Камен од Розета

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
На каменот од Розета е испишан текст на три јазика, што им помогнало на лингвистите да го започнат процесот на дешифрирање на хиероглифското писмо

Каменот од Розета e антички натпис на црн камен од гранит создаден во Мемфис, Египет 196 година п.н.е. од македонскиот владетел Птоломеј V. Каменот содржи текст напишан на три различни писма: најгорниот текст е напишан со староегипетски хиероглифи, средниот текст е напишан на демотско писмо и долниот текст на старогрчки јазик. Во ранохристијанскиот или средновековниот период е користен како градбен материјал за Fort Julien близу до градот Розета (Рашид) во Египет. Каменот беше откриен во 1799 година од војникот Пјер Франсоа Бошар во „Француската експедиција во Египет“. Во време на наполеонските војни каменот од Французите му беше предаден на Британија и од 2003 година Египет демантира негово враќање.

Пронаоѓање и именување на каменот[уреди | уреди извор]

Каменот своето име го добил според местото каде што е ископан (пронајден), местото Розета, односно Ел-Рашид на арапски јазик. Откриен е од страна на француски војник кој работел на ископување на фортификациски објекти за потребите за војската на Наполеон, за време на неговата воена кампања во Египет во 1799 година. По краткотрајниот воен судир со англиската војска, која ја добива војната, во 1802 година е склучен мировен договор во познатитот град Александрија, изграден од страна на Александар Македонски. Според одредбите од мировниот договор сите добра и артефакти што ги поседувала француската војска им припаднале на Британците. Врз основа на тоа, Каменот од Розета е однесен во Англија, каде што и ден-денес се наоѓа и претставува еден од најпознатите експонати на Британскиот музеј во Лондон.

Значењето на Каменот од Розета за светската наука[уреди | уреди извор]

Значењето и интересот што Каменот од Розета го побудил кај научниот свет се заснова на тоа што на него е запишан посебен указ, кој според современата наука се смета дека е издаден од свештениците за величање на фараонот Птоломеј V Епифан Евхаристос припадник на династијата Птолемаиди, кои биле Македонци од семејната лоза на Птоломеј Сотир, генерал на Александар Македонски по чија смрт се населил и завладеал со Египет. За указот запишан на каменот се смета дека е запишан една година по крунисувањето на фараонот Птоломеј V Епифан Евхаристос, поточно според денешниот календар на 27 март 169 година пред нашата ера. Посебниот интерес произлегува од тоа што овој указ е напишан на 3 писма, и тоа: со хиероглифи, со демотско писмо и со старогрчко писмо. Врз основа на текстот запишан со старогрчко писмо, познатиот француски научник Шамполион, во 1822 година го дешифрирал хиероглифското писмо употребувајќи античко-египетски јазик за озвучување.

Македонско дешифрирање на средниот текст од Каменот од Розета[уреди | уреди извор]

Истражувачкиот труд „По трагите на писмото и јазикот на античките Македонци“ од акад. Томе Бошевски и проф. Аристотел Тентов (кликнете за да го отворите во целост)

Македонските научници, академик Томе Бошевски и професорот Аристотел Тентов во 2005 година спровеле истражување за дешифрирање на средниот текст на Каменот од Розета, при што дошле до доста занимливи заклучоци и пронајдоци особено во поглед на сличности со денешниот современ македонски јазик. Констатирано е дека за средниот текст на Каменот од РОзета е користено слоговно писмо од типот согласка-самогласка и се идентификувани симболи за 25 согласки[1]. Користејќи ја постапката на пресликување и ротација во рамнината на пишување, определен е еднозначен начин за поврзување на симболот за согласка со 4 или 8 самогласки и иако се ретко употребувани, сепак се идентификувани и симболите за запишување на изолирани самогласки и согласки, а во анализираниот текст покрај пишувањето на слоговните знаци еден до друг често се пишувани слоговните знаци и еден над друг во форма на лигатури[1]. Озвучувањето на идентификуваните слоговни знаци, осамени согласки или самогласки и лигатури е реализирано со користење на архаизми од дијалекти на современиот македонски јазик при што во анализираниот текст кој е пишуван од десно на лево и без растојание меѓу зборовите и одвојување на речениците, идентификувани се повеќе од 160 зборови кои го задржале значењето во некои дијалекти на современиот македонски јазик[1]. Исто така, идентификувани се и одреден број граматички правила кои се препознатливи и во современиот македонски јазик како што е формирањето суперлатив кај придавките со префиксот нај, множина кај именките со додавката -и, појавата на определена и неопределана форма кај именките и зачестената употреба на предлогот на[1]. Со вака идентификуваните слоговни знаци, нивното означување и определените правила на пишување, создадена е еднозначна методологија за препознавање на одредени зборови и читање на запишаното[1]. Резултатите од дешифрирањето на средниот текст на каменот од Розета укажуваат на многу повеќе детали кои ги нема во текстот запишан со античко-грчко писмо[1]. Оваа констатација го потврдува сознанието на науката уште од времето на Томас Јанг (1822 година) дека средниот текст е оригиналот, врз основа на што заедно со ова истражување може да се допрецизира дека декретот на фараонот во средниот текст на каменот од Розета во оригинал е напишан на јазикот на античките Македонци со писмо на живите господари, односно со официјалното писмо и јазик на државата којашто тие ја управувале повеќе од еден век[1].

Поврзани страници[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Бошевски, Томе; Тентов Аристотел (2005). По трагите на писмото и јазикот на античките Македонци (на македонски). „Прилози на одделението за математичко-технички науки“ (Скопје: МАНУ) 2 (XXVI): 51–90. ISSN 0351-3246.