ТРИ...” фенотекстот од првите два дела на расказот се прелева во генотекст кој веќе не се занимава со значењето само по себе. Така, генотекстот нè носи во подрачјето на својот текстуален молк каде што значењата не се искажуваат бидејќи тука се наоѓа недофатливата, пулзионелна значимост. Тоа е подрачјето каде што постојано се одвива процесот на зародување, негирање и произведување на значењата. (Витанова-Стрезова, 2013: 248)
Преку семанализата Витанова-Стрезова покажува како прозата на авторот постојано ги намножува своите значења, прелевајќи се во стихови, звук, ритам и музика. Полилошкиот субјект во текстот, кој континуирано се дезинтегрира и воспоставува, е исто така предмет на постојана промена и преобразба: Билките чемерики истовремено упатуваат на страдањатаи маките на Христос но и на маката на субјектот скокач кој се напрега да ја прескокне зградата. Бидејќи Христо Каруца е дел од полилошкиот субјектот, отровните билки исто така асоцираат и на професионалното секојдневие на факултетскиот библиотекар Христо Харуца. Така, изгледа дека билките чемерики однапред ги испишуваат страдањата и маките на Христос во современата хагиографија на новиот Христос кој парадоксално сè уште не е роден. (Витанова-Стрезова, 2013: 252) Како што објаснуваат повеќе критичари, гротескноста и фанта- стиката ја обележуваат прозата на Михајловски (Младеновски, 2006: 89-90) и (Додовски, 1994). Во овој контекст Младеновски вели: 10.1. Калеидоскопски сетинг. Гротескност Променливоста на амбиентот во прозата на Михајловски се манифестира на три рамништа. Прво преку ваквиот сетинг се врши дистинкција меѓу ликовите во овоземниот и во небесниот свет. Второ, крајно нестабилните ликови се сместуваат во еден фантастичен, иреален амбиент. Трето, се врши трансформација на самиот сетинг, што се одразува врз стабилноста, односно нестабилноста на ликовите. На првото рамниште ликовите од овоземниот свет се сместени во еден нереален амбиент, тие се „приземјени“, додека ликовите во небесниот свет се во еден фантастичен иреален амбиент којшто често се надополнува со гротескни елементи. Семантичката дезинтеграција, односно дестабилизацијата на ликовите се случува при нивниот премин од едниот (реален) во другиот (фантастичен) амбиент, или пак само со нивно директно поставување (појавување) во иреалниот сетинг. Ваквата постапка е најтипична во расказот „Печуркар“ од збирката раскази „Ѓон“. Овде ликовите кои веќе не му припаѓаат на овоземниот свет се сместени во еден гроте- скно-фантастичен сетинг. (Младеновски, 2006: 89-90)
Преокупација на критичарите и аналитичарите е и книжевната естетика на творештвото на Михајловски. Во овој контекст, Раде Силјан вели во препораката за делото: Романот Швајцарија на Балканите е богата ризница на чистиот македонски јазик, танц на умот меѓу избраните зборови, постигната смисла на секоја реченица што претендира да биде дел од оваа многу креативна и врвналексичка пирамида. (Силјан, 2015)[4].
Библиографија на Драги Михајловски
[уреди | уреди извор]Белетристичка (збирки раскази и збирки раскази и драми)
[уреди | уреди извор]- Речно улиште . Скопје: Книжевна младина на Македонија, 1981.
- Ѓон (раскази, 1990), Скопје, Култура
- Скок со стап (раскази, 1994), Скопје, Македонска книга
- Триполската капија (раскази, 1999), Скопје, Каприкорнус
- Раскази од шести кат (раскази, 2004), Скопје, Каприкорнус
- Пеперуткарот. Скопје: Каприкорнус, 2009.
- Глинениот човек.. Скопје: Каприкорнус, 2014.
- Раскази и споредбени коментари.. Скопје: Каприкорнус, 2015.
- Пат за рајот, збирка раскази и драми, 2017, Три - Скопје, ISBN 978-608-230-502-8
Романи
[уреди | уреди извор]- Пророкот од Дискантрија (роман, 2001, 2007), Скопје, Каприкорнус, ISBN - 9989-715-10-6 COBISS.MK-ID - 42451722, ISBN - 9989-715-10-6 COBISS.MK-ID - 18226241
- Смртта на дијакот (роман, 2007), Скопје, Каприкорнус, ISBN - 9989-715-13-0 COBISS.MK-ID - 18219585
- Мојот Скендербеј (роман, 2006), Скопје, Каприкорнус, ISBN - 9989-715-19-X COBISS.MK-ID - 18107457
- Бајазит и Оливера (роман, 2009), Скопје, Каприкорнус, ISBN - 978-9989-715-25-9, COBISS.MK-ID - 77231626
- Должници (роман, 2014): Каприкорнус,
- Швајцарија на Балканите, роман, 2015, Каприкорнус - Скопје, ISBN - 978-9989-715-44-0 COBISS.MK-ID - 99986186, 2018, Матица македонска - Скопје, ISBN 978-608-10-0616-2, COBISS.MK-ID 106717962
- Бдеењето на Одисеј, роман, 2017, Просветно дело - Скопје, ISBN 978-608-228-331-9, COBISS.MK-ID 104608010
- Пагански времиња, роман, 2019, Просветно дело - Скопје, ISBN 978-608-228-393-7
Книги за деца
[уреди | уреди извор]- Волшебното котле и други бајки (книга за деца, 1995 и 2005)
- Сиромавиот и чучурлигата (книга за деца, 2000), Скопје, Каприкорнус
Студии од областа на преведувањето
[уреди | уреди извор]- Нераспнати богови (есеи, 1991), Скопје, Табернакул
- Под Вавилон – задачата на преведувачот (докторат, 2000 и 2003),
Книгите на Драги Михајловски се преведувани на повеќе светски јазици:англиски, француски, германски како и на јазиците од балканските народи: српски, албански, словенечки и бугарски:
- Skënderbeu im : trembëdhjetë sulme të sotme narrative të kësaj teme shumë të eksploatuar nga këndi i një pende neutrale maqedonase me përfundim : [roman], 2008, Куманово, Jehona e Karadakut, 2008
- Pisarjeva smrt, роман, 2014, Društvo slovenskih pisateljev - Ljubljana, ISBN 978-961-6547-89-5, COBISS.MK-ID 277392896
- Бајазит и Оливера (роман, 2011), Бања Лука ; Београд : Задужбина "Петар Кочић" ; Скопље : Слово љубве, ISBN - 978-99955-31-30-0, COBISS.MK-ID - 1878296
- Дијакова смрт (роман, 2011), Београд : Архипелаг, ISBN - 978-86-523-0027-3, COBISS.MK-ID - 188478476
Преводи
[уреди | уреди извор]Михајловски е исклучително плоден препејувач, препеал повеќе од 110.000 стихови:
- 37 драми од Шекспир
- 154 сонети од Шекспир
- Загубениот рај од Џон Милтон
- Поезија од Перси Шели
- Поезија од Џон Китс
- Поезија од Вилијам Блејк
- Поезија од Џон Дан
- Поезија од Т.С. Елиот
- Милтон, Џон. Загубениот рај (препев од англиски, 2007), Скопје, Каприкорнус
- Непознат Беовулф (препев од англиски, 2010), Скопје, Каприкорнус
- Шекспир, Вилијам. Сите драми и сонети (препев од англиски, 2013), Скопје, Каприкорнус
Награди
[уреди | уреди извор]- Награда најдобра дебитантска книга на Книжевната младина на Македонија за книгата раскази „Речно улиште“ (1981)
- Награда „Рациново признание“ за книгата раскази „Скок со стап“ (1994)
- Награда „Григор Прличев“ за препевот на епот „Загубениот рај“ од Милтон (1996)
- Награда „Стале Попов“ за романот „Смртта на дијакот“ (2002)[5]
- Награда „Зимски саем на книгата“ за препевот на сите сонети од Шекспир (2006)
- Награда „Стале Попов“ за романот „Мојот Скендербеј“ (2006)[5]
- Награда „Кирил Пејчиновиќ“ за неговите многубројни препеви и преводи на дела од англосаксонската книжевност на македонски јазик. (2009)
- Награда „Григор Прличев“ за препевот на „Сите драми и сонети“ од Шекспир (2013)
- Награда „11 Октомври“ за животно дело од областа на културата и уметноста (2018)[6]
Избрана критичка литература
[уреди | уреди извор]- Витанова-Стрезова, С. (2013). Дискурсот на Другиот: Ијан Мекјуан ,Драги Михајловски . Скопје: Универзитет Св. Кирил и Методиј“. Филолошки факултет „Блаже Конески“.
- Додовски, И. (1994, септември - октомври). Гротескното и фантастичното во расказите на Драги Михајловски. Современост , Скопје: година XLIV, број 7-8, 3-13.
- Коцевски, Д. (1984). Еден необичен раскажувач, Драги Михајловски. За новите тенденции, Скопје: Наша книга, 135-137.
- Младеновски, Р. (2005). Семантичка дезинтеграција и морална деградација на ликот во прозата на Димитар Солев и Драги Михајловски . Магистерски труд. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Филолошки факултет „Блаже Конески“, Скопје.
- Младеновски, Р. (2006, 3.9). Деконструкција на ликот во прозата на Драги Михајловски. Современост , бр. 5, 82-96.
- Младеноски, Р. (2014). Деконструкција на ликот . Скопје: Македонска реч.
- Силјан, Раде. (2015). Препорака (задна корица). Швајцарија на Балканите . Скопје: Матица македонска.
- Ќулавкова, К. (1992). Маниристички раскажувач, Драги Михајловски. Копнеж по систем , Скопје: Македонска книга, 241-244.
- Шелева, Е. (1994, година I лето ’94). „Влијанието на Чинго врз помладата македонска проза”. СУМ Списание за уметност, 43-44.
- Шелева, Е. (2001, 20.6). „Дијалог – кантрија: земја и дијалог“. Наше писмо , 14.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Значајни личности за Битола, писатели — издание на НУУБ Св. Климент Охридски — Битола
- ↑ Македонски писатели/Macedonian writers, Друштво на писатели на Македонија, 2004, стр. 165.
- ↑ Драги Михајловски на семрежното место на Лектира
- ↑ Драги Михајловски, стра 209 –222[мртва врска]
- ↑ 5,0 5,1 „Почина македонскиот писател, преведувач и универзитетски професор Драги Михајловски“. OhridSky. Посетено на 20 март 2022.
- ↑ Доделување на наградата 11 Октомври на семрежното место на Собранието на Република Македонија
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Биографија на мрежното место на ДПМ Архивирано на 20 март 2011 г.
- Интервју со Драги Михајловски, Македонска Ризница, број 25, август 2014 година, стр. 6-15
- Дела од Михајловски Архивирано на 6 септември 2013 г. на семрежното место на Creative commons Македонија
|