Раните векови во христијанството

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
  Ширењето на христијанството во Европа до 325
  Ширење на христијанството во Европа до  600
  *На мапата не е прикажана Ерменија, која прва го признала христијанството за официјална религија во почетокот на 4 век

Раното христијанство (обично се сметаат како христијанството кое го опфаќа периодот пред 325 година) се проширело од источниот дел на Медитеранот во Римската Империја и пошироко во Источна Африка и Јужна Азија, па сè до Индија. Во почетокот, овој развој или ширење на христијанството било тесно поврзано со центрите на хебрејската вера, како Светата земја и еврејската дијаспора. Исус и неговите следбеници биле првите евреи кои историчарите ги посочиле како еврејски христијани.

По Христовото распнување, Јаков Праведниот го презел управувањето со Ерусалимската црква. Голем дел од апостолите пак заминале надвор од Ерусалим, основајќи ги првите христијански заедници. Раните христијани обично се собирале во мали приватни домови, познати како куќни цркви[1], но целата христијанска заедница го користела терминот црква кој збор во превод на грчки значи собор или толпа.

Голем дел од раните христијани биле трговци, кои поради своите потреби често патувале кон Северна Африка, Мала Азија, Арабија, Македонија, Грција, и други места[2][3][4]. До 100 година, биле основани повеќе од 40 такви заедници, од кои најголем дел биле формирани во Анадолија, познати како Седумте цркви во Азија[3][4]. До крајот на 1 век, христијанството започнало да се шири кон Рим, Индија како и главните градови на Балканот, Мала Азија и Сирија, кои послужиле подоцна како главни центри за христијанската експанзија.

Источна Римска империја[уреди]

Сионска горница на Сионската гора, место каде била одржана Тајна вечера и Педесетницата. Бергил Пиксер[5]
Слика која ја покажува денешната Базилика на Светиот Гроб која се наоѓа наГолгота, означувајќи го гробот на Исус.

Ерусалим[уреди]

Поврзано: Христијанство во Ерусалим, Апостолска ера и Патријарх на Ерусалим

Исус Христос и неговите апостоли, ученици и следбеници, како евреи заминале од Галилеја кон Ерусалим, и по пристигнувањето во градот се упатиле во Ерусалимскиот храм. Ова според христијанските верувања се случило во околу 33 година, време кога градот бил под римско владеење, како дел од Јудејската провинција на империјата. По инцидентот кој се случил во храмот, Исус во Ерусалим бил распнат на крст, каде воскреснал и се вознесел на небото со пророштво дека повторно ќе се врати.

Ерусалим станал прв центар на христијанството, според Дела апостолски во согласност со Католичката енциклопедија. Локацијата на првата христијанска црква претставувало местото каде се случила самата Педесетница[6], односно слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на педесеттиот ден од Христовото Воскресение. Братот на Исус, Јаков Праведниот бил лидер во раната црква. Овие позиции најверојатно тој ги задржил сè до уништувањето односно разрушувањето на градот во 70 година во опсадата на Ерусалим и повторното негово обновување, под името Елија Капитолина. Во 130 година, време кога скоро сите евреи биле протерени од градот. Претходно, во околу 50 година, во Ерусалим се одржал т.н. Апостолски собор на кој присуствувале Варнава, Павле, Јаков, Петар, Јован и.т.н., создавајќи ги столбовите на црквата[7]. Така, апостолите и старешините со апостолска уредба (Дела 15:19-21) одлучијале да изберат меѓу себе некои луѓе и да ги испратат со Павле и Варнава во Антиохија. Овде била направена и првата диференцијација на црквата од своите еврејски корени (прв голем чин за прифаќање на Исус како Месија[8]). Во приближно ист временски период јудаизмот сунетското обрежување го направил уште построг ритуал во својата вера[9].

Антиохија[уреди]

Поврзано: Антиохиска школа, Патријарх на Антиохија, Антиохија и Антиохиски обред
Црквата Свети Петар во близина на Антакија, Турција. Според преданието, се смета дека ова било местото каде Апостол Петар го проповедил евангелието во тогашна Антиохија.

Антиохија бил главен центар на Грција, и трет најважен град во Римската Империја[10], тогаш дел од провинцијата Сирија, а денеска во близина на градот Антакија во Турција[11]. Во овој град за прв пат се случило првото несогласување помеѓу апостолите, познат како инцидент од Антиохија. Според Дела на апостолите (15:36-40), Павле му речекол на Апостол Варнава да се вратат повторно и да ги посетат останатите апостоли по сите градови. Но на сметка на ова, Варнава сакал со себе да го понесе Јован, а Апостол Павле сметал дека не би требало да се води со нив оној кој претходно се одалечил од нив. Така, според Дела апостолски, дошло до расправа, по кое тие се разделиле. Варнава заминал кон Кипар, а Павле се вратил кон Сирија, основајќи ја новата црква. Спор се јавил и според Послание кон Галатјаните (2:11-13).

Овој град претставувал голем центар на раната црква, која традиционално се вели дека била основана од страна на Свети Петар, кој се смета и за прв епископ на антиохиската црква. Евангелиото по Матеј и Апостолскиот устав биле напишани во овој град. Игнатиј Богоносец бил избран за трет епископ на Антиохија. Факултетот во Антиохија бил основан во 270 година, како една од двета големи центри на раното црковно учење. Антиохиската црква станала една од петте најголеми цркви во пентархијата на Римската Империја[12].

Александрија[уреди]

Поврзано: Александриска школа, Патријарх на Александрија, Египет (римска провинција) и Александриски обред

Александрија е град кој се наоѓа во делатата на реката Нил, основена од страна на Александар Македонски. Овој град станал центар на старогрчкото учење. Еден од најпознатите еврејски философи бил Филон Александриски[13], а како најпознати црковни отци од ранохристијанската ера се вклучуваат: Антониј Велики, Атанасиј Александриски[14] , Кирил Александриски и Климент Александриски. Според одлуките од Првиот вселенски собор, Александрија станала седиште на христијанските цркви во Египет, Либија и цела Северна Африка.

По наредба на Кирил Александриски, во 415 година била целосно разрушена еврејската населба во градот, како на резултат на декретите кои претходно ги имал издадено императорот Теодосиј I.

Таканаречената Александриска школа била една од трите школи, трите правци на христијанската теолошка философија, покрај Антиохиската школа и посебниот правец што бил создаден како резултат на списите што му се припишуваат на Дионисиј Ареопагит.

За прв епископ или основач на црквата во Александрија се смета Свети Марко.

Анадолија[уреди]

Поврзано: Историја на Анадолија и Христијанство во Турција

Jован Богослов според историјата на христијанството одиграл голема улога во Анадолија, блискоисточниот дел на денешна Турција, во западната римска провинција Азија. Евангелието по Јован најверојатно било напишано во Ефес. Според Новиот Завет, главните патувања и проповедања во почетокот на Апостол Павле биле на територијата на Анадолија.

Книгата на Откровението, се верува дека била напишана од Jован Богослов или од Јован од Патмос, на еден грчки остров кој се наоѓа на 20 милји надвор од анадолскиот брег. Според истиот извор, во тогашно време постоеле т.н. Седум азиски цркви или Седум цркви на Азија. Првото пославние на Петар [15]) се однесува на анадолскиот регион, каде се споменуваат регионите и провинциите Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витинија. Освен ова, на југоисточниот дел на Црно Море, местото Понт, кое било грчка колонија, се споменува три пати во Новиот Завет. Жителите на Понт биле првите кои го прифатиле христијанството. Плиниј, гувернер од 110 година, во своите писма се обратил кон христијаните во Понт.

Пет од преживеаните писма на Игнатиј Богоносец се однесуваат до анадолските градови. Смирна била родното место на Свети Поликарп Смирнски, епископ кој наводно бил еден од раните апостолски отци и директен ученик на Јован Богослов. Според Светото Предание, тој бил жив изгорен во Смирна, седиштето на неговата Епископија (денешен Измир, Турција).

Во текот на 2 век, на просторот на Анадолија се појавил Кватродециманизамот и Монтанизам. Монтанизамот претставувал ранохристијанско движење, кое било наречено според основачот Монтан. Монтан своето проповедење го започнал во 170 година, во областа околу Фригија, тврдејќи дека примил серија од должности дадени од Светиот Дух. Меѓу раните работници од овој простор бил и Маркион, кој бил основач на подоцна гностичката секта на марионите. Маркион ја нагласувал неспоивливоста помеѓу Стариот и Новиот Завет, односно пораките на Исус и јудаизмот. Маркиот успеал да создаде еден вид опозициска црква во рамките на Римската империја. По ова, неговата црква била прогласена за ерес. Главната цел на Маркион била да се одвои христијанството од јудаизмот.

По кризата од 3 век во империјата, Никомедија станала престолнина на Источното Римско царство, во 286 година. Првиот анкарски собор се одржал во 314 година, каде биле донесени 25 канони. На самиот собор присуствувале 18 епископи од Мала Азија, а претседавал Виталиј Антиохиски. На соборот се дискутирало за причинатите штети од христијанското прогонување.

Во 325 година, во Анадолија бил одржан Првиот вселенски собор, свикан од страна на Константин Велики во Никеја во 330 година. По ова, следувале и останатите шест собори, кои се одржале во Западна Анадолија или Константинопол. Во ова време, градот Константинопол станал престолнина на Византија, и како главен религиски центар на православното христијанство бил до 1453 година, кога византиската држава пропаднала[16].

Кесарија[уреди]

Поврзано: Архиепископ на Кесарија
Римски аквадукт во Кесарија.

Кесарија, која се наоѓа северозападно од Ерусалим, била изградена од страна на Ирод Велики во периодот од 25 п.н.е. и 13 п.н.е., и претставувала престолнина на римската провинција Јудеја од 6 до 132 година. Во Кесарија, според Дела апостолски (10:10-16), Петар го крстил стотникот Корнелиј. Според истиот извор, на Корнелиј му се јавил Господ и му наредил да испрати луѓе во Јопија, и да го побараат Симон Петар. Додека тие патувале кон градот, Петар се качил на покривот од куќата, каде се молел. Кога дошле луѓето на Петар, тој ги примил и ги нагостил, а по ова, следниот ден Петар заминал во Кесарија каде го крстил на Корнелиј.

Според Апостолскиот устав (7:46), првиот епископ на Кесарија бил Апостол Закхеј, и покрај тоа што Католичката енциклопедија тврди дека не постои доказ односно евиденција за епископите од 2 век во Кесарија. Закхеј најпрвин работел како цариник, но кога Исус Христос го видел качен на дрво во Ерихон (Лука 19:1-9), влегол во неговиот дом, а ова го приведел Закхеј кон покајание. Подоцна тој го придружувал апостолот Петар, којшто го поставил за епископ на Кесарија.

Ранохристијанскиот философ и теолог Ориген престојувал во Кесарија, каде по заповед на ерусалимскиот епископ Александар, започнал да проповеда, и покрај тоа што немал никаков хиерархиски чин во црквата. Ориген во Кесарија на објавил Хексапла. Свети Василиј Велики и Свети Јероним ја посетиле библиотеката на Ориген која најверојатно била уништена од страна на Персијците во 614 година, или пак од Сарацените во 637 година[17].

Дамаск[уреди]

Поврзано: Сириска Православна црква и Христијанство во Сирија

Дамаск е главен град на Сирија и се смета дека е најстариот град во светот.

Според Новиот Завет, во Библијата се раскажува дека на пат кон Дамаск апостол Павле видел необична светлина од која тој ослепил и го слушнал гласот на Господ од небото, кој му рекол:

Савле, Савле, зошто ме прогонуваш?
Кој си Ти, Господине?.
Јас Сум Исус, Кого ти Го гониш. Тешко е за тебе да се риташ против бодило![18] .

Тој настан бил преврт во неговиот живот, прекрстувајќи се во Дамаск и станувајќи еден од најголемите проповедници на христијанството.

Дамаск се споменува во Дела апостолски во 22:1-22, 26:1-24. Според овие податоци, Дамаск бил еден од првите градови кои ги посетил Апостол Павле во текот на своето делување.

Кипар[уреди]

Поврзано: Кипарска православна црква
Столб на апостол Павле во Пафос

Пафос бил главен град на островот Кипар во текот на римските години и седиште на римскиот командант. Во 45 година, апостолите Павле и Варнава (според Католичката енциклопедија, тој бил роден на островот) отишле на Кипар и стигнале до Пафос проповедајќи го Словото на Христа. Според Апостолски дела (13:4-13), Павле проповедал во јудејските синагоги, каде ги пресретнал некој маѓепсник по име Варисус, кој се спротиставувал на новите гости. По ова Павле се обратил со зборовите: ”О, ти полн со секакво лукавство и злоба, ѓаволски сине, непријателу на секоја праведност, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта?!“. Во истиот миг тој ослепил.

Апостолите биле прогонувани од страна на Римјаните, но на крајот успеале да го убедат римскиот командант Сергеј Паулус да се откаже од својата стара религија и да го прими христијанството. По пет години, Варнава се вратил на островот, каде што станал епископ задолжен за ширењето на христијанството на островот.

Грција[уреди]

Според Дела на апостолите, градот Никопол бил посетен од страна на Апостол Павле, кој град денеска се наоѓа во урнатини. Според Католичката енциклопедија, Павле овде покрстил голем број на христијани. Во овој град некое време живеел и Ориген. По ова, најверојатно Павле се упатил кон Коринт, денес во урнатини, во јужниот дел од Грција. Коринт претставувал главен центар на христијанството во регионот. Според Католичка енциклопедија, Свети Павле проповедал во Коринт, и живеел во куќата на Акила и Прискила (Дела 18:1), каде Сила и Тимотеј подоцна му се придружиле. Акила и Прискила го придружувале Павле во Ефес и му помагале во апостолското дело. Од Ефес, Павле го напишал своето Прво послание до Коринќаните.

Атина, главниот град и најголем град во Грција, бил исто така посетен од страна на Павле. Според Католичката Енциклопедија, Павле отишол во Атина од Бер во Македонија, а најверојатно претходно се задржал и во Пиреја. Ова се случило во околу 53 година. Се смета дека христијанската заедница во Атина била многу брзо формирена, и покрај тоа што во почетните години таа не поседувала голем број на членови. За прв епископ на Атина бил поставен Дионисиј Ареопагит. Дионисиј патувал заедно со Павле по другите градови. Друг позначаен ранохристијански светец е Аристид Атински, христијански апологет, философ и учител Атинагора. Папа Хигин бил еден од првите папи кои седнале на престолот во Рим, по потекло од Атина.

Македонија[уреди]

Поврзано: Македонска Православна црква и Христијанство во Македонија

Христијанството во Македонија, па и пошироко на Балканот, прв го проповеда и шири Апостол Павле при своите мисионерски патувања, за што сведочат и „Делата Апостолски“. На тие негови патувања го придружувале и апостол Лука, апостол Тимотеј, апостол Сила и апостол Тихик кои и самите независно од апостол Павле работеле на христијанизација на овие простори. Низ Македонија проповедел и Апостол Андреј Првоповикан кој го поставил апостол Урбан за прв епископ во Македонија. Апостол Силуан бил првиот епископ во Солун, а Епафродит во Адрија или Адријакија (погранично место со Тракија).

Според некои, Првото послание на Петар кон Солунјаните се смета за првиот контакт на христијанството во Европа[19].

Апостол Павле во Македонија дошол најверојатно во 54 година. Според Апостолски дела, кога апостолот Павле се наоѓал во Троада, му се јавил на сон еден Македонец кој што го молел велејќи:„Премини во Македонија и помогни ни“! ([20]). Така, Апостол Павле уште истиот ден тој и неговите блиски соработници, кои го придружувале - Сила, Тимотеј и Лука, отпловиле во градот Филипи (Дела Апостолски 16.11-12), кој град се наоѓал на 15 километри од брегот на Егејско Море. Потоа откако го оставил во Филипи апостол и евангелист Лука, апостол Павле со Сила и Тимотеј заминале за Солун, главниот град на Македонија.

Во Македонија христијанството почнало посебно да зема замав кога римскиот император Константин Велики во 313 година го прифатил за државна религија и така им дал можност на христијаните слободно да ја исповедаат и да ја проповедаат својата вера. Од тоа време се познати епископските седишта во Солун, Стоби, Скупи, Астибо и Хераклеа. Кон крајот на 5 век Солун веќе станал седиште на Архиепископија, а Скупи на митрополија.

Кирена[уреди]

Поврзано: Христијанство во Либија

Кирена, во денешна Либија, била грчка колонија, која подоцна се претворила во римска провинција. Во овој регион живееле значителен број на евреи, барем до т.н. Вавилонски бунт, кој бил предизвикан од рушењето на Вториот храм во Ерусалим. Според евангелието на Марко (15:21), во последните мигови од животот на Исус, го натерале на еден минувач, Симон Киринеец, кој се враќл од полето, да го носи крстот на Исус.

Киринија се споменува во Апостолските дела на неколку пати: 2:10, 6:9, 11:20, 13:1. Според истиот извор, Луциј Киринеец бил еден од првите епископи на Кирена.

Западна Римска империја[уреди]

Поврзано: Западно христијанство

Рим[уреди]

Поврзано: Епископ на Рим
Исус ги предава кучевите на Петар
Поглед кон Ватикан

Во евангелијата на Матеј, Лука, Јован и Марко исто така се споменува Петар како водач над сите апостоли, како прв ученик кој бил повикан од Исус.[21] Околу догмата и според традицијата на Римокатоличката црква за нејзиното основање, таа пред се се потпира врз изводите од Библијата во Евангелието на Матеј:

И Јас ти велам, дека ти си Петар, и на тој Камен ќе ја изградам Мојата Црква, и портите на пеколот нема да надвладеат наспроти неа. И ќе ти ги дадам клучевите на царството небесно, и што и да сврзеш на земјата, ќе се појави веќе сврзано во небото; и што и да разврзеш на земјата, ќе биде веќе разврзано во небото.” [22][23]

Но, оваа послание кон Петар не се манифестирало само во оваа понуда. По воскреснувањето, Исус Христос го поверил Петар како “мандатор“ за распространување на новата вера[24](Јован, 21:15). Во Евангелието на Лука се вели:

Симоне, Симоне, ете, сатаната побара да ве просее како пченица, но Јас се молев за тебе, за да не се намали твојата вера. А ти, кога еднаш ќе се обратиш, зацврсти ги своите браќа!” (Лука, 22:31)[25]

Сепак, некои некатолички научници сметаат дека Исус не планирал да формира црква која ќе владее над сите.[26]

Посланието на Павле до Римјаните (1:15) дава доказ дека христијанска заедница во Рим веќе постоела пред да дојде Павле во Рим, но сепак не се споменува името на Петар. Попради исправените посланија и неговите христијански убедувања, Свети Игнатиј Антиохиски бил осуден на смрт од страна на Римјаните[27]Годините помеѓу 166 и 176 година, бискупот од Коринт, Дионисиј изјавил дека апостолите Апостол Павле и Петар биле во градовите Коринт и Рим, каде што го проповедале Евангелието.[28] Во околу 190-200 година, римскиот свештеник Гај пишува околу одбрната на својата христијанска вера[29][30] за Ирениј (починал 202), кој го потврдил основањето на Римокатолилчката црква од страна на Петар и Павле.[31]

Какао и да е, седиштето на римската империјална моќ набргу станало центар на црковната власт во империјата, чија моќ се зголемила во следните неколку векови. Самата света престолнина била признаена на Вселенските собори. Улогата на источното православие во корист на Рим постепено започнала да се намалува кога за нова престолнина бил избран градот Константинопол, како глава на црквата.

Сиракуза[уреди]

Сиракуза била основана од страна на грчки колонисти во 734 или 733 година п.н.е., како дел од Голема Грција. Според Католичката енциклопедија, црквата во Сиракуза била втората црква која ја основал Свети Петар, по онаа во Антиохија. Во времето на Свети Кипријан, христијанството земало голем замав во околината. Како доказ за ова се јавуваат и пронајдените катакомби кои датираат од 2 век.

Аквилеја[уреди]

Освен Сиракуза, и Аквилеја бил ранохристијански центар. Самиот град бил основан од страна на Римјаните покрај Јадранско Море. Според преданието, се вели дека христијанството било проповедено од страна на Апостол Марко, пред неговата мисија во Александрија. Хермагора од Аквилеја бил избран за втор епископ на тамошната црква.

Црквата во денешниот град Милано (во 1 век Медиолан), се верува дека била основана од страна на апостол Варнава во 1 век. Гервасиј и Протасиј биле едни од првите христијански маченици.

Картагина[уреди]

Картагина била во римската провинција Африка, јужно од Медитеранот. Тертулијан и Свети Кипријан биле првите христијански водачи кои ја основале христијанската црква. Картагина во 698 година паднала во рацете на муслиманите по исламското освојување.

Салона[уреди]

Салона бил главниот град на римската провинција Далмација, на источниот брег од Јадранско Море. Салона бил еден од првите христијански градови, а денеска е во урнатини и спаѓа во територијата на Хрватска.

Надвор од Римската Империја[уреди]

Ерменија[уреди]

Поврзано: Христијанство во Ерменија и Ерменска апостолска црква
Крстењето на Тиридат

Христијанството станало официјална религија во Ерменија во периодот помеѓу 301 и 314 година, време кога христијанството било нелегално во Римската империја.

Според Светото предание на Ерменската црква, по воскресението на Исус Христос, еден од Неговите ученици, Апостол Тадеи, отишол во Едеса, каде што го излечил од лепра царот Осроени Авгар, и по ова се упатил кон Голема Ерменија, како што проповедало Словото Божјо. Помеѓу многуте негови следбеници, кои го прифатиле христијанството, била и ќерката на ерменскиот цар Санатрук Сандухт. Поради својата христијанска вера, апостол Тадеј заедно со царската ќерка и други свои следбеници, ја прифатиле измачувачката смрт. Неколку години подоцна, на 29 годишнината од владеењето на Санатрук, апостол Вартоломеј отишол во Ерменија по неколкугодишните проповеди во Персија. Тој убедил многу свои следбеници да го прифатат христијанството, меѓу кои била и сестрата на царот, а исто така и многу аристократи. По наредба на царот Санутрак апостол Тадеј го прифатил мачењето до смрт во градот Аребанос, кој е сместен меѓу езерата Ван и Урмија. Денеска постои фрагмент кој го опишува мачењето на првите христијани во Ерменија, на крајот на 1 век и почетокот на 2 век. По подолги воени капмањи на Исток, царот Арташес ги замолил своите проповедници повторно да дојдат во дворецот и да продолжат да проповедат за Христос. Во отсуство на царот, ерменските христијани покрстиле некои од дворските помошнички на царица Сатеник. Поради тоа, тие биле осудени на смрт од синовите на царот. Новите христијани се населиле на падините на планината Џрабашх, каде што живееле во текот на 44 години, по што по наредба на аланскиот цар истите биле судени на смрт.

Во текот на 1 век, за ширењето на христијанството во Ерменија придонеле голем број надворешни и внатрешни фактори. Така на пример, во тоа време христијанство било широко распространето во соседните држави на Ерменија: Кападокија, Осроени и Адиабене. Трговијата, политичките и културните врски со тие земји создале поволни услови за ширењето на христијанството во Ерменија. Покрај тоа, во текот на првите три века од новата ера, Мала Ерменија била дел од римската провинција Кападокија, и по сосема лесен пат христијанството можело да се прошири преку Мала Ерменија во Велика Ерменија. Важен предуслов за ширењето на христијанството било постоењето во Ерменија на еврејски колонии. Како што е познато, првите христијански проповедници обично ги започнувале своите проповеднички активности имено во овие места, во кои се наоѓале еврејските општини. Така Апостол Тадеј, додека бил во Едеса, отседнал во домот на еврејскиот велмож Тубиј. Еврејски општини во тоа време постоеле во главните градови на Ерменија: Тигранакерт, Арташат, Вагаршапат и други.

Тертулијан во книгата "Против евреите", напишана во 197 година ги посочил народите, кои го прифатиле христијанството: партијци, лидијци, фригијци, кападокијци, споменувајќи ги ѝ Ерменците. Кон крајот на 2 и почетокот на 3 век христијаните во Ерменија биле прогонувани од страна на царот Вагарш II (186-196), Хосров I (196-216) и нивните наследници. Овие прогони ги опишал епископот Кападокиски и Кесариски Фирмилијан (230-268) во неговата книга "Историја и прогонствата на Црквата". Евсевиј Кесариски напишал писмо до Дионисиј Александриски "за покајание на браќата во Ерменија, каде што епископот бил Меружан". Писмото датира од 251-255 година. Така кон средината на 3 век во Ерменија постои организирана и призната од Вселенската Црква христијанска општина.

Во 301 царот Тиридат III го прогласил христијанството за државна религија. На овој начин ерменскиот цар го направил религиозното ограничување на Ерменија од Иран, кој се стреми да подчини соседна Ерменија. Најголема улога во покрстувањето на Ерменците имал Свети Григориј Просветител. Во 303 година била изградена црквата во Ечмиадзин (во близина на Ереван), која се претвора во религиозен центар за сите Ерменци. По името на првиот католикос Григориј, Ерменската Апостолска Црква понекогаш се нарекува и грегоријанска црква.

Етиопија[уреди]

Етиопија била една од првите земји која го примила христијанството на државно ниво како официјална религија. Христијанството во тогашната империја не дошло од Европа, како во другите земји на Африка и Азија, туку директно од Палестина, преку Египет.

За прв епископ на црквата бил избран сирискиот монах Фрументиј во текот на 350 година, и тоа во времето на императорот Езана, кој прифатил покрстување на неговиот народ[32].

Наводи[уреди]

  1. Павле во ПОСЛАНИЕ НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ ДО РИМЈАНИТЕ (16:5) го употребува терминот „...и црквата во нивниот дом!...“ .
  2. Видмар, Католичката црква низ вековите (2005), pp. 19–20
  3. 3,0 3,1 Хитчкок, Географија на религијата (2004), p.страна 281, цитат: "До 100 година, повеќе од 40 христијански заедници постоеле во градовите низ Медитеранот, вклучувајќи и две во Северна Африка, во Александрија и Кирена, како и неколку во Италија."."
  4. 4,0 4,1 Бокенкотер, Кратка историја на католичката црква (2004), p.страна 18, цитат: "Историјата за тоа како оваа мала заедница на верници се шири во многу градови по Римската империја во рок од помалку од еден век е навистина едно извонредно поглавје во историјата на човештвото."
  5. Bargil Pixner, Апостолската црква основена на Сионската гора, Библиски археолошки погледи 16.3 мај/јуни1990 [1] тврди дека на оваа место била изградена црква посветена на светите апостоли
  6. "Jerusalem." Cross, F. L., ed. Оксфордски речник на христијанската цЦрква. Њујорк: Oxford University Press. 2005
  7. Католичка енциклопедија: St. James the Less: ... „и кога ја познаа благодатта, што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои беа сметани за столбови, ни ги дадоа, мене и на Варнава, десниците во знак на заедништвото; за да одиме ние до паганските народи, а тие до обрезаните;... Имено, пред да дојдат некои од Јакова, тој јадеше со многубошците, но кога дојдоа овие, тој се повлече и се отстрани, заради страв од обрезаните“. ПОСЛАНИЕ НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ ДО ГАЛАТЈАНИТЕ (2:9)
  8. Мекграт Алистер, Христијанство: Вовед, Blackwell Publishing,(2006), ISBN 1-4051-0899-1, страна 174: "Всушност, тие еврејски христијани христијанството го имале како потврда за секој аспект на современиот јудеизам, со додавање на едно екстра верување -. дека Исус бил Месија."
  9. "peri'ah", (Shab. xxx. 6)
  10. Cross, F. L., ed. Оксфордски речник на христијанската црква. Њујорк: Oxford University Press. 2005, наслов: Антиохија
  11. Acts 11:26
  12. "Обично надлежноста се протегала на териториите на соседните земји... Најголемите епископи имале такво овластување, како на пример Рим бил одговорен за цела денешна Италија или дел од неа, Александрија за Египет и денешна Либија, Антиохија за најголемиот дел од Мала Азија. Последните три биле признаени од страна на Влеленскиот собор во Никеја од 325 година" Cross, F. L. - Оксфордски речник на христијанската црква. Њујорк: Oxford University Press. 2005, наслов патријарх
  13. Еврејска енциклопедија: Александрија, Антички Египет (англиски)
  14. Според Католичка енциклопедија од статијата Александрија: " Едно од најзначајните морски пристаништа во Египет, регионот на левиот брег од реката Нил, бил создаден град од страна на Александар Македонски во текот на 331 година пред новата ера. Птоломејците, наследници на Александар Велики на престолот во Египет, многу бргу градот го претвориле во еден од најголемата трговска метропола во светот. Гај Јулиј Цезар, кој го посетил градот во 46 година пред новата ера, ја остави кралицата Клеопатра да владее, но кога Октавијан Август се качил на престолот, во 30 година пред новата ера, Египет и самиот град го претворил во римска провинција. Александрија продолжила да се развива значително и во римско време, и бил еден од најзначајните градови во Византија по Константинопол. Христијанството во градот било донесено од страна на апостолот Свети Марко. Истата вера била прифатена од страна на голем број на верници и учени од кои најпознати се Кирил Александриски и Ориген. Била создадена и Александриската црква, од кои во раното христијанство морат да се споменат Атанасиј и Кирил...
  15. (http://www.mkbible.net/biblija/index.php?1%20Petrovo%201 1:1-2 МАкедонска Библија
  16. [http://www.newadvent.org/cathen/01782a.htm Католичка енциклопедија: Мала Азија: Ширење на христијанството во Мала Азија: "Мала Азија секако беше првиот дел од римскиот свет која го прифати во целост принципите на новата христијанска религија. Соседна Ерменија во почетокот на 4 век стана првата држава која официјално ја прифати религијата на Исус Христос на државно ниво (Евсевиј IX, VIII)."
  17. КАтоличка енциклопедија: Палестинска Кесарија
  18. Библија на македонски
  19. [http://www.newadvent.org/cathen/12007b.htm Католичка енциклопедија: Филипи: "Филипи е првиот град во Европа каде свети Павле ја проповедаше верата христова. Таму тој пристигнал со Сила, Тимотеј и Лука во околу 52 година."
  20. Дела Апостолски 16:9
  21. Duffy,3
  22. Евангелие на Матеј: Chapter 16, Verse 18.
  23. http://www.mkbible.net/biblija/index.php
  24. http://www.mkbible.net/biblija/index.php
  25. http://www.mkbible.net/biblija/index.php
  26. K Weiss Exegetisches zur Irrtumslosigkeit in Neutestamentliche Abhandlungen, 1916, 4,5
  27. „Letter of Ignatius of Antioch to the Romans“. http://www.crossroadsinitiative.com/library_article/244/Letter_of_Ignatius_of_Antioch_to_the_Romans.html. 
  28. Gröber 511
  29. Roman priest, Caius, refers to the tombs of SS. Peter and Paul : "I can show you the trophies tombs of the apostles. If you go to the Vatican or on the road to Ostia you will see the trophies of those who founded this church
  30. Gröber 511-512
  31. Gröber, 512
  32. Католичка енциклопедија: Етиопија