Елизабета I

Од Википедија — слободната енциклопедија
Елизабета I
Elizabeth I
Кралица на Англија и Ирска (повеќе...)
„Дарнлиев портрет“, ~ 1570 г.
„Дарнлиев портрет“, ~ 1570 г.
Владеел(а) 17 ноември 155824 март 1603
Крунисување 15 јануари 1559
Претходник Мери Тјудор
Наследник Јаков VI
Династија Тјудори
Татко Хенри VIII
Мајка Кралица Ана Болејн
Роден(а) 7 септември 1533
Плацентиска палата
Умрел(а) 24 март 1603
Ричмондска палата
Погребан(а) Вестминстерска опатија

Елизабета I (англиски: Elizabeth I; 7 септември 153324 март 1603) — кралица на Англија, кралица на Франција (само титуларно) и кралица на Ирска од 17 ноември 1558 г., па сè до нејзината смрт. Понекогаш е попозната преку нејзините синоними како Кралицата-девица или Добрата кралица Бес. Кралицата Елизабета била петтиот и последен монарх од династијата Тјудори (претходните четири биле нејзиниот дедо Хенри VII, нејзиниот татко Хенри VIII, нејзиниот полубрат Едвард VI и нејзината полусестра Мери I, попозната како Мери Тјудор или Крвавата Мери). Владеела околу 45 г., период што бил обележан со зголемување на англиската моќ и влијание во меѓународните односи, како и со големи религиозни нереди што беснееле внатре во Англија.

Владеењето на Елизабета е познато како Елизабетанско време или Златното време на кралицата Елизабета. Вилијам Шекспир, Кристофер Марло и Бен Џонсон живееле и твореле за време на оваа ера; Франсис Дрејк станал првиот Англичанец кој го обиколил светот; Франсис Бејкон ги изнел своите политички и филозофски гледишта; а англиското колонизирање на Северна Америка започнало благодарение на сер Волтер Рајли и сер Хамфри Гилберт. Елизабета била сигурна и силна владетелка. Нејзиното омилено мото било video et taceo („гледам и молчам“). Оваа нејзина стратегија, која честопати наидувала на нетрпение од нејзините советници, ја спасила од несоодветни политички и брачни односи. Исто како нејзиниот татко Хенри VIII, и Елизабета била писател и поет. Врачила кралски повластици на неколку значајни организации, меѓу кои Колеџот на Тројството во Даблин во 1592 г. и Источноиндиската компанија во 1600 г.

Во нејзиното 45-годишно владеење, доделила само девет благороднички достоинства една ерловска и седум баронски во рамките на кралството Англија и едно баронство во рамките на Ирска. Го намалила бројот на советници во нејзиниот Таен Совет од триесет девет на деветнаесет, а подоцна на четиринаесет.

Животопис[уреди | уреди извор]

Детство и адолесенција[уреди | уреди извор]

Принцезата Елизабета на возраст од 13 г., насликан 1546, од Вилијам Скротс. Портретот бил претставен како подарок од принцезата до нејзиниот полубрат, Едвард VI

Елизабета била второ дете на кралот Хенри VIII од неговата втора жена Ана Болејн. Парот тајно се венчал некаде помеѓу средината на зимата 1532 и доцниот јануари 1533 г. Во подоцнежниот живот, Елизабета му спомнала на Венецијскиот амбасадор дека нејзе и било речено за ноември како најран датум. Елизабета се родила во палатата Плацентиа во Гринич на 7 септември 1533 г. Името го добила во спомен на нејзината баба, Елизабета Јоршка. Со нејзиното раѓање, Елизабета станала наследничка на престолот (со можност за смена во случај на машки наследник) на Англија и покрај тоа што имала постара полусестра, Мери; Мери не била сметана од Хенри VIII за наследник бидејќи претходно тој го поништил бракот со нејзината мајка, шпанската принцеза, Катерина од Арагон. И покрај популарниот трач дека Мери не ја сакала својата помала полусестра, сепак факт е дека сестрите биле доста приврзани една со друга. Меѓутоа подоцна нивната врска ќе претрпе доста, поради тоа што двете жени биле поставени и поддржувани од два спротивставени табори по политички и религиозни прашања.

Една од најголемите грижи на кралот Хенри била да го обезбеди владеењето на династијата Тјудор со раѓање на легитимен машки наследник (тој веќе имал нелегитимен син Хенри Фицрој првиот војвода на Ричмонд и Сомерсет од Елизабет Блоунт, меѓутоа момчето кое живеело од 1519 до 1536 г. било недолично за добивање на наследната титула), но со раѓањето на Елизабета кралицата Ана не била во можност да обезбеди таков наследник, со што следат расправии. При последната кралицата Ана била уапсена на 2 мај 1536 г. а потоа била обезглавена на 19 мај истата година, под обвинение за предавство;инцест со нејзиниот помлад брат Џорџ Болејн и за вештерство. Историчарите дебатираат околу вистинските причини за нејзиниот пад, меѓутоа општо е прифатено дека обвниненијата биле лажни и без докази, а нејзината смрт била организирана од нејзините политички соперници.

Елизабета која тогаш имала три години, била прогласена за нелегитимна и ја загубила титулата принцеза. Таа ги загубила и парите и подароците кои нејзината мајка ги има оставено за неа, По смртта на Ана, Елизабета била ословувана како Леди Елизабета и оттогаш живеела одвоено од нејзиниот татко и неговата следна кралица. 1537 г. кралот се оженил со неговата трета жена, Џејн Сејмор, која му родила машки наследник, Едвард кој со тоа станал принц на кралството.

The Miroir or Glasse of the Synneful Soul, ракописен превод од француски од страна на Елизабета на единаесет годишна возраст, кој бил подарен на Катерина Пар во 1544. Везот со монограмот КП за "Катерина Пар" се верува дека било лично сработен од Елизабета.[1]

Првата гувернанта на Елизабета била Леди Маргарита Брајан, бароницата која Елизабета ја викала „Муги“. На четиригодишна возраст Елизабета добила нова губернаторка, Катерина Шампернова (подоцна станала Леди Катерина Ешли) која нагалено ја викала „Кејт“. Катерина се приврзала со Елизабета и подоцна во текот на животот останале во блиски односи. Метју Паркер кој бил омилен свештеник на нејзината мајка Ана, посебно внимавал за доброто на Елизабета, делумно бидејќи нејзината мајка Ана му ја доверила оваа задача на Паркер, по нејзината смрт. Паркер подоцна ќе стане првиот Архиепископ Кантербериски, откако Елизабета ќе се искачи на престолот во 1558 г. Уште една личност која ќе ја заслужи довербата на Елизабета и кон која искажувала блискост бил и нејзиниот братучед, Ирецот Томас Батлер, подоцна третиот Ерл од Ормонде. Елизабета била снаодлива, одлучна и инзвондредно интелигентна. Учела од интерес, а баш како и нејзиниот татко и мајка, била харизматична и заводлива. Таа исто така ги наследила нивните остри јазици и жестоки карактери.

Хенри VIII починал во 1547 и бил наследен од Едвард VI. Катерина Пар, последната Хенриева жена, која се омажила за Томас Симор, првиот барон Симор од Судели, кој бил чичко на Едвард VI, ја зела Елизабета под свој покрив. Таму Елизабета го добила своето образование под покровителство на Роџер Ашхам. Научила да пишува и општи на шест јазика, мајчиниот англиски, како и француски, шпански, италијански, старогрчки и латински. Елизабета била посветен читател и често поминувала часови читајќи латинска или старогрчка литература. Под влијание на Катерина и на Ашхом, Елизабета била воспитувана во протестански дух.

Меѓутоа Елизабета не живеела долго со својата маќеа. На Петовден во мај 1549 г. била испратена во Честхант во домот на сер Антони Денај, од страна на веќе бремената Катерина која била загрижена за блиската врска помеѓу нејзиниот маж Симор и Елизабета и за нивното недолично однесување; однесувањето на Томас за тоа време било крајно непристојно (во една прилика тој влегол во нејзината соба, додека Елизабета сѐ уште била во нејзината ноќница), па се прошириле гласини дека Томас ја завел помладата си штитеничка или дека намеравал да ја ожени. Елизабета никогаш повеќе не ја видела својата маќеа, иако подоцна разменувале срдечни писма, сè до смртта на Катерина која после породувањето починала од треска на 5 септември 1548 г. После ова Елизабета била префрлена на кралскиот имот во Хатфилд.

Случувањата од март 1549 г. ја вмешале и Елизабета како главен поддржувач на сплетките на Томас Симор за здобивање на моќ во Англија. Томас бил уапсен под обвинение за обид на киднапирање на кралот и за организирање на пуч против Лордот заштитник, со што сомневањето паднало и на Елизабета, која наводно сакала да се омажи со него. Елизабета била испрашувана од сер Роберт Тајрвит, кој утврдил дека таа е невина, со што не била обвинета. Меѓутоа Симор кој ја немал таа среќа бил осуден и погубен. Подоцна била создадена легенда која вели дека кога Елизабета дознала за погубувањето на Томас рекла “Денес умрел човек со голема духовитост, но со малку разум“. Всушност се чини дека легендата е измислена.

Кралицата Мери I ја затворила својата полусестра, принцезата Елизабета, во Лондонската кула под сомневање за предавство и соработка со предавникот Томас Вајт

Сè додека нејзиниот полубрат кралот Едвард VI седел на престолот, позицијата на Елизабета била сигурна. Но во 1553 г. болежливиот Едвард починал од туберкулоза, на возраст од петнаесет години. Оставил тестамент, според кој се обидел да го поништи актот за наследство од 1543 г. (кој бил донесен за време на неговиот татко Хенри VIII, според кој Елизабета и Мери се признаени за наследници на престолот веднаш после Едвард) и ја објавил Леди Џејн Греј, која била внука на Мери војвотката од Сафолк (сестрата на Хенри VIII), за наследничка на престолот. Оваа промена била дел од планот на регентот Џон Дадли првиот војвода од Нортамберленд кој бил изненаден од смртта на кралот, по што бил решен да се одржи на власт и да ги продолжи започнатите реформи. Со таа цел, а со одобрение на семејството на Леди Џејн, ја оженил за помладиот си син Гулдфорд Дадли. По смртта на Едвард, Џејн го наследила престолот, но владеела кратко, речиси две недели, по што била симната од престолот од страна на Мери и нејзината полусестра Елизабета, кои уживале широка поддршка од јавноста.

Мери Тјудор договорила брак со принцот Филип од Шпанија (подоцна ќе стане Филип II), бидејќи барала покровителство и зацврстување на католичкото влијание во Англија. Како резултат, на ова било кренато востанието Вајат во 1554 г. со цел да се спречи бракот на Мери со Филип, меѓутоа тоа не успеало, со што Елизабета била затворена во Лондонската кула, под сомневање за нејзина поддршка на ова востание. Имало барања и за погубување на Елизабета, меѓутоа малкумина Англичани се осмелувале да ја погубат поради популарноста на династијата Тјудор меѓу народот. Кралскиот канцелар Стефан Гардинер сакал сосема да ја отстрани Елизабета од нејзиното право за наследство на престолот, меѓутоа знаел дека нема да ја добие продршката од кралицата Мери и од парламентот. После два месеци поминати во кулата, Елизабета била пуштена на истиот датум кога нејзината мајка била погубена на истото тоа место пред осумнаесет години. Веднаш била отпратена во нејзиниот куќен притвор под стража на сер Хенри Бедингфиелд.

Во нејзиниот умерен почеток на владеењето католичката Мери, започнала со жесток судир против протестантите, за кои сметала дека се голема опасност за нејзиниот авторитет. По прогоните ќе стане позната како Крвавата Мери. Постојано ја притискала Елизабета да се преобрати на Католицизам, меѓутоа Елизабета истраела во својата намера со лажна наклоност и посветеност. Кон крајот на годината кога за кралицата Мери било погрешно сметано дека е бремена, Елизабета и било дозволено да се врати на дворот по налог на Филип. Тој бил загрижен дека жена му би можела да умре на породување од компликациите, а во тој случај тој повеќе би сакал да ја има на своја страна Елизабета која би го наследила престолот, отколку Мери Стјуарт, попозната како Мери, Кралица на Шкотите. Мери Стјуарт израснала на францускиот двор заедно со Франсоа, францускиот дофен (принцот наследник). Иако Мери Стјуарт била католик, сепак Филип не сакал таа да ја добие кралската круна, бидејќи тогаш англиската политика би била под големо француско влијание. Мери Тјудор починала во ноември 1558 г. со што Елизабета ја наследила на кралскиот престол.

Почетокот на нејзиното владеење[уреди | уреди извор]

Елизабета I на нејзиното крунисување
Кралски ословувања
Кралица Елизабета
Ословување: Нејзино Височество
Говорно ословување: Ваше височество
Алтернативно ословување: Нејзина/Ваша висост, Нејзина/Ваша милост

По смртта на Мери, народот во Лондон се радувал што Елизабета ќе ја наследи, што и се случило во ноември 1558 г. Според легендата Елизабета во тоа време се наоѓала на имотот во Хартфилд, под дабово дрво каде ја читала Библијата, иако тоа би било неверојатно со оглед на тоа дека било ладно поради зимската сезона. Слугата и пришол и целиот задишан ја ословил „Ваше височество......“, по што Елизабета го цитирала Псалмот 118 во одговор „Тоа е вољата на Бога и е величествено во нашите очи“. За време на нејзината поворка, обичниот народ од се срце се радувал, во нејзина чест биле изведувани игри, театарски претстави и пееле песни величејќи ја нејзината убавина и интелигенција. Крунисувањето на Елизабета се случило на 15 јануари 1559г. Таа тогаш имала 25 години. Поради откажувањето на одредени бискупи да учествуваат на церемонијата поради нелегитимноста на правото на Елизабета во очите на канонското право и на државата, таа задача била доделена на релативно непознатиот Овен Оглеторп, бискупот на Карлајл кој ја извршил церемонијата. Иако тој го извел крунисувањето, сепак не бил во добри односи со кралицата. Неколку недели пред крунисувањето, католичкиот бискуп држел миса на која одбил да и удоволи na Елизабета да не ја мери со Бога како негов претставник на Земјата, со што Елизабета демонстративно ја напуштила црквата веднаш после читањето на Евангелијата. Нејзиното крунисување било последно што било било кој Англиски монарх го вршел со латинска служба, освен на Џорџ I, кое уредно се вршело со англиканска. Подоцна Елизабета го унапредила својот свештеник Метју Паркер во Архиепископ Кантербериски.

Еден од првите проблеми со кои се соочила Елизабета на почетокот на своето владеење било религиското прашање. По тоа прашање главно се потпирала на советот на сер Вилијам Сесил. Со т.н. Актот за униформност од 1559 г. која го одобрила веднаш по стапувањето на престолот, се обврзувало употребата на „Книгата за редовна молитва“ (Book of Common Prayer) во црковните служби. Опоравувањето со Католичката црква започнало владеењето на Мери, но било завршено со доаѓањето на Елизабета на престолот. Кралицата си ја присвоила титулата „Врховен управник на Црквата на Англија“ (Supreme Governor of the Church of England), а не веќе постоечката „Врховен господар“ (Supreme Head), првенствено поради тоа што неколку бискупи, заедно се дел од јавноста чувствувале дека не било прописно една жена да биде прогласена за управник на црквата. Понатаму Актот за Врховна власт од 1559 г. налагал јавните службеници да даваат заклетва признавајќи ја монарховата контрола и власт врз црквата, во спротивно би се соочиле со жестоки казни. Многу бискупи одбиле да дадат согласност за религиската политика на кралицата, па поради тоа биле сменети од нивните позиции, на кои биле поставувани свештеници кои ја поддржувале кралицата. Елизабета основала нов Таен Совет, во кој отстранила многу од католичките советници. Под водство на Елизабета во многу било намалено фракциството во советот и конфликтите на дворот. Нејзинините нови советници биле Сер Вилијам Сесил, во функција на Државен секретар, како и сер Николас Бејкон, како Лорд-таен печат.

Елизабета го ратифицирала мирот од Като-Камбресис, кој бил воспоставен на 3 април 1559 г. со што постигнала мир со Франција. Токму таа била првата која го основала принципот „Англија на Англичаните“. Меѓутоа нејзиното друго кралство, Ирска било третирано поинаку. Англиските обичаи кои со сила биле наметнати таму, во големо биле непопуларни, заедно со нејзината религиозна политика.

Роберт Дадли, Ерл од Лестер насликан од Стевен ван дер Молен, 1560-тите

Веднаш по доаѓањето на Елизабета на власт, се наметнало прашањето за тоа кој би можел да биде најприкладниот кандидат за брак со неа. Меѓутоа причината поради која таа никогаш не го направила тоа се прилично нејасни; можеби чувствувала одбивност поради третманот на нејзиниот татко, кралот Хенри VIII кон неговите жени, со мислата за нејзината мајка која имала несреќна судбина, или пак можеби поради нејзината наводна проблематична врска од деството со лорд Томас Симор во неговиот дом. Повремените трачеви кои се појавувале сугерираат дека можеби се плашела да се впушта во каква било врска од страв да не се откријат некави дефекти на нејзиното тело, пред сè можеби лузние од сипаници што ги прележала. Позната е и приказната дека Елизабета ќе се омажела само за еден човек, а тоа бил Роберт Дадли, Прв Ерл од Лестер, во кој се верувало дека е длабоко вљубена и му ја има доделено функцијата Чувар на коњот на кралицата. Но до 1560 г. Роберт бил оженет за Ејми Робсарт, која тогаш починала во сомнителни околности. После смртта на Ејми, Роберт Дадли и кралицата не можеле да се венчаат, ако не друго тогаш поради неговото скромно семејно потекло (неговиот дедо бил непопуларен чиновник кој служел под Хенри VII, а бил погубен за време на Хенри VIII, додека пак неговиот татко бил непопуларниот Лорд заштитник). Некои се сомневале дека ако Елизабета не може да го има Роберт, тогаш воопшто нема да се мажи.

Меѓутоа попрагматично објаснување би било тоа што Елизабета не сакала да ја дели круната со никој друг, од страв бракот со било кој странец да не испровоцира тензија, поучена од катастрофалниот брак на нејзината полусестра Мери со Филип II. Токму поради ова, Елизабета не сакала да ризикува со бракот да ја направи Англија вазална држава или да го вмеша кралството во некаква си непрофитабилна и непопуларна војна во странство, каков што бил случајот со бракот на кралицата Мери. Од друга страна бракот со еден високоблагороден Англичанец би донело до тензии и конфликти на дворот, а Елизабета не смеела да ризикува поради нестабилноста на политичката ситуација во Англија, со што ако не би бил погоден кандидатот на сите фракции на дворот, би можело да дојде до вистински аристократски вооружен бунт. Во прилог на ова одело тоа што Елизабета сигурно би ги загубила сите имоти и приходи кои ги била наследила од својот татко Хенри VIII. Во тоа време во Англија владеело тивка нелагода околу тоа државата да биде водена од Кралица-регентка, што била и нејзината полусестра Мери, а сега и Елизабета. Поради тоа Елизабета ги донесувала сите државни одлуки сама, повремено советувајќи се на нејзино барање со нејзините советници. Како омажена кралица некои би очекувале од неа да ја предаде власта во потполност на својот сопруг, со што во потполност би се откажала од политичкиот живот на државата. Ова би било навистина застрашувачки по Англичаните доколку навистина би се остварило со оглед на тоа колку католички принцеви ја проселе.

Девственост[уреди | уреди извор]

Иако за Елизабета се однесува терминот Девствената Кралица, поради тоа што никогаш не се мажела, сепак нејасно е дали навистина била девица. Дури и меѓу нејзините современици била вистинска енигма, поради тоа што се воздржувала од брак, секс и пораѓање. Додека од еден крал се очекувало да располага со љубовници и конкубини, би било политички опасно и за една кралица да се однесува на сличен начин. Сексуалноста на монархот било многу важно тогаш по националната психа, баш како и во времето на нејзиниот татко.

Ретроспективно нејзината одлука да го сочува својата реноме како девица било предност. Да се омажела нејзиниот статус не би се сменил многу од којшто го имала тогаш, од кралица-регентка во кралица-сопруга. Но тогаш би требало да се обрне внимание на другите последици од една ваква одлука. Од една ренесансна жена во тоа време би се очекувало да се потпира на мислењето на нејзиниот сопруг, со што позицијата на надмоќ на една кралица владетелка би бил доведен во прашање. Брачниот живот би можел да донесе до непосакувани тензии во брачната постела но и во странство. Пример за тоа биле браковите на нејзината братучетка кралицата Мери Шкотска.

Но и покрај тоа, трачевите за наводните афери речиси никогаш не стивнувале, особено за нејзината врска со Роберт Дадли, Првиот Ерл од Лестер. Подоцна во текот на нејзиниот живот, кралицата се приврзала за посинокот на Дадли, Роберт Девероукс, Ерлот од Есекс.

Конфликти со Франција и Шкотска[уреди | уреди извор]

Потписот на Елизабета I

Кралицата пронашла опасен противник во лицето на нејзината братучетка, католичката кралица Мери Шкотска, која била омажена за францускиот крал Франсоа II. 1559 г. Мери се прогласила за кралица на Англија со помош на Франција. Во Шкотска мајката на Мери Стјуарт, Мери де Гиз се обидела да го зацврсне влијанието на Франција во Шкотска понудувајќи плодно тло за одбрана од Англиската агресивност. Меѓутоа група на шкотски лордови се сојузиле со Елизабета, ја отстраниле Мери де Гиз од власта и под притисок на Англија, претставниците на Мери го потпишале мирот од Единбург, што довело до повлекување на француските трупи од Шкотска. И покрај тоа што Мери Стјуарт одлучно одбила да го ратификува мирот, сепак посакуваниот резултат бил постигнат и Француското влијание во Шкотска било драматично намалено.

Подоцна се појавиле одредени завери за враќање на Англија во рамките на католицизмот, а сите тие биле во блиски врски со Мери Шкотска, па поради тоа Елизабета немала друг избор и дала да биде погубена.

По смртта на нејзиниот сопруг кралот Францис II, Мери Стјуарт се вратила во Шкотска. Во Франција во меѓувреме конфликтот помеѓу католиците и хугенотите довело до отпочнување на Француската религиска војна. Елизабета тајно ги поддржувала хугенотите. Во 1564 г. склучила мир со Франција отстапувајќи и го последото парче француска земја окупирана од Англија, градот Кале со околината, откако англиската експедиција претрпела неуспех кај Ле Хавр. Меѓутоа Елизабета не се откажала од нејзиното право на францускиот престол, претензија кое постоела уште од времето на Едвард III и Стогоишната војна во XIV век, па сè до времето на Џорџ III при крајот на XVIII век (неколку години од отпочнувањето на Француската револуција).

Елизабета и религиозната реформа од 1559[уреди | уреди извор]

Католицизмот бил повторно воспоставен под власта на Мери I, но Елизабета била протестантка, па според тоа се залагала за создавање на протестанска црква. Со таа цел во 1559 г. парламентот расправал за реформските акти и за создавањето на протестанската црква. Реформскиот акт предвидувал службата во црквата да се врши спротивно од римокатоличката, се исклучувало читањето на името на папата и се предвидувало свештениците да не ја носат црната одора на католичките свештеници. На протестанските свештеници им се дозволувало да стапуваат во брак, се забранувале слики во црквите и се признавала Елизабета како Врховен управник на црквата на Англија. Актот се соочувал со голем отпор во Горниот дом како и од католичките бискупи кои гласале против него. Па така во многу го измениле актот, додавајќи ја римокатоличката служба како легална во сите цркви и одбиле да ја признаат Елизабета за врховен управник на Англиканската црква.

По празнувањето на Велигден парламентот продолжил со работата и се расправало за двата нови акта кои ги има предложено владата, Актот за врховна власт и Актот за униформност. Првиот акт ја подврдил Елизабета како врховен управник на Англиканската црква. Врховен Гувернер била поприкладна титула што фактички ја направило Елизабета врховен господар на црквата, без притоа да и пишува титуларно. Ова било многу важно бидејќи луѓето во XVI век едноставно не можеле да прифатат една жена да биде главна на црквата во некоја држава.

Вториот едикт, Актот за униформност, требало попретпазливо да се донесе, за разлика од остатокот од реформацијата на политичкиот и религиозниот живот во Англија. Предвидувал строги закони за католиците, се исклучувало името на папата од црковните служби и се дозволувала и протестанската и римокатоличката литургија во црквите.

По распуштањето на парламентот Елизабета заедно со Вилијам Сесил донеле редица на закони познати како Кралски налози. Тие доаѓале нешто како продолжеток на религиозната реформа и се однесувале на католиците, се забранувала римокатоличката свештеничка облека, се забранувала употребата на лебот во црковната служба и др. Во окрузите низ кралството каде доминантно било католичко население постоело одредено негодување кон реформите, па така што одредени измени биле неопходно вметнати со што послужиле за полесно официјално прифаќање од сите поданици на кралството.

Елизабета никогаш не ја сменила религиозната нагодба и покрај жестоките протести од страна на протестантите (пред сè од пуританците), со што основата на денешната Англиканска црква потекнува токму од религиската нагодба од 1559 г.

Заговори и бунтови[уреди | уреди извор]

Кон крајот на 1562 г. Елизабета тешко се разболела од сипаници, но успеала да се опорави. 1563г. Веднаш по нејзиното опоравување парламентот барал кралицата да се омажи или да именува наследник со цел да се избегне граѓанска војна, по нејзината смрт. Кралицата одбила да ги уважи советите и во април ја одложила работата на парламентот на неопределено време. Меѓутоа тоа не тралео долго бидејќи во 1566 г. повторно и бил потребен парламентот со цел да донесе нов закон за зголемување на даноците. Долниот дом се заканувал дека нема да ѝ одобри на кралицата средства, сѐ додека не бидат задоволени нивните барања за наследството на престолот. На 19 октомври 1566 г. погодена од постојаното убедување и притискање од страна на сер Роберт Бел и покрај директната наредба да прекине, Елизабета едноставно му одговорила дека треба да се обрати на Горниот дом и таму да ја бара поддршката.

Мери, Кралица на Шкотите

За време на владеењето на Елизабета, се појавиле различни можни наследни династии. Една од тие била и врската на Маргарита Тјудор, постарата сестра на Хенри VIII, со што тоа би водело кон шкотската кралица Мери. Алтернативната врска би била помалата сестра на Хенри VIII, Мери Тјудор, Војвотка од Сафолк, со што во тој случај наследничка би била Леди Катерина Греј, сестрата на почината Леди Џејн Греј (која била [[кралица регенткиња пред Крвавата Мери). Уште подалечен наследник би можел да биде Хенри Хестингс, Третиот Ерл од Хантигдом, кој би можел да се повика на наследство преку кралот Едвард III. Меѓутоа сите тројца биле неприкладни за достоинството на круната; Мери I била католик, Леди Катерина Греј се омажила без одобрение на кралицата, а пуританецот Лорд Хантигдом не сакал да ја прифати круната.

Мери Шкотска имала свои проблеми во Шкотска. Елизабета го предложила протестантот Роберт Дадли, Прв Ерл од Лестер, како погоден кандидат за брак, со што Елизабета би ја признала кралицата Мери како достојна неа и нејзините потомци за наследството на англиската круна. Меѓутоа Мери решила подруго и во 1565 г. се омажила за католик кој исто така имал право на англискиот престол, а тоа бил Хенри Стјуарт, Лорд Дарнли. Бракот се наоѓал во криза поради пијанчењето на лордот кој дури го одобрил убиството на Давид Рицо кој бил приватен секретар на неговата жена, кралицата, за која се шпекулирало дека Се во љубовна врска. Лордот бил убиен во 1567 г. Кралицата Мери потоа се мажи за својот трет маж, Џејмс Хепбурн, Четврт Ерл од Ботвел, за кој се верувало дека е главниот одговорен за убиството на лорд Дадли. Како последица на ова се бунат шкотските лордови и ја затвораат Мери со што ја присилиле да абдицира во корист на својот малолетен син, кој ќе стане Јаков VI од Шкотска.

Последниот директен наследник на англискиот престол, Леди Катерина Греј умрела во 1568 г. Нејзините два сина биле нелегитимни во очите на законот бидејќи немало кој да се најде како сведок за да го потврди тајниот брак на нивната мајка. Нејзината помала сестра Леди Мери Греј не можела да биде прогласена за наследнчка поради нејзините физички деформитети. Па така Елизабета била принудена да размислува во правецот кон шкотскиот наследник, кој потекнувал од сестрата на нејзиниот татко, Маргарита Тјудор шкотската кралица. Мери I пак била непопуларна во Шкотска поради нејзината наводна афера со лордот Ботвел. Но сепак некако успеала да побегне од затворот и да избега во Англија каде на границата повторно била уапсена, но сега од англиски војници. Елизабета сега се двоумела; да ја врати назад кон шкотските благородници би било премногу сурово, да ја прати во Франција би станала моќно орудие во рацете на францускиот крал, ако со сила би ја воспоставила повторно на шкотскиот престол (иако тоа би било сметано за херојски гест) би си создала многу невољи со Шкотите, а ако би ја затворила во Англија би станала инспирација за многу сплетки и побуни. Сепак на крајот Елизабета се одлучила за последната опција. Мери била затворена цели осумнаесет години во замокот Шефилд каде била чувана од Џорџ Талборт, Шестиот Ерл од Шрусбури и неговата жена Бес од Хардвик. Подоцна Мери ќе биде пренесена во замокот Тутбери. Во 1559 г. Елизабета се соочила до голем бунт на северот од државата, потикнат од Томас Ховард четвртиот војвода од Норфолк, Чарлс Невил, Шести Ерл од Вестморленд и Томас Перси, Седми Ерл од Нортамберленд. Папата Пиј V, помогнал во католичкиот бунт со тоа што ја изопштил Елизабета и го објавил нејзиниот авторите за неважечки. „Regnass in Excelsis“ или папската була за абдикација била издадена во 1570 г. после задушувањето на бунтот. Меѓутоа ова имало далекосежни последици, бидејќи Елизабета решила да не ја продолжува својата политика на религиозна толеранција. Па така дала жестоко да се казнуваат и прогонуваат нејзините религиски непријатели, со што дала причина повеќе за организирање на завери против неа. Како додаток, Елизабета дозволила англиската црква да добие посилна протестанска одлика, со тоа што дозволила во парламентот да помине законот за 39 калвинистички члена во 1571 г. што делувало како декларација на црквата и англиската вера.

Елизабета потоа нашла нов непријател во лицето на нејзиниот поранешен зет, кралот Филип II од Шпанија. Непријателствата започнале откако Филип наредил да бидат нападнати англиските бродови предводени од сер Францис Дрејк и Џон Хокинс во 1568 г. а како одговор на тоа Елизабета одбила да го врати шпанскиот брод кој се насукал на англиско тло во 1569 г. Во тоа време Филип бил премногу зафатен со задушување на бунтот во шпанските Ниски Земји, па затоа не можел во тој момент да си дозволи објавување на војна со Англија. Меѓутоа Филип сепак учествувал во некоку заговори против Елизабета, но без успех. Четвртиот војвода од Норфолк учествувал во првите од тие заговори, во т.н. Ридолфова завера од 1571 г. Откако католичката Ридолфова завера била откриена (на голем шок на Елизабета), војводата веднаш бил погубен, а кралицата Мери ја загубила и онаа слобода што ја имала. Ситуацијата со Шпанија опасно се влошувала, за разлика од претходно добрососедските односи за време на бракот помеѓу Филип II и Крвавата Мери.

Во 1571 г. сер Вилијам Сесил се здобил со титулата барон Бурлеј. Тој бил верен советник на Елизабета долги години, уште од почетокот на нејзиното владеење, што и останал сè до неговата смрт во 1598 г. Во 1572 г. Вилијам се издигнал до моќната функција лорд за финансии, а неговата дотогашна функција како државен секретар ја презел тогашниот шеф на Елизабетината шпионска мрежа, сер Францис Валшингхам.

1572 г. Елизабета стапила во сојуз со Франција. Односите биле нарушени поради масакрот на хугенотите на Вартоломејската ноќ, меѓутоа сојузот сепак не бил раскинат. Елизабета дури и ги разгледувала понудите за брак на Хенри војводата од Анжу (подоцна ќе стане крал на Франција и Полска), а подоцна и на неговиот помал брат Франсоа војводата од Анжуј и Аленжон. Во текот на една од подоцнежните посети во 1581 г. речено е дека „Елизабета симнала прстен од нејзиниот прст и му го подала на војводата со што можела да се насети поврзаноста помеѓу нив“. Шпанскиот амбасадор во една прилика изјавил дека Елизабета наводно рекла како војводата Анжујски ќе биде нејзин маж. Меѓутоа помладиот војвода Анжујски кој имал напади на страв и бил физички деформиран се вратил во Франција и умрел во 1584 г. пред да може да се ожени. Во негова чест Елизабета ја составила поемата „On Monsieur’s Departure“ што наводно се однесувало на пропаднатите преговори за брак. Меѓутоа критички гледано поемата е всушност склоп од делови и извадоци од делата на Франческо Петрарка, со што немаме баш чиста слика за вистинските мисли на кралицата.

Конфликт со Шпанија[уреди | уреди извор]

Портретот на Елизабета насликан во чест на поразот на Шпанската армада (1588), прикажан во позадината. Симболот на меѓународната моќ на Елизабета е прикажан со приказот на нејзината рака врз глобусот. Империјалната круна од нејзината десна страна покажува на зголемувањето на Англиската моќ во светот за време на нејзиното владеење

Во 1579 г. започнала Втората Дезмондова побуна во Ирска, подбуцната од папата Грегориј XIII и неговата платеничка војска. Но до 1583 г. бунтот бил задушен поради жестоката кампања проследена со оган, меч и глад, со што голем дел од полулацијата на округот Дезмонд северозападниот дел од провинцијата Манстер загинал. Маките и страдањата на цивилите биле ублажени и оправдани од страна на контроверзниот поет Едмунд Спенсер во поемата „Поглед на моменталната ситуација во современа Ирска“ (првпат објавена во 1633 г.).

Ситуацијата за Елизабета се искомплицирала во 1580 г. кога Филип II ја анектирал Португалија, а со тоа се здобил со правото на сите прекуморски поседи, кои припаѓале на тоа кралство. По убиството на холандскиот гувернер Вилем I, Англија се нашла отворена пред Обединетите провинции во Холандија кои во тоа време се наоѓале во отворен бунт против шпанската власт. Филип ѝ понудил брак на Елизабета, но бил одбиен. Ова како и стопанското пиратство на Англија против Шпанија и нејзините колонии (Англија во тоа време била во сојуз со исламското кралство Мароко) донело до отпочнување на Англо-шпанската војна во 1585 г. а во 1586 г. шпанскиот амбасадор бил протеран од англискиот двор, поради неговите сплетки против Елизабета. Плашејќи се од сè поголемиот број на завери, парламентот го одобрил Актот за поврзаност во 1584 г. според кој секој кој бил во каква било врска да се убие монархот, автоматски би се исклучил од можноста за здобивање на наследство на престолот. И покрај превемените мерки, животот на кралицата бил во опасност, а доказ за тоа било откривањето на т.н. Бабингтонова завера која била осуетена од страна на сер Францис Валсингхем, англискиот мајстор за шпионажа.

Како последица на неуспехот на заверата, шкотската кралица Мери била обвинета за предавство и и било судено од суд составен од 40 благородници, предводени од сер Џон Попам, шефот за правда. Мери се бранела како невина, тврдела дека не била во прилика да ги разгледа доказите против неа, се жалела дека немала право на правнен совет и дека таа никогаш не ни била англиски поданик па според тоа не би ни можела да биде судена за предавство. И покрај сите напори, сепак на крајот била погубена во замокот Фотерингхеј на 8 февруари 1587 г.

Во својот тестамент му го предала своето право на англискиот престол на шпанскиот крал Филип II, кој чувствувајќи ја опасноста од Елизабета по неговиот авторитет во Холандија и Источниот Атлантик, ја планирал инвазијата на Англија. Април 1587 г. сер Францис Дрејк успеал да уништи дел од шпанската флота кај Кадис, со што и дал на Елизабета време да се подготви за претстојниот главен удар. Инвазијата започнала во јули 1588 г. кога Филип II ја испратил својата армада, составена од преку 130 брода, со 30.000 екипаж до каналот Ламанш, каде под команда на војводата од Парма требало да се спојат со копнените сили од Холандија. Елизабета, достојна на своето реноме, им се придружила на своите трупи на полето, облечена во лесен оклоп и покрај жалбите за нејзината безбедност. Таа им се обратила на војниците со намера да им го подигне моралот, говор кој подоцна ќе стане познат како „говорот за војниците кај Тилбери“, во кој изјавила „Знам дека поседувам тело на слаба и нежна жена, но затоа имам храброст и срце достојно за крал, и тоа крал на Англија. И јас мислам дека и будала би ги презирала Шпанија или Парма, или било кој кнез од Европа кој би се дрзнал да ги помине границите на мојот домен“.

Елизабета околу 1592, Хардвишка хала

Обидот на Шпанците бил осуетен од страна на англиската флота предводена од врховниот адмирал Чарлс Хорвард, Вториот Барон Ховард од Ефингем, кој ја имал таа среќа и времето да биде на негова страна. Армадата била принудена да се врати назад во Шпанија трпејќи загуби од негостољубивото северно и западно крајбрежје на Ирска. И покрај тоа што победата ја зголемила популарноста на Елизабета, војната сѐ уште не била готова, што се покажало со катастрофата на Англиската армада следната година. Така војната продолжила со несмалена жестина во Холандија каде тамошните обединети провинции барале независност од Шпанската власт. Англиската влада во меѓувреме се впуштила во меѓудинастичка борба за престолот во Франција каде го поддржувале протестанскиот кандидат Анри од Наварија (подоцна ќе стане крал Анри IV од Франција). Елизабета му испратила 20.000 војници и околу 300.000 фунти како помош и 8.000 војници и 1.000.000 фунти на Холанѓаните.

Во меѓувреме англиските гусари продолжиле да ги напаѓаат шпанските бродови на нивниот пат од Америка. Најпознатите капетани биле сер Џон Хакинс и сер Мартин Фробишер. Во 1595 и 1596 г. презеле поход кон Шпанскиот посед во денешен Мексико каде доживеале катастрофален пораз, при што на последниот загинал Хокинс. Шпанците пак во 1595 г. испратиле поморска експедиција кон англискиот брег под команда на дон Карлос де Амескуита. Се искрцале во Кромвел каде запалиле неколку села и харале по провинцијата. Се повлекле откако се соочиле со поморска сил предводена од сер Волтер Рајли.

1596 г. Англија конечно се повлела од Франција со Анри IV цврсто воспоставен на власт. Тој го презел престолот откако се согласил да се преобрати во католицизам коментријаќи дека „Париз претставува важен дел“. Француската света лига која му се спротивставувала била уништена, а пак дипломатијата на Елизабета била оптоварена со нови проблеми. Во исто време Шпанците искрцале значајна воена сила составена од копјаници и мускетари во Бретања со што ги принудиле Англичаните да се повлечат од таму, отворајќи се така нов фронт кој би можел да послужи како база за понатамошната инвазија на Англија. Елизабета испратила додатни 2.000 војници во Франција, откако Шпанците го зазеле Кале. Потоа го одобрила нападот на Азурните острови во 1597 г. но експедицијата завршила катастрофално. Понатамошните битки продолжиле и во 1598 г. кога Шпанија и Франција склучиле мир. Англо-шпанската војна се свела на пат позиција, по смртта Филип II, кој починал подоцна во текот на годината. Рајловите и Гилбертовите обиди за прекуокеанска колонизација биле уништени, а првата англиска колнија во Северна Америка била блокирана. Ситуацијата се сменила по успешните преговори за мир на кралот Јаков I, заклучени со договорот од Лондон од 1604 г.

Подоцнежни години[уреди | уреди извор]

"Алегоричниот портрет" на Елизабета I. Видно заморената Елизабета го има Стариот татко времето како седи на нејзиното десно рамо додека Смртта се наоѓа на нејзиното лево рамо. Два млади ангела ѝ ја одземаат круната од нејзината уморна глава покажувајќи го преминот на круната кон кралот Јаков од Шкотска, ~ 1610.

Во 1598 г. починал главниот советник на Елизабета лорд Бурли. Неговата политичка улога ја продолжил неговиот син Роберт Сесил, кој претходно ја вршел функцијата државен секретар од 1590 г. Елизабета станал непопуларна по прашањето за кралските и државните должности на определени семејства, со што парламентот постојано се противел. Во нејзиниот „Златен говор“ кој Елизабета го одржала во парламентот во ноември 1601 г. ветила (присекавајќи се на своето долго владеење) реформи велејќи „Сте имале и ќе имате кнезови помоќни и посилни кои седеле и ќе седат на престолот, но сепак сте немале ниту ќе имате некој кој бил или ќе биде повеќе внимателен и грижлив. Иако Бог ме издигнал високо, сепак јас ја величам славата на мојата круна со тоа што сум владеела со вашата љубов“.

Веднаш потоа дванаесет кралски монополи биле укинати со кралска прокламација, а понатамошни санкции би можеле да следат пред судовите со обичајното право. Сепак овие реформи биле површни, со што финансирањето на монополите од поранешите едикти продолжило.

Во истото време додека Англија се борела со Шпанија, во Ирска започнал бунт познат како деветгодишната војна. Главниот управник на кралскиот авторитет во Северна Ирска, Хуг О'Нил, Вториот Ерл од Тајрон, во 1595 г. бил прогласен за издајник. Сакајќи да избегне понатамошна војна Елизабета понудила серија на примирја на ерлот, додека пак Шпанија сакала да ја искористи ситуацијата и организирала две експедиции на северна Европа кои завршиле катастрофално поради лошото време. Сепак во 1598 г. О'Нил понудил примирје на кралицата, додека во исто време бил помаган од Шпанците во опрема и обука за трупите, со што им нанел одлучувачки пораз на Англичаните по завршувањето на примирјето во Битката кај Жолтиот Газ. Во 1599 г. еден од најдобрите англиски поморци Роберт Деверокс, Втор Ерл од Есекс, бил назначен за Лорд-поручник на Ирска и му била дадена командата врз најголемата војска било кога, која била испратена да задуши бунт во Ирска. Есексовиот поход се покажал како неуспешна, која по приватните преговори со О'Нил, станала и неодржива. 1600 г. Есекс се вратил во Англија каде бил изложен на гневот на Елизабета, која го казнила со тоа што го лишила од какви било политички функции и правото врз трговските монополи кои всушност претставувале главен приход на ерлот.

Наследството на престолот било единствениот сериозен проблем кој постоел уште од доаѓањето на Мери Стјуарт во Англија, а во последните години и единственото прашање кое ги загрижувало советниците на Елизабета. Токму низ овој контекст би можело да се објасни однесувањето на Есекс, кој во 1601 г, повел бунт против кралицата, но во недостиг од поширока поддршка, овој некогашен миленик на народот бил погубен.

Чарлс Блонто, Осми Барон Маунтџој бил испратен во Ирска на местото на Есекс. Со сурова намера ја извел стратегијата на Англичаните кои ја покориле Ирска и го задушиле десмондовиот бунт во 1583 г. го блокирал О'Нил и неговите трупи сè до нивната потчинетост, само што овој пат последиците биле покатастрофални. 1601 Шпанците пратиле 3.000 војници во помош на бунтовниците, а како оправдување за своите постапки ја навеле помошта што Елизабета им ја испраќала на Холанѓаните во нивната борба против Шпанија. После тешката зимска кампања, Монтџој ги победил здружените Ирски и Шпански трупи, во Битката кај Кинсал. О'Нил се предал само неколку дена подоцна од смртта на кралицата Елизабета во 1603 г. факт кој бил добро скриен од Монтџој со цел бунтовниците побргу да се предадат. За време на нејзината последна болест, забележано е дека кралицата рекла „Волци, а не овци ми се потребни за да ја владеам Ирска, кои ми оставиле пепел и мрши“ (Фразите на кралицата Елизабета, 1925). Наследникот на Елизабета го наградил Монтџој со тоа што го унапредил во главен заповедник на трупите во Ирска, должност што Монтџој ја оправдал и успешно ја извршувал сè до неговата рана смрт во 1605 г.

Смрт[уреди | уреди извор]

Иако последните петнаесет години од нејзиното владеење поминале во политички тешкотии, сепак тоа бил период одбележан со уметничките резултати на Шекспир, Филип Сидни, Кристофер Марло, Едмунд Спенсер, потоа тука биле и навигациските постигнувања на Францис Дрејк и Хакинс и основањето на првата англиска колонија во Америка наречена Вирџинија во нејзина чест (virgin- девица, претставка по која била позната). Нејзиниот златен период започнал со успешното одбивање на шпанската армада, со што се воспоставила како силен протестански монарх, за да на крај заврши меланхонично со циничен двор, кој ја загубил сета своја свежина. Сепак Елизабета и понатаму ги давала најдобрите нејзини говори во есента на нејзиниот живот и продолжила да преживува како што тоа го правела целиот свој живот, кога се борела против претендантите на нејзиниот престол. Здравјето на кралицата останало добро сè до есента 1602 г. кога серии на загуби на нејзините најдобри пријатели ја фрлиле во тешка меланхонија. Во нејзината депресија била необично летаргична и тивка, контраст на нејзината добро позната живост. Нејзините дворски дами се обидувале да ја развеселат, но без успех, се повлекла во Ричмондската палата каде поголемиот дел од времето го поминувала лежејќи на креветот или на подот, одбивајќи да се храни. На инсистирањето на Роберт Сесил дека кралицата мора да се одмори во кревет, Елизабета одговорила „Мал човеку, мал човеку, зборот мора не би требало да се употребува кон една принцеза“. Елизабета станала летаргична, тивка и потиштена. Стоела исправена цели два дена без одмор пред прозорецот од нејзината спална со прстот на нејзината уста како уморно дете. И се чинело дека ако некогаш легне, никогаш нема да стане повторно.

Јаков I и VI од Англија и Шкотска, наследникот на Елизабета I

На 21 март 1603 г. Лордот-адмирал конечно ја натерал кралицата да легне и да се одмори во кревет. Морале да го исечат прстенот од крунисувањето, бидејќи и се усекол премногу во прстот. Ја изгубила способноста да зборува. Роберт Сесил подоцна посведочил дека кралицата со мака му се потпишала дека го признава Јаков за нејзин наследник. На 24 март, со Архиепископот Кантербериски на колена покрај неа и со уште некоку придружнички кои се молеле за нејзината душа, починала некаде помеѓу два и три часот изутрината. Еден од дворјаните подоцна изјавил дека ситуацијата била слична како и гледањето на зрела јаболка како паѓа од дрвото. Елизабета владеела со Англија нешто повеќе од 44 години и била погребана во Вестминстерската опатија. Во меѓувреме гласник веќе патувал на север кон Шкотска, до кралот Јаков со прстенот на Елизабета.

Тестаментот на Хенри VIII налагал наследниците на престолот попрво да бидат потомците на помалата сестра на Елизабета, Мери Тјудор, Војвотката од Сафолк, пред шкотските наследници од неговата постара сестра Маргарита Тјудор. Во случај волјата да била испочитувана, тогаш наследникот на престолот би била Леди Ана Стенли. Во случај правото на првородство да било испочитувано тогаш престолот би му припаднал на Јаков I кралот на Шкотска. Сепак во игра биле и други претенденти, а тоа биле Едвард Симор, Лорд Бошамп од Хач (квазилегитимниот син на Леди Катерина Греј) и Вилијам Стенли, Шестиот Ерл од Дерби (вујкото на Леди Ана Стенли).

Општо е познато дека Елизабета го прогласила Јаков за наследник во нејзината смртна постела. Според една приказна на прашањето кој би бил наследникот одговорила „Па кој би можел да биде освен мојот роднина во Шкотска“, а според друга приказна рекла „Па кој би ја наследил кралицата ако не Крал“, додека пак според третата легенда не рекла ни збор и останал мирна. Не постојат докази кои би ги поткрепиле било кои од овие легенди. Од друга страна ниеден од претендентите не го објавил јавно своето право на престолот. Јаков VI бил прогласен за крал на Англија како Јаков I, неколку часа по смртта на Елизабета на 24 март 1603 г., со што се означил крајот на владеењето на Тјудорите во Англија и бил означен почетокот на новата Стјуарт династија како владетелска во кралството Англија. Прогласувањето за неговата власт била преседан, бидејќи за првпат не била објавена од монархот лично, туку од советот за наследство на круната. Јаков во тоа време бил во Шкотска. Од тогаш потекнува традицијата и функцијата на советот за наследство кој ја продолжил својата улога сè до денешен ден.

Предците[уреди | уреди извор]

Елизабета I и нејзините предци од три генерации
Елизабета I Кралица на Англија и Ирска Татко:
Хенри VIII
Дедо од таткова страна:
Хенри VII
Прадедо од таткова страна:
Едмунд Тјудор
Прабаба од таткова страна:
Лејди Маргарита Бјуфолт
Баба од таткова страна:
Елизабета Јоршка
Прадедо од таткова страна:
Едвард IV
Прабаба од таткова страна:
Елизабета Вудвајл
Мајка:
Ана Боленска, Marchioness of Pembroke
Дедо од мајчина страна:
Томас Болејн, првиот ерл од Вилтшаер
Прадедо од мајчина страна:
Вилијам Болејн
Прабаба од мајчина страна:
Маргарита Батлер
Баба од мајчина страна:
Елизабета Болејн, војвоткиња од Вилтшаер
Прадедо од мајчина страна:
Томас Ховард, вториот војвода од Норфолк
Прабаба од мајчина страна:
Елизабета Тилнеј

Наследството на Елизабета[уреди | уреди извор]

Постигнувањата на Елизабета за време на нејзиното владеење, до ден денес остануваат контроверзна тема. За Елизабета е познато е дека е еден од најпознатите монарси во Британската историја. Била пласирана на седмо место во 100-те велики Британци на сите времиња, анкета која била спроведена од страна на BBC во 2002 г. Елизабета била пред сите британски монарси. Во документарецот на Histoy Channel од 2005 г. Britain's Greatest Monarch, група на историчари и коментатори анализирале дванаесет монарси и ги оценувале според нивните воени способности и по тоа како биле запаметени во историјата. Елизабета добила најмногу бодови, со што била прогласена за победник.

Меѓутоа во последно време многу историчари не гледаат толку благонаклоно на владеењето на Елизабета I, а современите Елизабетини биографии и проучувања на Тјудоровиот период постојано потикнуваат двоумења за погоре наведените постигнувања (Somerset, Guy, Haigh, Ridley, Elton). Елизабетината Англија на воен план била катастрофална против нејзините тогашни најголеми непријатели Франција, Шпанија и Ирска, а тоа пак резултирало со големи последици по надворешната политика на Англија. Англија засекогаш била лишена од своите поседи во Европа, поради поразите од француската армија, а герилската војна во Ирска се покажала како политичка и финансиска катастрофа. Иако Англија постигнала неколку значајни поморски битки против Шпанија, на почетокот од Англо-шпанската војна (вклучувајќи ја и победата врз армадата), сепак во понатамошната војна, англиската морнарица трпела сериозни порази, поради кои Шпанија се поставила како доминатна поморска сила за уште една половина од векот, со што сите обиди на Англија да воспостави свои прекуокеански колонии пропаднале. Војните природно ја исрцпеле Англија со што државата западнала во тешка финансиска криза и големи долгови. Ретроспективно гледано Елизабета немала некои големи воени успеси, за разлика од добро запомнатите „воени“ монарси, како на пр. Хенри V, Алфред Велики или Норманскиот крал Вилијам Освојувачот, додека пак нејзиниот дедо и основачот на Тјудор династијата Хенри VII, ќе остане запаметен како штедлив монарх кој во истовреме финансирал поморски експедиции како таа на Џон Кабот кон Нјуфаундленд, што резултирало со првото англиско право на прекоморски посед како и правото за риболовниот појас. Крвавиот конфликт во Ирска за време на Елизабета, како и колапсот на финансиите кој уследил во понатамошното нејзино владеење, продавањето на државните должности за финансирањето на војните, како и нејзината улога како спонзор на првата експедиција за трговија со робови под команда на сер Џон Хакинс, се додадени за понатамошни привремени критики.

Од друга страна пак Елизабета се покажала како успешен монарх, кој како и другите владетели од Тјудор династијата, од современите историчари се оквалификувани како монарси кои се труделе да ја стабилизираат нацијата, а Елизабета која и покрај тоа што наследила голем долг од нејзината полусестра Мери I, сепак била патрон на уметноста која цветала во времемто на нејзиниот татко кралот Хенри VIII. Понатаму и покрај успехот на Дон Амескита и неговите шпански платеници да извршат успешни пљачкања во Западна Англија во 1595 г. сепак Англија била поштедена од слични вакви инвазии кои би можеле да бидат посериозни. Она што е поважно е тоа што Елизабета успеала да спречи граѓанска или религиозна војна на Англиско тло, како последица на раскинувањето со Рим во времето на нејзиниот татко. Нејзината репутација како шампион на протестанската кауза, послужило за папската осуда на нејзиното владеење. Нејзините постигнувања во тој поглед биле преувеличени по нејзината смрт. Иако во подоцнежните години од нејзиното владеење често била славена како заштитничка на протестанска Европа, сепак во нејзините одлуки да им помогне на своите протестански сојузници била нерешителна и се колебала. Како што приметил сер Валтер во врска со нејзината надворешна политика „Нејзиното величество направило сè до половината“.

Библиографија[уреди | уреди извор]

Книги за Елизабета Тјудор[уреди | уреди извор]

  • Elizabeth I: The Collected Works (2002) Eds. Leah S. Marcus, Mary Beth Rose & Janel Mueller ISBN 0-226-50465-4

Неисториски дела за Елизабета Тјудор[уреди | уреди извор]

Елизабета I како мотив во книжевноста[уреди | уреди извор]

Елизабета Тјудор во историски дела[уреди | уреди извор]

Елизабета Тјудор во филмот[уреди | уреди извор]

  • Fraser, George MacDonald: The Hollywood History of the World, Fawcett, 1989, ISBN 0-449-90438-5

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Davenport, Cyril, English Embroidered Bookbindings, edited by Alfred Pollard, London, 1899
  2. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 109.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Елизабета I
Роден(а): 7 септември 1533 Починал(а): 24 март 1603
Претходник
Мери I
Кралица на Англија Наследник
Јаков I
Кралица на Ирска
Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Елизабета I“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).